Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.90/2023
Скопје, 02.11.2023 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинeјa 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 2 ноември 2023 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Упатството за изменување и дополнување на Упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи; издавање на изводи, уверенија, преписи и копии врз основа на матичните книги; водење на постапка и составување на записник за најдено дете; обновување на уништени, оштетени или исчезнати матични книги, како и за обрасците на матичните книги, регистарот на матичните книги, изводите и уверенијата што се издаваат врз основа на матичните книги („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.125 од 15.06.2023 година).
Образложение
I
Политичката партија „ЛЕВИЦА” од Скопје, застапувана од претседател проф. д-р Димитар Апасиев, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во диспозитивот на ова решение.
Целта на оваа иницијатива според подносителот е поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Упатството за изменување и дополнување на Упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи; издавање на изводи, уверенија, преписи и копии врз основа на матичните книги; водење на постапка и составување на записник за најдено дете; обновување на уништени, оштетени или исчезнати матични книги, како и за обрасците на матичните книги, регистарот на матичните книги, изводите и уверенијата што се издаваат врз основа на матичните книги бр. 21-1575/1 како подзаконски, општ правен акт, донесен од страна на министерот за правда на 29 мај 2023 година и објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.125/23 од 15.06.2023 година.
Според подносителот, новите обрасци бр. 4, 4а, 4в, 4д, 5, 5а, 5в, 5д, 6, 6а, 6в, 6д кои се составен дел на оспорениот акт се во спротивност со темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија односно со член 8 став 1 алинеја 1, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот; алинеја 2, слободно изразување на националната припадност; алинеја 3, владеење на правото; алинеја 4, поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска; алинеја 11, почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право; понатаму со член 18 од Уставот со кој се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци и заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информации преку обработка на податоците. Исто така, подносителот наведува дека оспорените измени и дополнувања на Упатството се во спротивност и со член 51 од Уставот со кој е регулирано дека во Републиката, законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите и секој е должен да ги почитува Уставот и законите, како и во спротивност со член 88 став 2, а во врска со член 89 став 1 од Уставот на Републиката со кои е регулирано дека своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамки на Уставот и законите, односно Владата ја сочинуваат претседател и министри.
Во понатамошниот дел од иницијативата, подносителот смета дека оспорениот акт е во спротивност и со повеќе законски одредби од Законот за заштита на личните податоци ( „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 42/20 и 294/21) односно во спротивност со член 4, дефиниции; член 5, забрана на дискриминација; член 9, во кој се регулирани начелата поврзани со обработката на личните податоци; како и во спротивност со член 13 од Законот со кој е предвидена обработката на посебни категории на лични податоци.
Исто така, подносителот смета дека нормите од оспорениот подзаконски акт се спротивни со законските одредби од Законот за матичната евиденција („Службен весник на Република Македонија” бр. 8/95, 38/02, 66/07, 98/08, 67/09, 13/13, 43/14, 148/15, 27/16, 64/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 14/20 и 129/23) особено со член 20 со кој е уредено дека матичарот ги запишува во матичните книги само оние податоци што му се пријавени, односно што ги содржи актот од надлежен орган, со член 24 кој пропишува дека матичните книги се заклучуваат и заверуваат на крајот на секоја календарска година, како и со член 29 во кој е регулирано дека матичните книги се чуваат, заштитуваат и користат во согласност со закон, исправите од член 28 се издаваат на барање на лицето на кое се однесуваат податоците во тие исправи, исправите се издаваат и на заинтересирано лице, односно правно лице или орган кога за тоа има правен интерес утврден со закон. Понатаму во член 29 е регулирано и дека право на увид во матичните книги или во списите и решенијата врз основа на кои се врши запишување во матичните книги има лицето на кое се однесуваат податоците или друго заинтересирано лице, ако за тоа има непосреден правен интерес утврден со закон.
Во образложението на иницијативата подносителот наведува дека со обрасците бр. 4, 4-а, 4-в, 4-д, 5, 5-а, 5-в, 5-д, 6, 6-а, 6-в, 6-д од оспорениот подзаконски акт се воведува нова, досега непостоечка графа „националност” во изводите од матичните книги, за родителите на лицето за кое е издаден изводот од матичната книга на родените, венчаните во изводот од матичната книга на венчаните па дури и за умрените во изводот од матичната книга на умрените. Аргументот на доносителот на актот дека ова се прави со цел усогласување на „балансер и Бадентер” односно соодветна и правична застапеност е целосно невалиден од причини што ги злоупотребува темелните вредности на уставниот поредок на Републиката, односно со задолжителното изјаснување пред матичарот за својата национална припадност се доведува во опасност правото на слободно изразување на националната припадност во духот на Уставот.
Слободното изразување на националната припадност е темелна вредност на уставниот поредок на Републиката, согласно член 8 од Уставот. Оттука, според подносителот, значењето на овој jus cogens уставен приод е што ја признава слободата на националната припадност а впишувањето и „забетонирањето” на националното потекло во јавна исправа, како што е изводот од матичната книга согласно Законот за матична евиденција е целосна спротивност на уставниот поредок на Републиката. Оваа темелна вредност, смета подносителот, претставува можност, а не должност граѓанинот слободно да ја изрази својата национална припадност или да се воздржи од изјаснување за ова сензитивно приватно и емоционално прашање без никаква закана од правна санкција. Исто така, тоа го вклучува и неприкосновеното право да се промени националната/етничката припадност. Со новоутврдените обрасци за изводите од матична книга, подносителот смета дека националноста на граѓаните е републички институционално утврдена во јавните исправи, со што изразувањето на поинаква национална припадност потенцијално би можело да се толкува и како кривично дело, давање лажен исказ, член 367 од КЗ, фалсификување исправа, член 378 од КЗ или други казнени и прекршочни деликти. Оттука, според подносителот на иницијативата, може да се заклучи дека со оспорениот подзаконски акт, слободата на изразување на националната припадност флагрантно, непримерно и непропорционално се ограничува поради стравот од санкција или кривична одговорност.
Во поткрепа на своите наводи во иницијативата, подносителот истакнува дека личното чувство на граѓанинот не може да се докажува со јавна исправа, т.е. со документ издаден од државен орган. Воведувањето на ваква графа во изводот од матичните книги како јавни регистри, го редефинира значењето на самиот извод од матичните книги како доказно средство и јавна исправа со соборлива, но претпоставена точност на впишаните податоци. Ова од друга страна, според толкувањето на подносителот, го подрива граѓанскиот идентитет за сметка на етничкиот, што е во спротивност на добрите европски практики. Од аспект на целисходноста пак, оваа информација е непотребен податок vis-a-vis постоечката легислатива за безбедност и заштита на личните податоци, во смисла на тоа дека државата воопшто не треба да прибира и чува лични податоци за населението кои не се релевантни за одредена постапка. Членот 18 од Уставот кој ја гарантира сигурноста и тајноста на личните податоци, па преку негова операционализација во важечкиот Закон за заштита на личните податоци, усогласен со законодавството на Европската Унија ја обезбедува и гарантира заштитата на личните податоци согласно највисоките цивилизациски стандарди. Законот како lex specialis, изречно забранува обработка на посебни категории на лични податоци, како што се лични податоци кои откриваат расно и етничко потекло. Етничките „обележани” изводи од матичните книги, како релевантна и веродостојна јавна книга, го загрозува остварувањето на ваквата законски пропишана заштита на личните податоци.
Понатаму, подносителот наведува дека иако во член 88 став 2 од Уставот, изречно е предвидено дека Владата, а оттаму и владините министри, своите права и должности ги вршат врз основа и во рамки на Уставот и законите, со оспорениот подзаконски акт, министерот за правда, своеволно го дерогирал и самостојно креирал легислатива која претставува ексклузивна законска материја ( material legis). Министерот нема никаква можност за интервенција преку подзаконски правен акт во законодавството, затоа што во спротивно се деградира и изместува постојниот јавно-правен поредок утврден со императивни норми во позитивното домашно законодавство.
Подносителот наведува и компаративна анализа со која покажува дека ова е непознат феномен во современите демократски општества и потенцира дека како меѓународното, така и европското право го забрануваат барањето задолжителни податоци за национално или расно потекло, со цел профилирање на личноста.
Поради се што е наведено, подносителот смета дека Упатството за изменување и дополнување на Упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи; издавање на изводи, уверенија, преписи и копии врз основа на матичните книги; водење на постапка и составување на записник за најдено дете; обновување на уништени, оштетени или исчезнати матични книги, како и за обрасците на матичните книги, регистарот на матичните книги, изводите и уверенијата што се издаваат врз основа на матичните книги („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.125 од 15.06.2023 година) е неуставно и незаконито и бара Уставниот суд да поведе постапка за негово оценување.
II
На седницата Судот утврди дека врз основа на член 30-а став 1 од Законот за матичната евиденција („Службен весник на Република Македонија” бр.8/95, 38/02, 66/07, 98/08, 67/09, 13/13, 43/14, 148/15, 27/16 и 64/18 и ,,Службен весник на Република Северна Македонија” бр.14/20), министерот за правда, донел Упатство за изменување и дополнување на Упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи; издавање на изводи, уверенија, преписи и копии врз основа на матичните книги; водење постапка и составување на записник за најдено дете; обновување на уништени, оштетени или исчезнати матични книги, како и за обрасците на матичните книги, регистарот на матичните книги, изводите и уверенијата што се издаваат врз основа на матичните книги.
Според член 1 од Упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи; издавање на изводи, уверенија, преписи и копии врз основа на матичните книги; водење постапка и составување на записник за најдено дете; обновување на уништени, оштетени или исчезнати матични книги, како и за обрасците на матичните книги, регистарот на матични книги, изводите и уверенијата што се издаваат врз основа на матичните книги („Службен весник на Република Македонија” бр. 110/10, 40/15 и 203/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија‘‘ бр. 86/19), во член 35 во ставот (1) зборовите „според образецот број 7” се заменуваат со зборовите „според обрасците број 7 и 7-а”.
Со член 2 од оспорениот акт во член 35-а во ставот 1 зборовите „според образецот број 9” се заменуваат со зборовите „според обрасците број 9 и 9-а”.
Видно од член 3 став 1 обрасците бр. 2, 2-a, 3, 3-a, 4, 4-a, 4-в, 4-д, 5, 5-а, 5-в, 5-д, 6, 6-а, 6-в, 6-д, 7 и 9 се заменуваат со нови обрасци бр. 2, 2-a, 3, 3-a, 4, 4-a, 4-в, 4-д, 5, 5-а, 5-в, 5-д, 6, 6-а, 6-в,6-д, 7 и 9, кои се дадени во прилог и се составен дел на ова упатство, додека во став 2 од истиот член по образецот бр. 7 се додава нов образец бр. 7-а, а по образецот бр. 9 се додава нов образец бр. 9-а, кои се дадени во прилог и се составен дел на ова упатство.
Според член 4, упатството влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија”, освен одредбите од член 3 од ова упатство кои се однесуваат на обрасците 2, 2-а, 3, 3-а, 5, 5-а, 5-в, 5-д, 6, 6-а, 6-в, 6-д, 7, 7-а, 9 и 9-а, кои ќе отпочнат да се применуваат од 1 јануари 2024 година.
Упатството е заведено под архивски број 21-1575/1 од 29 мај 2023 година и потпишано од министер за правда, Кренар Лога.
Во прилог и составен дел на упатството се 20 обрасци и тоа: oбразец 2, Матична книга на венчаните; oбразец 2-а, Матична книга на венчаните; oбразец 3, Матична книга на умрените; oбразец 3-а, Матична книга на умрените; oбразец 4, Извод од матична книга на родените; oбразец 4-а, Извод од матична книга на родените; oбразец 4-в, Извод од матична книга на родените; oбразец 4-д, Извод од матична книга на родените; oбразец 5, Извод од матична книга на венчаните; oбразец 5-а Извод од матична книга на венчаните; oбразец 5-в, Извод од матична книга на венчаните; oбразец 5-д, Извод од матична книга на венчаните; oбразец 6, Извод од матична книга на умрените; oбразец 6-а, Извод од матична книга на умрените; oбразец 6-в, Извод од матична книга на умрените; oбразец 6-д, Извод од матична книга на умрените; oбразец 7, Уверение (за признавање татковство); oбразец 7-а, Уверение (за признавање татковство); oбразец 9, Уверение за слободна брачна состојба, oбразец 9-a, Уверение за слободна брачна состојба.
Оспорениот акт е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 125 од 15 јуни 2023 година.
III
Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, а согласно алинеја 2 од истиот член, одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Уставниот суд по сопствена иницијатива оформи предмет и поведе постапка за оценување на уставноста на Упатството за изменување и дополнување на Упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи; издавање на изводи, уверенија, преписи и копии врз основа на матичните книги; водење на постапка и составување на записник за најдено дете; обновување на уништени, оштетени или исчезнати матични книги, како и за обрасците на матичните книги, регистарот на матичните книги, изводите и уверенијата што се издаваат врз основа на матичните книги („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.125 од 15.06.2023 година) и со Одлуката У.бр.89/2023 од 27 септември 2023 година, оспорениот акт што е предмет на оваа иницијатива, го поништи и истиот повеќе не произведува дејствија во правниот промет.
Според тоа од Судот се бара да се оценува акт кој бил предмет на уставно-судска анализа и истиот повеќе не е дел од правниот поредок на Република Северна Македонија што претставува процесна пречка за постапување, односно исполнети се условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд.
IV
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска