У.бр.128/2022


Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.128/2022
Скопје, 27.09.2023 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 27 септември 2023 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 2 став 3 во делот „Советот на“ од Законот за дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.215/2021).

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на дел од одредбата од Законот означен во диспозитивот на ова решение.

Подносителот на иницијативата наведува дека член 2 став 3 во делот „Советот на“ од Законот за дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 215/2021) е спротивен на член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 60 од Уставот на Република Северна Македонија.

Согласно член 2 став 2 од Законот за дополнување на Законот за облигационите односи, одлука за прогласување на година на ниска, умерена или висока инфлација донесува Советот на НБРСМ, од причина што согласно член 2 став 1 од Законот за Народната банка на Република Северна Македонија, овој закон имал предимство пред другите закони и во член 47 став 1 точки 1-24 од истиот закон биле утврдени овластувањата и задачите на Советот на Народната банка.

Меѓутоа, со оспорениот дел без да се има упатување од овој закон, се утврдувало вршење и на други работи од страна на Советот кои можеле да бидат единствено предвидени со Законот за Народната банка на Република Северна Македонија.

Поради сето горенаведено, подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на член 2 став 3 во делот „Советот на“ од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 215/2021), по што истиот да се укине како спротивен на Уставот.

II

На седницата Судот утврди дека член 2 став 3 од Законот за дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.215/2021) гласел „(3) Одлука за прогласување на година на ниска (до 3%), умерена (од над 3% до 50%) или висока инфлација (над 50%) донесува Советот на Народната банка на Република Северна Македонија.“

Исто така, Судот утврди дека по поднесувањето на иницијативата, на 20 јули 2023 година е донесен Закон за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија” број 154/2023).

Со член 3 од овој закон е изменет член 2 став 3 од Законот за дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.215/2021) и истиот сега гласи „(3) Стапката на инфлација од ставовите (1) и (2) на овој член претставува просечната годишна стапка на промена на индексот на трошоци на живот за соодветната календарска година, пресметана од страна на Државниот завод за статистика на Република Северна Македонија и објавeна на нивната веб-страница.“

III

Уставниот суд на Република Северна Македонија, согласно член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Имајќи предвид дека содржината на член 2 став 3 од Законот за дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.215/2021) е изменета по поднесување на иницијативата, постојат процесни пречки за постапување по истата, со што се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот за нејзино отфрлање.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска