У.бр.174/2023


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.174/2023
Скопје, 03.04.2024 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 3 април 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделско земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр.87/2013).

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделско земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр.87/2013) со кој е предвидена измена на член 17 став 1 од Законот која измена уредува дека „Земјоделското земјиште во државна сопственост може да биде предмет на продажба под услови и на начин утврдени со закон“. Со вака дефинирана одредба подносителот смета дека се прави отстапка на уставниот принцип кој уредува дека земјоделското земјиште како добро од општ интерес на Републиката ужива посебна заштита.

Имено, според подносителот уставотворецот јасно и прецизно определил какви овластувања законодавецот може со закон да определи за добра од општ интерес за Републиката во кои недвосмислено спаѓа и државното земјоделско земјиште, а тоа е да биде само отстапено на користење.

Според подносителот на иницијативата, располагањето на земјиштето се однесува само на можноста приватните сопственици да располагаат со таквото земјиште, а не и на државата, за кој Уставот утврдил правен режим што е уставно дозволено, а тоа било „да биде отстапено само на користење“, но не и да биде предмет на отуѓување.

Понатаму, подносителот наведува дека според член 56 од Уставот, со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење, но според подносителот во времето на донесување на Законот за земјоделско земјиште и во времето на донесување на оспорената законска измена, како и во времето на поднесување на иницијативата, Уставот не дозволува отуѓување на земјоделското земјиште во државна сопственост, поради што оспорената одредба не е во согласност со наведениот член од Уставот, како и со принципот на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот со што се воспоставува правна несигурност и би можело да настанат тешко отстранливи последици.

Од овие причини предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба, истата да ја укине или поништи, а со оглед дека оспорената одредба сè уште произведува правно дејство во правниот промет, за да не дојде до тешко отстранливи последици за сите оние кои засновале правно обврзувачки дела според правилата на оспорениот пропис, подносителот предлага да се запрат од извршувањето сите поединечни акти донесени врз основа на оспорената одредба до окончувањето на постапката за оценување на неговата уставност.

II

На седницата Судот утврди дека со оспорената одредба од Законот за земјоделското земјиште („Службен весник на Република Македонија” број 135/2007, 18/2011, 42/2011, 148/2011, 95/2012, 79/2013, 87/2013, 106/2013, 164/2013, 39/2014, 130/2014, 166/2014, 72/2015, 98/2015, 154/2015, 215/2015, 7/2016 и 39/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 161/2019, 178/2021 и 91/2023), се уредува дека земјоделското земјиште во државна сопственост може да биде предмет на продажба под услови и на начин утврдени со закон.

III

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно со член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Според ставот 2, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за доброто на поединецот и на заедницата, според став 3, никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа.

Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Член 56 став 1 од Уставот уредува дека сите природни богатства, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.

Согласно со член 56 став 3 од Уставот, со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.

Предмет на уредување согласно со член 1 од Законот за земјоделското земјиште е користењето, располагањето, заштитата и пренамената на земјоделското земјиште.

Во јуни 2013 година со донесување на Законот за изменување на Законот за земјоделското земјиште („Службен весник на Република Македонија” број 87/2013) изменет е член 17 став 1 од Законот со што е овозможено земјоделското земјиште да биде предмет на продажба под услови и на начин утврдени со закон. Дотогаш Законот за земјоделското земјиште не содржи изречна одредба која ја дава таа можност и земјоделското земјиште во државна сопственост не може да биде предмет на продажба.

На седницата на која е донесен Законот за изменување на Законот за земјоделското земјиште („Службен весник на Република Македонија” број 87/2013), Собранието го донело и Законот за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија” број 87/2013), со кој се уредува продажбата на земјоделското земјиште во државна сопственост на начин, постапка и услови согласно со овој закон.

На овој начин законодавецот со донесувањето на оспорената законска измена создал законска можност за донесување на Законот за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија” број 87/2013).

Законот за земјоделско земјиште како општ закон (lex generalis) предвидува дека земјоделското земјиште во државна сопственост може да биде предмет на продажба под услови и начин утврдени со закон, а Законот за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија” број 87/2013, 106/2013, 137/2013, 61/2015, 97/2015, 215/2015, 53/2016 и 51/2018) како специјален закон (lex specialis) токму тоа го предвидува и ги уредува условите и начинот на продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост.

Во иницијативата по предметот У.бр.88/2023, од истиот подносител, се содржани исти наводи како и во оваа иницијатива, при што е оспорен Законот за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост. По оваа иницијатива Уставниот суд веќе се има произнесено и донел Решение У.бр.88/2023 од 13.09.2023 година со кое не поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост.

Со Решението У.бр.88/2023 од 13.09.2023 година, Судот зазел став дека одредбата од член 56 став 3 од Уставот не го уредува прашањето за отуѓување, односно продажба на земјоделското земјиште како добро од општ интерес што може да биде во приватна и државна сопственост, туку го уредува прашањето на отстапување на користење на определени добра од општ интерес за Републиката определувајќи дека начинот и условите ќе се уредат со закон. Имено, продажбата на земјоделско земјиште, односно овластувањето или забраната за негова продажба, не е предмет на уредување на Уставот со ниту една негова одредба.

Притоа Судот утврдил дека прашањата за користење и располагање со земјоделското земјиште се уредени со член 17 од Законот за земјоделското земјиште, на начин што согласно став 1 продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост може да се врши под услови и на начин утврдени со закон, додека со ставовите 2 и 3 на членот 17 се регулира прашањето за давање на користење на земјоделското земјиште на начин и под услови предвидени со овој закон.

Воедно, Судот утврдил дека според член 4 став 1 точка 1 од Законот за земјоделското земјиште, „користење” е право да се остварува употребната вредност на земјоделското земјиште од страна на сопствениците и сите други непосредни владетели на земјиштето, како што се закупците, а според точка 2 од истиот член, „располагање” е право земјоделското земјиште да се отуѓи со продажба, подарок или размена, да се даде под хипотека, како и да се даде на користење на други лица со закуп или плодоуживање.

Судот, исто така, ја има предвид уставната одредба од член 30 ставови 2 и 3 од Уставот каде е уредено дека сопственоста создава права и обврски и треба да служи за доброто на поединецот и на заедницата и никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа.
Според Судот, по својата содржина, правото на сопственост е дефинирано како право на држење, право на користење и право на располагање со одредена ствар што подразбира и право таа ствар сопственикот да ја отстапи на друг на користење, вклучително и да ја отуѓи.

Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Македонија” број 18/2001, 92/2008, 139/2009 и 35/2010) со член 16 став 3, уредува дека облиците на сопственост врз градежното, земјоделското и шумското земјиште, пасиштата и водите се уредуваат со посебни прописи.

Таков посебен пропис е и Законот за земјоделското земјиште („Службен весник на Република Македонија” број 135/2007, 18/2011, 42/2011, 148/2011, 95/2012, 79/2013, 87/2013, 106/2013, 164/2013, 39/2014, 130/2014, 166/2014, 72/2015, 98/2015, 154/2015, 215/2015, 7/2016 и 39/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 161/2019, 178/2021 и 91/2023), со кој се пропишува дека земјоделското земјиште може да биде во државна и приватна сопствeност и го уредуваaт користењето, располагањето, заштитата и пренамената на земјоделското земјиште, како добро од општ интерес.

Имајќи го предвид ставот на Судот изнесен во Решението У.бр.88/2023 од 13.09.2023 година, како и поврзаноста на двата закони и нивниот однос на општ и специјален закон, односно на Законот за земјоделско земјиште како општ закон кој предвидува дека земјоделското земјиште во државна сопственост може да биде предмет на продажба под услови и начин утврдени со закон и Законот за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост како специјален закон кој ги уредува условите и начинот на продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост, Судот цени дека нема основа за поинакво одлучување.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска