Обраќање на претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска на Регионална конференција во Белград

Почитувани присутни,

Дозволете најпрво во свое и во име на моите колеги – судиите на Уставниот суд на Република Северна Македонија, да го честитам  јубилејот на Уставниот суд на Република Србија.

Одбележувањето 60 години уставно судство е можност и повод да се погледне назад во минатото, оцени сегашноста, но и да се зборува за предизвиците во иднината. 

Уставниот суд на Република Србија, како и Уставниот суд на Република Северна Македонија кој следната година слави иста ваква годишнина, беа формирани во еден политички систем кој беше различен и со поинакви вредности од денешниот, каде во услови на идеолошки монопол, требаше да се оствари Келзеновата идеја за супрематија на уставната норма и нејзина заштита од страна на самостојна и независна институција.

Со воведувањето на новиот политички систем, повторно на уставните судови им беше доделена улогата на заштитници на уставноста и законитоста, овој пат низ призмата на демократските вредности, владеењето на правото и поединецот како член на општеството со гарантирани слободи и права. 

Но, уставните судови, денес се исправени пред нови предизвици кои со себе ги носи модерното општеството како што се напредокот на технологијата со зголемувањето на можноста за загрозување на приватноста, мерките што се преземаат за заштита од пандемии со кои се ограничуваат слободите и правата заради заштита на здравјето итн. Сепак, тие мора да се држат до она што е основна вредност на општеството, но и на цивилизацијата, нешто што несомнено е содржано во Европската конвенција за која ќе зборувам понатаму, од гледна точка на улогата на Уставниот суд на Република Северна Македонија во нејзината примена.

Почитувани,

Предметот на денешното излагање, налага претходно да се изложат улогата и надлежностите на Уставниот суд на Република Северна Македонија, како и правниот статус на Европската конвенција за заштита на човековите слободи и права на национално ниво, а заради дефинирање на нивниот меѓусебен однос.

Уставниот суд, согласно Уставот е орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста преку повеќе надлежности со кои ја остварува оваа улога, а како релевантни во однос на темата, се оценувањето на согласноста со Уставот и законите и поединечната заштита на одделни уставни слободи и права.

Конвенцијата, од друга страна е ратификувана од Собранието и согласно член 118 од Уставот е дел од внатрешниот поредок и не може да се менува со закон.

Во однос на наведеното, може да се издвојат три постулати за нивниот меѓусебен однос: (1) Уставниот суд не ја оценува уставноста на Конвенцијата; (2) Судот не ја оценува согласноста на законите, другите прописи и колективните договори со Конвенцијата; и (3) Судот не постапува по барања за сторена повреда на слободите и правата утврдени со Конвенцијата. 

Што се однесува до првиот, Уставниот суд нема надлежност да ги оценува меѓународните договори, а во кои спаѓа и Конвенцијата, што е впрочем многу пати изразен став и во праксата на Судот. Неспорно, тие согласно Уставот се ратификуваат со закон, како што беше случај и со истата, но во таков случај, уставноста се оценува само во однос на законот за ратификација и неговите одредби, но не и самиот меѓународен договор, иако вообичаено неговиот текст е составен дел од самиот закон.

Кај вториот, Судот не ја оценува согласноста на законите и другите прописи со Конвенцијата, туку е ограничен само на уставните одредби и законите кога покрај уставноста, оценува и законитост на пониските прописи.

И на крајот, не постои уставна заштита за слободите и правата утврдени со Конвенцијата, туку само за слободите и правата наведени во член 110 алинеја 3 од Уставот. 

На прв поглед, имајќи го предвид наведеното, произлегува дека Уставниот суд, нема никаква улога во одлучувањето за правната судбина на Конвенцијата како дел од правниот поредок што е предуслов за нејзината примена, ниту пак во делот на нејзината примена во рамките на остварувањето на своите надлежности.

Меѓутоа, таквиот првичен заклучок, како што ќе покаже натамошното излагање, е погрешен.

Имено, во остварувањето на своите надлежности, пред се, Судот има улога на толкувач на уставните норми, на начин што ја определува нивната содржина и опфат. Притоа, не се задржува само на конкретната норма, туку ги има предвид и темелните вредности на уставниот поредок, останатите одредби од Уставот, но и релевантните  меѓународно-правни документи, а особено општите принципи на Европската конвенција и праксата на Европскиот суд. 

По однос на последното, Судот конкретно се има изјаснето во Одлуката У.бр.31/2006 од 1 ноември 2006 година, со која го укина член 1-а во делот: „и притоа нема да се ограничува правото на граѓаните кои не учествуваат во јавниот собир на слободно движење и другите права утврдени со Уставот на Република Македонија“, од Законот за јавните собири („Службен весник на Република Македонија бр. 55/1995 и 19/2006).

Во истата, меѓу другото се наведува: „…имајќи го предвид значењето на Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи не само како дел од внатрешниот правен поредок на Република Македонија, туку поради општите принципи на кои се потпира и ги промовира, Судот оцени дека интерпретацијата на член 21 од Уставот треба да се потпира на тие општи правни принципи.“

На овој начин, преку својата пракса, Судот зазел став дека во рамките на оценувањето на уставноста и законитоста, ја зема предвид Конвенцијата во толкувањето на уставните норми со што индиректно таа се применува во уставно-судската заштита. Во овој дел, може да се спомене и правното стојалиште, дека Уставот содржи правен основ за применување на Конвенцијата од страна на Уставниот суд, кое произлегува од темелната вредност на уставниот поредок – почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, каде може да се смета дека ваков статус има Конвенцијата.

Не само што ги применува општите принципи на Конвенцијата, Судот при оцената на уставноста и законитоста го применува и тестот на пропорционалност како алатка на Европскиот суд за оцена на основаноста на ограничување на слободите и правата. 

Па така, во истата одлука се наведува: „Според мислењето на Судот, секое ограничување на остварувањето на слободата на јавно собирање мора да го помине тестот на пропорционалност, да биде постигнат фер баланс помеѓу правото на граѓаните што ја остваруваат слободата на мирно собирање и правата и интересите на останатите граѓани, односно другите вредности и заштитениот јавен интерес како легитимна цел на ограничувањето.“

Претходно наведените примери се во рамките на тнр. апстрактна контрола на уставноста и законитоста. Но, Судот ги применува општите принципи на Конвенцијата и при поединечната заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, потоа ги зема предвид ставовите на Европскиот суд и истите се дел од образложенијата на одлуките во кои исто го применува трипартитниот тест.

Како пример може да се наведе Одлуката У.бр.116/2017 од 27.06.2018 година, со која се утврди повреда на слободата на мислата и јавното изразување на мислата и на забраната на дискриминација по основ на политичка припадност на две лица од Скопје припадници на една политичка партија кои за време на мирен протест биле приведени и лишени од слобода од полицијата околу 15 минути откако биле опоменати да заминат со истакнатиот транспарент, со што биле спречени да ја истакнат својата политичка порака.

Во оваа одлука, Судот, при определувањето на суштината на слободата на изразување на мислата како уставна категорија ги зема предвид повторно принципите на Конвенцијата, но и ставовите на Европскиот суд. Меѓу другото, се наведува: „Толеранцијата на искажаноста и на индивидуалните мислења е важен елемент за прогресот на демократијата“.

Покрај ова, во истиот предмет, Судот оценувал дали има пропорционалност во преземените мерки од страна на полицијата, па првин наведува: „Мирниот протест не треба во принцип да биде предмет на закана од кривична санкција, а уште помалку лишување од слобода, како што е во конкретниов случај.“, па продолжува со заклучок: „Ограничувањето на слободата на изразување може да се оправда само со императивна неопходност и тоа наметнува постоење на итна општествена потреба, односно легитимна цел и неопходност во демократското општество.“

На крајот, утврдена е и повреда на забраната за дискриминација на граѓаните под основ на политичка припадност на двете лица. Во овој дел, покрај што е цитиран член 1 од Протоколот бр.12 на Конвенцијата, се укажува на неговата суштина дека „е донесен со цел да се зацврсти еднаквоста и да се обезбеди забрана против акти на нетолеранција и дискриминација по сите основи, како и за ситуации кога се работи за исполнување на дискрециони овластувања од страна на државните органи или при кој било акт или пропуст на службено лице, токму како што е случај во конкретнава ситуација“.

Судот, во рамките на својата аргументација за постоење дискриминација по наведениот основ, меѓу другите ги цитира пресудите во предметот „Кастела против Шпанија“ кој е случај на јавно критикување на политиката на Владата во врска со Баскија и предметот „Фелдек против Словачка“ во кој била утврдена повреда на членот 10 во случај на клевета за изразено политичко мислење во публикација.

Од друга страна, кога се зборува за индивидуалната заштита пред Уставниот суд и каква е неговата улога во примената на Конвенцијата, има друг аспект кој треба да се изнесе, а се однесува на темата. 

Имено, поднесувањето барање за ваква заштита пред Уставниот суд и одлучувањето по истото е исполнување на предусловот за исцрпување на сите домашни правни средства, пред граѓанинот да може да се обрати пред Европскиот суд. Од тие причини, Судот има обврска и да ја има предвид праксата на овој суд при одлучувањето и да ја примени во своите образложенија.

Ваквата обврска произлегува и од воведувањето на принципот на супсидијарност со Протоколот бр. 15 на Европската конвенција за заштита на човековите права, со кој државите-договорнички на Конвенцијата се обврзаа за применување на системот на ЕКЧП на национално ниво, а секако Уставниот суд е дел од системот на заштита на слободите и правата.

Во таа смисла, за мене претставува позитивен пример последната одлука на Судот У.бр.146/2021 од 12 јули 2023 година, кога се утврди повреда на правото на слобода на новинар од Скопје поради непреземање на дејствија од страна на државата за заштита на неговата слобода на изразување како новинар за време на немилите настани во Собранието на 27 април 2017 година.

Меѓутоа, треба да се наведат и негативните примери, а од кои исто така може да се научи, но и да се посочи на уште една улога на Уставниот суд на Република Северна Македонија во примената на Конвенцијата, во делот на извршувањето на пресудите на Европскиот суд. 

Имено, во пресудата на Европскиот суд во предметот Селмани и др. против Република Македонија од 9 февруари 2017 година (67259/14), овој суд меѓу, другото утврди повреда на правото на правично судење од член 6 од Конвенцијата и тоа токму од Уставниот суд, со оглед на тоа што постапувајќи како „суд од прва инстанца“ не им овозможил на подносителите на барањето за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 да има усна расправа пред Судот во предметот У.бр.27/2013.

Притоа, во рамките на механизмот на извршување на пресудите на Европскиот суд, Уставниот суд имаше обврска да преземе низа дејствија и мерки во правец на измена на својот дотогашен став и пракса за неодржување на јавна (усна) расправа пред Судот, во случаите кога постапува како „прва инстанца“.    

Ви благодарам за вниманието.