У.бр.125/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.125/2024
Скопје, 15.05.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 15 мај 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката за пристапување кон изработка на Урбанистички проект со план за парцелација за градежна парцела на КП 9800 КО Виница со намена семејна станбена куќа, согласно ДУП за г.Виница (Одлука бр.0201-579 од 28.10.1997 година), Општина Виница – КО Виница, Општина Виница, донесена од Советот на Општина Виница, број 09-193 од 29.02.2024 година, објавена во „Службен гласник на Општина Виница”, број 3/2024.

Образложение

I

Петруш Пецов од Виница, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на актот означен во диспозитивот на ова решение.

Во иницијативата подносителот изнесува податоци за неговиот имот и имотот на соседите кои имале намера да изградат доградба со цел да се поврзат со нивната претходно изградена куќа, односно со намера истата да ја залепат до куќата на подносителот, на што подносителот не се согласувал бидејќи ќе му се уништи новата фасада на куќата, а и ќе му се затвори видикот кон север. Своето несогласување го изразил и лично пред Советот на Општината кога се носела оспорената одлука, но и покрај тоа Советот ја донел оспорената одлука за која подносителот смета дека не е во согласност со член 58 од Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење од кои причини бара Уставниот суд да ја оцени законитоста на оспорената одлука, да ја запре нејзината примена, а потоа и да ја поништи.

II

На седницата Судот утврди дека Советот на Општина Виница, донел Одлука за пристапување кон изработка на урбанистички проект со план за парцелација за градежна парцела на КП 9800 КО Виница со намена семејна станбена куќа, согласно ДУП за г.Виница (Одлука бр.0201-579 од 28.10.1997 година), Општина Виница – КО Виница, Општина Виница, донесена од Советот на Општина Виница, број 09-193 од 29.02.2024 година, објавена во „Службен гласник на Општина Виница”, број 3/2024.

III

Согласно со член 110 алинија 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Предмет на оспорување со иницијативата е Одлука за пристапување кон изработка на урбанистички проект со план за парцелација за градежна парцела на КП 9800 КО Виница со намена семејна станбена куќа, согласно ДУП за г.Виница (Одлука бр.0201-579 од 28.10.1997 година), Општина Виница – КО Виница, Општина Виница, донесена од Советот на Општина Виница, број 09-193 од 29.02.2024 година, објавена во „Службен гласник на Општина Виница”, број 3/2024.

Во член 1 од Одлуката се наведува дека од страна на Комисијата за урбанизам се прифаќа Иницијативата за пристапување кон изработка на Урбанистички проект со план за парцелација за градежана парцела на КП 9800 КО Виница со намена семејна станбена куќа, согласно ДУП за г.Виница (Одлука бр.0201-579 од 28.10.1997 година), Општина Виница – КО Виница, Општина Виница, по член 63 од Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија” број 32/2020), поднесена од лицето Илиев Огнен и Илиев Делчо. Поднесена е целосна документација што е потребна за отпочнување на урбанистички проект на системот Е-урбанизам.

Во член 2 од Одлуката се наведува дека средствата потребни за изработка на Урбанистичкиот проект опишан во член 1 од оваа одлука, ќе бидат на товар на предлагачот на Иницијативата.

Во член 3 од Одлуката, се наведува дека оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Виница”.

Од содржината на оспорениот акт произлегува дека согласно со член 63 од Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија” број 32/2020 и 111/2023), а по повод поднесена иницијатива од граѓани, постапувала Комисијата за урбанизам, односно дека по прифаќање на иницијативата од страна на Комисијата, Советот на Општина Виница презел дејствие на донесување на оспорената одлука.

Член 63 од Законот за урбанистичко планирање, по кој постапувала Комисијата, се однесува на урбанистичкиот проект со план за парцелација, и истиот уредува: (1) Со урбанистички проект со план за парцелација се спроведуваат урбанистичките планови од член 10 став (1) точки 2, 3 и 4 од овој закон, во чиишто плански опфати се појавува потреба од две или повеќе соседни градежни парцели од ист сопственик да се формира една градежна парцела или каде што од една поголема градежна или катастарска парцела во плански опфат каде што градежни парцели не се формирани, треба да се формираат две или повеќе градежни парцели, но само доколку новоформираните градежни парцели се формирани согласно прописот за урбанистичко планирање од член 24 на овој закон. (2) Со урбанистички проект со план за парцелација може и да се поместуваат границите на соседните градежни парцели поради неусогласеност на градежните парцели со катастарските парцели, коишто не можат да се исправат и усогласат со постапката за техничка грешка, при што не се дозволени измени на останатите параметри утврдени со урбанистичкиот план. (3) Предмет на урбанистичкиот проект од став (1) на овој член е разработка на урбанистичкиот план што се однесува само на диспозицијата на површините за градење и организацијата на внатрешниот сообраќај и инфраструктурите во проектниот опфат, без да се менуваат збирните параметри за површините за градење, намената на земјиштето и објектите, процентот на изграденост и коефициентот на искористеност, како и другите плански одредби уредени со урбанистичкиот план. (4) Просторната организација на површините за изградба и инфраструктурите во проектниот опфат на урбанистичкиот проект од став (1) од овој член, се вршат врз основа на планот за парцелација што синхронично се изработува како посебен прилог на урбанистичкиот проект. (5) Изработувањето на урбанистичкиот проект со план за парцелација од став (1) на овој член, отпочнува на барање на сопственикот на градежното земјиште до комисијата за урбанизам од членот 38 од овој закон, кој со барањето прилoжува и докази за сопственоста на градежното земјиште и проектна програма со скица на предлог планот за парцелација и новата диспозиција на површините за изградба во проектниот опфат, а во случајот од став (2) на овој член, се поднесува геодетски елаборат за нумерички податоци за парцелата како доказ за непланираната грешка во формирањето на градежната парцела. (6) Доколку комисијата за урбанизам од член 38 од овој закон утврди дека со барањето се поттикнува спроведувањето на планот на начин кој не влијае негативно на другите урбанистички параметри утврдени со планот, со позитивно мислење ја одобрува изработката на урбанистичкиот проект со план за парцелација. (7) Сопственикот од став (5) на овој член, ја финансира изработката на урбанистичкиот проект, а по неговата изработка ја финансира и изработката на стручната ревизија на проектот. Урбанистичкиот проект со план за парцелација и стручната ревизија ги изработуваат правни лица од член 68 од овој закон, кои ги исполнуваат условите пропишани во овој закон. (8) Урбанистички проект со план за парцелација се изработува врз основа на прописот за урбанистичко планирање од член 24 од овој закон. (9) Постапката за одобрување на урбанистичкиот проект се врши според член 62 од овој закон, синхронично со постапката за донесување на планот за парцелација која се врши како скратена и редуцирана постапка за изменување и дополнување на урбанистичките планови, при што за донесувањето на предлог планот за парцелација не е потребна согласноста од член 51 од овој закон. (10) Урбанистичкиот проект со план за парцелација се одобрува веднаш по донесувањето на планот за парцелација и може да се применува по извршувањето на дејствијата од членовите 52 и 53 од овој закон. (11) Начинот, наменските, диспозициските, морфолошките и димензионалните услови и правила за формирање на градежни парцели се пропишани во прописот од член 24 од овој закон.

Имајќи ја предвид содржината на оспорената одлука, како и погоре цитираниот член 63 од Законот, Судот утврди дека во конкретниот случај станува збор за одлука којашто му претходи на изработувањето на урбанистичкиот проект со план за парцелација, односно за одлука по чие донесување може да се пристапи кон изработка на предметниот урбанистички проект. Поточно, станува збор за отпочната постапка за одобрување на урбанистичкиот проект којашто се врши според член 62 од Законот за урбанистичко планирање, а донесувањето на оспорената одлука е само едно од дејствијата што се спроведуваат за да може постапката да продолжи во наредните фази, до нејзиното окончување.

Подносителот со иницијативата ја оспорува законитоста на ваквата одлука, меѓутоа Судот утврди дека не постојат процесни претпоставки да се одлучува по истата од причина што не станува збор за донесена одлука од Советот на Општината со која се усвојува/одобрува урбанистички проект со план за парцелација, туку за одлука којашто има карактер на работен (иницијален) акт, со кој ќе се пристапи кон изработка на урбанистичкиот проект со план за парцелација на конкретната градежна парцела согласно предвидените законски услови, што значи, доколку не се исполнети сите претпоставки и услови предвидени во Законот за просторно и урбанистичко планирање, можно е и да не дојде до усвојување на урбанистичкиот проект, од кои причини Судот утврди постоење процесна пречка за одлучување по иницијативата што е причина за отфрлање на истата согласно со член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот.

Воедно, имајќи предвид дека Советот на Општина Виница ја донел оспорената одлука по претходно дадено мислење од Комисијата за урбанизам дека се исполнети условите за отпочнување на урбанистички проект на системот Е-урбанизам, иницијативата за оцена на законитоста на оспорената одлука, всушност упатува на барање Уставниот суд да се впушти во оцена на законитоста во работењето на стручните органи до оваа фаза од постапката, што не е во надлежност на Уставниот суд, туку на надлежните органи од областа на урбанистичкото планирање, што е исто така причина за отфрлање на иницијативата согласно со член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот.

Од изнесените причини, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Судот, за отфрлање на иницијативата.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска