Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.64/2023
Скопје, 13.09.2023
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 13 септември 2023 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката на Советот на Општина Македонска Каменица бр.08-549/1 од 15.03.2023 година („Службен гласник на Општина Македонска Каменица“ бр.19/2023).
Образложение
I
Димчо Атанасовски, градоначалник на Општина Македонска Каменица, до Уставниот суд на Република Северна Македонија достави иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот наведен во диспозитивот на ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијативата, со оспорената одлука се повредени член 8 став 1 алинеите 3 и 9 од Уставот на Република Северна Македонија, со кои се утврдени темелните вредности на уставниот поредок, меѓу кои, владеењето на правото и локалната самоуправа, како и член 62 ставови 1 и 3 од Законот за локална самоуправа.
Подносителот наведува дека со донесувањето на оспорената одлука Советот постапил спротивно на неговите надлежности, поради што тој како градоначалник го запрел нејзиното објавување во службеното гласило на општината. Градоначалникот на Општината наведува дека во Буџетот на Општина Македонска Каменица за 2023 година не биле предвидени финансиски средства за таа намена и дека не постои соодветна ставка за исплата на овие средства. Во предлогот за донесување на одлуката од страна на предлагачот не било наведено кои се изворите на финансиски средства како што било предвидено во член 62 ставови 1 и 3 од Законот за локалната самоуправа. Подносителот наведува дека доделувањето на финансиски средства се врши по претходно распишан јавен повик кој не бил распишан, а средствата биле одобрени и исплатени врз основа на јавен повик од 2022 година. Со оспорената одлука незаконски се одлеваат средства од Буџетот на Општина Македонска Каменица и се прави ненадоместлива штета на истиот.
Поради наведеното, подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста и да ја поништи оспорената одлука.
II
На седницата Судот утврди дека врз основа на член 36 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) и член 20 од Статутот на Општина Македонска Каменица („Службен гласник на Општина Македонска Каменица“ бр.20/19 и 38/20), Советот на Општина Македонска Каменица на ден 27.02.2023 година донел одлука за усвојување на барање за одобрување на парични средства. Со Одлуката на Пчеларското здружение „Еко Кам Мед“ од Македонска Каменица му биле одобрени финансиски средства во износ од 15.000 денари од Буџетот на Општина Македонска Каменица. Во Одлуката е предвидено дека таа влегува во сила со денот на донесувањето и дека ќе се објави во „Службен гласник на Општина Македонска Каменица“.
III
Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Поаѓајќи од правните елементи кои го определуваат прописот подобен за уставно-судска анализа, произлегува дека тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото.
Oд називот и содржината на оспорената одлука неспорно произлегува дека таа е поединечен акт со кој се усвојува барање за одобрување на парични средства на правно лице – пчеларско здружение, при што не е наведено за која намена се одобрените парични средства. Одлуката се однесува на точно определен субјект, што значи дека истата регулира односи inter partes, така што таа не е пропис кој на општ начин уредува определени односи и прашања за неопредлен круг на субјекти во правото, ниту пак има дејство erga omnes.
Со оглед на тоа што оспорената одлука нема карактер на пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија и истата претставува конкретен, поединечен акт, барањето за оцена на нејзината уставност и законитост излегува надвор од утврдените надлежности на Уставниот суд од член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, поради што Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска