У.бр.14/2024-1


Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.14/2024
Скопје, 09.05.2024 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 и член 112 од Уставот на Република Северна Македонија, член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 9 мај 2024 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА насловот на поглавјето 7 „Автентично толкување на општи акти” и члено¬вите 189,190,191 и 192 од Деловникот на Советот на Општина Карбинци („Службен гласник на Општина Карбинци“ бр.05/2012).

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на поглавјето 7 „Автентично толкување на општи акти” и члено¬вите 189,190,191 и 192 од Деловникот на Советот на Општина Карбинци („Службен гласник на Општина Карбинци“ бр.05/2012).

3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Образложение

I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, со Решението У.бр.14/2024 од 21 февруари 2024 година по сопствена иницијатива поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот, означен во точката 1 од Одлуката, затоа што пред Судот со основ се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Северна Македонија.

II

На седницата Судот утврди дека Деловникот на Советот на Општина Карбинци содржи дел со наслов 7 „Автентично толкување на општи акти” во кој се уредени членовите 189,190,191 и 192.

Според член 189 од Деловникот, барање за автентично толкување на општ акт може да поднесат членовите на Советот, 10% од избирачите од Општината, јавното претпријатие кое извршува дејност на подрачјето на Општината и државните органи кога потребата од автентично толкување настанала во врска со примената на актите во нивното работење.

Во член 190 од истиот деловник, се предвидува дека барањето за давање на автентично толкување на општиот акт се поднесува до претседателот на Советот кој веднаш барањето го доставува до Комисијата за статут и прописи.

Согласно со член 191 од Деловникот, Комисијата за статут и прописи по барањето за автентично толкување на општиот акт има право да побара мислење од работните тела на Советот и од стручните служби на општинската администрација на Општина Карбинци.

Според член 192 од оспорениот деловник, ако Комисијата за статут и прописи оцени дека барањето за давање на автентично толкување е оправдано ќе изготви предлог на автентично толкување и ќе го достави до Советот на Општината, а доколку оцени дека барањето за давање на автентично толкување не е оправдано, Комисијата за статут и прописи за тоа ќе поднесе извештај до Советот кој одлучува по барањето и поднесениот извештај.

III

Една од основните цели на Уставот на Република Северна Македонија е воспоставување на владеење на правото во системот на власта. Овој уставен принцип со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот е определен како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно член 51 од Уставот.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Советот на Општина Карбинци повикувајќи се на член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” бр,05/2002) и член 21 став 1 точка 2 од Статутот на Општина Карбинци („Службен гласник на Општина Карбинци” број 03/2004), на седницата одржана на 20.06.2012 година го донел Деловникот на Советот на Општина Карбинци објавен во „Службен гласник на Општина Карбинци” бр. 05/2012.

Деловникот на Советот на Општина Карбинци содржи дел со наслов 7 „Автентично толкување на општи акти” во кој се уредени членовите 189, 190,191 и 192. Во член 189 од Деловникот на Општината се уредува дека барање за автентично толкување на општ акт може да поднесат членовите на Советот, 10% од избирачите од Општината, јавното претпријатие кое извршува дејност на подрачјето на Општината и државните органи кога потребата од автентично толкување настанала во врска со примената на актите во нивното работење. Во член 190 од Деловникот, се уредува дека барањето за давање на автентично толкување на општиот акт се поднесува до претседателот на Советот кој веднаш барањето го доставува до Комисијата за статут и прописи. Во член 191 се предвидува дека Комисијата за статут и прописи по барањето за автентично толкување на општиот акт има право да побара мислење од работните тела на Советот и од стручните служби на општинската администрација на Општина Карбинци, а според член 192 од Деловникот на Општината ако Комисијата за статут и прописи оцени дека барањето за давање на автентично толкување е оправдано ќе изготви предлог на автентично толкување и ќе го достави до Советот на Општината, а доколку оцени дека барањето за давање на автентично токлување не е оправдано, Комисијата за статут и прописи за тоа ќе поднесе извештај до Советот кој одлучува по барањето и поднесениот извештај.

Автентично толкување на законите дава законодавецот како орган на законодавната власт. Собранието согласно со член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот ги донесува законите и дава автентично толкување на законите, а постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” 91/2008, 119/2010 и 23/2013).

Според правната теорија, автентично толкување на законите значи утврдување на содржината и на вистинската смисла на веќе донесен закон, кој во примената покажува нејасност, двосмисленост или содржи празнини. Автентичното толкување е составен дел на објавениот закон.

Во конкретниот случај, автентично толкување дава Советот на Општина Карбинци, како орган на локалната власт.

Постапувајќи по предметната иницијатива, Судот утврди дека Советот на Општината согласно со член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа го донел оспорениот деловник.

Законот за локалната самоуправа не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат. Имено, согласно со член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа, советот на општината го донесува статутот на општината и други прописи, а согласно со член 62 став 1 од Законот, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон, што значи дека Законот не содржи изречна одредба дека советите на општините можат да даваат автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат.

Во конкретниот случај, предмет на уредување со Деловникот на Општина Карбинци, е автентично толкување на општи акти преку членовите 189, 190,191 и 192 од Деловникот, иако од Законот за локалната самоуправа не произлегува овластување на совет на општина да дава автентично толкување на прописите коишто ги донесува, ниту Законот упатува на можност во друг акт (статут или деловник на општина) да се предвиди автентично толкување на општи акти. Со оглед на тоа дека Деловникот содржи дел со наслов „Автентично толкување на општи акти” во кој се уредени членовите 189, 190,191 и 192, со тоа што Советот на Општината ги пречекорил, односно ги надминал своите надлежности предвидени во Законот за локалната самоуправа, Судот оцени дека се незаконити, а со тоа и спротивни на принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот според кој во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите, ниту пак е во согласност со Законот за локалната самоуправа.

Од горенаведеното произлегува дека станува збор за прашање коешто мора да биде предвидено во закон за да можат органите на локалната власт да го применуваат, како што тоа е уредено за законодавецот како орган на државната власт, изречно во Уставот со член 68 став 1 алинеја 2, согласно кој Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите. Од уставно-судската анализа произлегува дека органите на локалната власт немаат законска основа за давање автентично толкување и ваков правен институт не може да биде уреден со деловник или статут.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

V

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска