(ВИДЕО) Говор на претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска на основаањето на Балканскиот форум на уставни судови

Почитувани присутни,

Голема чест е да се биде овде на основањето на Балканскиот форум на уставни судови. Пред околу година и половина ова беше само идеја, кога на една средба со мојата драга Павлина разговаравме и дискутиравме за неговата улога и значењето koe ќе го има на Балканот, во дадениот моментум. Затоа е уште поголемо е задоволството што Форумот се реализира денеска, со поддршка од сите вас, бидејќи верувам дека на крајот најголема придобивка ќе имаат сите наши граѓани.

Почитувани,

Можноста граѓанинот да се обрати до Уставниот суд и иницира постапка во која ќе се одлучува за прашање од значење за уставноста и законитоста или за негово поединечно право, значи признавање на неговиот статус на член на општеството кој има сопствен поглед и став кон прашања од општествено значење, но и овозможување да се укаже на погрешно постапување и да се повика на одговорност кога во поединечни случаи му се повредени правата.

Тоа е впрочем, еден од начините на кои се остваруваат владеењето на правото, заштитата на слободите и правата, но е и патот кон постоење на отчетни, одговорни и транспарентни институции кои се воспоставени токму за благосостојбата и просперитет на поединецот и општеството.

Од тие причини, правната рамка која треба да го уреди пристапот до уставната правда треба да биде јасна и прецизна со овозможен најширок можен пристап без непотребни ограничувања и формализам, со кратки и прецизни рокови на постапување и можност за непосредно учество на граѓанинот во постапката, но и со постоење на ефикасни средства за спроведување на одлуките на уставните судови. 

За жал, нашиот Устав од 1991 година содржи само една одредба која се однесува на пристапот до уставната правда, која не ги регулира сите прашања поврзани со обраќањето на граѓаните до Судот и по однос на својата содржина, може да се толкува дека се однесува само на поединечната уставно-судска заштита. 

Според оваа уставна норма, секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Северна Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност. 

Нејзиното систематизирање во делот за гаранции на основните слободи и права, укажува на идејата на уставотворецот, дека покрај нивното прокламирање во уставниот текст, нужно е постоење и на правни механизми за нивна заштита во постапки во кои на ниво на уставен принцип се воспоставени приоритетот и итноста.

Меѓутоа, истата не ја предвидува формата во која може да се бара заштита од Уставниот суд. Потоа, не уредува по однос на кои и од какви акти може да се бара заштитата, кој е рокот во кој може да се бара истата и кои се процесните претпоставки кои треба да бидат исполнети за да може да се иницира таква постапка (на пример, исцрпеност на сите редовни правни средства). 

Ваквата уставна недореченост е надмината со Деловникот на Судот од 1992 година, донесен врз основа на уставното овластување содржано во член 113 од Уставот3, кој со одредени измени и дополнувања од помал обем, сè уште е во сила. 

Станува збор за уникатно уставно решение за саморегулација, каде на Уставниот суд му е дадена можност самиот да ги уреди прашањата кои се однесуваат на начинот на негова работа и постапката пред истиот. 

Иако ова решение многупати досега е критикувано, сепак сметам дека овие изминати 31 година на негова примена, покажаа дека решенијата во истиот се добри, бидејќи Уставниот суд најдобро ја познава постапката и треба самиот да ја уреди. Воедно, на овој начин се штити неговата самостојност и независност со оневозможување на другите органи на државната власт да ја наметнат својата волја. 

Споменатиот Деловник, уредува многу прашања кои се однесуваат на можноста и начинот на обраќање до Судот со цел иницирање постапка.  Тука, веднаш треба да се спомене, дека поради својата природа и предвидена уставна процедура, граѓаните не можат да учествуваат во одредени постапки кои нема да бидат дел од ова излагање.

Имено, станува збор за постапките за одлучување за одговорноста на претседателот на Републиката, одземањето на неговиот имунитет, утврдувањето на настапувањето на условите за престанок на неговата функција, како и во постапката за одземање на имунитетот и за утврдување на трајно губење на способноста за вршење на функцијата на судија на Уставниот суд.

Од друга страна, предмет на понатамошно излагање ќе бидат постапките за оценување уставност и законитост, решавањето на судир на надлежност и постапката за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот.  

Во делот на постапката за оценување на уставност и законитост, еден од начините на кој се иницира е преку поднесување иницијатива до Судот.

При определувањето на кругот на овластени подносители на овој поднесок е употребена најшироката можна формулација. Имено, според член 12 од Деловникот, секој може да поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставност на закон и уставност и законитост на пропис или друг општ акт. 

Употребениот термин „секој“ значи поширок опфат од вообичаениот номотехнички пристап кој се ограничува само на двата вида правни субјекти: физичките и правните лица, така што на овој начин е дадена можност за обраќање и од страна на ентитети кои немаат правен субјективитет (на пример, штрајкувачки одбор).

Искуствата низ изминатите години, укажуваат на тоа дека најголемиот број на иницијативи, се поднесуваат од граѓани. По години, процентите на поднесени иницијативи од нивна страна од вкупниот број на предмети по години се следни: 2023 (60%); 2022 (78%); 2021 (71%); 2020 (48%); 2019 (80,93%); 2018 (81%); 2017 (67,26%); 2016 (82,32%) итн. 

Што се однесува до иницијативата како вид на поднесок, Деловникот не предвидува задолжителна форма во смисла на посебен образец, туку определува дека се поднесува во писмена форма во два примерока и дека треба да ги содржи задолжителните елементи. Од друга страна, мора да се нагласи дека Судот на својата веб-страница има објавено пример на иницијатива за оценување уставност и законитост, која има исклучива намена да им помогне на граѓаните при обраќањето и иако не е задолжителна, се користи многу често.  

Доколку иницијативата не ги содржи задолжителните елементи, не значи дека по истата нема да се постапува, туку од страна на секретарот на Судот се определува дополнителен рок за исправање на недостатоците кои доколку не бидат отстранети, за истата ќе се смета дека не била поднесена.

Инаку, самата иницијатива за оценување уставност и законитост е поводот по кој Судот постапува, што значи дека не е обврзан само со наводите во неа и одредбите на кои се посочува дека ги повредуваат уставноста и законитоста, туку доколку оцени, може да ги оценува и другите одредби или актот во целина.

На крајот, подносителот на иницијативата има статус на учесник во постапката, што значи дека има и одредени процесни права како што е правото на увид во списите на предметот, право на учество во подготвителните седници и јавните расправи, право да му биде доставена одлуката на Судот итн.     

Во делот на решавањето на судир на надлежности, граѓаните исто така, имаат можност да побараат од Уставниот суд да го реши судирот на надлежност, ако поради прифаќањето или одбивањето на надлежноста на одделни органи не можат да остварат свое право.  

Формата во која се иницира оваа постапка е предлогот за решавање судир на надлежности, чии елементи, исто така се утврдени со Деловникот. Така, предлогот содржи: предметот на спорот поради кој настанал судирот, органите меѓу кои настанал судирот и означување на конечните, односно правосилните акти со кои органите ја прифатиле или одбиле надлежноста да одлучуваат по ист предмет. Со одлуката со која решава за судирот на надлежноста Уставниот суд го определува надлежниот орган за одлучување по предметот.

Кај третата постапка предмет на ова излагање, граѓанинот е единствен овластен субјект кој може да ја иницира. Се работи за постапката за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот во која се штитат одредени, а не сите уставни слободи и права како класичната уставна тужба, односно жалба.

За разлика од иницијативите, бројот на поднесени вакви барања е значително помал, како и нивниот удел во вкупниот број на предмети пред Судот и како илустрација, состојбата по години е следна: 2023 година (4%), 2022 година (5,1%), 2021 година (8,1%), 2020 година (5,5%), 2019 година (11,37%), 2018 година (8%), 2017 година (3%) и 2016 година (4,42%).

Ако се направи споредба во однос на бројот на поднесени иницијативи, лесно може да се извлече заклучок дека истите се во поголем број во однос на барањата за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот.

Ова мора да биде предмет на реформа преку воведување на уставна тужба со која би се штителе сите уставни слободи и права, за чија потреба од донесување постојано укажувам и се залагам, иако од аспект на потребното мнозинство од 2/3 пратеници за измена на Уставот, тешко дека во догледно време би се случило такво нешто.

Од друга страна, доколку состојбата остане непроменета, сепак би требало да се интервенира во постојната деловничка регулатива во делот кој се однесува на постапката по барање за заштита на слободите и правата. 

Најпрво, потребно е да се прошири кругот на овластени подносители на барањето за заштита на правните лица, во кои се вклучени и здруженијата на граѓани како еден од облиците на организирање преку кои ги остваруваат своите права.

Потоа, потребно е да се дефинира единствен услов како процесна претпоставка за поднесување барање, а тоа е исцрпувањето на сите редовни правни средства, по што ќе може да се бара уставно-судска заштита во точно дефиниран рок. Постојната состојба е таква што сега може да се бара заштита по два основи: повреда со конечен или правосилен акт и вториот е врз основа на повреда со дејствие (на носител на јавно овластување). 

Ова уредување има за последица постоење на различен третман. Кај првиот, граѓаните мора да ги исцрпат сите редовни правни средства, додека кај вториот тоа не е потребно, па Уставниот суд се става во улога на првостепен орган кој треба да утврдува фактичка состојба. Дополнително, со постоењето на вториот основ, сега е можно паралелно да се водат постапки пред Уставниот суд и редовните судови. 

И секако, едно од клучните прашања според мене е правното уредување на односот на одлуката на Судот со која се утврдува повреда и актот со кој е сторена повредата на уставното право или слобода. Посебно во делот на правосилните судски одлуки, кои не треба и не може да бидат укинувани или поништени, туку единствено треба да се констатира повреда.

Ви благодарам на вниманието!