Поздравен говор на претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска на Регионална конференција за промоција на уставна жалба

Почитуван претседател на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, 

H.Е. г-ѓа Петра Дрекслер, Амбасадорка на Сојузна Република Германија во Република Северна Македонија

Почитуван Раководител на проектната област Југоисточна Европа, господин Штефан Пирнер, 

Почитуван потпретседател на Уставниот суд на Босна и Херцеговина, г-дин Мирсад Ќеман

Почитувана претседателке на Уставниот суд на Република Србија, г-ѓа Снежана Марковиќ

Почитуван претседател на Уставниот суд на Црна Гора, г. Будимир Шчепановиќ

Почитувани судии, почитувани присутни

Дозволете ми да го изразам моето задоволство  што Уставниот суд на Република Северна Македонија ја има честа да биде домаќин на меѓународна конференција која ќе адресира исклучително значајна тема за граѓаните, а тоа е уставната жалба. 

Во недостаток на волја и препознавање на важноста на овој правен инструмент од страна на политичките чинители и претставници од сите партии во Парламентот, поддршката ја добивме од нашите пријатели од ИРЗ кои со одобрение од германското министерство за надворешни работи вложија финансиско-експертски капацитети и помогнаа да се изработи студија за уставната жалба или меѓународно позната и  како уставна тужба.

Оваа студија е резултат на неколкугодишната соработка помеѓу Судот и ИРЗ и ќе даде насока за воведување на уставна жалба со којашто граѓаните на Република Северна Македонија ќе имаат можност да се жалат до Судот за сите уставно-загарантирани права. 

Деталите се разбира ги оставам на нивната презентација. 

Но ќе дадам еден кус вовед и ќе елаборирам за суштината и придобивките од уставна жалба.

Република Северна Македонија исто како и останатите пет југословенски држави делеа ист политички систем и по формирањето на независни држави, се соочија со исти предизвици:формирање на самостојни органи и институции со строга поделба на власта. Но, не сите дадовме ист одговор на потребите на граѓаните да ги остварат уставно-загарантираните права. 

Согледувајќи го искуството во Регионот, Северна Македонија остана осамена токму по прашањето за уставната жалба. Темата тангира само само еден член од Уставот, односно членот 110 алинеја 3, што значи ограничени се можностите да се ползува секое право наведено во нашиот највисок правен акт. 

Повеќе од 30 години во нашиот правен систем е очигледен еден несмасен системски пропуст, кој задира во темелите на владеењето на правото и ја подрива уставната заштита на граѓаните.  Недостатокот на уставна жалба не само што ги лишува граѓаните од уште една можност да се обратат пред Уставниот суд за сите права кои ги предвидува Уставот, туку е иницијалната тема за ламентирање: како се губи довербата во системот и во државата?

Република Северна Македонија има изгубено бројни случаи пред меѓународните судови и на нив не треба да гледаме  само како статистика, тие се показател за итност од воведување на уставна жалба.

Оваа тема е високо во агендата на мојот претседателски мандат во Уставниот суд. Медиумските апели, интервјуа, критики до политичарите, па дури и организирање на државниот врв во Уставниот суд се арсеналот на комуникациското оружје со кое изразувам проактивност, алармирање и потреба од воведување на уставната жалба. Барав поддршка од  политичкиот естаблишмент водејќи се од темелните вредности кои ги промовира Уставот, бидејќи за воведување на уставна тужба потребна е промена на највисокиот правен акт.  И во оваа насока изразувам благодарност на поддржувачите на идејата за највисока заштита на сите права на граѓаните, а особено од нашите присутни гости кои останаа доследни во поддршката, како претседателот на Републиката Стево Пендаровски и министерот за правда Кренар Лога. Се надевам дека  сите политички партии ќе го следат овој пример, а доколку има потреба и волја подготвени сме како Суд на секого кој има можност да иницира дебата во Законодавниот дом,  да ја презентираме студијата и аргументите за воведување на уставна жалба. Иако ќе повторам, Уставниот суд нема надлежност во уставни промени или давање совети по конкретни прашања.

Во оваа насока ќе потсетам дека нашиот Устав е современ, но не и сеопфатен акт, а неговата содржина од осамостојувањето до денес е редизајнирана парцијално, и по потреба, и тоа најчесто за одредена група граѓани. Затоа во оваа еуфорична атмосфера на пребројување „за и против” отворање на Уставот е важно да се повтори дека со воведување на уставната жалба, придобивки ќе имаат сите граѓани, од сите националности и политички припадности. 

Почитувани, 

Изминатите триесетина години архивата на Судот бележи стотици пропаднати барања бидејќи не се заштитило некое право или некому му била ускратена слободата по конкретен основ само затоа што Уставниот суд нема надлежност да одлучува по сите основи, освен по еден член а тоа е 110 алинеја 3 од Уставот.  Уставно-судската пракса во овој поглед лоцира сериозна аномалија при отсутност на заштитни механизми. 

Ова подразбира дека барање за заштита на слободи и права може да се поднесе само доколку некој е дискриминиран по основ на пол, раса, религија, етничка, политичка, национална и социјална припадност. Уставот му овозможува на секој граѓанин слободно да ја изрази својата мисла, слобода на уверување, политичко здружување и дејствување и доколку е попречен во тоа изразување да побара заштита пред Уставниот суд. Но, овде зборуваме за заштита која ја предвидел само еден член од Уставот, па оттука се наметнува прашањето, колкава е придобивката на граѓаните ако само знаат дека во Уставот имаат бројни права, а не може да бараат уставна заштита за сите?

Лошите статистики во поглед на отфрлени барања не може во целост да се препишат на лоши одлуки на судиите, треба да сме реални дека   бројките говорат и за ограничените можности на Уставниот суд во смисла на индивидуалната заштита.

Точно е, ние не сме надлежни како институција да го менуваме Уставот, но имаме должност да го користиме нашиот мандат за да го кренеме гласот за дополнителна заштита по сите права и слободи и на крај да ги поштедиме граѓаните од дополнителни трошоци на кои се изложуваат пред судот во Стразбур, но и да помогнеме државата да го зачува угледот и буџетот. 

Почитувани, 

Велат, за сериозни времиња се потребни сериозни луѓе и затоа ги повикувам сите одговорни на сериозен пристап по однос на прашањето за воведување на уставна жалба.