Издвоено мислење по предметот У.бр.80/2023

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), по моето гласање против Решението У.бр.80/2023 од 14 ноември 2023 година, го образложувам следното

И З Д В О Е Н О   М И С Л Е Њ Е

I

Ставот на мнозинството судии дека постои основано сомнение по однос на согласноста на член 6 став 4 од Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија“ број 61/2004, 92/2007, 102/2008, 35/2011, 53/2011, 84/2012, 188/2013, 154/2015, 195/2015, 23/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 151/2021) со член 8 став1 алинеја 3 и член 9 од Уставот е погрешен.

Истиот е заснован на аргументи кои се неосновани, нелогични и немаат апсолутна никаква поткрепа во она што треба Уставниот суд да го анализира во рамките на уставно-судската оцена на согласностa на законските со уставните одредби.

Уште повеќе, во овој предмет се донесе и решение согласно член 27 од Деловникот на Судот, за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на одредбата за која е покрената постапка за оценување на нејзината уставност, за кое исто сметам дека е неосновано затоа што не се дадени никакви причини за потребата од негово донесување.

II

Сепак, пред детално да се осврнам на аргументите на мнозинството изложени во Решението, морам да посочам на еден факт, кој иако не е поврзан со нивните аргументи, во секој случај за истиот треба да се знае, при што оставам на јавноста да донесе свој заклучок.

Имено, се работи за законска одредба за која Судот претходно, во друг предмет оформен под У.бр.107/2021, расправаше на 12 јули оваа година, кога предлогот за поведување постапка за оценување на нејзината уставност, не го доби потребното мнозинство.

Но, сега во овој предмет се оформи мнозинство кое го поддржа истиот таков предлог, без да се дадат никакви аргументи или образложение за промената на ставот искажан преку гласање во тој предмет.

Се разбира, самиот судија одлучува дали ќе дискутира и тоа е негово право. Меѓутоа, ако правото нешто не налага, не значи дека ние како судии треба да се криеме позади непостоењето на норми за задолжително изјаснување. Постои нешто што се нарекува етика и таа важи за сите судии. Во начело, сметам дека би било добро да се слушнат таквите разубедувачки аргументи кои ете, пред три и пол месеци не постоеле, а сега на чуден начин се појавиле, иако тешко би ме разубедиле да имам поинаков став во овој предмет.

Сепак, без разлика на тоа, во продолжение ќе ги изложам моите ставови бидејќи нивното изнесување е алатка на судијата на Уставниот суд и навистина не е добро кога нема да се искажат, бидејќи сепак во крајна линија ние сме носители на јавна функција која е воспоставена за заштита на уставноста и законитоста која не се врши преку неизјаснување.

III

Ставот на мнозинството е заснован на две основни премиси: првата е дека оспорената одредба била нејасна и непрецизна поради што се повредува принципот на правна сигурност како елемент на владеењето на правото и втората, е дека на тој начин се повредува принципот на еднаквост на граѓаните утврден во член 9 од Уставот.

Уште на почетокот, лесно се воочува дека иако е поведена постапка за оценување на уставноста на член 6 став 4 од Законот за даноците на имот во целина, од друга страна во образложението на Решението, дадени се само аргументи за наводната нејасност и непрецизност на два дела од оваа одредба и тоа за деловите „кој не се користи“ и „подолго од шест месеци“ и во еден мал дел за нејзината примена што наводно го повредува принципот на еднаквост.

Одредбата од член 6 став 4 од Законот за даноците на имот е комплексна и опфаќа други аспекти, покрај условите за зголемување на данокот на имот кои произлегуваат од деловите кои за мнозинството се спорни, додека за преостанатата содржина на одредбата нема никаков аргумент, освен за нејзината претпоставена примена што воопшто не е од значење.

Што се однесува пак, за јасноста и прецизноста на нормите, неспорно е дека тоа може да биде критериум за оценување на уставност на одредби или нивни одделни делови и Судот има воспоставено своја пракса по ова прашање.

Меѓутоа, проблематичен е начинот на кој мнозинството доаѓа до заклучокот за нејасност и непрецизност на оспорената одредба (или правилно кажано, на одделните делови за кои единствено е дадено образложение и за кои ќе дадам подолу осврт).

Наместо да ја анализира самата содржина, мнозинството својот став за нејасност и непрецизност на одредбата го заснова на тоа дека „недостасува јасно и целосно дефинирање на критериумите врз основа на кои ќе се пресмета рокот од 6 месеци за некористење на недвижниот имот“; потоа дека „во рамките на Законот не се дефинирани начинот и постапката за утврдување на некористењето на недвижниот имот, односно не постојат јасни критериуми како, со што и пред кој орган се докажува користењето односно некористењето на недвижниот имот“ и поради што „може да доведе до арбитрарност во примената односно да создава правна несигурност во практикувањето на правото за субјектите кои се засегнати со конкретното правно прашање“.

Понатаму, се продолжува со тоа дека „во рамките на Законот, не е дефинирано прашањето што претставува некористење на недвижен имот, ниту е предвидено дека со подзаконски акти ќе се операционализираат или дефинираат прецизно критериумите и постапувањето на органите задолжени за утврдување на некористење на недвижниот имот, што претставува клучен момент за утврдување на трипати повисок данок за сопствениците на истите“.

Според мене, ова е надвор од секоја логика и излегува од рамките на уставно-судската оцена на согласност со Уставот или накратко, оцената за нејасност на деловите од одредбата се заснова на тврдење за наводно отсуство на уредување и грижа како би се применувале во пракса (што патем, воопшто не е надлежност на Судот), па поради тоа деловите биле нејасни и непрецизни.

Мнозинството требаше да се осврне на содржината на самите делови и да ги анализира и на таков начин да извлече заклучок за нивната нејасност и непрецизност, а не врз основа на шпекулирање како би се применувале во пракса или со тврдење за отсуство на регулатива, да ги оквалификува на таков начин.

Напротив, според мене деловите „кој не се користи“ и „подолго од шест месеци“ се апсолутно јасни и прецизни и тоа многу лесно може да се утврди преку нивно јазично толкување како примарен алат на секој правник.

Ова дури и не остава простор за примена на другите методи на толкување, токму поради несомнениот резултат кој го дава јазичното толкување за јасност и прецизност на деловите и нивна потполна разбирливост.

Така, изразот „кој не се користи“, значи дека овој дел од одредбата не се однесува на недвижен имот кој се користи, туку на недвижен имот кој не се користи и според својата јасност и разбирливост, не остава простор за ниту едно друго толкување за негово поинакво значење.

Уште повеќе, мнозинството пропуштило да утврди дека самото користење на другиот вид на недвижен имот од член 2 точка 1 од Законот за даноците на имот е предмет на уредување на други закони, како на пример Законот за градежно земјиште и не е предмет на уредување на одредбата за која се покренува постапка за оценување уставност во овој предмет, ниту пак на самиот Закон.

Последното пак, е особено важно бидејќи како што наведов претходно, една од причините поради кои е заснован ставот дека деловите од одредбите се нејасни и непрецизни, било отсуството на критериуми за начинот и постапката за утврдување на критериумите на некористење на недвижниот имот, како и дека во Законот не било дефинирано прашањето што претставува некористење на недвижен имот итн. Не само што ова не може да биде причина деловите од одредбите да бидат нејасни и непрецизни, туку излегува од она што треба Уставниот суд да го прави – да ја оценува нормата каква што е донесена, а не поради она што не содржи.

Посебно пак, како што исто претходно посочив, тоа што мнозинството „очекува“ од оваа норма да регулира нешто, е предмет на уредување на други закони.

И на крајот, морам да се осврнам на наводот дека и самиот Закон (се мисли на Законот за даноците на имот), не го дефинирал прашањето за некористење на недвижен имот. Според логиката до која е дојдено до заклучокот за нејасност и непрецизност на деловите од одредбата за која се покренува постапка, би требало да се поведе постапка и за целиот закон поради истата причина.

А далеку од тоа е дека Законот за даноците на имот не предвидува начин и постапка за утврдување на тоа дали еден недвижен имот се користи како што тврди мнозинството. Така, во член 29 став 3 од овој закон е предвидено дека за имотот што го стекнува или почнува да го користи во текот на годината или ако по некоја друга основа настанува даночна обврска, обврзникот е должен да поднесе даночна пријава во рок од 15 дена од денот на стекнувањето на имотот, или од отпочнувањето на користењето на имотот, односно од настанувањето на даночната обврска. По повод оваа пријава се донесува посебно решение од градоначалникот со кое се утврдува данокот на имот.

На општините пак, за утврдување на фактичката состојба им стојат на располагање сите предвидени доказни средства со ЗОУП, но и регистрите на недвижен имот, предвиден со член 39 од Законот за даноците на имот.

Потоа, во рамките на правната заштита можно е обжалување на решението за утврден данок или евентуално поведување управен спор. Со овој закон е предвидено дека надзор над неговото спроведување врши Министерството за финансии – Управа за јавни приходи (член 86), а содржани се и одредби дека даночниот обврзник има право на враќање на повеќе или на погрешно уплатениот данок, каматата и трошоците на присилна наплата (член 83), па не може да се каже дека не постојат механизми и опасност од арбитрарно постапување како што тврди мнозинството.

Посебно треба да се направи осврт и на причините поради кои мнозинството смета дека делот „подолго од шест месеци“ од член 6 став 4 од Законот за даноците на имот е исто така, нејасен и непрецизен.

Истиот метод применет за другиот дел од оваа одредба, повторно доведува до заклучок дека напротив, станува збор за јасност и прецизност и на овој дел и дека истиот се однесува на периодот што следи по истекот на шест месеци или ако треба да се биде попрецизен, од првиот нареден ден после истекот на шестиот месец.

Но и овој пат мнозинството го нема овој пристап, туку дава една, најблаго речено, небулозна причина за наводна нејасност и непрецизност. Имено, во Решението буквално стои „Судот утврди дека недостасува јасно и целосно дефинирање на критериумите врз основа на кои ќе се пресмета рокот од шест месеци за некористење на недвижниот имот.“

Нема повторно да навлегувам дека ова не може да се смета за причина за ставот на мнозинството, но морам да кажам дека начинот на кој се пресметува протекот на роковите е нешто што правната наука одамна го расчистила и е предмет на уредување на повеќе закони.

Исто така, заслужува коментар и ставот по однос на сомнението за несогласност на оспорената одредба со член 9 од Уставот.

Накратко, тоа се заснова на сомнеж како би се применувала истата и постоење на наводна можна арбитрарна примена „од различни општини на различен начин со примена на различни критериуми“ со што граѓаните ќе биле различно третирани во нивните права и обврски во зависност од тоа која општина кој критериум ќе го применувала.

Морам повторно да укажам дека и овој пат, мнозинството излегува од она што е надлежност на Уставниот суд – да ја цени нормата, а навлегува во домен на примена со давање вакви образложенија со кои практично може да се оспори секој закон за кој може да се најдат изговори дека лошо се применува.

Прашањето кое требаше да се постави во ситуација кога се оценува дали постои повреда на принципот на еднаквост е дали нормата ги става во подредена или повластена положба одредена група на граѓани, а не како таа би се применувала во пракса.

Во делот на образложението за предлогот на подносителот да се поднесе барање од Уставниот суд за автентично толкување до Собранието, дадено е образложение коешто воопшто нема логика.

Пред сè, согласно член 175 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија, токму Уставниот суд е еден од овластените субјекти за поднесување барање за давање автентично толкување. Притоа, еден ваков предлог доставен до Судот мора да има процесна разрешница, а не да се констатира дека истиот е беспредметен.
Ваквата беспредметност, како што се наведува, произлегува од фактот „што согласно наведената уставно-судска анализа, за Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со одредбите од член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот“, што е сосема погрешно.

Имено, услов за поднесување на вакво барање е потребата од автентично толкување само доколку настанала во врска со примената на законите во нивното работење. Тоа значи дека во постапката за давање на автентично толкување не се оценува согласност на одредбата со Уставот, туку Собранието како доносител на нормата го утврдува нејзиното значење.

Поради тоа, ирелевантно е тоа што мнозинството смета дека постои основано сомнение за уставноста и во однос на предлогот за поднесување на барање за автентично толкување, Судот требаше посебно да се изјасни.

А впрочем, ако се има предвид образложението на Решението во кое една од основните причини е токму изразениот страв како би се применувала оспорената одредба, тогаш логично е да се заклучи дека не може да стане збор за беспредметност и непостоење основ за поднесување на барање за автентично толкување, туку напротив според изнесените ставови на мнозинството и тоа како има потреба од давање на автентично толкување.

Посебно внимание заслужува образложението за донесување посебно решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на оспорената одредбата од Законот за даноците на имот.

Всушност, правилно е да се каже дека нема никакво образложение.

Преземен е текстот на одредбата од член 27 од Деловникот на Судот и додадена е формулацијата „и ненадоместливи последици за граѓаните“, без да се даде објаснување што значи тоа. Патем, мнозинството направило превид дека и правните лица се даночни обврзници и истите не ги вклучило во оваа тешко разбирлива конструкција.

IV

На крајот, причина за издвојувањето на моето мислење не се само неоснованите аргументи на мнозинството. Причина е и тоа што сметам дека со вакво образложение и приод во уставно-судската оцена, се нарушува угледот на институцијата и се прави непоправлива штета на единиците на локална самоуправа на кои данокот на имот им е важен приход во нивното функционирање, преку проблематизирање на одредба за која апсолутно нема ниту едeн основ за сомнеж во нејзината уставност.

Претседател
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска

Конечно решение У.бр.80/2023