У.бр.44/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.44/2024
Скопје, 23.04.2024 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членовите 27 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 23 април 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 19 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Новаци („Службен гласник на Општина Новаци“ бр.7/2019).

2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на член 19 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Новаци („Службен гласник на Општина Новаци“ бр.7/2019).

3. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

На работниот состанок одржан на ден 25 декември 2023 година, Уставниот суд, согласно со член 14 став 1 од Деловникот на Судот, одлучи по сопствена иницијатива да оформи предмет за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од актот, означен во точката 1 од ова решение.

II

На седницата Судот утврди дека според член 19 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Новаци, член на Советот, меѓу другото, има право на седниците на Советот да поднесе барање за давање автентично толкување на прописите.

III

Владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно со член 51 од Уставот.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Во член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд е определено дека Судот може и сам да поведе постапка за оценување уставност на закон, односно уставност и законитост на пропис или друг општ акт.

Согласно со член 27 став 1 од Деловникот на Судот, Уставниот суд може во текот на постапката, до донесувањето на конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на закон, друг пропис или општ акт чијашто уставност односно законитост ја оценува, доколку со неговото извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

Во конкретниот случај, Советот на Општина Новаци врз основа на член 36 став 1 точка 1 од Законот за локална самоуправа и член 46 од Статутот на Општина Новаци („Службен гласник на Општина Новаци” бр.5/2002) на седницата одржана на 12.06.2019 година го донел Деловникот на Советот на Општина Новаци објавен во „Службен гласник на Општина Новаци“ бр.7/2019.

Деловникот на Советот на Општина Новаци содржи дел со наслов 3 „Покренување иницијативи и поднесување предлози” во кој е содржан член 19 алинеја 3 каде се уредува дека член на Советот има право на седниците на Советот да поднесе барање за давање автентично толкување на прописите.

Автентично толкување на законите дава законодавецот како орган на законодавната власт. Собранието, согласно со член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, ги донесува законите и дава автентично толкување на законите, а постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” 91/2008, 119/2010 и 23/2013).

Според правната теорија, автентично толкување на законите значи утврдување на содржината и на вистинската смисла на веќе донесен закон, кој во примената покажува нејасност, двосмисленост или содржи празнини. Автентичното толкување е составен дел на објавениот закон.

Во конкретниот случај, оспорената одредба дава право на член на Советот на Општината да поднесе барање за давање на автентично толкување на прописите, и покрај тоа што станува збор за Совет на Општина кој претставува орган на локалната власт.

Законот за локалната самоуправа не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат. Имено, согласно со член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа, советот на општината го донесува статутот на општината и други прописи, а согласно со член 62 став 1 од Законот, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон, што значи дека Законот не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат.

Правото на давање автентично толкување на прописи е прашање коешто мора да биде предвидено во закон за да можат органите на локалната власт да го применуваат, како што тоа е уредено за законодавецот како орган на државната власт, изречно во Уставот со член 68 став 1 алинеја 2, согласно кој Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Врз основа на направената анализа произлегува дека предмет на уредување е определено право за член на Советот да бара автентично толкување на донесените акти, иако од Уставот и Законот за локалната самоуправа не произлегува овластување за совет на општина или негов член да дава или бара автентично толкување на прописите коишто ги донесува, ниту наведениот закон упатува на можност во друг акт (статут или деловник на општина) да се уреди постапка за автентично толкување на општите акти.

Од овие причини Уставниот суд, согласно со член 14 став 1 од Деловникот на Судот, по сопствена иницијатива го покрена прашањето за согласноста на означената одредба од Деловникот со Уставот и Законот за локалната самоуправа. Со оглед на тоа дека нејзиното уредување во Деловникот на Општината е без уставен и законски основ, Судот оцени дека постои сомнение за неговата согласност со принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 и уставната обврска за усогласеност на прописите со Уставот и законите, определена во член 51 од Уставот.

Имајќи го предвид сето погоре изнесено, според Судот, исполнети се условите за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на означената одредба од Деловникот.

Поради можноста од настанување штетни последици, а согласно со член 27 од Деловникот на Уставниот суд, Судот оцени дека се исполнети и условите Судот да ја запре примената на спорната одредба од Деловникот на Општината, како и да го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорениот акт, до донесувањето на конечната одлука.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

V

Ова решение произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска