У.бр.81/2024-1


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.81/2024
Скопје, 28.05.2024 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 28.05.2024 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 18 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Петровец („Службен гласник на Општина Петровец“ бр.12/2006).

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на член 18 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Петровец („Службен гласник на Општина Петровец“ бр.12/2006).

3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Образложение

I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, со Решението У.бр.81/2024 од 27 март 2024 година по сопствена иницијатива поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот, означен во точката 1 од Одлуката, затоа што пред Судот со основ се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Северна Македонија.

II

На седницата Судот утврди дека според член 18 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Петровец, член на Советот има право на седниците на Советот да поднесе барање за давање на автентично толкување на прописите.

III

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Со член 51 од Уставот, е утврдено дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Со член 36 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” број 5/2002) се уредени надлежностите на советот, а според став 1 точка 1 на наведениот член, советот е надлежен да донесува статут на општината и други прописи. Според член 62 став 1 од погоре наведениот закон, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон.

Со член 43 од Законот за локалната самоуправа се уредени правата и должностите на членовите на советот, а во таа смисла според став 2 на наведениот член, членовите имаат право на седницата на советот да даваат иницијативи и предлози и да поставуваат прашања на градоначалникот, а според став 5 од истиот член, членовите на советот имаат и други права и должности утврдени со статутот и други прописи, во согласност со овој закон.

Според тоа, со статут и други прописи може да се утврдат и други права и должности за членовите на советот, меѓутоа, како што произлегува од член 43 став 5 од Законот, уредувањето на други права и должности, треба да биде во согласност со Законот за локалната самоуправа.

Во конкретниот случај, Судот утврди дека Советот на Општина Петровец во свој пропис – Деловникот на Советот Општина Петровец, во главата III. Права и должности на членовите на Советот, поглавје 3 „Покренување иницијативи и поднесување предлози“, го уредил член 18 алинеја 3, според кој член на Советот има право на седниците на Советот да поднесе барање за давање на автентично толкување на прописите.

Правото, коешто Советот на Општина Петровец, го пропишал за членовите на Советот во Деловникот, е поврзано со институтот „автентично толкување на прописите”. Меѓутоа, Законот за локалната самоуправа, со ниту една одредба не предвидува надлежност на совет на општина да дава автентично толкување на прописите коишто ги донесува, ниту Законот дава овластување на општините да можат, во своите прописи (деловник или статут), да уредат одредби за автентично толкување на општи акти.

Органите на локалната власт можат да го употребуваат институтот автентично толкување само ако истото е предвидено во закон, како што тоа е предвидено за законодавецот како орган на државната власт и тоа изречно во Уставот со член 68 став 1 алинеја 2, согласно кој Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите, додека, постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 91/2008, 119/2010, 23/2013 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 152/2019).

Меѓутоа, за органите на локалната власт, со закон не е предвиден институтот автентично толкување на општите акти коишто ги донесуваат, така што не може во деловник или статут изворно да се уредува овој институт и процедура за истиот. Оттука, член 18 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Петровец, со кое се утврдува право на членовите на Советот на Општината да можат на седниците на Советот да поднесат барање за давање на автентично толкување на прописите, е пропишано без законски основ, со тоа што Советот на Општината ги пречекорил, односно ги надминал своите надлежности предвидени во Законот за локалната самоуправа, Судот оцени дека се незаконити, а со тоа и спротивни на принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот според кој во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите, ниту пак е во согласност со Законот за локалната самоуправа.

Од горенаведеното произлегува дека станува збор за прашање коешто мора да биде предвидено во закон за да можат органите на локалната власт да го применуваат, како што тоа е уредено за законодавецот како орган на државната власт, изречно во Уставот со член 68 став 1 алинеја 2, согласно кој Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите. Од уставно-судската анализа произлегува дека органите на локалната власт немаат законска основа за давање автентично толкување и ваков правен институт не може да биде уреден со деловник или статут.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

V

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска