Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.85/2024
Скопје, 17.04.2024 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 17 април 2024 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 52 од Правилникот за начинот на спроведување на возачките испити и поблиските критериуми во однос на просторните услови и материјално-техничката и информатичката опрема на испитните центри и водењето на евиденциите во врска со спроведените возачки испити, како и начинот на издавање и одземање на лиценца за испитен центар, формата и содржината на образецот на лиценцата за испитен центар („Службен весник на Република Македонија“ бр.139/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.108/2022 и 21/2024), донесен од министерот за внатрешни работи.
Образложение
I
Бојан Петровски од Битола, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива во која наведува дека оспорениот член 52 од наведениот правилник се однесува на постапката за избор на испитни центри за спроведување на возачките испити. Член 240 став 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, утврдува дека работите за организирање и спроведување на возачки испит ги врши правно лице, врз основа на лиценца добиена од МВР. Станува збор за приватно-правни лица, кои добиваат јавно овластување врз основа на лиценца добиена од МВР, но според подносителот, тоа што со оспорениот член од Правилникот се налага на конкурсот за подрачје на испитен центар, да се избере само прворангираното лице, се создава монополска положба на пазарот, што е спротивно на член 55 од Уставот. Имено, доколку законодавецот решил приватно-правно лице да ги спроведува возачките испити, тогаш недозволиво би било да се создадава монопол, бидејќи без конкуренција, услугите што се даваат од претпријатието кое е монопол, би биле често неквалитетни.
Исто така, според подносителот, висината на цените на услугите на испитните центри говори за фактот дека постои монополска положба на пазарот.
Од наведените причини, се бара Уставниот суд да го укине оспорениот член 52 од Правилникот, со што би се овозможило на конкурсите за испитни центри на подрачјата на СВР да бидат избрани повеќе лица, со што би се спречила монополска положба на испитни центри, а воедно и би се подобрил квалитетот на нивните услуги.
II
На седницата, Судот утврди дека во член 52 од Правилникот за начинот на спроведување на возачките испити и поблиските критериуми во однос на просторните услови и материјално-техничката и информатичката опрема на испитните центри и водењето на евиденциите во врска со спроведените возачки испити, како и начинот на издавање и одземање на лиценца за испитен центар, формата и содржината на образецот на лиценцата за испитен центар, е пропишано дека на прворангираните правни лица за секој испитен центар им се издава лиценца за испитен центар.
III
Согласно со член 51 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи во согласност со Уставот и со закон. Според став 2 од истиот член, секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Во член 55 став 1 од Уставот утврдено е дека се гарантира слободата на пазарот и претпиемништвото. Според став 2 од истиот член, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Согласно став 3 од истиот член, слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Уставниот суд, одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, што прецизно е утврдено во член 110 алинеја 2 од Уставот.
Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.169/2015, 226/2015, 55/2016, 11/2018, 83/2018, 98/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.71/2020, 302/2020, 122/2021 и 33/2024), во делот насловен како „Испитен центар“, со одредбите од членовите 240 – 248,ги уредува прашањата за основање и работа на испитен центар. Според овие одредби, работите на организирање и спроведување на возачкиот испит за кандидат за возач ги врши правно лице по добивање на лиценца за испитен центар од Министерството за внатрешни работи за период од пет години доколку правното лице ги исполнува условите утврдени со Законот. Работите на организирање и спроведување на возачкиот испит, испитниот центар ги врши согласно со организацијата на соодветните организациски единици на Министерството за внатрешни работи и може да организира и спроведува возачки испит за кандидат за возач и во подружница, надвор од местото на неговото седиште. Во овие испитни центри се утврдени испитните места и бројот од најмалку испитни комисии кои треба да ги имаат.
Согласно со законското овластување утврдено во член 394 алинеја 12 од Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.169/2015, 226/2015, 55/2016, 11/2018, 83/2018 и 98/2019), министерот за внатрешни работи донел Правилник за начинот на спроведување на возачките испити и поблиските критериуми во однос на просторните услови и материјално-техничката и информатичката опрема на испитните центри и водењето на евиденциите во врска со спроведените возачки испити, како и начинот на издавање и одземање на лиценца за испитен центар, формата и содржината на образецот на лиценцата за испитен центар („Службен весник на Република Македонија“ бр.139/2016), во кој е содржана сега оспорената одредба.
Според наводите на подносителот во иницијативата, со оспорената одредба од Правилникот според која може да се избере само едно, прворангирано лице на конкурсот за подрачје на испитен центар, се создава монополска положба на пазарот, што е спротивно на слободата на пазарот и претприемништвото, загарантирани со член 55 од Уставот.
Ваквите наводи на подносителот на иницијативата Судот ги цени за неосновани бидејќи од анализата на оспорената одредба од Правилникот, наведените уставни и законски одредби, и постојната уставно-судска практика, произлегува дека Правилникот во оспорениот дел не е спротивен на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и со начелото на слободата на пазарот и претприемништвото утврдено во Уставот на Република Северна Македонија.
Исто така, Уставниот суд во два наврати ја оценувал уставноста на законски решенија како и законитоста на одредби од подзаконски акти кои во својата содржина биле речиси идентични со конкретната одредба од Правилникот и со наводите во оваа иницијатива и зазел став дека наводите за тоа дека член 261 од Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.54/2007, 86/2008 и 106/2008-исправка) е неуставен бидејќи овозможува постоење на монополска положба на испитните центри во дејноста организирање и спроведување на возачки испит – се неосновани и не повел постапка за оценка на уставноста на оспорената одредба (У.бр.144/2007 од 05.03.2008).
Судот, исто така, со Решението У.бр.83/2019 од 28.04.2021 година, не повел постапка за оценка на уставноста на член 240 став 4 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.169/2015, 226/2015, 55/2016, 11/2018, 83/2018, 98/2019 и 302/2020), и член 2 од Правилникот за начинот на спроведување на возачките испити и поблиските критериуми во однос на просторните услови и материјално-техничката и информатичката опрема на испитните центри и водењето на евиденциите во врска со спроведените возачки испити, како и начинот на издавање и одземање на лиценца за испитен центар, формата и содржината на образецот на лиценцата за испитен центар („Службен весник на Република Македонија„ бр.139/2016), донесен од министерот за внатрешни работи. Во овој случај, Судот оценил дека „прашањето дали законодавецот ќе се одлучи за лимитиран број на испитни центри во определените региони или ова прашање ќе го регулира со повисок степен на либерализација на испитни центри или на друг начин определен со закон, е прашање на законодавна политика на законодавецот во една материја во која проценил дека ваков степен на законска регулатива е потребен во општествениот живот во земјата“.
За разлика од претходно наведената уставно-судска практика, во конкретниот случај, со предметната иницијатива се оспорува само член 52 од Правилникот, без да се оспори законскиот основ од член 240 на Законот кој е операционализиран со Правилникот и со оспорениот член 52 од истиот. Но, имајќи ги предвид претходно наведените ставови на Судот кои идентично можат да се прифатат како аргументација и да се применат при оценката на уставноста на член 52 од Правилникот, Судот утврди дека не постојат основи за поинакво одлучување поради следното:
Во конкретниот случај, уредувањето во членовите 240 и 394 од Законот, кои се операционализирани со оспорениот член 52 од Правилникот, претставува право на законодавецот да ги уреди правата, обврските, обемот и димензиите, критериумите за основање и лимитираниот број на испитни центри во определените региони. Исто така, право е на законодавецот да даде овластување на министерот за внатрешни работи да донесе правилник со кој поблиску ќе ги операционализира законските одредби, вклучително и прашањето дека само на прворангираните правни лица за секој испитен центар им се издава лиценца за испитен центар (како што предвидува оспорениот член 52 од Правилникот) и ваквото право и ваквото уредување не може да претставува спротивставеност со член 55 од Уставот.
Во контекст на претходно наведените ставови заземени од Уставниот суд, а vis a vis наводите на подносителот на предметната иницијатива според коишто со оспорената одредба се повредува слободата на пазарот и претприемништвото, и на прворангираното лице на конкурсот за подрачје на испитен центар, му се овозможува монополска положба на пазарот, за Судот е јасно дека кога станува збор за вршење на јавни овластувања кои произлегуваат од вршењето на одредена јавна служба во надлежност на државата (во конкретниот случај на Министерството за внатрешни работи) тие можат да бидат делегирани од страна на државниот орган врз приватно-правни субјекти кои треба да ги исполнат со закон и подзаконски акти утврдените услови и критериуми. Во таков случај, независно од бројот на приватно-правни субјекти на кои се пренесени јавните овластувања за вршење на конкретна дејност, не може да стане збор за создавање монопол, бидејќи вршењето на јавна служба не може да се поистовети со вршење на трговска дејност.
Според Судот, во околности кога државата делегира дел од своите јавни овластувања на приватни субјекти, врз основа на критериуми предвидени со закон, принципите на коишто се темели темелната вредност од член 55 од Уставот, не може да се однесува на вакви субјекти, бидејќи во такви ситуации државата се јавува и како пренесувач на јавни овластувања, и како регулатор и како контролор на материја која во својата природа има јавен интерес. Во такви околности, како што е конкретниот случај со прворангираните испитни центри, суштината и смислата на уставната гаранција за слободата на пазарот и претприемништвото и еднаквата положба на сите субјекти на пазарот е неприменлива, бидејќи станува збор за специфични правни субјекти кои вршат делегирани јавни овластувања за прашања од јавен интерес и принципите и правилата на пазарот не можат да се однесуваат на нив. Станува збор за материја за која законодавецот проценил дека таков степен и обем на законска регулатива е неопходен во општествениот живот во земјата.
Законодавецот има и овластување и право, правилата, обемот и димензиите на правата и обврските при уредувањето на оваа материја да може да ја менува и во друга насока соодветна на потребите на граѓаните и интересите на правните лица којашто законодавецот ќе ја регулира адекватно на општествените односно социјалните и економските потреби. Тоа значи дека може да има полиберален пристап во однос на критериумите и условите за работа, лиценцирање, избор, начинот на спроведување на возачкиот испит итн. Но, тоа подразбира и право на државата да ги авоцира, односно да си ги поврати пренесените јавни овластувања, и самата да биде надлежна за сите прашања поврзани за материјата за оспособувањето за управување и стекнување право на управување со моторно возило, и во такви евентуални околности повторно суштината и смислата на уставната гаранција за слободата на пазарот и претприемништвото, еднаквата положба на сите субјекти на пазарот и забраната за монополска положба се неприменливи. Оттука, Судот цени дека наводите на подносителот на иницијативата за несогласност на оспорениот член 52 од Правилникот со уставните одредби од член 55 од Уставот се неосновани.
Во однос на наводите во иницијативата коишто се однесуваат на квалитетот, несовесно спроведување на возачките испити, како и висината на цените, истите се прашања од сферата на примена на прописите и како такви не се во надлежност на Уставниот суд. Имено, согласно со член 252 став 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, надзор над работата на испитен центар, во однос на исполнувањето на пропишаните услови за работа, начинот на спроведување на возачкиот испит за кандидат за возач и водењето на евиденциите утврдени со овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон, врши Министерството за внатрешни работи.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска