Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.40/2023
Скопје, 17.04.2024 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 17 април 2024 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за наградата и надоместокот на реално потребните трошоци на стечајниот управник и начинот на утврдување на нивната висина („Службен весник на Република Македонија“ бр. 47/2014).
Образложение
I
Александра Илиева Милчова, адвокат од Скопје, на 21.03.2023 година, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за наградата и надоместокот на реално потребните трошоци на стечајниот управник и начинот на утврдување на нивната висина („Службен весник на Република Македонија“ бр. 47/2014).
Подносителот на иницијативата, наведува дека Правилникот за наградата и надоместокот на реално потребните трошоци на стечајниот управник и начинот на утврдување на нивната висина („Службен весник на Република Македонија“ бр. 47/2014), е спротивен на член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 30, член 51 и член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, и член 449 став 2 од Законот за облигациони односи.
Според иницијаторот, Законот врз основа на кој е донесен оспорениот акт, не содржи доволно критериуми односно рамка врз основа на која органот на извршната власт, во конкретниот случај Министерството за економија, со своите акти ќе ја определи висината на надоместокот односно наградата на стечајниот управник.
Подносителот на иницијативата ги потенцира членовите 3, 4, 5, 6, 9, 10, 11 и 12 од оспорениот правилник, со кои се регулира основот и начините на утврдување на висината на наградата на стечајниот управник, и наведува дека тенденцијата на донесувачот на оспорениот акт е да ја утврди процентуалната исплата на стечајниот управник од стечајната маса, и ваквиот пристап односно начин на регулирање е спротивен на член 30 од Уставот, со кој се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.
Според подносителот, при дефинирање на процентуалните награди на стечајниот управник треба да се има предвид дека стечајната маса не е во сопственост на стечајниот управник туку во сопственост на доверителите, и стечајниот управник само управува со истата со цел намирување на барањата на доверителите и истиот за преземените дејствија поднесува трошковник за реално сторени трошоци согласно тарифата. Исплатата на реалните трошоци заедно со наградата, е спротивна на Уставот бидејќи неосновано задира во сопственоста на доверителите и стечајната маса.
Иницијаторот, исто така, наведува дека оспорениот правилник не е во согласност со член 449 став 2 од Законот за облигациони односи, според кој ништовен е договорот со кој адвокатот или некој друг налогопримач, би купил спорно право чиешто остварување му е доверено, или би договорил за себе учество во поделбата на износот досуден на неговиот налогодавач.
Врз основа на наведеното, од страна на подносителот на иницијативата се предлага Судот да донесе Решение за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот правилник, а потоа истиот да го поништи.
Покрај ова, подносителот предлага донесување решение за запирање на извршувањето на Правилникот за наградата и надоместокот на реално потребните трошоци на стечајниот управник и начинот на утврдување на нивната висина, со цел да се запрат постапувањата врз основа на истиот.
II
На седницата Судот утврди дека Правилникот за наградата и надоместокот на реално потребните трошоци на стечајниот управник и начинот на утврдување на нивната висина („Службен весник на Република Македонија“ бр. 47/2014) е донесен врз основа на член 37 став 2 од Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ број 34/06, 126/06, 84/07, 47/11, 79/13, 164/13 и 29/14) од страна на министерот за економија и истиот содржи 14 члена.
III
Согласно со член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска власт се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Според член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.
Согласно со член 51 став 1 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Во член 110 алинеја 2 од Уставот, е определено дека Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Во член 1 од Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ број 34/2006, 126/2006, 84/2007, 3/2008, 122/2009, 47/2011, 95/2012, 79/2013, 164/2013, 29/2014, 98/2015, 192/2015), е предвидено дека со овој закон се уредуваат целите и условите за отворање на стечајната постапка, органите на стечајната постапка, управувањето и располагањето со имотот што влегува во стечајната маса, намирувањето на побарувањата на доверителите во стечајната постапка, правните последици од отворањето на стечајната постапка, планот за реорганизација, личното управување, ослободувањето од другите обврски, посебните видови стечајни постапки за поединци со статус на трговец, стечајни постапки со странски елемент и други прашања во врска со стечајот.
Според член 37 став 1, стечајниот управник има право на награда за својата работа и право на надоместок на реално потребните трошоци кои се исплаќаат веднаш по завршувањето на одделни фази во стечајната постапка. Во став 2 е предвидено дека министерот за економија со акт ги пропишува наградата и надоместокот на реално потребните трошоци на стечајниот управник и начинот на утврдување на нивната висина. Според став 3, реално сторените трошоци се исплаќаат најмалку еднаш месечно според пресметката на трошоците на стечајната постапка одобрена од стечајниот судија согласно со членот 34 став (1) точка 2 од овој закон. Согласно став 4, произлегува дека висината на наградата на стечајниот управник се утврдува според висината на паричната вредност на намирувањето на побарувањето на стечајните доверители, процентот на намирување на стечајните доверители, сложеноста на стечајната постапка, односно големината на стечајната маса, времетраењето на стечајната постапка, начинот на спроведување на стечајната постапка, односно дали се врши впаричување на имотот или се спроведува план за реорганизација, успешноста од спроведувањето на планот за реорганизација. Во став 5, е предвидено дека висината на наградата на стечајниот управник ја определува стечајниот судија со решение согласно со нормативите и стандардите утврдени со пропис од ставовите (2) и (4) на овој член пред заклучувањето на стечајната постапка. Стечајниот управник доставува до стечајниот судија предлог за исплата на наградата, заедно со пресметка на сите дотогашни исплати и одобрение на предлогот од одборот на доверители. Согласно став 6, во случај кога одборот на доверителите не донел одлука со која го одобрува предлогот за исплата на наградата за стечајниот управник или го одбил предлогот за исплата на наградата, решението за определување на наградата за стечајниот управник ќе го донесе стечајниот судија во рок од три дена од приемот на одлуката на одборот на доверители со која е одбиен предлогот или известието дека одборот на доверители не донел одлука по предлогот. Доставата на решението за определување на награда на стечајниот управник се врши преку огласна табла на судот.
Согласно со член 1 од Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 18/2001, 78/2001, 4/2002, 59/2002, 5/2003, 84/2008, 81/2009, 161/2009, 23/2013, 123/2013, „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 89/2020, 215/2021), со овој закон се уредуваат основите на облигационите односи, договорните и други облигациони односи во прометот на стоки и други.
Според член 17-б од Законот за облигационите односи, обврските настануваат со договор, причинување штета, стекнување без основ, работоводство без налог, јавно ветување награда, издавање хартии од вредност и други случаи предвидени со закон.
Согласно со член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр. 58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010, 51/2011 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 96/2019 и 110/2019) министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.
Во член 1 од оспорениот правилник („Службен весник на Република Македонија“ бр. 47/2014), е предвидено дека со овој правилник се пропишува наградата и надоместокот на реално потребните трошоци на стечајниот управник и начинот на утврдување на нивната висина.
Според член 3, наградата на стечајниот управник се утврдува врз основа на начинот на спроведувањето на стечајната постапка, висината на паричната вредност за намирување на побарувањата на стечајните доверители, процент на намирување на стечајните доверители, сложеност на стечајната постапка и времетраењето на стечајната постапка.
Од погоре цитираните законски одредби може да се утврди дека наведениот Закон за стечај, претставува правен основ врз основа на кој министерот за економија го донел оспорениот правилник и во Законот се утврдени правото на надомест на реално сторени трошоци на стечајниот управник и правото на награда чија висина согласно член 37 став 4 од Законот се утврдува според висината на паричната вредност и процентот на намирување на побарувањето на доверителот, сложеноста на постапката, големината на стечајната маса, времетраењето на стечајната постапка, начинот на нејзиното спроведување, односно дали се врши впаричување на имотот или се спроведува план за реорганизација, успешноста од спроведувањето на планот за реорганизација.
Од причина што со оспорениот правилник само се операционализираат дел од одредбите од Законот за стечај, во кои се предвидени критериумите за определување на висината на наградата на стечајниот управник, која во членoвите 5, 6, 7, 8, 9, 10, 11, 12 и 14 од оспорениот правилник е дефинирана во износи и проценти, Судот оцени дека не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со оспорениот подзаконски акт се повредуваат уставните принципи на владеење на правото и поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска, загарантирани со член 8 став 1 алинеи 3 и 4 и член 51 од Уставот.
Наводите на подносителот на иницијативата дека со пропишување на наградата на стечајниот управник од стечајната маса, која не е во сопственост на стечајниот управник туку во сопственост на доверителите, се повредува член 30 од Уставот со кој се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, Судот оцени дека се неосновани од следните причини:
Согласно со член 8 став 1 од Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Македонија“ број 18/2001, 92/2008, 139/2009, 35/2010), сопственикот има право својата ствар да ја држи, целосно да ја користи и да располага со неа по своја волја доколку тоа не е спротивно на закон или на некое право на друго лице.
Во член 2 од Законот за стечај се разработени односно дефинирани значењето на поимите употребени во рамки на Законот, меѓу другите, поимот: доверител со обезбедено побарување, доверител на стечајна маса, стечаен доверител и стечајна маса.
Согласно член 3, стечајната постапка има за цел колективно намирување на доверителите на стечајниот должник со впаричување на должниковиот имот и распределба на остварените средства на доверителите или со склучување на посебен договор за порамнување на побарувањата утврдени со планот за реорганизација што е насочено кон натамошно одржување на должниковиот деловен опфат.
Според член 74 став 1, стечајната маса го опфаќа целокупниот имот на должникот на денот на отворање на стечајната постапка, како и имотот што тој ќе го стекне во текот на стечајната постапка.
Согласно со член 134 став 1, во трошоци на стечајната постапка спаѓаат: судските трошоци на стечајната постапка, наградата и надоместоците за трошоците на привремениот стечаен управник, на стечајниот управник и на членовите на одборот на доверителите, трошоците за комунално и техничко одржување на имотот на стечајниот должник и други трошоци за кои со овој закон е определено дека ќе се намируваат како трошоци на стечајната постапка.
Поаѓајќи од анализата на горенаведените одредби произлегува дека стечајната постапка е колективно намирување на побарувањата кои доверителите ги имаат спрема стечајниот должник, кои побарувања се реализираат од неговиот имот како составен дел на стечајната маса, која служи за намирување на трошоците на стечајната постапка меѓу кои и наградата на стечајниот управник, како и за намирување на доверителите.
Поради наведените причини, Судот оцени дека неосновано е тврдењето на подносителот на иницијативата дека имотот на должникот претставува сопственост на доверителите и намирувањето на трошоците на стечајната постапка претставува повреда на правото на сопственост на доверителите.
Како резултат на ова, во ниту еден случај не може да се доведе под сомнение правото на награда на стечајниот управник во однос на уставно загарантираното право на сопственост.
Наводите дека оспорениот правилник е спротивен на член 449 став 2 од Законот за облигациони односи според кој ништовен е договорот со кој адвокатот или некој друг налогопримач, би купил спорно право чиешто остварување му е доверено, или би договорил за себе учество во поделбата на износот досуден на неговиот налогодавач, Судот оцени дека се неосновани од причина што, правото на награда и надоместок за реално потребните трошоци на стечајниот управник произлегуваат од Законот за стечај и оспорениот правилник, а не од договор како правна работа. Според член 37 став 4 од Законот за стечај, за определување на висината на наградата на стечајниот управник, стечајниот судија донесува решение (правен акт) согласно нормативите и стандардите утврдени во наведениот закон и оспорениот правилник. Како резултат на ова, актот со кој се дефинира висината на наградата на стечајниот управник не е еквивалентен (има различна правна природа) со актот наведен во член 449 став 2 од Законот за облигациони односи.
Покрај ова, Законот за облигационите односи, се применува единствено на облигационите односи и тоа договорните и други облигациони односи во прометот на стоки и услуги, и во ситуациите предвидени во член 17-б од истиот закон, додека наградата на стечајниот управник не претставува облигација којашто е регулирана со Законот за облигационите односи. За да дојде до примена на член 449 став 2 од Законот за облигациони односи, потребно е да постои договор за налог, што при именувањето на стечајниот управник не е случај, и истиот не е налогопримач, туку орган во стечајната постапка согласно со член 18 од Законот за стечај, а кој се именува со решение од страна на стечајниот судија согласно со член 31 став 1 од законот. Во ситуација кога стечајниот управник не претставува налогопримач согласно со дефиницијата за налогопримач од Законот за облигациони односи, неспорно е дека наведената одредба не наоѓа примена при определување на наградата на стечајниот управник како орган на стечајната постапка. Како резултат на наведеното Судот оцени дека не може да станува збор за спротивност на оспорениот правилник со член 449 став 2 од Законот за облигационите односи.
Во однос на наводите дека оспорениот правилник е спротивен на член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Судот оцени дека не постојат причини за уставно-судска анализа од причина што подносителот не навел ниту една причина за негово оспорување.
Во врска со барањето, Судот до донесување конечна одлука по иницијативата, да донесе решение за запирање на извршувањето на актите или дејствијата што произлегуваат од Правилникот, со цел да се спречи настанување на тешко отстранливи последици, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 на Деловникот на Уставниот суд за донесување на вакво решение.
IV
Врз основа на наведеното, Судот, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска