Уставниот суд ќе одлучува по барањето за заштита на слободи и права за 27 април 2017 година, поднесено од новинарката Душица Мрѓа

Уставниот суд ќе одлучува по барањето за заштита на слободи и права за 27 април 2017 година, поднесено од новинарката Душица Мрѓа на 10.01.2024(среда).
Оспорени: Пресуда П4-696/21 од 12.11.2021 на Основниот граѓански суд и Пресуда ГЖ-691/22 од 24.11.2022 година од Апелациониот суд Скопје
Подносителката смета дека двата суда и го повредиле правото на слобода на изразување пропуштајќи ја можноста во пресудите да утврдат дека како новинарка на 27 април 2017 година државата прво не ја гарантирала нејзината безбедност при извршување на работните задачи во Собранието на Република Северна Македонија и била оневозможена да известува слободно за настаните кои се одвивале таму. За подносителката е спорно што во пресудата Апелациониот суд прифатил дека не била доведена во прашање слободата на изразување за настаните, бидејќи таа слобода ја реализирала во дебатни емисии во наредните денови, но не е разјаснето дали таа имала можност да ја реалзира слободата критичниот ден. Во барањето се спори наведеното од пресудите а тоа е дека нема повреда на правото на слободата на изразување бидејќи терористички акти се забранети на секое место во државата, вклучително и Собранието, па така можело да се случи и на улица или било каде, а државата е должна да се справи со истите и пред се да ги заштити граѓаните од смрт, повредување и оштетување или уништување на имот и фактот што во Собранието влегле лица кои не требало да се таму, според судот не ги дерогира законите, ниту значи дека на тужителката и било оневозможено слободното изразување.