У.бр.52/2023


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.52/2023
Скопје, 6 септември 2023 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 6 септември 2023 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 276 став 2 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 149/2021, 163/2021, 299/2021, 303/2021, 32/2022 и 54/2023).

Образложение

I

Подносителот „Синдикат на полицијата во Македонија“ од Велес, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 276 став 2 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи.

Според наводите од подносителот на иницијативата, оспорениот член 276 став 2 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи не е во согласност со член 9 и член 37 од Уставот на Република Северна Македонија, како и со член 6 став 1, член 184, член 185, член 186, член 198, член 199 и член 200 од Законот за работните односи.

Оспорената одредба е спротивна на Уставот на Република Северна Македонија, како и на Законот за работните односи, од каде се наведува дека Синдикатот на полицијата во Република Северна Македонија се доведува во нееднаква и дискриминирачка положба, од причини што не може подеднакво и рамноправно да ги застапува правата на неговите членови, за разлика од „Македонскиот полициски синдикат“, каде неговите членови може да се ослободуваат од работа до 40 часа годишно. Во конкретниот случај се врши дискриминација и нееднаквост, како на самиот Синдикат на полицијата во Република Северна Македонија, така и на нивните членови од аспект на заштита на нивните права, согласно Закон.

II

Судот на седницата утврди дека со оспорениот член 276 став 2 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи е предвидено „На членовите на МПС, Министерството им овозможува ослободување од работа заради учество на семинари, советувања, конференции и други видови на синдикални активности согласно Статутот на МПС и Програмата за работа на МПС и тоа најмногу до 40 работни часа годишно, по претходно известување од претседателот на МПС“.

III

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 32 од Уставот на Република Северна Македонија, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Со член 37 од Уставот на Република Северна Македонија е определено дека заради остварување на своите економски и социјални права, граѓаните имаат право да основаат синдикати. Синдикатите можат да основаат свои сојузи и да членуваат во меѓународни синдикални организации. Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на синдикално организирање во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Според член 51 од Уставот на Република Северна Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Со Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/2015, 27/2016, 120/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 110/2019, 267/2020, 151/2021, 288/2021 и 111/2023), на општ начин се уредуваат остварувањето на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавецот од работниот однос. Работниот однос може да се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување.

Согласно член 6 став 1 од Законот, работодавачот не смее барателот на вработување или работникот да го става во нееднаква положба заради расно или етничко потекло, бојата на кожата, полот, возраста, здравствената состојба, односно инвалидност, религиозното, политичко или друго убедување, членување во синдикатите, националното или социјалното потекло, статус на семејството, имотната состојба, половата насоченост или заради други лични околности.

Според член 184 став 1 од Законот, работниците имаат право, по свој слободен избор, да основаат синдикат и во него да се зачленуваат, под условите пропишани со статутот или правилата на тој синдикат. Во став 2 е предвидено дека синдикатот е самостојна, демократска и независна организација на работниците во која доброволно се здружуваат заради застапување, претставување, унапредување и заштита на своите економски, социјални и други поединечни и колективни интереси. Понатаму, во став 3 е наведено дека работодавачите имаат право, по свој слободен избор, да основаат здружение и во него да се зачленуваат, под условите пропишани со статутот или правилата на тоа здружение. Во став 4 е предвидено дека здружението на работодавачите е самостојна, демократска и независна организација во која работодавачите доброволно стапуваат заради претставување, унапредување и заштита на своите економски, социјални и други интереси. Додека со став 5 е пропишано дека синдикатите и здруженијата од ставовите 1 и 3 на овој член можат да се основаат без какво било претходно одобрување.

Во член 185 став 1 од Законот, работникот, односно работодавачот слободно одлучува за своето стапување и истапување од синдикатот, односно здружението на работодавачите, а според став 2 од истиот член, никој не смее да биде ставен во понеповолна положба поради членство или нечленство во синдикатот, односно здружението на работодавачите, односно учество или неучество во дејноста на синдикатот, односно здружението на работодавачите.

Според член 186 став 1 од Законот, синдикатот, односно здружението на работодавачите не можат да бидат распуштени, или нивната дејност запрена по административен пат, ако се основани и дејноста ја вршат во согласност со закон, додека во став 2 од истиот член е предвидено дека активноста на синдикатот и на нивниот претставник не може да се ограничува со акт на работодавачот, ако таа е во согласност со закон и колективен договор.

Согласно член 198 став 1 од истиот закон, работникот не смее да биде ставен во понеповолна положба од другите работници поради членство во синдикатот, а особено не е допуштено договор за вработување со определен работник да се склучи под услов тој да не стапи во синдикат, односно под услов да истапи од синдикатот и да му се раскине договорот за вработување или на друг начин да го стави работникот во понеповолна положба од другите работници поради негово членство во синдикатот или учество во синдикални активности надвор од работното време, а со согласност на работодавачот и за време на работното време. Во став 2 од истата одредба е предвидено дека членството во синдикатот и учество во активностите на синдикатот не смее да биде околност на која работодавачот ќе ја заснова одлуката за склучување на договор за вработување, за промена на работата која работникот ја работи, односно местото на работа, стручното образование, напредувањето, плаќањата, социјалните надоместоци и престанок на договор за вработување. Додека во став 3 е предвидено дека работодавачот, директорот или некој друг орган и застапникот на работодавачот, не смеат да користат присила против кој било синдикат.

Со член 199 став 1 од Законот, се предвидува дека синдикатите самостојно одлучуваат за начинот на нивното застапување кај работодавачот. Во став 2 е наведено дека синдикатите кои имаат членови вработени кај одреден работодавач можат да именуваат или изберат еден или повеќе синдикални претставници кои ќе ги застапуваат кај тој работодавач. Со став 3 е предвидено дека синдикалните претставници имаат право кај работодавачот да ги штитат и промовираат правата и интересите на членовите на синдикатот. Во став 4 се наведува дека работодавачот е должен на најбројниот репрезентативен синдикат да му обезбеди просторни услови за вршење на дејноста. Став 5 предвидува дека работодавачот е должен на синдикатите и нивните претставници да им овозможи навремено и успешно остварување на правата од став 3 на овој член и пристап до податоците важни за остварување на тоа право. Согласно став 6, синдикалниот претставник е должен правото од став 3 на овој член да го остварува во време и на начин согласно со колективен договор. Додека во став 7 е наведено дека Синдикатот е должен да го извести работодавачот за именувањето на синдикалниот претставник.

Во член 200 став 1 од истиот закон, синдикалниот претставник е заштитен од отказ согласно со овој закон. Според став 2 од истата одредба, на синдикалниот претставник заради синдикална активност не може да му се намали платата или да му се откаже договорот за вработување. Во став 3 е предвидено дека на синдикалниот претставник за времето на вршење на должноста, работодавачот може да му го откаже договорот за вработување само со претходна согласност на синдикатот. Во став 4 е предвидено, ако синдикатот во рок од осум дена не се изјасни за давање или ускратување на согласноста, се смета дека е согласен со одлуката на работодавачот. Согласно став 5 од одредбата, ако синдикатот не даде согласност, согласноста може да се надомести со судска одлука. Според став 6 од истата одредба, заштитата пред отказ за лицата од став 1 на овој член трае цело време за времето на траењето на мандатот и најмалку две години по престанување на мандатот. Додека во став 7 е предвидено дека на работник кој е избран или именуван на синдикална функција утврдена со статут, а чие вршење бара привремено да престане да работи кај работодавачот, му мирува работниот однос и има право во рок од пет дена по престанувањето на функцијата што ја вршел, да се врати на работа за вршење на работи кои одговараат на неговиот степен на стручна подготовка.

Согласно член 203 од Законот, колективен договор се склучува како општ на ниво на Република, посебен на ниво на гранка, односно оддел, согласно со Националната класификација на дејности и поединечен на ниво на работодавач.

Со член 210 став 1 од Законот, се определува дека колективен договор склучуваат работодавачот или репрезентативното здружение на работодавачите и репрезентативниот синдикат.

Репрезентативност на синдикат на ниво на работодавач се определува заради учество во колективно договарање на ниво на работодавач, согласно член 211 став 5 од Законот за работни односи.

Со член 212 од Законот, утврдени се условите за репрезентативност на синдикатите. Репрезентативен синдикат на ниво на јавен сектор е синдикатот кој е запишан во регистарот на синдикати кој го води министерството надлежно за работите од областа на трудот и во кој се зачленети најмалку 20% од бројот на вработените во јавниот сектор и кои плаќаат членарина според став 3 на член 212 од Законот. Репрезентативен синдикат на ниво на работодавач е синдикат во кој се зачленети најмалку 20% од бројот на вработени кај работодавачот и кои плаќаат членарина, како што прецизно наведува став 5 на член 212 од Законот.

Во член 217 од Законот за работните односи е дефинирано дека посебниот колективен договор за гранката, односно одделот го склучуваат репрезентативниот синдикат и репрезентативното здружение на работодавачите на ниво на гранка, односно оддел, согласно со Националната класификација на дејности.

Во Законот за работните односи, во глава XIX „Колективни договори“ уредени се видовите на колективни договори, примената и важноста на колективниот договор, предметот на колективното договарање, обврската за колективното договорање, лицата кои ги обврзува колективниот договор, обликот на колективниот договор, учесниците во склучувањето на колективниот договор, како и страните кои учествуваат во колективното договарање. Во овие рамки, со посебни одредби е уредено прашањето за репрезентативност на синдикатот и на здружението на работодавачи, како и условите за определување на репрезентативност на синдикатот и на здружението на работодавачи, односно постапката за утврдување на репрезентативност, судската заштита на членските права, судска заштита на правото на здружување и други прашања кои произлегуваат од колективното договарање.

Од анализата на Законот за работните односи, како Lex generalis, произлегува дека со него се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Работниот однос се уредува со овој закон кој ги пропишува основните, минимални права, односно со друг закон, колективен договор или договор за вработување, при што, со договорот за вработување, односно со колективниот договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржат такви одредби, истите ќе се сметаат за ништовни. Со договорот за вработување, односно со колективниот договор може да се одредат правата, кои за работниците се поповолни отколку што ги определува овој закон. Правата од работен однос утврдени со Уставот, закон и колективен договор не можат да се одземат или ограничат со акти или дејствија на работодавачот.

Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 149/2021) е склучен помеѓу Министерството за внатрешни работи и „Македонскиот полициски синдикат“ на ниво на работодавач, кој ги уредува правата и обврските на работниците во Министерството за внатрешни работи и работодавачот, како и условите и начинот на остварувањето на правата и обврските од работен однос и други прашања од работните односи или во врска со работните односи.

Колективниот договор влегол во сила со денот на склучувањето на 24 јуни 2021, а се применува од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 149 од 5 јули 2021 година, односно истиот е продолжен за две години, сметано од 25 јуни 2023 година, врз основа на Спогодбата за продолжување на важноста на колективниот договор на Министерството за внатрешни работи.

Со член 276 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи „На синдикалните претставници, Министерството им овозможува ослободување од работа заради нивно ефикасно вршење на функциите на МПС, поточно за учества на синдикални состаноци, семинари, советувања, конгреси и конференции и други видови на синдикални активности согласно Статутот на МПС и програмата за работа и тоа најмногу до: за синдикалниот претставник (синдикална подружница) 16 работни часа месечно; за претседател на основна организација на МПС 24 работни часа месечно; за синдикален претставник на ниво на совети на МПС 26 работни часа месечно; за членовите на синдикалните органи и тела 32 работни часа месечно“.

Во оспорената одредба е пропишано дека на членовите на Македонскиот полициски синдикат, Министерството им овозможува ослободување од работа заради учество на семинари, советувања, конференции и други видови на синдикални активности согласно Статутот на Македонскиот полициски синдикат и тоа најмногу до 40 работни часа годишно, по претходно известување од претседателот на Македонскиот полициски синдикат.

Врз основа на цитираните одредби, произглегува дека е исполнета законската обврска да се склучи Колективен договор со репрезентативен синдикат согласно одредбите од Законот за работните односи, без да се доведе во прашање, односно да се ограничи формирање и функционирање на синдикат паралелно со Македонскиот полициски синдикат, кој во моментов ги исполнува условите за репрезентативност согласно закон, со што во целост се исполнети одредбите од Законот за работните односи кои се однесуваат на учесниците во склучувањето на колективен договор, односно условите за определување на репрезентативност на Македонскиот полициски синдикат со кој е склучен Колективниот договор.

Судот утврди дека различноста меѓу репрезентативниот синдикат и другите синдикати кај истиот работодавач не може да се смета како привилегирање на еден синдикат, а дискриминирање на други синдикати, туку својството на репрезентативност се стекнува согласно со Законот за работни односи, преку исполнување на услови предвидени со закон кои во никој случај не значат забрана на делување на останати синдикати, доколку ги има, ниту пак може да имаат таква цел.

Согласно член 5 од Колективниот договор, синдикат во смисла на овој колективен договор е Македонскиот полициски синдикат, како репрезентативен синдикат претставуван од претседателот на Македонскиот полициски синдикат и неговите овластени претставници.

Врз основа на наведеното, Судот утврди дека одредбата од член 5 од Колективниот договор која упатува на репрезентативниот синдикат со кој е склучен Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи, ги уредува прашањата кои се однесуваат на заштита на правата на синдикалните претставници во нивниот работен однос. Во конкретниот случај, со оспорената одредба останатите регистрирани синдикати во Централниот регистар не се доведени во нееднаква и дискриминирачка положба, затоа што работниците имаат право по свој слободен избор да основаат синдикат и во него да се зачленуваат согласно Законот за работните односи, како и согласно условите пропишани со статутот или правилата на тој синдикат.

Оттука, оспорената одредба од Колективниот договор е во согласност со член 9 и член 37 од Уставот на Република Северна Македонија, од каде граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, со што граѓаните се еднакви пред Уставот и законите, односно заради остварување на своите економски и социјални права граѓаните имаат право да основаат синдикат, а синдикатите можат да основаат свои сојузи и да членуваат во меѓународни синдикални организации. Исто така, оспорената одредба од Колективниот договор е во согласност со членовите 184, 185, 186, 198, 199 и 200 од Законот за работните односи, каде работниците имаат право по свој слободен избор да основаат синдикат и во него да се зачленуваат под условите пропишани со статутот или правилата на тој синдикат, односно работникот не е ставен во понеповолна положба од другите работници поради членство во друг синдикат и истиот е заштитен од отказ согласно закон, односно му следуваат истите права и обврски кои го штитат без разлика на кој синдикат е претставник.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека оспорениот член 276 став 2 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи, не е во спротивност со одредбите од Уставот на Република Северна Македонија, односно Законот за работните односи на кои се повикува подносителот.

IV

Врз основа на наведеното, Судот едногласно одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд нa Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска