Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.159/2024
Скопје, 28.05.2024 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 28.05.2024 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на точката 1 од Упатството за измена и дополнување на Упатството за радиодифузерите за претседателските и за парламентарните избори 2024 бр.01-1911/1 од 15.04.2024 година.
Образложение
I
Политичката партија „Левица” до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на точката 1 од Упатството за измена и дополнување на Упатството за радиодифузерите за претседателските и за парламентарните избори 2024 бр.01-1911/1 од 15.04.2024 година, како спротивна на член 1 став 1, член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 5, член 9 , член 16 ставови 1, 2, 3 и 7, член 22 ставови 1 и 2, член 23 став 1 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија, како и спротивно на член 70 став 2, член 75 ставови 1 и 2, член 75-а став 1 а) и член 75-ѓ став 1 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија” број 40/2006, 127/2006, 136/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 54/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 32/2014, 31/2015, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016, 142/2016, 57/2017, 67/2017, 125/2017, 35/2018, 99/2018, 140/2018, 208/2018, 27/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 98/2019, 146/2019, 42/2020, 72/2020, 160/2020, 74/2021, 215/2021 и 58/2024).
Во наводите од иницијативата се наведува дека Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги во рамки на нејзината надлежност, е должна да врши перманентен мониторинг и да го следи изборното медиумско претставување и програмскиот сервис на радиодифузерите во Република Северна Македонија од денот на распишување на изборите до завршување на гласањето на денот на одржување на изборите. Агеницијата, го издала сега оспореното упатство кое има за цел на радиодифузерите да им го појасни начинот на примена на правилата и ограничувањата предвидени во Изборниот законик за претседателските и парламентарните избори 2024 година.
Според подносителот, ААВМУ со произволно и неточно толкување на одредбите на Изборниот законик и погрешно утврдената фактичка состојба во однос на позиционирањето на политичките партии во Собранието на Република Северна Македонија, издала упатство кое било во спротивност со императивните законски правила за медиумско претставување во текот на изборната кампања.
Оспореното упатство, според подносителот, отсликува погрешно утврдена фактичка состојба во однос на позиционирањето на политичките партии во Собранието. Во оспорената точка 7 од Упатството според подносителот, погрешно е распределена минутажата за платено политичко рекламирање на претседателските кандидати, што било спротивно на Изборниот законик.
Во натамошните наводи на иницијативата се наведува дека како основен предуслов за спроведување на демократски избори и обезбедување на политички плурализам е достапноста на политичките партии до медиумите и избалансирано медиумско покривање на сите политички опции и програми. Поради тоа подносителот смета дека сите кандидатски листи на парламентарните избори треба да имаат правичен и законски пристап до медиумите, како најлесен и честопати единствен пристап до избирачите.
Во услови кога со законски одредби била предвидена изречна еднаквост помеѓу кандидадите за претседател на Републиката, со оспорената точка 1 се надминуваат претходно споменатите уставни и законски граници кои ја уредуваат оваа сензитивна сфера, поради што оспорениот подзаконски акт не претставува проста операционализација на одредбите од Уставот, како и на законските одредби од Изборниот законик, туку напротив Упатството ги надминува дадените законски рамки. Со тоа, апсолутно се нарушувал системот на нормативна хиерархија и се овозможува заобиколување на предвидените уставни и законски норми и нивно кршење, а со тоа истите се спротивни на член 51 од Уставот.
Според подносителот на иницијативата, ваквото Упатство е нејасно, неприменливо и создава неконзистентност на правните прописи од ист и различен ранг, особено точката 1 од истото за која смета дека е противуставна и противзаконита поради што предлага истата да биде поништена или укината, а до донесување на конечна и мериторна одлука, Уставниот суд да донесе привремено решение за запирање на извршувањето на акти или дејствија преземени врз основа на оспорениот подзаконски правен акт во точката 1 од причина што сметаат дека би се предизвикале тешки остранливи и штетни последици по демократијата, изборниот процес и политичкиот плурализам.
II
На седницата Судот утврди дека оспорената точка 1 од Упатството за измена и дополнување на Упатството за радиодифузерите за претседателските и за парламентарните избори 2024 бр.01-1911/1 ја има следната содржина:
Во Упатството за радиодифузерите за Претседателските и за Парламентарните избори 2024,арх.бр.01-1550/1 од 29.03.2024 година точка 7 се менува и гласи:
Вкупно деветте минути и триесет секунди (00:09:30) на реален час емитувана програма за платено политичко рекламирање за Парламентарните избори, подносителите на листи ќе ги користат во согласност со распределбата на времето утврдена во член 75-г став 1 од Изборниот законик, и тоа:
– Во максимум 4-те минути наменети за двете најголеми политички партии од позицијата, кои на последните парламентарни избори освоиле најмногу гласови, ќе се емитува платеното политичко рекламирање на подносителите на листи Коалиција за Европска иднина и коалиција Европски фронт.
– Во максимум 4-те минути наменети за двете најголеми политички партии во опозиција, кои на последните парламентарни избори освоиле најмногу гласови, ќе се емитува платеното политичко рекламирање на подносителите на листи Коалиција Твоја Македонија Вмро-Дпмне и Коалиција Влен.
– Во максимум 1-та минута наменета за политичките партии во Собранието кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група ќе се емитува платеното политичко рекламирање на подносителите на листи Партија Левица и Коалиција храбро за Македонија.
– Во преостанатите 30 секунди наменети за политичките партии кои не се застапени во Собранието или кандидати ќе се емитува платеното политичко рекламирање на подносителите на листи: движење Знам – За наша Македонија, политичката партија Аваја, партија Европско граѓанско движење, Единствена Македонија, партија Македонска ера трета/македонски независни листи суверенисти, партија Демократи, политичка партија Десна, политичка партија Нова алтернатива Скопје, партија Родина Македонија, Работничка партија и Твојата партија.
III
Согласно со член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Советот на Агенцијата на 16-та седница одржана на 15.04.2024 година, го донел Упатството за измена и дополнување на Упатството за радиодифузерите за претседателските и за парламентарните избори 2024, бр.01-1911/1 од 15.04.2024 година.
Имено, Упатството е донесено врз основа на член 18 став 1 алинеја 22 и член 20 став 1 алинеја 15 и член 96 став 2 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги („Службен весник на Република Македонија” бр. 184/13, 13/14, 44/14, 101/14, 132/14, 142/16, 132/17, 168/18, 248/18 и 27/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 42/20, 77/21, 154/23 и 55/24), член 15 став 1 алинеја 19 и член 39 став 1 алинеја 15 од Деловникот за работа на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (пречистен текст) бр.01-3732/1 од 29.07.2019 година и точка 28 од Упатството за радиодифузерите за претседателските и за парламентарните избори 2024 (арх.бр.01-1550/1 од 29.03.2024 година), а во врска со член 76-в став 1, член 75, член 75-ѓ став 1, член 76, член 76-а ставови 2 и 8 и член 76-б од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија” бр.40/06, 136/08, 44/11, 51/11, 142/12, 31/13, 34/13, 14/14, 30/14, 196/15, 35/16, 97/16, 99/16, 136/16, 142/16, 67/17, 125/17, 35/18, 99/18, 140/18, 208/18 и 27/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.98/19, 42/20, 74/21, 215/21, 58/24 и 76/24), согласно Заклучокот бр. 02-1904/2 од 15.04.2024 година.
Во оспорената точка 1 од Упатството за измена и дополнување на Упатството за радиодифузерите за претседателските и за парламентарните избори, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ја уредила распределбата на времето за платено политичко рекламирање. Предвиденото време од вкупно девет минути и триесет секунди на реален час емитувана програма, за Парламентарните избори, подносителите на листи ќе ги користат во согласност со распределбата на времето утврдена во член 75-г став 1 од Изборниот законик, и тоа во максимум 4 минути наменети за двете најголеми политичики партии од позицијата кои на последните парламентарни избори освоиле најмногу гласови (подносителите на листи -двајца кандидати), максимум 4 минути наменети за двете најголеми политички партии од опозицијата кои на последните парламентарни избори освоиле најмногу гласови (подносителите на листи -двајца кандидати), максимум 1 минута наменета за политичките партии во Собранието кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група (подносителите на листи -двајца кандидати) и преостанатите 30 секунди наменети за политичките партии кои не се застапени во Собранието или кандидати (подносителите на листи -еден кандидат).
Упатството за измена и дополнување на Упатството за радиодифузерите за претседателските и за парламентарните избори 2024, се применува исклучиво за претседателските и за парламентарните избори 2024, а оспорената точка 1 од истото упатство ја уредува распределбата на времето за платено политичко рекламирање за време на изборната кампања за парламентарните избори и во иднина нема да се применува, така што истото нема да произведува правно дејство.
Од вака утврдената фактичка состојба произлегува дека оспорената одредба од Упатството има темпорален, времен карактер, со важност до крајот на изборната кампања за парламентарните избори, со што е исцрпена во примената и повеќе не е во важност. Поради тоа, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.
IV
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска