Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.17/2020 и У.бр.23/2020
Скопје,18.10.2023 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеи 1 и 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 18 октомври 2023 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување на:
– уставноста на Законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 848 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните („Службен весник на Република Македонија“ бр.7/2019) и
– уставноста и законитоста на Указот број 08-3866/1 од 05.07.2018 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 7/2019).
Образложение
I
Светскиот македонски конгрес од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе две одделни иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во алинејата 1 од диспозитивот на ова решение, како и за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во алинејата 2 од диспозитивот на ова решение.
До Уставниот суд Светскиот македонски конгрес, на различни датуми, поднесе две сосема идентични иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на наведениот закон и уставноста и законитоста на наведениот указ.
Наводите од иницијативите во голем дел се идентични со наводите од иницијативите на истиот подносител по повод кои беа формирани предметите У.бр.8/2019 и У.бр.26/2019. Од овие причини во оваа постапка пред Судот предмет на уставно-судска анализа се само оние наводи кои не биле предмет на досегашна анализа.
Подносителот на иницијативата, најнапред предлага донесување на решение за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени врз основа на оспорените акти поради ризик од штетни последици по „името на државата и нејзиниот државно-правен идентитет и субјективитет во меѓународната заедница и во меѓународните односи и по правата и слободите на македонските државјани во Република Македонија и во светот“.
Според подносителот на иницијативите, оспорените акти не биле во согласност со:
-Одлуката за распишување на референдум во Република Македонија, на 8 септември 1991 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/1991), донесена од Собранието на Република Македонија и Резултатот од референдумот во Република Македонија, одржан на 8 септември 1991 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/1991) објавен од Републичката комисија за спроведување на референдум;
-Одлуката за распишување на референдум, на 30 септември 2018 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.140/2018) донесена од Собранието на Република Македонија и Извештајот за конечните резултати од гласањето на референдумот на државно ниво, 30 септември 2018 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.186/2018) на Државната изборна комисија;
-Член 2 став 2, член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11, член 51, член 52 ставовите 2 и 3 и членовите: 73, 75, 118 и 119 од Уставот;
-Член 3 од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/1998) и
-Членовите 46 и 53 од Виенската конвенција за договорно право („Службен лист на СФРЈ“ бр.30/1972 – Меѓународни договори и други спогодби).
При анализата на наводите од иницијативите Судот утврди поголем број на неправилности во означувањето на вака означените акти што не беше пречка за идентификација на истите. Во постапката пред Судот актите се означени и идентификувани според нивниот точен назив и ознака на начин како што се објавени во соодветните службени гласила.
Во продолжение на иницијативите се посочува на одредбите од Уставот на Социјалистичка Република Македонија („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ бр.7/1974) и Законот за репуб-личкиот референдум („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ бр.29/1973 и „Службен весник на Република Македонија“ бр.40/1991) како основ за распишување на Референдум од 8 септември 1991 година, се прикажува референдумското прашање, резултатите од одржаниот референдум, па се наведува дека резултатот од одржаниот референдум е потврден од страна на Собранието на Република Македонија со Декларацијата донесена на 17 септември 1991 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.42/1991). Врз основа на цитираната регулатива и изнесеното подносителот на иницијативите наведува дека „одлука донесена на референдум се менува само со одлука донесена на референдум“, а како, меѓу другото, член 73 став 4 од Уставот предвидува дека одлуката донесена на референдум е задолжителна.
Во иницијативите се појаснува и тоа дека граѓаните во 2018 година не требало да се произнесат за поставеното референдумско прашање, туку за следното прашање: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“. Потоа се посочува дека Државната изборна комисија констатирала дека одлуката по референдумското прашање од 2018 година не била усвоена, бидејќи не гласале повеќе од половина од вкупниот број граѓани запишани во избирачкиот список.
Имајќи предвид дека согласно член 2 од Уставот, во Република Северна Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните, подносителот на иницијативата смета дека со оспорените акти се повредува оваа уставна одредба, затоа што граѓаните не донеле одлука за членство во ЕУ и НАТО, ниту пак прифа-тиле промена на името на државата и идентитетот на македонскиот народ.
Во натамошниот текст на иницијативите се цитираат уставните, законските и меѓународни одредби за кои се тврди дека се повредени, се цитираат оспорените акти, потоа се цитира обраќањето и ставот на тогашниот претседател на Републиката, проф. д-р Ѓорге Иванов по однос на оспорената Конечна спогодба и неговото одбивање да го потпише оспорениот указ, па се наведуваат истите причини за оспорување, како и по предметите У.бр.8/2019 и У.бр.26/2019.
По однос на можната повреда на членовите 46 и 53 од Виенската конвенција за договорно право се наведува дека со оспорената спогодба се суспендирало универзалното, неотуѓиво и „неотстапно“ право на самоопределување и самоидентификација на македонскиот народ, а како билатерален договор не можел да биде основа за суспензија на меѓународното право. Оттаму, според подносителот на иницијативите Спогодбата била ништовна.
II
На седницата Судот утврди дека со оспорениот указ бр.08-3866/1 од 5 јули 2018 година се прогласува Законот за Ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните. Указот е потпишан од тогашниот претседател на Собранието на Република Македонија м-р Талат Џафери, заверен со печат на Собранието, а на просторот предвиден за ставање на потпис и печат од тогашниот претседател на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов нема потпис и печат и е содржана фусноста, односно појаснување од кои причини Законот се прогласува без негов потпис.
Во продолжение на Указот следува текстот на оспорениот Закон за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните, кој Закон содржи четири одредби.
Во член 1 од Законот е определено дека се ратификува горе означената конечна спогодба меѓу страните потпишана на 17 јуни 2018 година во Преспа – Грција.
Во член 2 од Законот е даден текстот на Спогодбата во оригинал на англиски јазик и во превод на македонски јазик, која е сочинета од: Преамбула; дел 1-Решавање на разликата околу името, незаокружени прашања во врска со истото и зацврстување на добрососедските односи (членови 1 до 8); дел 2-Интензивирање и збогатување на соработката меѓу двете страни (член 9), Дипломатски односи (член 10), Соработка во контекст на меѓународни и регионални организации и форуми (член 11), Политичка и општествена соработка (член 12), Економска соработка (членови 13 и 14), Соработка во областите на образованието, науката, културата, истражувањето, технологијата, здравството и спортот (член 15), Полициска и соработка во областа на цивилната заштита (член 16), Одбранбена соработка (член 17), Договорни односи (член 18); дел 3-Решавање на спорови (член 19) и Завршни одредби (член 20).
Според член 3 од оспорениот закон, Владата на Република Македонија и сите други органи на државната управа во чиј делокруг спаѓаат прашањата опфатени со спогодбата се определуваат како надлежни органи што ќе се грижат за извршување на спогодбата од член 1 на овој закон.
Во член 4 е определено дека овој закон влегува во сила со денот на објавување во „Службен весник на Република Македонија“.
III
Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на колективните договори и другите прописи со Уставот и законите.
Според член 28 алинеи 1 и 2 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето, ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
По повод новоподнесените иницијативи заведени под У.бр.17/2020 и У.бр.23/2020 согласно член 21 од Деловникот, Судот одлучи да се спроведе единствена постапка и да се донесе една одлука.
Во конкретниот случај Судот со Решението У.бр.8/2019, У.бр.16/2019, У.бр.26/2019, У.бр.40/2019 и У.бр.47/2019 од 21.09.2023 година не поведе постапка за оценување на уставноста на означениот закон и ја отфрли иницијативата по однос на останатите наводи за кои нема надлежност да постапува. Во таа постапка Судот по однос на оспорениот закон не нашол повреда на член 1, член 2, член 3 ставови 1 и 2, Амандманот I на Уставот, член 4, член 8 став 1 алинеите 1, 3, 4 и 11, член 51, член 52, член 68 став 1 алинеите 2 и 6, член 75, член 79 став 3, член 82 став 1, член 87, член 118, член 119 и член 120 од Уставот на Република Северна Македонија. Меѓу другото, во таа постапка Судот направи оцена и на основаноста на наводите за повреда на уставноста по повод наводите од иницијативите на Светски македонски конгрес за што беа формирани предметите У.бр.9/2019 и У.бр.26/2019.
Во новоформираните предмети У.бр.17/2020 и У.бр.23/2020, меѓу другото, се бара оцена на уставноста на Законот и по однос на неговата согласност со член 73 од Уставот.
Според став 1 од наведената уставна одредба, Собранието одлучува за распишување на референдум за одделни прашања од својата надлежност со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Одлуката на референдумот е усвоена, ако за неа гласало мнозинството од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од половината од вкупниот број избирачи, според ставот 2. Собранието е должно да распише референдум кога предлог ќе поднесат најмалку 150.000 избирачи, како што е предвидено во ставот 4. Одлуката донесена на референдумот е задолжителна, согласно ставот 5 од истата одредба.
Судот, имајќи ја предвид содржината на уставната одредба, наспрема содржината на оспорените акти оцени дека наводите во иницијативите за можна повреда на член 73 од Уставот не можат да се поврзат со оспорениот указ и оспорениот закон. Ова од причина што во оспорените акти не станува збор за распишување на нов референдум или пак, донесување на одлука по повод спроведен референдум, туку за донесен конкретен Закон и Указ за негово прогласување. Инаку, по однос на Одлуката за распишување на референдум бр.08-4666/1, донесена од Собранието на Република Македонија на 30 јули 2018 година, овој суд со решение од 19 септември 2018 година, по повод иницијатива на Светскиот македонски конгрес и други, во постапката во предметот У.бр.88/2018, У.бр.90/2018 и У.бр.91/2018 одлучи да не поведе постапка за оцена на уставноста и законитоста за исти и слични прашања кои се покренуваат и со предметните иницијативи.
Оттаму, според Судот, наводите за можна повреда на член 73 од Уставот не се основа за поинакво одлучување во овој случај од каде за оспорениот закон се исполнети условите за отфлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот.
По однос на оспорениот указ Судот во постапката по предметот У.бр.8/2019, У.бр.16/2019, У.бр.26/2019, У.бр.40/2019 и У.бр.47/2019 со Решението донесено на 21.09.2023 година одлучи да ја отфрли иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста, согласно член 28 алинеја 1 од Уставот. Ова од причина што Указот, како акт во себе не содржи уредувања на права и обврски за граѓаните, туку само е придружен акт со кој се потврдува, декларира преку потписите на претседателот на Републиката и претседателот на Собранието дека еден закон е донесен по спроведена собраниска процедура и истиот може да се објави. Според тоа Указот нема карактер на пропис и не е подобен за оцена во уставно-судска смисла.
Врз основа на наведеното произлегува дека по однос на оспорениот указ се исполнети условите за отфрлање на иницијативите согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот бидејќи новоподнесените иницијативи не содржат основи кои би довеле до поинакво одлучување.
Тргнувајќи од надлежноста на Судот определена во член 110 од Уставот произлегува дека Судот нема надлежност да ја оценува меѓусебната согласност на оспорениот закон со член 3 од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори и со членовите 46 и 53 од Виенската конвенција за договорно право. („Службен лист на СФРЈ“ бр.30/1972 – Меѓународни договори и други спогодби). Според тоа, по однос на овој дел од наводите од иницијативата исполнети се условите за отфрлање на иницијативите согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот.
По однос на наводот дека со оспорениот указ се повредувале: Одлуката за распишување на референдум во Република Македонија на 8 септември 1991 година и Одлуката за распишување на референдум на 30 септември 2018 година, Судот оцени дека овие акти според содржината и правниот карактер којшто го имаат не можат да се доведат во меѓусебна корелација. Имено, резултатот од првиот референдум и Извештајот за конечните резултати од гласањето на вториот референдум на државно ниво не се подзаконски акти кои доуредуваат конкретна регулатива, туку акти донесени во функција на спроведените референдуми, а со оспорениот указ се прогласува донесување на конкретен закон. Оттаму, оценката на ваквите наводи не спаѓа во надлежност на Уставниот суд, согласно член 110 алинеја 2 од Уставот од каде и за овој дел од иницијативите исполнети се деловничките услови за отфрлање, согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот.
Имајќи го предвид сето наведено, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорените акти.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение. Решението по однос на алинејата 1 од диспозитивот е донесено едногласно, а решението по однос на алинејата 2 со мнозинство гласови.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска