Соопштение по одржаната 5. седница на Уставниот суд

Уставниот суд денеска ја одржа 5-та седница на која се дискутираше по четири предмети по поднесени иницијативи за оценување на уставност и законитост, едно барање за заштита на слободи и права и еден предлог за одлучување:

1. Реферат У.бр.129/2023 и У.бр.132/2023

Уставниот суд не поведе постапка за оценување на уставноста на член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2023) и ги отфрли иницијативите за поведување постапка за оценување на уставноста на член 1 од Законот.

Подносители на иницијативата: ЕВН Mакедонија, Акционерско друштво за услуги- Скопје, ЕВН ХОМЕ ДОО Скопје, Друштво за обезбедување на универзална услуга за снабдување со електрична енергија, ЕЛЕКТРОДИСТРИБУЦИЈА ДООЕЛ Скопје, Друштво за дистрибуција на електрична енергија, ЕВН Македонија Електроснабдување ДООЕЛ Скопје

2. Реферат У.бр.13/2024

Судот одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на: Насловот на поглавјето 9.„Автентично толкување на општи акти” и членовите 123, 124, 125 и 126 од Деловникот на Советот на Општина Битола („Службен гласник на Општина Битола“бр.10/2005 и 20/2020). Дополнително Уставниот суд одлучи и запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија донесени врз основа оспорениот акт, односно воведена е т.н. времена мерка која важи се до донесување на конечна одлука на Судот.

Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд.

3. Реферат У.бр.27/2024

Судот одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Аеродром („Службен гласник на Општина Аеродром“ бр.1/2006, 19/2012 и 15/2020) и воедно го запре извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на членот од оспорениот акт односно донесе т.н. времена мерка.

Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд.

4. Реферат У.бр.28/2024

Судот одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на точка 9. Автентично толкување и членовте 116, 117, 118 и 119, содржани во поглавје VIII. Постапка за донесување на општи акти од Деловникот на Советот на Општина Бутел, број 07-364 од 19.07.2005 година, („Службен гласник на Град Скопје” бр.8/2005). Дополнително, Судот одлучи и да го запре извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на одредбите од оспорениот акт.

Предметот е оформен по сопствена иницијатива на Уставниот суд.

5. Реферат У.бр.26/2023

Судот утврди повреда на слободата на мислата и јавното изразување на мислата на барателот Горан Трпеноски новинар од Струга, сторена од државата Република Северна Македонија, која не му обезбедила услови и можност на барателот да ја информира јавноста за настаните во Собранието на ден 27 април 2017 година, а била должна за тоа, а која повреда не е утврдена со Пресудата 8а.МАЛВП-707/20 од 15.03.2021 година од Основниот граѓански суд Скопје и Пресудата ГЖ-2193/21 од 22.12.2022 година на Апелациониот суд Скопје.

Подносител на барањето: Горан Трпеноски од Струга, застапуван Филип Медарски, адвокат од Скопје

6. У.бр.149/2023

Судот го укина Правилникот за видот на штетни материи, како и начинот и методите на земање примероци за утврдување на штетните материи и други загадувачи/контаминенти (физички, хемиски и биолошки) во обработениот тутун и производи од тутун, донесен од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, („Службен весник на Република Северна Македонија” број 84/2023).

 

Напомена: Ова соопштение содржи само информации за одлученото. Судот дополнително на веб-страницата ги објавува целосните одлуки со аргументи, откако ќе ги поминат сите редакционо-технички комисии и усвојувања.