У.бр.15/2024-1


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.15/2024
Скопје, 28.05.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 28 мај 2024 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ член 24 алинеја 4, член 105, член 106, член 107 и член 108 од Деловникот на Советот на Општина Тетово бр.07-1243/4 од 27.09.2005 година („Службен гласник на Општина Тетово“ број 5/2005).

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на член 24 алинеја 4, член 105, член 106, член 107 и член 108 од Деловникот на Советот на Општина Тетово бр.07-1243/4 од 27.09.2005 година („Службен гласник на Општина Тетово“ број 5/2005).

3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд, по сопствена иницијатива со Решението У.бр.15/2024 од 21 февруари 2024 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од актот, означен во точката 1 од Одлуката, затоа што пред Судот со основ се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и Законот за локалната самоуправа.

II

На седницата Судот утврди дека член 24 алинеја 4 од Деловникот на Советот на Општина Тетово пропишува дека член на Советот има право на седниците на Советот да поднесе барање за автентично толкување на актите што ги носи Советот.

Со член 105 од Деловникот се пропишува дека барање за автентично толкување на општ акт може да поднесат членовите на Советот, 10% од избирачите во општината, јавно претпријатие коешто извршува дејност на подрачјето на општината и државните органи кога потребата од автентично толкување настанала во врска со примената на актите во нивното работење.

Во член 106 од Деловникот е наведено дека барањето за давање автентично толкување на општ акт се поднесува до претседателот на Советот кој барањето веднаш го доставува до Статутарно-правната комисија.

Според член 107 од Деловникот, Статутарно-правната комисија по барањето за автентично толкување има право да побара мислење од општинската администрација.

Во член 108 е предвидено ако Статутарно-правната комисија оцени дека барањето за давање на автентично толкување е оправдано, ќе изготви предлог на автентично толкување и ќе го достави до Советот на Општината, а доколку оцени дека барањето за давање автентично толкување не е оправдано, Статутарно-правната комисија за тоа ќе поднесе извештај до Советот.

III

Една од основните цели на Уставот на Република Северна Македонија е воспоставување на владеење на правото во системот на власта. Овој уставен принцип со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот е определен како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно член 51 од Уставот.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно со член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд може и сам да поведе постапка за оценување уставност на закон, односно уставност и законитост на пропис или друг општ акт.

Според член 27 став 1 од Деловникот на Судот, Уставниот суд може во текот на постапката, до донесувањето на конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на закон, друг пропис или општ акт чијашто уставност односно законитост ја оценува, доколку со неговото извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

Врз основа на член 7 ставови 1 и 2 и член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/02), Советот на Општина Тетово, на седница одржана на 27.09.2005 година, го донел Деловникот на Советот на Општина Тетово.

Деловникот на Советот на Општина Тетово бр.07-1243/4 од 27.09.2005 година го содржи член 24 каде во алинеја 4 се уредува дека член на Советот има право на седниците на Советот да поднесе барање за давање автентично толкување на прописите.

Со членовите 105, 106, 107 и 108 од Деловникот се уредува постапката за давање на автентично толкување. Во член 105 е уредено кој има право да поднесе барање за автентично толкување на актите на Советот, а во член 106 е предвидено до кого се доставува барањето. Во член 107 се пропишува дека Статутарно-правната комисија има право да бара мислење од општинската администрација, а со член 108 се уредува начинот на кој постапува Статутарно-правната комисија при оценување на оправданоста на барањето за автентично толкување.

Автентично толкување на законите дава законодавецот како орган на законодавната власт. Собранието согласно на член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот ги донесува законите и дава автентично толкување на законите, а постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” 91/2008, 119/2010 и 23/2013).

Во конкретниот случај, со Деловник е уредено дека член на Советот има право на седниците на Советот да поднесе барање за давање автентично толкување на прописите, како и постапката за давање автентично толкување.

Постапувајќи по предметната иницијатива оформена по службена должност, произлезе дека совет на општина, согласно со член 36 став 1 точка 1. од Законот за локалната самоуправа, го носи статутот на општината и други прописи, а согласно со член 62 став 1 од Законот, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон.

Неспорно е дека Советот на Општината Тетово е надлежен да го донесе Деловникот на Општината, која надлежност произлегува од член 7 став 1 од Законот за локалната самоуправа, каде законодавецот уредил дека Оштината го уредува вршењето на своите надлежности со статут и други прописи.

Наспроти горенаведеното, спорно е уредувањето во Деловникот на Општина Тетово, во кој се предвидува постапката за давање автентично толкување на прописите на советот, иако од Законот за локалната самоуправа не произлегува овластување на совет на општина да дава автентично толкување на прописите коишто ги донесува, ниту Законот упатува на можност во друг акт (статут или деловник на општина) да се предвиди автентично толкување на општи акти.

Од овие причини Уставниот суд, согласно со член 14 став 1 од Деловникот на Судот, по сопствена иницијатива го покрена прашањето за уставноста и законитоста на член 24 алинеја 4 од Деловникот на Советот на Општина Тетово со оглед дека неговото уредување е без законски основ и е спротивно на принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 и принципот на законитост и уставност од член 51 од Уставот на Република Северна Македонија.

Со оглед на тоа дека Деловникот ги содржи одредбите со кои се дава право на член од Советот на седниците на Советот да поднесе барање за давање автентично толкување на прописите и со кои се уредува постапката за давање автентично толкување на прописите на советот, а со тоа Советот на Општината ги пречекорил, односно ги надминал своите надлежности предвидени во Законот за локалната самоуправа, во однос на кои Судот оцени дека со истите се повредува уставноста и законитоста.

Имајќи го предвид сето погоре изнесено, Судот оцени дека член 24 алинеја 4, член 105, член 106, член 107 и член 108 од Деловникот на Советот на Општина Тетово бр.07-1243/4 од 27.09.2005 година („Службен гласник на Општина Тетово“ број 5/2005) не се во согласност со Уставот и законите.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

V

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска