Дневен ред за 3. седница на Уставниот суд закажана за 24 јануари 2024 година

На 24 јануари 2024 година во 9:30 часот, Уставниот суд ќе ја одржи третата седница со дневен ред на кој се предвидени два предмета за оценување на уставност и законитост. Дополнително, Судот ќе одлучува по 3 предлози за нацрт-одлуки и нацрт-решенија. 

1.Реферат У.бр.202/2023

Оспорен: Член 4 став 3 од Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работа на извршителите бр.21-648/7 од 07.02.2019 година

Подносител на иницијативата: Владо Мицковски

Oд наводите во иницијативата:

Во иницијативата се наведува дека преку оспорените одредби се уредува работа без право на надомест, со што при извршување врз евидентирани носители на социјална помош како и со уредувањето на бесплатната изработка на одредени заклучоци, извршителите се ограничени од ползување на сопственоста и од остварување егзистенција и право на заработувачка. Подносителот смета дека тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работењето на извршителите ја донесува самостојно министерот за правда и определува дека одредени дејствија извршителот ги презема без надоместок, а со тоа се повредува правото на еднаквост пред Уставот. 

2.Реферат У.бр.21/2022

Оспорени:

Одлука за усвојување на урбанистички план за село Маврово со детална разработка на дел од Урбан блок 5 и дел од урбан блок 7 објавен во службен гласник за општина Маврово и Ростуше донесена на ден 26.02.2015 година.

Одлука за усвојување на урбанистички план за село Леуново, Никофорово и Анови објавена во службен гласник за општина Маврово и Ростуше на ден 19.07.2001 година

Одлука за отстапување со стопанистување на водоводот од кој се снабдува хотел Радика во Леуново донесена на 32 седница одржана на ден 25.10.2019

Подносител на иницијативата: Драган Пешевски, адвокат

Oд наводите во иницијативата:

Подносителот меѓудругото наведува дека при носењето на одлуките општината била должна да прибави мислење од Министерството за животна средина, што не било направено иако се работи за облигаторна норма.Се наведува дека одлуката е спротивна на член 16 од Законот за заштита на природата, кадешто во став 1 се пропишува дека користењето на просторот во заштитените подрачја се спроведува во согласност со просторниот план на Република Северна Македонија.