Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), а во врска со Решението на Уставниот суд У.бр.27/2023 од 20 јули 2023 година, со кое се отфрла иницијативата за оценување на уставноста на член 112 и член 113 став 1 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/2015, 192/2015, 231/2015 и 163/2018), гласајќи против, ние судиите на Уставниот суд, д-р Осман Кадриу и д-р Дарко Костадиновски, на ден 20.07.2023 година писмено го образложуваме следното издвоено мислење
ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
По повод иницијативата поднесена од адвокатот Мефаил Аслани од Скопје, за оценување на уставноста на член 112 и член 113 став 1 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/2015, 192/2015, 231/2015 и 163/2018), Уставниот суд, со мнозинство гласови, донесе Решение У.бр.27/2023 година, со кое се отфрла иницијативата за оценување на уставноста на наведените членови од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители.
Во Решението, покрај другото, се наведува дека според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Републиката. Понатаму, се наведува дека согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот. Она што е посебно решавачко за определбата на Уставниот суд е регулативата што е содржана во член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд. Според наведената одредба, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата. Во таа конотација, Уставниот суд се повикува на една околност, а имено, фактот што Собранието на Република Северна Македонија, на 14 јули 2023 година, донесе нов Закон за Академијата за судии и јавни обвинители, објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 129/2023 од 21.06.2023 година. Согласно одредбите содржани во член 74 од Законот за Академијата на судии и јавни обвинители („Службен весник на РСМ“ број 129/2023), со денот на влегувањето во сила на овој закон, престанува да важи Законот за Академијата за судии и јавни обвинители од 2015 година и одредбите кои се оспоруваат, а се однесуваат на член 112 и член 113 став 1. При ваква фактичка состојба, Судот се определи да го донесе цитираното решение. Гласајќи против ваквото решение се определивме за издвоено мислење.
За издвоеното мислење клучна определба беше регулативата содржана во член 70 од Деловникот на Уставниот суд, според која Уставниот суд донесува одлука кога одлучува за суштината на работата и тоа:
– за поништување или укинување на закон и друг пропис, програма и статут на политичка партија или друг општ акт;
– за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот;
– за решавање на судир на надлежност;
– за одземање имунитетот, за одговорноста и за утврдување на настапувањето на условите за престанок на функцијата на Претседател на Република Македонија;
– за имунитетот и за условите за разрешување од должноста на судија на Уставниот суд на Република Македонија;
– за утврдување на неуставност на закон, односно неуставност и незаконитост на пропис и друг општ акт во време на важењето, што престанал да важи во текот на постапката, ако се исполнети условите за нивно поништување.
Постојат важни причини, се разбира и факти, поради кои Судот требаше да се определи за друга поинаква одлука од предметното решение за отфрлање. При утврдувањето на важните причини за утврдителна поништувачка одлука, според наше мислење, прво ќе ги подвлечеме следните неспорни факти.
Станува збор за исклучително важни деловнички одредби, коишто Уставниот суд во голем број одлуки и решенија ги толкува на, по нас, несоодветен начин, за што впрочем, се имаме и произнесено во издвоени мислења. Ако се толкува на правилен начин намерата на авторите на Деловникот, јасно е дека актот којшто го уредува начинот на работа и постапката пред Уставниот суд, како орган на Републиката којшто ја штити уставноста и законитоста, ја обезбедува супрематијата на Уставот со сите негови темелни вредности, начела и гаранции, недвосмислено мора да биде во операционализација на тие вредности и не смее да остава ни најмал простор за можни манипулации и толкувања коишто не се во функција на владеењето на правото и правната сигурност. За нас не постои дилема дека деловничкото решение „во текот на постапката”, мора да биде толкувано на начин што би ги опфатило сите фази на постапката која започнува со формирање на предмет и доделување на истиот на судија-известител, чин по кој започнуваат процесните дејствија (доставување на иницијативата на одговор, судијата може да повикува секој кој може да придонесе за разјаснување на спорните правни прашања итн). Во спротивно, не може да стане збор за почитување на темелната вредност владеење на правото и правна сигурност. На пример, доколку судија добие иницијатива во која е оспорена уставноста на закон, односно уставноста и законитоста на пропис или друг општ акт, и како судии-известители подолг временски период (тој или пак, претседателот на Судот не го изнесува на седница), пример, една, две години, и во меѓувреме законот, прописот или друг општ акт престанал да важи, а предметот не бил изнесен на седница на Судот (што според толкувањето и практиката на Судот се смета како пресуден момент за да се примени решението во текот на постапката), одлуката на Судот и покрај можноста во времето на важењето на законот, прописот или другиот општ акт да создале последици и да постојат неспорни причини и исполнетост на условите за негово поништување, ќе биде запирање на постапката. За да биде нашиот став појасен, битно е да се анализира причинско-последичната врска меѓу членовите 47, 70 и 73 од Деловникот. Ако член 47 уредува дека Уставниот суд ќе ја запре постапката ако во текот на постапката (без разлика на толкувањето што значи „во текот” и кога почнува постапката) законот, другиот пропис или општ акт престанале да важат, но условено, со решението „а не наоѓа основи за оценување на нивната уставност односно уставност и законитост во време на важењето”, што значи дека Судот може да најде такви основи и без разлика што престанале да важат да ја оценува нивната уставност, односно уставноста и законитоста, се поставува прашањето кои можат да бидат тие основи? На ова се надоврзува решението од член 70 од Деловникот, според кое, Уставниот суд донесува одлука кога одлучува за суштината на работата и тоа: …за утврдување на неуставност на закон, односно неуставност и незаконитост на пропис и друг општ акт во време на важењето, што престанал да важи во текот на постапката, ако се исполнети условите за нивно поништување. Значи, основот за да се утврди неуставност и незаконитост на закон, пропис и друг општ акт во време на важењето, што престанал да важи во текот на постапката е условот „ако се исполнети условите за нивно поништување”. И клучниот одговор го дава член 73 од Деловникот, според кој „При одлучувањето дали законот, прописот или општиот акт ќе го поништи или ќе го укине Уставниот суд, ќе ги земе предвид сите околности што се од значење за заштитата на уставноста и законитоста, а особено тежината на повредата и нејзината природа и значење за остварување на слободите и правата на граѓаните или за односите што се воспоставени врз основа на тие акти, правната сигурност и други околности од значење за одлучувањето.
Имено, според Уставот, меѓу другото, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите. Двете овие надлежности влегуваат во нормативната контрола на правните акти којашто е дел од надлежностите на Уставниот суд. Тоа, со други зборови речено, претставува уставност и законитост. И понатаму, кога Уставот се определува за согласноста на законите со Уставот, тоа секогаш претпоставува и се однесува на законите кои се во правна сила, законите кои важат и како такви се во правниот поредок на земјата. Оваа околност неслучајно се нагласува. Во режимот на социјалистичкото право и уставите од 1963 и 1974 година постоеше можност да се оцени согласноста на Уставот со законите кои престанале да важат, но со исполнување на еден дополнителен услов. Имено, рокот за поднесување на иницијатива да не бил подолг од 6 месеци, односно 1 година по престанување на важноста на конкретниот закон. Исто така, факт е дека Уставот на Република Северна Македонија од 1991 година, оваа можност не ја предвидува.
Во конкретниот случај, иницијативата со која се оспоруваат наведените одредби од Законот е поднесена до Судот во февруари 2023 година. Новиот Закон за Академијата за судии и јавни обвинители е донесен на 14.06.2023 година и истиот е објавен во „Службен весник на РСМ“ бр.129/2023 од 21.06.2023 година, а Судот одлучуваше во јули 2023 година.
При една ваква фактичка состојба, а од дикцијата на член 70 од Деловникот јасно се забележуваат потребните услови за да се определи Уставниот суд за поинакво решение, за одлука за утврдување на ништовност на оспорените одредби од предметниот закон, како ништовни во времето на неговото важење. Втората решавачка околност за предложената одлука се однесува на престанокот на Законот во текот на постапката по иницијативата пред Судот. Исто така, важна е околноста дека според Деловникот исполнети се условите за нивно поништување. По однос на условите за утврдување на ништовност, две околности упатуваат на потребата за поништување, и тоа, прво, интензитетот на повредата на уставните одредби и второ, последиците кои ги предизвикал Законот додека бил во важност. Согласно одредбите содржани во членовите 112 и 113 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, на кандитатите за судии и јавни обвинители им се издаваат уверенија за кандидати за судии и уверенија за кандидати за обвинители. Ако се има предвид дека се работи за иста генерација на кандидати која почетната обука ја стекнуваат врз основа на иста програма, вежби, испити и други подготовки, надвор е од секое racio, од каде извира правото на Академијата кои кандидати да бидат судии, а кои обвинители. Со ваквите законски решенија е извршена флагрантна повреда на Уставот, посебно на темелната вредност на уставниот поредок која се однесува на владеењето на правото (член 8 став 1 алинеја 3), забрана за дискриминација – принципот на еднаквоста (член 9) и правото на секој граганин да има право на работа, слободен избор на вработување…(член 32 став 1). Повредени се и другите одредби од Уставот, а повредата на наведените уставни одредби е сериозна и со сериозни последици. Од последиците една е очигледна. Кандидатите од истата генерација и со издадените уверенија – кандидат за судија и кандидат за обвинител, се дискриминирани поради различни правни статуси во остварувањето на уставно загарантираните права. Едните можат да конкуриаат само за судии, додека другите само за обвинители. Апсурдот е очигледен.
Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија во наведените случаи, а имајќи го предвид дејството што го имаат поништувачките одлуки на Уставниот суд, се определува за декларативна поништувачка одлука. Ова не е случајност. Прописот, во конкретниот случај, Законот престанал да важи во текот на постапката. Со деклараторната одлука, само се утврдува една состојба без можност истата да се промени, ревидира или слично. Со други зборови, со Решението што го донесе мнозинството судии, окончаните односи остануваат во сила, а окончаните односи и последици за кандидатите во времето на важењето на оспорените законски одредби претставуваат тешка повреда на принципот на еднаквост, бидејќи овие кандидати се ставени во нееднаква и потешка ситуација од кандидатите пред и по законските измени. Ваквата уреденост во времето на важењето на оспорените законски одредби преставува сериозна повреда на владеењето на правото и фундаменталниот принцип на правна сигурност, како и повреда на член 32 став 2 од Уставот „секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место“.
Сосема е друга состојбата со дејствата на конститутивните поништувачки одлуки на Судот, за кои во овој случај не може да стане збор. Инаку, како што е познато, во позитивното право на нашата земја (се разбира и во споредбеното право), се прави јасна дистинкција помеѓу деклараторните и конститутивните одлуки.
Поради изложеното, како погоре следуваше писмено да се образложи издвоеното мислење.
Судии на Уставниот суд,
д-р Осман Кадриу
д-р Дарко Костадиновски