Претседателката на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Добрила Кацарска во име на Судот потпиша Меморандум за разбирање и основање на Балкански форум на уставни судови заедно со претседателите на уставните судови на Бугарија, Албанија, Црна Гора, Косово и Турција.
Балканскиот форум на уставни судови е основан за да помогне во развивање на меѓусебен дијалог, спроделување на уставната пракса, градење на капацитети и професионален развој на судиите и стручните служби во областа на уставно право, подигнување на нивото на комуникација на уставните судови со јавноста.
Согласно Меморандумот овие цели ќе се реализираат преку одржување на годишни средби и состаноци, обуки и работилници на кои ќе бидат изложени дискусиите за уставното право и предизвиците со кои се соочуваат уставните судови во современите околности на примена при одлучување за правата и слободите на граѓаните. Преку овој форум предвидено е да се основаат работни групи и комитети на експерти со фокус на специфични области од уставното право, кои ќе изработат истражувања, анализи и мислења кои ќе бидат значајна помош при практицирањето на уставната материја.
По потпишувањето на Меморандумот беше отворен првиот годишен состанок на Балканскиот уставен форум и покрај судовите-потписници, присуствуваа претставници од уставните судови на Босна и Херцеговина, Грција, Романија и Хрватска. Се одржа и првата заедничка конференција на која учесниците ги споделија искуствата од своите држави и устави за пристапот на граѓаните до уставната правда.
Основачкиот состанок на Балкански форум на уставни судови се одржа во Софија, Бугарија на 27 октомври 2023 година, со подршка и присуство на претседателот на Судот на правдата на Европската унија Коен Ленартс, потпретседателот на Европскиот суд за човекови права,Марко Бошњак и потпретседателот на Европската Комисијата Вера Јурова.
Македонската делегација ја претставија претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, судијата Елизабета Дуковска, секретарот на Судот, Александар Лазов и портпаролката Христина Беловска.