Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.84/2023
Скопје,12.10.2023
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 12 октомври 2023 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 48 став 1 точка в) во делот „членот 14 од“ од Законот за градежните производи („Службен весник на Република Македонија” бр.104/2015, 192/2015, 53/2016 и 120/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 150/2021).
Образложение
I
Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на дел од одредбата од Законот означен во диспозитивот на ова решение.
Подносителот на иницијативата наведува дека оспорениот дел од член 48 став 1 точка в) од Законот за градежните производи („Службен весник на Република Македонија“ бр.104/2015, 192/2015, 53/2016, и 120/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 150/2021), упатува на примена на член 14 од истиот закон, кој е избришан со член 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градежните производи („Службен весник на Република Македонија” бр. 120/2018).
Во иницијативата се наведува дека согласно член 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градежните производи („Службен весник на Република Македонија” бр. 120/2018) кој влегол во сила на 06.07.2018 година, член 14 се брише. Тоа значи дека во правниот промет не постои член 14 од Законот за градежните производи на кој упатува оспорената одредба, односно оспорениот дел од член 48 став 1 точка в) упатува на примена на таа одредба, односно на член 14 од Законот кој веќе не е дел на правниот промет.
Според подносителот, повикувањето на примена на одредби или закон кој не бил повеќе во правниот поредок доведува до заблуда при операционализација на одредбата или законот кој упатувал на примена на одредбата односно одредбите од законот кои повеќе не се дел во правниот промет, не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.
Поради наведеното подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел од член 48 став 1 точка в) од Законот за градежните производи и истиот да го укине како спротивен на Уставот.
II
На седницата Судот утврди дека во член 48 став 1 точка в) од Законот за градежните производи („Службен весник на Република Македонија“ бр.104/2015, 192/2015, 53/2016, и 120/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 150/2021) се предвидува дека без да е во спротивност со членот 8 од овој закон изјавата за својствата не е изготвена во согласност со барањата од членот 14 од овој закон.
III
Во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е определено како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Уставниот суд на Република Северна Македонија, согласно член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Од наводите во иницијативата произлегува дека подносителот на иницијативата ја оспорува уставноста на член 48 став 1 точка в во делот „член 14“ од Законот за градежните производи со образложение дека истиот упатува на примена на член 14 од истиот закон, којшто со член 10 од Законот за именување и дополнување на Законот за градежните производи („Службен весник на Република Македоника“ бр.120/2018), е избришан и не е веќе дел од правниот поредок.
Од анализата на горенаведените одредби од Законот произлегува дека станува збор за технички пропуст и истиот е сторен во моментот кога со член 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градежните производи, член 14 од Законот за градежните производи е избришан, и при ваква ситуација врз основа на уставно утврдените надлежности законодавецот бил должен да интервенира и во член 48 став 1 точка в) во делот „членот 14 од“ од Законот за градежните производи, со цел меѓусебно усогласување на одредбите на Законот.
Oд увидот на содржината на оспорената одредба јасно произлегува дека во конкретниот случај станува збор за технички пропуст од номотехничка природа, кој со системско толкување на целините на законските одредби е лесно воочлив, поради што не може да се доведе во прашање уставноста на оспорената одредба со принципот на владеењето на правото.
При ваква состојба кога не постојат доволно оправдани и квалитетни аргументи за покренување на механизмот за уставно-судска оцена, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата бидејќи наводите на подносителот на иницијативата се сведуваат на барање за постапување на Уставниот суд, за прашање за кое надлежен е законодавниот орган кој ги креира, изменува и дополнува законите кои ги донесува.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска