У.бр.21/2022-1


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.21/2022
Скопје, 23.04.2024 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 23 април 2024 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ Одлуката за усвојување на Урбанистички план за село Маврово со детална разработка на дел од урбан блок 5 и дел од урбан блок 7, број 08-68/13 од 26.02.2015 година, објавена во „Службен гласник на Општина Маврово и Ростуше” на 26.02.2015 година и Одлуката за усвојување на УДНМ за село Леуново – Општина Маврови Анови, број 07-269/1 од 19.07.2001 година, објавена во „Службен гласник на Општина Маврово и Ростуше” на 19.07.2001 година.

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, постапувајќи по поднесената иницијатива од Драган Пешевски, адвокат од Скопје, со Решението У.бр.21/2022 од 24 јануари 2024 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за усвојување на Урбанистички план за село Маврово со детална разработка на дел од урбан блок 5 и дел од урбан блок 7, број 08-68/13 од 26.02.2015 година, објавена во „Службен гласник на Општина Маврово и Ростуше” на 26.02.2015 година и на Одлуката за усвојување на УДНМ за село Леуново – Општина Маврови Анови, број 07-269/1 од 19.07.2001 година, објавена во „Службен гласник на Општина Маврово и Ростуше” на 19.07.2001 година.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за нивната уставност и законитост.

II

На седницата Судот утврди дека Одлуката за усвојување на Урбанистички план за село Маврово со детална разработка на дел од урбан блок 5 и дел од урбан блок 7 е донесена од Советот на Општина Маврово и Ростуше на седницата одржана на 26.02.2015 година, врз основа на член 25 став 5 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија” бр.51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010 и 18/2011) член 22 став 1 точка 1 од Законот за локална самоуправа и член 25 став 1 точка 7 од Статутот на Општина Маврово и Ростуше („Службен гласник на Општина Маврово и Ростуше” бр.06/2008).

Во член 1 од Одлуката се предвидува дека Советот на Општина Маврово и Ростуше го усвојува Урбанистичкиот план за село Маврово со детална разработка на дел од урбан блок 5 и дел од урбан блок 7, со плански опфат: на север границата започнува на 75 м од крстосницата на регионалниот пат Р-413 и патот за с. Кичиница во правец кон с. Маврово и се движи на југ по регионалниот пат Р-413 под и над патот до завршетокот на с.Маврово т.е. до почетокот од делницата на регионалниот пат од с.Маврово кон с.Никифорово во должина, а во ширина од мах.кота на М.Езеро на исток до на запад сложена граница по катастарски парцели, а некаде по почетокот на појасот од шума.

Планот е со опфат од 201.768 ха и е поделен на 26 урбани блокови. Во опфатот се предвидени намените: А-домување со 62,08%; Б-комерцијални и деловни намени со 10,27%; В-јавни институции со 0,65%; Г-производство, дистрибуција и сервиси со 0,08%; Д-зеленило, спорт и рекреација и меморијални простори со 8,60% и Е-инфраструктура со 13,39%, регулиран водотек 0,79% и заштитна зона на валобран на езеро 4,15%.

Во рамките на овој урбанистички план за село е содржана и детална разработка на дел од УБ 5 и дел од УБ 7 со површина од 2,94ха со основни класи на намена А, Д и Е, со следните граници на урбан опфат: на север во УБ 5 границата започнува од рег.пат Р-413 поминува по северната граница на КП бр.416 продолжува по границата на КП бр.417 и 418/1 до мах.кота на М.Езеро, на исток се движи по мах.кота на М.Езеро до јужната граница на КП бр.438 до 447 продолжува да се движи кон запад по границата на КП бр.438 до регионалниот пат Р-423, на запад граница претставува регионалниот пат Р-413.

Нацрт-планот е изработен од „ПОЛОГПРОЕКТ-ПРО” ДОО Гостивар со тех.бр,06/09 од 11.2011 година, ревидиран од страна на „УРБАНПЛАН” ДОО Тетово-бр.03-1-03/11 и дадена Согласност од Министерството за транспорт и врски бр.24-2377/2 од 25.02.2015 година.

Според член 2 од истата одлука, донесениот урбанистички план е потребно да се изработи и завери во седум примероци од кои еден се чува кај донесувачот на планот, еден кај органот што го спроведува, еден во надлежниот државен архив, еден до надлежниот орган на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот во електронска форма, еден примерок до државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, еден до Државниот завод за геодетски работи и седмиот примерок се изложува кај донесувачот на планот заради достапност на јавноста.

Согласно со член 3 од Одлуката, Советот на Општината е должен во рок од 30 дена од донесување на планот да обезбеди картирање на планот на хамер или астралон, а картираните подлоги се предаваат на Државниот завод за геодетски работи на чување и користење.

Член 4 од истата одлука предвидува дека Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Маврово и Ростуше”.

Одлуката за усвојување на УДНМ за с.Леуново – Општина Маврови Анови, Советот на Општина Маврово Анови ја донел на седница одржана на 19.07.2001 година, врз основа на член 7 точка 2 алинеја 2, член 20 став 1 и член 22 став 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија” бр.4/1996, 28/1997 и 18/1999) член 18 став 1 точка 2 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија” бр. 52/1995) и член 19 точка 2 и член 51 точка 6 од Статутот на Општина Маврово Анови.

Според член 1 од Одлуката, со оваа одлука се усвојува урбанистичката документација за с.Леуново-Општина Маврови Анови.

Согласно член 2 од истата одлука, составен дел на оваа одлука е урбанистичката документација за с.Леуново (текстуален и графички дел) кој не се објавува, а се наоѓа во Министерството за транспорт и врски Подрачна единица Гостивар.

Член 3 од Одлуката предвидува дека урбанистичката документација за с.Леуново ќе се спроведува по издавањето на согласност од Министерството за транспорт и врски–Скопје-Сектор за планирање на просторот.

Според член 4 од Одлуката, оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на Општина Маврово Анови”.

Врз основа на член 36 точка 15 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија” бр. 05/2002), а во согласност со член 25 точка 42 од Статутот на Општина Маврово и Ростуше („Службен гласник на Општина Маврово и Ростуше” бр.03/2015-пречистен текст), Советот на Општина Маврово и Ростуше на седницата одржана на 25.10.2019 година, донесе Одлука за прифаќање на одлуката на Управниот одбор на ЈПКД „Маврово” од Маврови Анови да не стопанисува со водоводот од кој се снабдува Хотел „Радика“.

Според член 1 од оваа одлука, Советот на Општина Маврово и Ростуше ја прифаќа Одлуката на ЈПКД „Маврово” од Маврови Анови да не стопанисува со водоводот од кој се снабдува Хотел „Радика“ во село Леуново, поради скапото одржување на истиот.

Во член 2 од Одлуката се предвидува дека оваа одлука ќе биде објавена во „Службен гласник на Општина Маврово и Ростуше”, а ќе влезе во сила со денот на нејзиното објавување.

III

Судот, во претходна постапка, врз основа на доставената документација, утврди дека Советот на Општина Маврово и Ростуше донел Одлука за пристапување кон изработка на Урбанистички план за село Маврово, број 07-475/4 од 12.12.2008 година. ДПУП „ПОЛОГПРОЕКТ-ПРО“ ДОО Гостивар изработил Планска програма од септември 2010 година, 09-297/1 од 06.10.2014 година. ДПУП „ПОЛОГПРОЕКТ-ПРО“ ДОО Гостивар, изработил Предлог-план со тех.бр.06/09 од јуни 2014 година. УРБАНПЛАН-Тетово, од март 2011 година, изготвил извештај за Стручна ревизија и изработил извештај за постапување по забелешките од Стручната ревизија од изготвувачот на планот, од март 2011 година. Советот на Општината донел Решение за формирање на Комисија за давање мислење на планот, бр.08-663/1 од 18.12.2009 година. Комисијата изготвила мислење на планот, бр.09-4250/1 од 28.12.2011 година. Советот на Општината изготвил Одлука за утврдување на Нацрт-план бр.07-23/3 од 17.01.2012 година, како и одлука за организирање на јавна презентација и јавна анкета по Нацрт-Урбанистички план, бр.08-25/1 од 18.01.2012 година. Советот на Општината донел Соопштение за организирање на јавна презентација и јавна анкета по планот бр.09-14/1-2 од 20.01.2012 година, и достави доказ за објава во две јавни гласила. Понатаму, Советот на Општината донел Решение за формирање на Стручна комисија за изработка на извештај од јавната анкета по Нацрт-урбанистички план, бр.09-14/3 од 01.03.2012 година. Стручната комисија изготвила Записник од јавна презентација, бр.09-14/4, донесен на 26.01.2012 година, како и Извештај од јавната анкета и јавната презентација по планот, бр.09-14/4/3 од 05.05.2012 година.

Комисијата за спроведување на повторна јавна анкета и јавна презентација, донела Заклучок бр.09-326 од 02.12.2013 година, како и Одлука за повторно организирање на јавна анкета и јавна презентација по Нацрт-урбанистички план, бр.09-326/1 од 06.12.2013 година, и истовремено е објавено соопштение за повторно организирање јавна презентација и јавна анкета за Урбанистички план за село Маврово со детална разработка на дел од урбан блок 5 и дел од урбан блок 7, КО Маврово, Општина Маврово и Ростуша, бр.09-326/2 06.12.2013 година, донесено од градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше. Соопштението било објавено во еден печатен медиум, весник „Вечер“ и еден електронски медиум ТВ „Кисс“- Тетово.

Потоа, Советот на Општината донел Решение за формирање на Стручна комисија за изработка на извештај од јавна анкета по Нацрт-урбанистички план, бр.09-14/3 од 01.03.2012 година, како и Записник од втора јавна презентација, бр.09-326/3 од 12.12.2013 година. Исто така, бил изработен и Извештај од втора јавна анкета и јавна презентација по планот, бр.09-326/13 од 27.12.2014 година и известување за постапување по Извештајот од спроведената втора јавна анкета и јавна презентација за Нацрт-планот, бр.09-326/13 од 05.05.2014 година.

Управата за заштита на културното наследство донела Решение за одобрување на Заштитно-конзерваторски основи за недвижното културно наследство за подрачјето на опфатот на Урбанистичкиот план за село Маврово со детално планирање на блок 5 и блок 7, КО Маврово, Општина Маврово и Ростуше, број УП.17-825 од 31.08.2011 година.

Министерство за животна средина и просторно планирање, Управа за животна средина изготвило стручно мислење од аспект на заштита на природата и заштита на водите бр.11-8561/4 од 18.10.2012 година. Јавното претпријатие за комунални дејности, Маврово-Маврови Анови доставило Мислење, бр.03-756 од 14.12.2012 година. ЕВН Македонија АД Скопје доставило Мислење бр.24-2451/2 од 17.12.2012 година. Министерството за култура-Управа за заштита на културното наследство доставило Мислење бр.17-685/2 од 15.03.2011 година. Министерство за животна средина доставило мислење бр.08-644/2 од 27.01.2012 година, а Јавна установа Национален парк Маврово-Маврови Анови доставила Мислење бр.03-1121/2 од 19.12.2012 година. Понатаму, Министерство за транспорт и врски- Капетанија на пристаништата, Охрид, доставило Мислењe бр.33-02/2 од 09.01.2013 година. Советот на Општината прибавил Извод од Просторен план на Република Северна Македонија, односно услови за планирање со Решение бр.15-451/1 од 15.01.2010 година и Елаборат со тех.бр.18409 од 2009 година. Владата на Република Македонија доставила Одлука за давање на согласност за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште бр.41-10702/1-13 од 14.01.2014 година.

Министерството за транспорт и врски на Република Северна Македонија дало согласност бр.24-2377/2 од 25.02.2015 година на Предлог-урбанистички план за село Маврово со детално планирање на дел од блок 5 и дел од блок 7, Општина Маврово и Ростуша, со плански период 2011-2021, изработен од друштво за просторно и урбанистичко планирање „ПОЛОГПРОЕКТ-ПРО“ доо Гостивар, со тех.бр.06/09 од февруари 2015 година.

По спроведената постапка донесена е Одлука за усвојување на Урбанистички план за село Маврово со детална разработка на дел од урбан блок 5 и дел од урбан блок 7, број 08-68/13 од 26.02.2015 година, од Советот на Општина Маврово и Ростуша, објавена во „Службен гласник на Општина Маврово и Ростуше” на 26.02.2015 година.

По однос на второоспорената одлука за усвојување на УДНМ за с.Леуново, Судот утврди дека оспорената одлука е донесена без согласност од надлежното министерство, односно Согласноста за УДНМ за с. Леуново е дадена по донесување на оспорената одлука, видно од Согласноста на Министерството за транспорт и врски на Република Северна Македонија бр.13-10496 од 08.10.2001 година.

IV

Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот, една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија е уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Согласно со член 43 од Уставот секој човек има право на здрава животна средина. Секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата. Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.

Условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичко планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија” број 51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/10, 18/11, 53/2011, 144/2012, 55/2013, 163/2013 и 42/2014).

Постапката за донесувањето на првооспорената одлука отпочнала по влегувањето во сила на актуелниот Закон за просторно и урбанистичко планирање од 2005 година, па оттука анализата на правната и фактичката состојба се врши во однос на одредбите од Законот од 2005 година со неговите измени и дополнувања заклучно со последната измена и дополнување на Законот од 2014 година.

Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во глава II од Законот за просторно и урбанистичко планирање насловена како „Планирање на просторот”, во која се содржани членовите 7-48 од Законот.

Согласно наведените законски одредби, законодавецот во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Судот при уставно-судската анализа го имаше во вид и Законот за заштита на природата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 67/04, 14/06, 84/07, 35/10, 47/11, 148/11, 59/12, 13/13, 163/13, 41/14, 146/15, 39/16; 63/16 и 113/18), како и конкретни одредби од истиот, а во корелација со Законот за градење и Законот за водите, како и Одлуката со која Маврово има правен статус на национален парк.

Член 1 од Законот за заштита на природата предвидува дека со овој закон се уредува заштитата на природата преку заштита на биолошката и пределската разновидност и заштита на природното наследство, во заштитени подрачја и надвор од заштитени подрачја, како и заштитата на природни реткости, Според став 2 од овој член од Законот, врз употребата на природните богатства за економски цели покрај одредбите на овој закон се применуваат и одредбите на посебните закони. Став 3 од овој член уредува дека во однос на заштитата на природата се применува и Законот за животна средина, доколку со овој закон поинаку не е уредено.

Со член 2 од Законот се пропишува дека заштитата на природата претставува дејност од јавен интерес.

Член 15 од Законот предвидува дека при подготвување на развојни стратешки, плански и програмски документи од страна на органите на државната власт или советите на општините, советите на општините во Градот Скопје и Cоветот на Градот Скопје, кои би можеле да имаат значителни ефекти врз природата, потребно е да се изврши оцена на влијанијата на мерките и активностите предвидени со овие стратегии, програми или планови што би можеле да ги имаат врз природата. Во став 2 од овој член од Законот се предвидува дека оценување на влијанијата врз природата од ставот (1) на овој член се врши во согласност со одредбите на овој и друг закон.

Со член 16 од Законот се предвидува дека уредувањето и користењето на просторот во заштитените подрачја се спроведува во согласност со Просторниот план на Република Северна Македонија, просторните и урбанистичките планови утврдени со закон, режимот на заштита утврден во актот за прогласување на заштитеното подрачје и националната еколошка мрежа и Планот за управување со заштитеното подрачје (1); документите за уредување и користење на просторот при нивното донесување подлежат на постапка за оцена на влијанието врз природата и содржат мерки и услови за заштита на природата пропишани со овој закон (2). Заради заштита на природата, документите за уредување и користење на просторот покрај другото треба да содржат: 1) прегледна карта на заштитени подрачја, живеалишта на строго заштитени или заштитени видови, наоѓалишта на карактеристични минерали и фосили и спелеолошки објекти кои имаат статус на природно наследство и еколошки значајните подрачја со нивните карактеристики и оцена на состојбата; 2) прегледна карта на објекти за кои се очекува да им биде доделен статус на природно наследство, како и начин на постапување при откривањето и доделувањето на статусот и 3) физичко географски карактеристики, местоположба во ГИС формат или во електронска форма (растер) преклопен со топографска карта (3). Документите од ставoт (2) на овој член кои опфаќаат заштитени подрачја се донесуваат по претходно добиена согласност од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на заштита на природата (4).

Член 17 од Законот пропишува дека за плановите за управување со заштитени подрачја се спроведува постапка за оцена на влијанието врз природата во согласност со Законот за животнатa средина. Во став 2 на овој член од Законот се предвидува дека годишните програми кои се донесуваат заради спроведување на плановите за управување со заштитените подрачја подлежат на постапка за оцена на влијанието врз природата, во случај кога програмата отстапува од планот за управување со заштитеното подрачје, во согласност со Законот за животна средина.

Со член 18 од Законот се предвидува дека за планираните активности во природата, кои при нивното спроведување, самостојно или во содејство со други активности можат да ја нарушат природната рамнотежа се утврдува влијанието врз природата согласно сo одредбите на овој и друг закон. Став 2 од овој член од Законот предвидува дека постапката за оцена на влијанието врз природата за планираните активности во природата се спроведува со цел да се избегне или да се сведe на најмала мера деградaцијата на природата. Според став 3 од овој член од Законот, како деградација на природата од ставoт (2) на овој член се сметаат особено: истребување и проретчување на видови; менување на карактерот и составот на биоценозите; нарушување во функционирањето на екосистемите; конзервирање, кршење, оштетување, уништување, сечење, откорнување, насипување, експлоатација на камен, песок, чакал, земја и минерални суровини, загадување на воздухот, почвата и водата и други слични дејствија, како и интродукција на туѓи видови во природата на територијата на Република Северна Македонија.

Според член 55 од Законот, водите и водните живеалишта, во смисла на овој закон, претставуваат природно богатство и се зачувуваат во нивната природна состојба. Според став 2 од овој член од Законот, водните живеалишта ги вклучуваат езерата, акумулациите, барите, мочуриштата и други водни површини, како и извори, потоци, реки и други водотеци со крајбрежниот појас кој не е помал од 10 метри од бреговата линија утврдена при постоење на највисок водостој.

Со член 58 од Законот се пропишува дека е забранета изградбата на објекти или стопанисување со природните богатства крај природните извори, покрај брегот на природните водотеци, крајбрежјето на природните или вештачките езера, како и плавените рамнини на водотеците, освен ако тоа не е уредено со закон или друг пропис или е определено во планската документација.

Законот, исто така, содржи одредби кои се однесуваат на заштитените подрачја во Република Северна Македонија. Па така, според член 65 од истиот, системот на заштитени подрачја се состои од заштитени подрачја и подрачја предложени за заштита. Системот на заштитени подрачја се воспоставува заради заштита на биолошката разновидност во рамките на природните живеалишта, процесите кои се случуваат во природата, како и абиотичките карактеристики и пределската разновидност. Со прогласувањето на подрачјето за заштитено тоа се стекнува со статус на природно наследство.

Според член 113 од Законот, носителот на правото на користење, односно сопственикот на имот во заштитено подрачје, е должен природното наследство да го чува, да се грижи за неговото одржување и навреме да ги презема пропишаните техничко заштитни и други мерки потребни за заштита и одржување, во согласност со актот за прогласување на заштитеното подачје, планот за управување, како и во согласност со одредбите на овој закон. Носителот на правото на користење, односно сопственикот на имот во заштитено подрачје, е должен да побара согласност за сите инвестициони активности за користење, односно уживање на имотот во заштитеното подрачје од субјектот задолжен за вршење на работите на управувањето со заштитеното подрачје. Правата и обврските на носителот на правото на користење, односно сопственикот на имот во заштитеното подрачје се утврдуваат со актот за прогласување, како и со планот за управување со заштитеното подрачје.

Од содржината на одредбите на Законот за заштита на природата неспорно произлегува дека заштитата на природата претставува дејност од јавен интерес и при подготвувањето на развојни стратешки, плански и програмски документи потребно е да се изврши оцена на влијанијата на мерките и активностите предвидени со овие стратегии, програми или планови што би можеле да го имаат врз природата. Понатаму, уредувањето и користењето на просторот во заштитените подрачја, покрај другото, се спроведува и во согласност со режимот на заштита утврден во актот за прогласување на заштитеното подрачје, а документите за уредување и користење на просторот при нивното донесување подлежат на постапка за оцена на влијанието врз природата и содржат мерки и услови за заштита на природата.

Притоа, кога станува збор за заштитени подрачја, овие документи се донесуваат по претходно добиена согласност од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на заштита на природата (Министерството за животна средина и просторно планирање). Законот, исто така, содржи и одредби со кои се уредува системот на заштитени подрачја, кои понатаму стекнуваат статус на природно наследство, додека како една од категориите на заштитени подрачја се предвидени и спомениците на природата, каде што покрај другото, влегуваат и езерата, а особено подрачјата кои имаат карактер на национален парк.

Со Законот за водите, како lex specialis, водата е определена како добро од општ интерес за Републиката и ужива посебна заштита на начин и под услови утврдени со овој закон.

Со Указ на Претседателството на Президиумот на Народното собрание на НРМ од 18 април 1949 година („Службен весник на НРМ” бр.10/49), поради особените природни убавини, историското и национално значење на шумите и шумските предели околу Мавровското Поле, дел од тие шумски предели се прогласува за национален парк под името Национален парк Маврово. Со Указот се определени границите и површината на Националниот парк Маврово, како и дека во границите на паркот влегуваат атарите на селата Маврово, Леуново, Никифорово, Кичиница и Врбен.

Тргнувајќи од наведените законски одредби во контекст на доставената документација и утврдената фактичка состојба, Судот оцени дека првоооспорената одлука, односно оспорениот урбанистички план кој се однесува за с. Маврово не е во согласност со тогаш важечкиот Закон за просторно и урбанистичко планирање.

Од доставената документација и утврдената фактичка состојба произлегува дека одлуката е донесена со почитување на одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Меѓутоа, по однос на дејствијата преземени во конкретните фази на постапката Судот утврди дека дадените согласности не се во согласност со одредбите од Законот за градење, Законот за водите и Законот за заштита на природата, на кои се укажува во иницијативата, а со тоа оспорената одлука не е во согласност со одредбите на Уставот на Република Северна Македонија, предвидени во член 8 став 1 алинеја 10.

Во смисла на член 21 од Законот за заштита на природата, надлежниот орган – Министерството за животна средина и просторно планирање, односно Управата за животна средина како орган во состав на Министерството, од аспект на своите надлежности во областа на заштита на природата и заштита на водите по барање на Општината во фаза на изготвување на урбанистичкиот план за село Маврово доставила стручно мислење бр.11-8561/4 од 18.10.2012 година, односно дала мислење и го поддржала предложениот плански концепт за уредување на планскиот опфат во предметната планска документација. Во даденото мислење надлежниот орган посочува дека предметниот план ги содржи аспектите за заштита на животната средина, како и економските и социјалните прашања во фазите на планирање и имплементирање на планот.

Меѓутоа, според Судот, издаденото мислење не е во согласност со одредбите од Законот за заштита на природата кои се во согласност со режимот на заштита утврден во актот за прогласување на заштитено подрачје и националната еколошка мрежа и планот за управување со заштитеното подрачје од член 16, како и член 58 кој се однесува на забрана за изградба на објекти или стопанисување со крајбрежјето на водните живеалишта каде е утврдена забрана за изградба на објекти или стопанисување со природните богатства крај природните извори, покрај брегот на природните водотеци, крајбрежјето на природните или вештачките езера, како и плавените рамнини на водотеците и член 113 од Законот за заштита на природата.

Исто така, Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со членовите 57 и 58 од Законот за градење, во кои членови е утврдена категоризација на градбите и надлежност за давање на дозвола за градење. Во овие два члена, според иницијативата, изречно е утврдено дека дозвола за градење во заштитено подрачје, зелена зона како што е случајот со Национален парк Маврово, дава исклучиво Владата, а не Општината како што е случај во оваа одлука.

Според оценката на Судот, оспорената одлука не е во согласност и со Законот за водите, поточно со член 6, според кој водите, како добра од општ интерес, се во сопственост на Република Северна Македонија и уживаат посебна заштита на начин и под услови определени со овој закон. Водите не се предмет на правото на сопственост на физички и правни лица, без оглед на правниот режим на земјиштето на кое се наоѓаат. Исто така, во Законот за водите, во член 1, се дефинира дека со овој закон се уредуваат прашањата коишто се однесуваат на површинските води, вклучувајќи ги и постојаните водотеци или водотеците во коишто повремено тече вода, езерата, акумулациите и изворите, подземните води, крајбрежното земјиште и водните живеалишта и нивното управување вклучувајќи ги и распределбата на водите, заштитата и зачувувањето на водите, како и заштитата од штетното дејство на водите; водостопанските објекти и услуги; организационата поставеност и финансирањето на управувањето со водите, како и условите, начинот и постапките под кои можат да се користат или испуштаат водите. Оттука, според Судот, законска обврска е на доносителот на актот да ги почитува наведените одредби од Законот за водите со цел заштита на ова добро од општ интерес, што од прибавената документација не може да се утврди.

Според наоѓање на Судот, оспорената одлука е во спротивност и со член 58 од Законот за заштита на природата кој се однесува на забрана за изградба на објекти или стопанисување со крајбрежјето на водните живеалишта каде е утврдена забрана за изградба на објекти или стопанисување со природните богатства крај природните извори, покрај брегот на природните водотеци, крајбрежјето на природните или вештачките езера како и рамнини на водотеците, освен ако тоа не е уредено со закон или друг пропис или е определено во планската документација.

Поради наведеното, Судот оцени дека предметната одлука не е во согласност и со одредбите од Законот за заштита на природата, Законот за водите и Законот за градење, што значи дека е во спротивност и со една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните предвидена во член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот.

Предмет на уставно-судска анализа е и содржината на второоспорената одлука која е донесена на 19.07.2001 година во време кога бил во важност Законот за просторно и урбанистичко планирање од 1996 година.

Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Просторното и урбанистичкото планирање, според член 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија” бр. 4/96, 8/96, 28/97 и 18/99), е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторни и урбанистички планови кои меѓусебно се усогласуваат, а согласно член 7 од овој закон, деталниот урбанистички план е еден од видовите на урбанистичките планови.

Имено, согласно со член 7 став 1 точка 2 алинеја 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање во зависност од просторот, кој е предмет на планирање, како еден вид урбанистички план, се донесува урбанистичка документација за населено место во општината.

Согласно со член 22 став 5 од Законот, општината, меѓу другото, донесува урбанистичка документација за населено место за подрачјето на општината, а согласно ставот 6 на овој член од Законот урбанистичката документација може да се спроведува по издавање на согласност од Министерството надлежно за работите на урбанизмот.

Урбанистичката документација, за која не е издадена ваква согласност, согласно став 6 на овој член од Законот, се смета дека не е донесена.

Согласно со член 23 став 1 од Законот со овој вид согласност се потврдува дека планот е донесен согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Од наведените законски одредби произлегува дека урбанистичка документација претставува еден вид урбанистички план кој се донесува за населено место во општината, дека јавната анкета по нацрт-урбанистичката документација ја организира општината, која потоа подготвува извештај со образложение за неприфатените забелешки и дека согласноста за спроведувањето на урбанистичката документација, издадена од Министерството за урбанизам е задолжителен услов.

Од содржината на цитираните одредби од Законот за просторно и урбанистичко планирање произлегува дека законодавецот предвидел комплексна постапка во која се донесуваат урбанистичките планови која се состои од повеќе фази и повеќе дејствија. Секоја фаза во постапката резултира со донесување на соодветна документација во форма и содржина утврдена со наведените одредби од Законот.

Исто така, согласно наведената законска регулатива која важела во време на донесување на оспорената одлука, просторните и урбанистичките планови се документи од посебно значење за уредувањето и користењето на просторот, коишто мора да ги содржат сите елементи утврдени во Законот и да се донесат во постапка пропишана со Законот, во која, исто така, се врши и нивно изменување и дополнување. Од наведените законски одредби, а пред сè од ставот 7 на член 22 од Законот, исто така, произлегува дека согласноста што ја издава Министерството за урбанизам претставува дел, односно фаза од постапката за донесување на деталните урбанистички планови, со оглед дека согласно тој став, за донесени се сметаат само оние урбанистички планови за кои е издадена согласност, а во спротивно плановите не се сметаат за донесени. Тоа, со други зборови значи дека во самиот Закон за просторно и урбанистичко планирање при донесување на урбанистичките планови е утврдена поделена надлежност меѓу органите на локалната управа и Министерството за урбанизам и градежништво, како еден од органите на извршната власт, па планот на кој не е дадена согласност не може да се спроведува и да произведува правно дејство.

Со оглед на фактот што оспорената Одлука за усвојување на УДНМ за с.Леуново, Општина Маврови Анови е донесена на 19.07.2001 година, а Министерството за транспорт и врски дало Согласност, во смисла на член 22 став 6 од Законот, на 08.10.2001 година, тоа значи дека Одлуката е донесена без потребната согласност. Оттука, урбанистичката документација, за која не е издадена ваква согласност, согласно став 7 на овој член од Законот, се смета дека не е донесена.

Од наведеното, според Судот, оспорената Одлука за усвојување на УДНМ за с.Леуново, Општина Маврови Анови е во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и со член 22 ставови 6 и 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање кој бил во важност во време на нејзиното донесување.

Од причина што оспорената одлука, односно постапката за донесување на урбанистичка документација не е во согласност со темелната вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија предвидена во член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот, Судот оцени дека истата е неуставна.

V

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

VI

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска