У.бр.115/2024


Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.115/2024
Скопје, 17.04.2024 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 17.04.2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА ПОСТАПКА за оценување на уставноста на член 76 став 1 точка 7 во делот „различното толкување на правото и фактите не може да претставува основ за утврдување на одговорност на судијата“ од Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019) и член 91 алинеја 6 во делот „различното толкување на правото и фактите не може да претставува основ за утврдување на одговорност на јавниот обвинител“ од Законот за јавното обвинителство („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020).

Образложение

I

Илко Петров од Скопје, до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на оспорените делови од одредбите пропишани во член 76 став 1 точка 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите и член 91 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство бидејќи, според него, истите не се во согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Подносителот наведува дека со оспорените делови од одредбите пропишани во член 76 став 1 точка 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите и член 91 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство не се гарантира правната сигурност и еднаквоста на граѓаните пред законот.

Според подносителот, оспорените делови од одредбите им даваат слобода на судиите и јавните обвинители, при одлучувањето пристрасно да носат одлуки, а за тоа да не бидат повикани на одговорност само затоа што имаат слобода во толкувањето на одредбите, а тоа според одредбите кои се оспоруваат не подразбира нестручно и несовесно вршење на функциите.

Подносителот смета дека оспорените делови од одредбите се нејасни, оставаат простор за сопствено правно толкување и смета дека треба да постои субјективна одговорност, поради што предлага, Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените делови од одредбите пропишани во член 76 став 1 точка 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите и член 91 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство и истите да ги поништи како спротивни на Уставот.

II

На седницата Судот утврди дека во член 76 став 1 точка 7 во делот „различното толкување на правото и фактите не може да претставува основ за утврдување на одговорност на судијата“ од Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите, е уредено:

(1) Под нестручно и несовесно вршење на судиската функција се подразбира незадоволителна стручност или несовесност на судијата што влијае на квалитетот и ажурноста во работењето и тоа, ако:
7) намерно и неоправдано направи крупна професионална грешка, при што различното толкување на правото и фактите не може да претставува основ за утврдување на одговорност на судијата.

Судот, исто така утврди дека во член 91 алинеја 6 во делот „различното толкување на правото и фактите не може да претставува основ за утврдување на одговорност на јавниот обвинител“ од Законот за јавното обвинителство е пропишано:

Тешка дисциплинска повреда се смета:

– ако намерно и неоправдано направи крупна професионална грешка, при што различното толкување на правото и фактите не може да претставува основ за утврдување на одговорност на јавниот обвинител.

III

Согласно со член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото.

Според член 51 од Уставот во Република Северна Македонија, законите морааат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно со Амандманот XXV, со кој е заменет член 98 од Уставот, судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Според точка 1 на Амандманот XXVII на Уставот, судија не може да биде повикан на кривична одговорност за искажано мислење и одлучување при донесувањето на судските одлуки.

Со Амандманот XXX на Уставот со кој се заменува став 2 од член 106, јавното обвинителство ги врши своите функции врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Според член 11 од Законот за судовите, судијата одлучува непристрасно со примена на законот врз основа на слободна оцена на доказите. Се забранува секој облик на влијание врз независноста, непристрасноста и самостојноста на судијата во вршењето на судиската функција по кој било основ и од кој било субјект.

Согласно со член 7 ставови 1 и 3 од Законот за јавното обвинителство, јавниот обвинител функцијата ја врши законито, непристрасно и објективно, ги почитува и заштитува слободите и правата на човекот и граѓанинот и правата на другите правни субјекти и во рамките на своите надлежности, се грижи за ефикасноста на кривичното гонење. Никој не може да влијае врз законитото, непристрасното и објективното вршење на функцијата на јавното обвинителство.

Член 70 став 1 од истиот закон пропишува дека јавен обвинител не може да биде притворен ниту повикан на одговорност за преземено дејствие, искажано мислење и донесување на одлука, освен ако во вршењето на функцијата јавен обвинител стори кривично дело.

Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби, јасно произлегува дека статусот на судовите и јавното обвинителство е утврден со самиот Устав. Судиите и јавните обвинители своите функции ги вршат непристрасно и објективно со примена на закон врз основа на слободна оцена на доказите и забрането е секакво влијание врз независноста, непристрасноста, самостојноста и објективноста во вршењето на нивните функции. Своите функции ги вршат врз основа и во рамки на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот и не може да бидат повикани на одговорност за искажано мислење, преземено дејствие и одлучување при донесувањето на одлуки.

Со оспорената одредба од член 76 од Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите, се утврдуваат условите под кои судија може да биде разрешен од судиската функција, при што помеѓу останатите услови, став 1 точка 7 од истиот член предвидува „намерно и неоправдано направи крупна професионална грешка, но различното толкување на правото и фактите не може да претставува основ за утврдување на одговорност на судијата“. Ваквиот статус на судиите освен во оваа оспорена одредба е утврден и со Уставот, односно судија не може да биде повикан на кривична одговорност за искажано мислење и одлучување при донесувањето на судските одлуки.

Согласно со одредбата пропишана во член 76 од Законот, судијата одговара дисциплински за потешка дисциплинска повреда што го прави недостоен за вршење на судиската функција, а одговара и за нестручно и несовесно вршење на судиската функција, што претставуваат основи за разрешување на судијата. За сторена дисциплинска повреда од страна на судија одлучува Судскиот совет на Република Северна Македонија кој, помеѓу другото, има надлежност да избира и разрешува судии.

Оспорената одредба од член 91 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство е идентична по својата содржина со член 76 од Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите и во неа се уредуваат условите под кои јавниот обвинител може да биде разрешен од својата функција, по сторена тешка дисциплинска повреда, помеѓу другите услови во алинеја 6 од истиот член предвидува дека намерната и неоправдано направена крупна професионална грешка е еден од условите за разрешување, но притоа различното толкување на правото и фактите не може да претставува основ за утврдување на одговорност на јавниот обвинител. За ефикасноста во работењето на јавните обвинители односно утврдување на нестручно и несовесно вршење на функцијата јавен обвинител надлежен е Советот на јавни обвинители кој ги избира и разрешува јавните обвинители.

Приципот на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, подразбира дека во правниот поредок треба да егзистираат само јасни, прецизни и недвосмислени норми и како такви ќе обезбедат правна сигурност на граѓаните.

Од анализата на законски одредби во оспорените делови произлегува дека законодавецот прецизно и јасно ја уредил независноста и самостојноста во постапувањето на судиите и јавните обвинители при толкувањето на правото и утврдените факти во секој поединечен случај во зависност од материјалните докази, врз основа на Уставот, законите, меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, мора да се засноваат врз начелото на правна сигурност која, меѓу другото, гарантира одредена стабилност во правните ситуации, а не во рамки на еднообразно толкување и примена на правото, што е во интерес на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, бидејќи секој правен настан има свои специфики и карактеристики кои треба да се ценат и во никој случај не може да се поистоветува еден со друг правен настан како што наведува подносителот на иницијативата.

Ова дотолку повеќе што уставната определба за независност и самостојност на судовите која непосредно се изразува преку принципот на слободно судиско уверување, значи дека при одлучувањето, судиите одлучуват врз основа на докази и факти ценејќи го секој доказ посебно и сите заедно, па согласно своето судиско уверување за решителните факти ја заснова одлуката, но не и на судските пресуди донесени од страна на хиерархиски повисоките судови, што биле донесени во некои претходни слични предмети. Целта на законодавецот во оспорените делови од одредбите била при одлучување судијата својата судска одлука да ја заснова врз основа на материјалните закони и начелото на слободна оцена на доказите со кои располага давајќи му слобода во толкувањето на правото и фактите кои ги утврдил како материјална основа за одлука, односно слобода во толкувањето на правото и фактите на јавните обвинители при носење на јавнообвинителска одлука.

Гаранцијата на независноста, подразбира слободна оценка на доказите, независност на судиите и јавните обвинители при одлучувањето и носење на одлуки исклучиво врз основа на Уставот, законите, меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот и општи правни начела, а не врз основа на судска пракса во случни предмети.

Во државите каде се применува концептот на обичајно право, одлуките на повисоките судови служат како прецедентно право во сите понатамошни спорови од идентична природа, што значи претходно донесените одлуки се обврзувачки и важат за извор на правото.

Начелото на слободна оценка на доказите произлегува од теоријата на слободна оценка на доказите според која фактите што треба да послужат како материјална основа за одлуката, судијата ги подложува на логичка и психолошка анализа и во зависност од субјективниот впечаток кој притоа го добива, врз основа на анализа на секој доказ посебно и во корелација со другите докази, судијата оценува и заклучува на кои докази ќе им поклони верба, а на кои не, односно судијата слободно и самостојно цени и одлучува кои докази ќе ги земе како релевантни заради утврдување на фактичката состојба.

Наспроти теоријата на слободна оценка на доказите е теоријата на легалната односно формалната теорија на доказите, според која оценувањето на сите докази се врши според правила кои однапред се пропишани со закон, односно во законот е пропишано кои докази треба да стојат за еден факт да се смета за утврден, односно за вистинит, што значи дека доказните средства што се користат за утврдување на фактите, однапред се одредени во законот, а одредена е и доказната вредност на секој одделен доказ.

Според теоријата на слободна оценка на доказите, прифатена во нашиот законодавно-правен систем, законот не бара од судиите да одговараат за начинот врз основа на кој тие го создале своето уверување, ниту пак им пропишува правила според кои треба да ја одредуваат потполноста и доволноста на еден доказ. Суштината на слободната оценка на доказите се состои во правото на судот да го оценува (не)постоењето на фактите според сопственото убедување и ваквата нивна оценка не е врзана ниту ограничена со посебни формални доказни правила.

Оттука, Судот цени дека се неприфатливи наводите во иницијативата дека за различното толкување на правото и фактите од страна на судиите и јавните обвинители треба да постои субјективна одговорност. Ова дотолку повеќе што нормите во делот во кои се оспоруваат се јасни и прецизни формулирани правила кои не оставаат простор за различно толкување од страна на органите кои ги применуваат и истите не создаваат нејаснотии.

Постои начелна уставна и законска основа, врз која се темели функционалноста и суштинската независност на судството и обвинителство. Овие стратешки цели се водени од суштински принципи и вредности, и општо прифатени меѓународни стандарди врз кои треба да се заснова еден модерен правен систем врз основа на независност и непристрасност, квалитет, одговорност и ефикасност.

По однос на наводите за погрешна примена на материјалното право, законодавецот предвидел соодветно правно средство по кое одлучува непосредно повисок суд или обвинителство и истите не се наводи за уставно-судско прашање.

Од направената анализа произлезе дека оспорените делови од одредбите се доволно јасни, прецизни и разбирливи и како такви обезбедуваат правна сигурност и еднаквост на граѓаните, поради што Судот смета дека оспорените законски решенија не може да предизвикаат забуна и правна несигурност на граѓаните во поглед на примената и како такви не имплицираат повреда на уставниот принцип на владеење на правото од член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска