Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.103/2023
Скопје,21.09.2023 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 21 септември 2023 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Решението бр.13.1.1-38779/1 од 7 април 2023 година за изменување и дополнување на Решението за цените на обрасците што ги издава Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.82/2023 од 18 април 2023 година), донесено од министерот на внатрешни работи.
Образложение
I
Министерот за правда, Кренар Лога, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на прописот означен во диспозитивот на ова решение.
Во иницијативата се наведува дека наведениот пропис е спротивен на член 52 од Уставот, бидејќи истиот е објавен во спротивност на наведената уставна одредба. Ова од причина што од денот на донесување на прописот, односно од 7 април 2023 година до денот на објава во „Службен весник на Република Северна Македонија“ или 18 април 2023 година изминале повеќе од седум дена со што не бил испочитуван уставниот рок за објавување на прописите.
Врз основа на наведеното подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот пропис.
II
На седница Судот утврди дека врз основа на член 206 став 1 алинеја 12 од Законот за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.42/14, 116/14, 33/15, 5/16, 127/16, 142/16, 190/16 и 21/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 108/19, 275/19, 110/21 и 89/22), министерот за внатрешни работи, го донел оспорениот пропис за изменување и дополнување на Решението за цените на обрасците што ги издава Министерството за внатрешни работи.
Според делот I од Решението, во дел I став 1 во точката 1 од Решението за цените на обрасците што ги издава Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 48/15, 190/17 и 26/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 187/21 и 204/22), износот „190,00 денари“ се заменува со износот „310,00 денари“.
Потоа направена е измена на точката 2 на начин што се определува износ од 1500,00 денари за издавање на пасош за лица до 27 години и износ од 2000,00 денари за издавање на пасош за лица над 27 години.
Во точката 6 износот „280,00 денари“ е заменет со износот „410,00 денари“.
Во ставот 2 зборовите „точка 2“ се заменуваат со зборовите „точките 2 и 2-а“, а зборовите „се зголемува три пати“ се заменуваат со зборовите „изнесува 6100,00 денари“.
Во ставот 3 зборовите „се зголемува три пати“ се заменуваат со зборовите „изнесува 1230,00 денари“.
Според делот II ова решение влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Решението е донесено од министерот за внатрешни работи под бр.13.1.1-38779/1 од 7 април 2023 година и е објавено во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.82/2023 од 18 април 2023 година.
III
Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно член 51 од Уставот.
Според член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, а според став 2 од истиот член, законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија” најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.
Поаѓајќи од наведените уставни одредби произлегува дека објавувањето на законите и другите прописи е во функција на обезбедување на владеење на правото и остварување на слободите и правата на човекот и граѓанинот, како претпоставка за правната сигурност на граѓаните и другите правни субјекти.
Самото објавување на законите и другите прописи претставува чин на обнародување на тие акти и нивно ставање на увид на јавноста. Имено законот, а во конкретниот случај прописот со негово донесување, промулгирање (потпишување) и објавување во службено гласило од јавен интерес, станува применлив акт.
Имајќи го предвид карактерот и значењето на објавувањето на законите и другите прописи, Уставот на Република Северна Македонија утврдил обврска, но и рок тие да се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија” како службено гласило на Републиката.
Одредбата за објавувањето на законите и другите прописи во Уставот е предвидена во главата за основните слободи и права на човекот и граѓанинот и тоа во делот за гаранциите на основните слободи и права. Овој факт укажува дека Уставот, на објавувањето на законите и другите прописи не приоѓа како на техничко прашање, туку на прашање кое длабоко навлегува во уставните гаранции на основните слободи и права на човекот и граѓанинот.
Уставната гаранција за објавувањето на законите и другите прописи се афирмира токму преку одредување на временска рамка заради интензивирање на самата постапка на објавувањето.
Во конкретниот случај неспорно е дека оспорениот акт е донесен на 7 април 2023 година, како и тоа дека актот е објавен на 18 април 2023 година. Уставно определениот рок од седум дена за објавување на актот истекол на 14 април 2023 година, на кој датум се прославуваше Велики петок. Овој датум, пак, е определен како неработен ден за верниците од православна веросиповед според Програмата на Министерството за труд и социјална политика за неработни денови за 2023 година, како и според член 4 алинеја 3 од Законот за празниците на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.21/1998 и 18/2007). Во оваа законска одредба Велики петок или петок пред Велигден е определен како неработен ден само за верниците од православна вероисповед.
Меѓутоа, според Судот овој факт не можел да предизвика поместување на рокот за засметување на обврската за објавување на актот од 14 април 2023 во првиот нареден работен ден или во овој случај 18 април 2023 година. (17 април 2023 година, или втор ден на Велигден исто така беше неработен ден, односно државен празник во кој сите граѓани празнуваа и не работеа). Ова од причина што 14 април 2023 година се прославуваше како верски празник во кој само дел од вработените и кај доносителот на актот и во „Службен весник на Република Северна Македонија“ празнувале и не биле на работа, што значи имало услови уставно определениот рок да се испочитува.
Имајќи предвид дека последниот ден од рокот паднал во неработен ден само за дел од вработените, во овој случај не дошло до поместување на рокот за првиот работен ден односно 18 април 2023 година кога и е објавен оспорениот пропис поради што во случајот, според оцена на Судот, постои сомнение за пробивање на рокот и непочитување на уставно определениот рок од седум дена за објавување на прописите. Оттаму, основано се поставува прашањето за согласност на оспореното решение со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 52 став 2 од Уставот.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска