Уставниот суд не поведе постапка за оценување на Законот за измена на Законот за облигациони односи и на Законот за извршување

Остануваат во примена законските измени за облигациони односи и извршување, Уставниот суд не поведе постапка за да ги оценува.
Ова значи дека не се прифатени наводите на подносителите од 15 иницијативи кои за овој предмет беа поднесени до Судот.
Според Уставниот суд неприфатливо е тврдењето во иницијативите дека се повредува правото на сопственост на доверителите со тоа што законодавецот, односно Собранието предвидел да се ограничи висината на казнената камата, кога ќе го достигне износот на главнината.
Судот смета дека оспорениот член 4 од Законот за облигациони односи нема повратно дејство, односно ретроактивност бидејќи се однесува на постапки кои се уште траат, не се завршени, а не и на оние постапки кои пред влегувањето во сила на законот завршиле.
Меѓу другото Судот оцени дека не е повреден принципот на поделба на власта, како што се тврди во иницијативите.
Според Уставниот суд неприфатливо е тврдењето во иницијативите дека должникот е доведен во попривилигирана положба во однос на доверителот, бидејќи членот 1 не дефинира за кого се однесува, туку напротив јасно и прецизно произлегува дека се однесува на сите субјекти на пазарот подеднакво.
Овој предмет е работен темелно со анализа на уставно-судската пракса и обезбедено е мислење преку Форумот на Венецијанската комисија, што значи прибрани се искуствата на повеќе земји меѓу кои Словенија, Хрватска, Австрија, Босна и Херцеговина, Латвија, Полска, Шведска, Данска итн.
Подносители на иницијативите:
– Владо Костовски, адвокат од Охрид,
-Вангел Баракоски, адвокат од Охрид,
-Никола Источки, адвокат од Ресен,
-Петар Баришиќ од Скопје,
– Адвокатска комора на Република Северна Македонија,
– Комора на извршители на Република Северна Македонија,
– ЕВН Македонија, Акционерско друштво за услуги-Скопје, ЕВН Хоме ДОО Скопје, Друштво за обезбедување на универзална услуга за снабдување со електрична енергија, Електродистрибуција ДООЕЛ Скопје, друштво за дистрибуција на електрична енергија, ЕВН Македонија, Електроснабдување ДООЕЛ Скопје,
– Ѓорѓи Андов од Куманово,
-ЕВН Македонија, Акционерско друштво за услуги-Скопје, ЕВН Хоме ДОО Скопје, Друштво за обезбедување на универзална услуга за снабдување со електрична енергија, Електродистрибуција ДООЕЛ Скопје, друштво за дистрибуција на електрична енергија, ЕВН Македонија, Електроснабдување ДООЕЛ Скопје, Друштво за комуникациски услуги А1 Македонија ДООЕЛ – Скопје, Македонски Телеком АД Скопје, Стопанска комора на Република Северна Македонија,
– Синиша Станковиќ, адвокат од Скопје,
– Македонска банкарска асоцијација-Скопје,
– Трајче Торов, адвокат од Штип,
– Љупцо Наумоски од Охрид, и
-Друштво за производство, инженеринг и трговија „Хидротерма“- Дооел, увоз-извоз Куманово.