У.бр.86/2021-1

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 13 септември 2023 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 6 став 3 во делот „донесено од стечајниот управник“ од Законот за судските такси („Службен весник на Република Македонија“ број 114/2009, 148/2011, 106/2013, 166/2014 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 257/2020).

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод поднесената иницијатива од Бобан Богдановски, адвокат од Скопје, со Решението У.бр.86/2021 од 20 април 2023 година, поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел означен во точката 1 од Одлуката, затоа што пред Судот со основ се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Северна Македонија.

4. На седницата Судот утврди дека според член 6 став 1 од Законот за судските такси, нецелосно платената или неплатената такса го задржува текот на судската постапка, ако со овој или друг закон поинаку не е определено.

Во став 2 од истиот член е предвидено, по исклучок од ставот 1 на овој член во парничната постапка поведена од стечајниот управник за оспорување на побарување на доверител, побивање на правно дејствие, како и водење на други парнични постапки поврзани со стечајната маса, неплатената такса не го задржува текот на судската постапка.

Согласно став 3 во кој е содржан оспорениот дел, во стечајната постапка странката која поднесува жалба против решение донесено од стечајниот управник е должна таксата да ја плати пред поднесување на жалбата и доказот за платената такса да го приложи со поднесување на жалбата.

Според став 4, по барање од странката судот е должен да ги прими непосредно од странката и поднесоците за кои не е платена такса или нецелосно е платена.
5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е определено како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, јасно е предвидено дека Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот од аспект на нивната содржина.

Во конкретниот случај, со иницијативата се оспорува член 6 став 3 од Законот за судските такси во целост, за што Судот утврди дека веќе има одлучувано во постапката по предметите У.бр.83/2014 и У.бр.21/2019, каде изразил став дека странката има должност да плати судска такса во постапката, што не е идентично со прашањето покренато со оваа иницијатива. Во тие предмети Судот заклучил „законодавецот ги имал предвид ваквите можни и слични ситуации во кои се наоѓаат или можат да се најдат граѓаните, така што со Законот за судските такси пропишувајќи обврска за наплата, истовремено предвидел и исклучоци од истата во зависност од имотната состојба на странката, за која уредил право да бара ослободување од наплата, одлагање на наплата или плаќање на судската такса на рати, со цел да се избегне можноста, фактичката економска состојба на граѓаните да доведе до неможност за остварување на уставно загарантираните права на граѓаните пред судовите“ и одлучил да не поведе постапка.

Во оваа иницијатива акцентот се става на прашањето кој го носи решението против кое се изјавува жалба во стечајната постапка, стечајниот управник или стечајниот судија, со што се покренува прашање кое досега не било предмет на уставно-судска анализа.

Имено, со оваа иницијатива главните наводи се дека „стечајниот управник не носи решенија во стечајната постапка”, „решенијата во судската постапка ги носи судот, односно стечајниот судија како орган на стечајната постапка“, поради што оспорената одредба е во колизија со одредбите од Законот за стечај со кој се регулирани овластувањата и должностите на стечајниот управник и со кој се регулирани доносителите на одлуките во стечајната постапка (заклучок и решение), на кој начин се врши повреда на уставниот принцип на владеење на правото. Имено, од главните наводи од иницијативата произлегува дека предмет на оспорување е одредбата од Законот според која странка во стечајната постапка поднесува жалба против решение донесено од стечаен управник, што е спротивно со овластувањата на стечајниот управник пропишани со Законот за стечај.

Поради тоа, иако во иницијативата како оспорена е наведена целата одредба од член 6 став 3 од Законот за судските такси, врз основа на анализата на наводите во иницијативата, Судот утврди дека според интенцијата на подносителот на иницијативата, предмет на уставно-судска оцена треба да биде член 6 став 3 од Законот за судските такси во делот „донесено од стечајниот управник“, а не и целата одредба којашто е означена со иницијативата.

При вршењето на уставно-судската оцена на член 6 став 3 од Законот за судските такси во делот „донесено од стечајниот управник“, Судот ги зеде предвид во овој контекст релевантните одредби од Законот за стечај и Законот за судските такси.

Имено, согласно член 11 од Законот за стечај, одлуките во стечајната постапка се донесуваат во форма на решение и заклучок. Со заклучокот се издава налог на службено лице или на орган на стечајната постапка за вршење одделни дејства, а за сите други случаи судот одлучува со решение, ако со овој закон поинаку не е определено.

Согласно член 12 став 1 од Законот за стечај „Против решение на стечајниот судија може да се изјави жалба до апелациониот суд, преку надлежниот основeн суд во рок од осум дена, кога тоа е определено со овој закон“, а со став 2 од истиот член е пропишано „По приемот на жалбата ненавремената, недозволената или нецелосната жалба, како и жалбата за која не е платена судска такса со решение, ќе се отфли. Стечајниот судија првиот работен ден по приемот на жалбата предметот, со сите списи, го доставува до апелациониот суд. Поднесената жалба не се доставува на одговор на спротивната страна“.

Согласно член 18 од Законот за стечај, органи на стечајната постапка се: стечаен судија, стечаен управник, одбор на доверители и собрание на доверители.

Со член 19 од Законот за стечај се уредени овластувањата на стечајниот судија, каде со став 1 од наведениот член е пропишано дека стечајниот судија:

– одлучува за поведување на претходна постапка заради утврдување на постоење услови за отворање на стечајна постапка и ја спроведува таа постапка;
– одлучува за отворање на стечајната постапка;
– го именува и разрешува привремениот стечаен управник и стечајниот управник;
– одлучува за приговорите на стечајниот управник против донесените заклучоци;
– одлучува за приговорите на доверителот, одборот на доверители и собранието на доверители;
– на предлог на одборот на доверители, а ако тој не е основан, на предлог на стечајниот управник, ги одобрува започнатите работи што треба да се завршат во текот на стечајната постапка;
– врши контрола над законитоста на работата на стечајниот управник;
– одобрува пресметка на трошоците на стечајната постапка пред нивната исплата;
– определува награда и надоместок на трошоци на стечајниот управник и на членовите на одборот на доверители;
– го определува износот на авансот за покривање на трошоците во претходна постапка;
– одобрува исплата на доверителите;
– донесува решение за заклучување на стечајната постапка и
– врши други работи определени со овој закон.

Со став 2 од истиот член е предвидено „Стечајниот судија може по службена должност, согласно со став 1 точка 7 од овој член по приговор или по предлог на другите органи на стечајната постапка, а по прибавено мислење на одборот на доверители, да ги менува одлуките на стечајниот управник, ако утврди дека се спротивни на закон“, додека со став 3 е пропишано „Стечајниот судија во рамките на овластувањата определени со овој закон на стечајниот управник му дава писмени упатства за извршување на неговите обврски определени со овој закон, кои се задолжителни за стечајниот управник“.

Со член 33 од Законот за стечај се уредени овластувањата на стечајниот управник. Во став 1 е пропишано „Стечајниот управник го застапува и претставува должникот само за оние работи кои се однесуваат на стечајната постапка и стечајната маса“. Во став 2 од истиот член е предвидено дека ако должникот – правно лице продолжува да работи во текот на стечајната постапка, работењето го води стечајниот управник. Со став 3 од цитираниот член е предвидено дека „Стечајниот управник ги води само оние работи на должникот – поединец што се однесуваат на стечајната маса и го застапува како стечаен должник со овластувања на законски застапник“.

Со член 34 став 1 од Законот за стечај се уредени должностите на стечајниот управник, каде е пропишано дека стечајниот управник е должен:
– да ја ажурира сметководствената евиденција на должникот до денот на отворањето на стечајната постапка;
– да состави предлог на пресметката на трошоците на стечајната постапка и да ја поднесе на одобрение кај стечајниот судија;
– да започне попис (инвентар) на имотот во рок од десет дена од денот на именувањето и да го заврши пописот во рок од 30 дена од денот на неговото именување;
– да го состави почетниот стечаен биланс, како и даночниот биланс со состојба на денот на отворањето и на денот на заклучувањето на стечајната постапка кој се однесува на стечајната маса и трошоците на стечајната постапка;
– да ја извести Клириншката куќа за интербанкарски работи и Берзата за хартии од вредност за отворањето на стечајната постапка;
– да се извести Централниот депозитар за хартии од вредност ако должникот е акционерско друштво, како и за акциите кои ги поседува должникот;
– како уреден и совесен трговец да се грижи за завршување на започнатите, незавршени работи на должникот и за работите што се потребни за зачувување и заштита на имотот на должникот за да се спречи настапување на штета над средствата на должникот;
– да преземе мерки за наплата на побарувањата на должникот и да ги впаричи со внимание на добар трговец предметите и правата што влегуваат во стечајната маса;
– совесно да го води натамошното работење на должникот доколку тоа продолжува;
– да ги користи ресурсите и своите овластувања со еднаква грижа за имотните интереси на сите доверители од стечајната маса;
– кон стечајната маса да изразува неподелена грижа, совесност и одговорност за интересите на доверителите во стечајната маса, како и кон сите други страни кои се заинтересирани за стечајната маса;
– својата позиција да ја користи единствено во полза на стечајната маса и да оневозможи остварување на каква било корист за себе или за друг;
– да предложи план за распределба на средствата од стечајната маса на доверителите и по одобрение на стечајниот судија да го изврши;
– да достави до одборот на доверителите завршна сметка и завршен извештај;
– да извршува натамошни исплати на доверителите;
– да го извести надлежниот регистар за отворената стечајна постапка во случаите предвидени со овој закон;
– да ја ажурира работата околу одбирањето и евидентирањето на архивската граѓа и нејзино предавање на надлежниот архив и да обезбеди средства во пресметката на трошоците на стечајната постапка заради средување на архивската граѓа, доколку не е средена во согласност со прописите за архивско работење за што да го известува и е должен да побара мислење од Државниот архив на Република Македонија во поглед на исполнување на должностите од оваа точка;
– да поднесе предлог до соодветните органи на државната управа или до правосудните органи во странство, како официјално овластен застапник на стечајната маса на стечајниот должник, со кој бара запленување, одземање, заштита или враќање на имотот на стечајниот должник кој се наоѓа во странство;
– да ја прибави документацијата потребна за да се изврши упис во јавните книги врз основа на што се стекнува право на недвижност;
– со одобрение на стечајниот судија, а на товар на стечајната маса, да го осигура имотот во целина или делумно, ако тоа е потребно заради заштита на имотот на стечајниот должник;
– да вработува лица со одобрение на стечајниот судија и да врши контрола на нивната работа и да врши и други работи согласно со овој закон.

Со Законот за судските такси се уредува плаќањето на судските такси, за дејствија пред судовите во Република Македонија и Таксената тарифа, која е составен дел на овој закон.

Согласно член 2 став 1 точка 7 од Законот за судските такси, такси се плаќаат во стечајната постапка и постапката за ликвидација.

Со член 6 став 1 од Законот за судските такси е пропишано правилото дека нецелосно платената или неплатената такса го задржува текот на судската постапка, освен ако со Законот за судските такси или друг закон поинаку не е определено.

Со одредбите од последователните ставови 2 и 3 на овој член се користи можноста дадена во првиот став и се пропишува исклучок од ова правило, како и спецификите за плаќањето на судската такса во стечајната постапка.

Имено, во член 6 став 2 од цитираниот закон е наведено „По исклучок од ставот 1 на овој член во парничната постапка поведена од стечајниот управник за оспорување на побарување на доверител, побивање на правно дејствие, како и водење на други парнични постапки поврзани со стечајната маса, неплатената такса не го задржува текот на судската постапка“.

Во оспорениот став 3 е предвидено „Во стечајната постапка странката која поднесува жалба против решение донесено од стечајниот управник е должна таксата да ја плати пред поднесување на жалбата и доказот за платената такса да го приложи со поднесување на жалбата.“
Од анализата на наведените одредби од Законот за стечај и Законот за судските такси, јасно може да се утврди дека решенијата кои се носат во стечајната постапка се носат исклучиво од страна на стечајниот судија, односно дека стечајниот управник нема законски овластувања да носи решенија во стечајната постапка.

Според Судот, оспорената одредба содржи овластувања на стечајниот управник кои не се предвидени со материјалниот закон кој ги уредува прашањата поврзани со органите на стечајната постапка, поради што, според наша оцена, во правниот поредок на Република Северна Македонија може да дојде до правна несигурност, нејаснотии и забуни во практикувањето на правото за граѓаните и правните субјекти кои се засегнати со конкретната правна проблематика, како и за органите кои го применуваат овој пропис.

Анализата на претходно наведените одредби од Законот за стечај и Законот за судските такси покажува дека со ваквото уредување законодавецот, наместо да предвиди надлежности за стечајниот судија, предвидел надлежности за стечајниот управник, иако истиот не носи одлуки во форма на решение.

6. Имајќи предвид дека владеењето на правото како темелна вредност од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија бара во правниот поредок да функционираат јасни, недвосмислени норми, а секој учесник во правниот поредок да има јасно утврдени норми на однесување по однос на правата, обврските, надлежностите и слично, што не е случај со оспорениот дел од член 6 став 3 од Законот за судските такси, Судот утврди дека основано може да се постави прашањето за неговата согласност со наведената уставна одредба.

7. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од Одлуката.

8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.86/2021
13 септември 2023 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска