Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.21/2024
Скопје, 09.05.2024 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 14 став 1, член 27 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 9 мај 2024 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 16 алинеја 3, како и на главата X „Автентично толкување на општите акти“ и членовите 145, 146 и 147 од Деловникот на Советот на Општина Берово („Службен гласник на Општина Берово” бр.18/2007 и 37/2020).
2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на член 16 алинеја 3, како и на главата X „Автентично толкување на општите акти“ и членовите 145, 146 и 147 од Деловникот на Советот на Општина Берово („Службен гласник на Општина Берово” бр.18/2007 и 37/2020).
3. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.
Образложение
I
На работниот состанок одржан на 25 декември 2023 година, Уставниот суд, врз основа на одредбата од член 14 став 1 од Деловникот на Судот, одлучи по сопствена иницијатива да оформи предмет за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од актот, означен во точката 1 од Решението.
II
На седницата Судот утврди дека согласно член 16 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Берово, член на Советот има право на седниците на Советот да поднесе барања за давање на автентично толкување на прописите.
Судот, исто така, утврди дека во Деловникот на Советот на Општина Берово, систематизирана е главата X „Автентично толкување на општите акти“ во која се содржани членовите 145, 146 и 147.
Според член 145 од Деловникот, барање за автентично толкување на општите акти се поднесува до претседателот на Советот, кој веднаш барањето го доставува до Комисијата за статут и прописи.
Согласно со член 146 од Деловникот, Комисијата за статут и прописи по барањето на автентично токлување има право да бара мислење од работните тела на Советот и органите на општината.
Во член 147 од истиот деловник е утврдено дека ако Комисијата за статут и прописи оцени дека барањето за давање на автентично толкување е оправдано ќе изготви предлог на автентично толкување и ќе го достави до Советот на Општината, а доколку оцени дека барањето за давање на автентично толкување не е оправдано, Комисијата за статут и прописи за тоа ќе поднесе извештај до Советот кој одлучува по барањето и поднесува извештај.
III
Владеењето на правото како уставен принцип утврден со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот е определен како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно член 51 од Уставот.
Согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Уставниот суд, согласно со член 14 став 1 од Деловникот на Судот, може и сам да поведе постапка за оценување уставност на закон, односно уставност и законитост на пропис или друг општ акт.
Врз основа на член 27 став 1 од Деловникот на Судот, Уставниот суд може во текот на постапката, до донесување на конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на закон, друг пропис или општ акт чија уставност односно законитост ја оценува, доколку со неговото извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.
Според член 36 став 1 точка 1 од Закон за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002), советот на општината го донесува статутот на општината и други прописи. Додека, според член 62 став 1 од истиот закон, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон.
Членот 43 од наведениот закон ги уредува правата и должностите на членовите на советот. Конкретно, според став 2 од наведениот член, членовите имаат право на седницата на советот да даваат иницијативи и предлози и да поставуваат прашања на градоначалникот, а според став 5 од истиот член, членовите на советот имаат и други права и должности утврдени со статутот и други прописи, во согласност со овој закон.
Имајќи ги предвид наведените законски одредби, со статут и други прописи може да се утврдат и други права и должности за членовите на советот, меѓутоа, како што произлегува од член 43 став 5 од Законот, уредувањето на други права и должности, треба да биде во согласност со Законот за локалната самоуправа.
Советот на Општина Берово, врз основа на член 36 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа и член 19 став 2 точка 2 од Статутот на Општина Берово („Службен гласник на Општина Берово“ бр.13/02) го донел Деловникот на Советот на Општина Берово, објавен во „Службен гласник на Општина Берово“ бр.18/2007. Притоа, од содржината на одредбите од член 16 алинеја 3, како и членовите 145, 146 и 147 содржани во глава X со наслов „Автентично толкување на општите акти“ од наведениот деловник, произлегува дека со истите се утврдува право на член на Советот, на седница, да поднесе барање за давање на автентично толкување на прописите, а исто така, се уредува и постапката за институтот „автентично толкување“.
Неспорно е дека утврденото право за членовите на Советот на Општина Берово се однесува на институтот „автентично толкување на прописите“ иако Законот за локалната самоуправа не содржи одредби од кои произлегува надлежност за совет на општина да може да дава автентично толкување на прописите коишто ги донесува, ниту пак, Законот упатува на можност во друг акт (статут или деловник на општина) да се уреди овој правен институт. Следствено, Судот цени дека Советот на Општина Берово, уредувајќи го ова прашање со конкретните одредби од Деловникот, излегол надвор од своите законски утврдени надлежности.
Воедно, од уставната норма содржана во член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот произлегува дека автентично толкување на законите дава законодавецот како орган на законодавната власт. Согласно оваа уставна норма, Собранието ги донесува законите и дава автентично толкување на законите, а постапката за автентично толкување на законите е уредена со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.248/2023). Според Судот, наведеното упатува на заклучок дека институтот „автентично толкување“, треба да биде предвиден во закон за да можат органите на локалната власт да го применуваат, впрочем како што тоа е предвидено за законодавецот како орган на државната власт во цитираната одредба од член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот. Во конкретниот случај, законски основ за овој институт нема за органите на локалната власт, па оттука, не може во деловник или статут изворно да се уредува истиот.
Согласно наведеното, а имајќи ги предвид одредбите од член 51 од Уставот каде е утврдено дека во Република Северна Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на член 16 алинеја 3, како и на главата X „Автентично толкување на општите акти“ и членовите 145, 146 и 147 од Деловникот на Советот на Општина Берово со Законот за локалната самоуправа, а согласно тоа, основано може да се постави прашањето и за согласноста на истите со темелната вредност на уставниот поредок – начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
IV
Имајќи предвид дека според Судот основано се постави прашањето за уставноста и законитоста на оспорените одредби од Деловникот на Советот на Општина Берово, Судот цени дека се исполнети и условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд за донесување на решение за запирање од извршување на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените одредби, поради можно настанување на тешко отстранливи и ненадоместливи последици за граѓаните.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
VI
Ова решение произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска