У.бр.74/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.74/2024
Скопје, 09.05.2024 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 14 став 1, член 27 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 9 мај 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општината Врапчиште („Службен гласник на Општина Врапчиште“ бр.15/2006).

2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општината Врапчиште („Службен гласник на Општина Врапчиште“ бр.15/2006).

3. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Образложение

I

На работниот состанок одржан на 25 декември 2023 година, Уставниот суд, врз основа на одредбата од член 14 став 1 од Деловникот на Судот, одлучи по сопствена иницијатива да оформи предмет за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од актот, означен во точката 1 од Решението.

II

На седницата Судот утврди дека согласно член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општината Врапчиште, член на Советот има право на седниците на Советот да поднесе барање за давање на автентично толкување на прописите.

III

Владеењето на правото како уставен принцип утврден со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот е определен како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно член 51 од Уставот.

Согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Уставниот суд, согласно со член 14 став 1 од Деловникот на Судот, може и сам да поведе постапка за оценување уставност на закон, односно уставност и законитост на пропис или друг општ акт.

Врз основа на член 27 став 1 од Деловникот на Судот, Уставниот суд може во текот на постапката, до донесување на конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на закон, друг пропис или општ акт чија уставност односно законитост ја оценува, доколку со неговото извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

Според член 36 став 1 точка 1 од Закон за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002), советот на општината го донесува статутот на општината и други прописи. Додека, според член 62 став 1 од истиот закон, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон.

Членот 43 од наведениот закон ги уредува правата и должностите на членовите на советот. Конкретно, според став 2 од наведениот член, членовите имаат право на седницата на советот да даваат иницијативи и предлози и да поставуваат прашања на градоначалникот, а според став 5 од истиот член, членовите на советот имаат и други права и должности утврдени со статутот и други прописи, во согласност со овој закон.

Имајќи ги предвид наведените законски одредби, со статут и други прописи може да се утврдат и други права и должности за членовите на советот, меѓутоа, како што произлегува од член 43 став 5 од Законот, уредувањето на други права и должности, треба да биде во согласност со Законот за локалната самоуправа.

Советот на Општина Врапчиште, врз основа на член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа и член 28 став 1 точка 2 од Статутот на Општина Врапчиште („Службен гласник на Општина Врапчиште“ бр.04/2005) го донел Деловникот на Советот на Општината Врапчиште, објавен во „Службен гласник на Општина Врапчиште“ бр.15/2006. Притоа, од содржината на одредбата од член 15 алинеја 3 од наведениот деловник произлегува дека со истата се утврдува право на член на Советот, на седница, да поднесе барање за давање на автентично толкување на прописите.

Неспорно е дека утврденото право за членовите на Советот на Општина Врапчиште се однесува на институтот „автентично толкување на прописите“ иако Законот за локалната самоуправа не содржи одредби од кои произлегува надлежност за совет на општина да може да дава автентично толкување на прописите коишто ги донесува, ниту пак, Законот упатува на можност во друг акт (статут или деловник на општина) да се уреди овој правен институт. Оттука, Судот цени дека Советот на Општина Врапчиште, уредувајќи го ова прашање, излегол надвор од своите законски утврдени надлежности.

Воедно, од уставната норма содржана во член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот произлегува дека автентично толкување на законите дава законодавецот како орган на законодавната власт. Согласно оваа уставна норма, Собранието ги донесува законите и дава автентично толкување на законите, а постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.248/2023). Според Судот, наведеното упатува на заклучок дека институтот „автентично толкување“, треба да биде предвиден во закон за да можат органите на локалната власт да го применуваат, впрочем како што тоа е предвидено за законодавецот како орган на државната власт во цитираната одредба од член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот. Во конкретниот случај, законски основ за овој институт нема за органите на локалната власт, па оттука, не може во деловник или статут изворно да се уредува истиот.

Согласно наведеното, а имајќи ги предвид одредбите од член 51 од Уставот според кои во Република Северна Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на одредбата од член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општината Врапчиште со Законот за локалната самоуправа, а согласно тоа, основано може да се постави прашањето и за согласноста на истата со темелната вредност на уставниот поредок – начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

IV

Имајќи предвид дека според Судот основано се постави прашањето за уставноста и законитоста на оспорената одредба од Деловникот на Советот на Општината Врапчиште, Судот цени дека се исполнети и условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд за донесување на решение за запирање од извршување на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одредба, поради можно настанување на тешко отстранливи и ненадоместливи последици за граѓаните.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

VI

Ова решение произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска