Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.65/2023
Скопје, 25 јули 2023 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 25 јули 2023 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.163/2021).
Образложение
I
Политичката партија Единствена Македонија, преку претседателот на партијата – Јанко Бачев, до Уставниот суд, поднесе иницијатива за оценување на уставноста на оспорениот закон во целост, односно на членовите од 1 до 17 од Законот, како спротивни на член 8 став 1 алинеи 3, 7, и 11 и членовите 51 и 55 од Уставот.
Во иницијативата се наведува дека со оспорениот закон се номинирал стратешки партнер и се уредувале прашања во врска со истиот, односно странската фирма Bechtel и Enka JV или нивен поврзан конзорциум, за изградба на делниците на коридорите 8 и 10-д.
Поаѓајќи од уставните одредби кои се однесуваат на темелните вредности владеење на правото, слобода на пазарот и претприемништвото, мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот како клучни основи на стопанскиот систем, според подносителот државата ги ставила во нерамноправна положба субјектите на пазарот што значи нарушување на слободата на пазарот и претприемништвото со што го попречува развивањето на пазарно ориентирано општество во услови на гарантирана слобода на пазарот и претприемништвото и еднаква правна положба на стопанските субјекти.
Од наведените причини смета дека оспорениот закон во целост не бил во согласност со Уставот и предлага Уставниот суд да донесе одлука со која истиот ќе го поништи со посебен предлог до донесување на конечна одлука, Судот да донесе решение за запирање на извршување на акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорениот закон, поради реална опасност од настанување на тешко отстранливи последици.
II
Судот на седница утврди дека оспорениот закон, е систематизиран во 12 глави и 19 члена.
Во главата I „Општи одредби” (членови 1 и 2) се пропишува дека со овој закон се уредуваат деталите во врска со планирањето, проектирањето и изградбата и употребата на дел од Коридорот 8, делницата: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан (во натамошниот текст: Коридор 8) и планирањето, проектирањето и изградбата и употребата на Коридорот 10 д, делница на автопатот Прилеп – Битола (во натамошниот текст: Коридор 10 д) како проекти од национален интерес и се номинира стратешки партнер за реализација на проектите со цел да се постигне одржлив и безбеден развој на регионалното поврзување на Република Северна Македонија преку комплетирањето на паневропските коридори 8 и 10 д (член 1).
Во членот 2, со наслов „Дефиниции“ се дадени поимите кои се користат низ целиот текст на Законот и нивното значење.
Главата II носи наслов „Стратешка национална важност“ и содржи еден член – членот 3, според кој проектот, вклучувајќи ги проектирањето и изградбата на инфраструктурата на Коридор 8 и проектирањето и изградбата на инфраструктурата на Коридор 10 д, се секој поединечно проект за капитални инвестиции од стратешко национално значење за Република Северна Македонија, согласно став 1. Според ставот 4 на истиот член, овој закон ќе се применува како посебен закон со кој се исклучува примената на други закони во целост или делумно, односно кој се применува без оглед на другите применливи закони во Северна Македонија и тоа во врска со сите прашања уредени со овој закон.
Во главата III од Законот, насловена како „Именување на стратешки партнер“, која исто така, има еден член – членот 4, се утврдува дека согласно со Меморандумот за разбирање склучен помеѓу Владата, Министерството за транспорт и врски и инвеститорот и Bechtel и Enka JV бр. 02-4015/1 од 31 март 2021 година, со овој закон стратешкиот партнер е именуван за целите на спроведување на проектот, согласно став 1. Одредбите од Законот за јавните набавки нема да се применуваат за доделување на договорите поврзани со подготовката и реализацијата на проектот, според став 2.
Во главата IV „Начин на обезбедување на финансиските ресурси и плаќање за обезбедените услуги и работи“ (член 5) е пропишано дека финансиските ресурси за спроведување на проектот, заеднички или одделно, се обезбедуваат од Буџетот на Република Северна Македонија преку Министерството за транспорт и врски во форма на трансфер до инвеститорот или од кој било друг извор во согласност со важечките закони (став 1).
Во главата V „Договор за градење” (член 6) се пропишува дека согласно со овој закон, на Владата ѝ е доделено овластување да конституира Комитет за преговори, составен од членови на Владата, инвеститорот и други соодветно заинтересирани страни, кој е овластен да преговара и да ги одобри условите на Договорот за градење со стратешкиот партнер (став 1). За целите на преговарањето на Договорот за градење, преговарачките тимови на Владата и стратешкиот партнер можат да поканат други советници, заинтересирани страни, експерти и специјалисти од областите релевантни за проектот (став 2).
Главата VI „Јавен интерес и експропријација“ (член 7) пропишува дека овој закон го утврдува јавниот интерес за целата експропријација на недвижен имот со цел да се усогласи со назначената употреба за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10 д со неопходната придружна инфраструктура, согласно со важечките урбанистички и просторни планови и сите нивни идни измени и дополнувања, како и врз основа на друга планска основа која е пропишана со закон кој регулира просторно планирање и изградба на објекти, вклучително и јавен интерес за експропријација на недвижен имот неопходен за обезбедување на градежни материјали, за јами, наоѓалишта, отпадни области и каменоломи за целите на проектот, јавен интерес за изградба на инфраструктурата што се поместува поради изградбата на Коридорот 8 и Коридорот 10 д, како и јавен интерес за експропријација за воспоставување на привремено поставени локации со цел изградба на привремено поставени локации на главниот објект (кампови, дробилки, бетонски и асфалтни постројки, дворишта за греди, претходно лиени дворишта, постројки за сито и/или миење и пристапни патишта до тие локации) и предмети за ископување или таложење на градежен материјал (став 1). Експропријацијата за целите на спроведувањето на проектот ќе се изврши согласно со Законот за експропријација, со тоа што со предлогот за експропријација ќе се приложи патниот коридор, наместо инфраструктурен проект (став 2).
Главата VII „Специфични прашања во врска со спроведувањето на проектот“ (членови 8, 9 и 10) пропишува дека врз основа на овој закон, на стратешкиот партнер му е овозможено да спроведе уникатен процес на изградба на проектот преку брза метода на планирање, изведба и изградба. Соодветно на тоа, на стратешкиот партнер му е дозволено да изгради посебни делници од проектот на одделни делови врз основа на достапните проекти кои ќе му овозможат на стратешкиот партнер да извршува различни фази на работите пред да се комплетира конечниот дизајн за целиот проект (член 8 став 1). стратешкиот партнер има обврска да ги добие сите релевантни локални лиценци неопходни за извршување на проектантските и градежни работи и за обезбедување на услугите, секоја по потреба, освен ако со овој закон не е поинаку уредено (член 9 став 1). Инвеститорот ќе аплицира и ќе ги прибави сите потребни лиценци, одобренија и концесии за истражување и експлоатација на минерални суровини неопходни за изградба на државни патишта во согласност со важечките закони (член 10 став 1).
Главата VIII „Вработени резиденти и странски работници за целите на спроведување на проектот“ (членови 11, 12 и 13), пропишува дека стратешкиот партнер ангажира резиденти и странски работници за извршување на работите и обезбедување на услугите за целите на проектот (член 11 став 1). Во тек на организацијата на работите во проектот, во согласност со барањата на работниот процес и роковите утврдени со Договорот за градење, стратешкиот партнер ќе има право да го организира и распоредува работното време на работниците, така што работното време на секој работник, во текот на целиот циклус на проектот, може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината. Воведувањето на работното време во согласност со ставот (1) на овој член, е дозволено само со изречна, писмена и претходна согласност на работникот и сите останати важечки закони за безбедност и здравје на Република Северна Македонија, како и плаќањето на сите применливи даноци и социјални придонеси остануваат применливи (член 12).
Главата IX „Спроведување на меѓународните стандарди“ (член 14) пропишува дека во рамките на постапката за процена на исполнувањето на условите утврдени со специфични прописи, стандарди и други акти, надлежните локални власти ќе прифатат докази за исполнување на условите согласно со странски регулативи и стандарди, во согласност со признаени меѓународни методи и модели за пресметка доколку таквите прописи и стандарди предвидуваат исполнување на основните услови за градбата, т.е. основните барања за нејзиниот проект, изведба и одржување, во согласност со македонските прописи и стандарди, според став 1.
Главата X носи наслов „Давачки и даноци“ (член 15), а главата XI носи наслов „Супервизија“ согласно член 16.
Со главата XII „Преодни и завршни работи“ (членови 17, 18 и 19) се пропишува дека одредбите од главите V, VI, VII, VIII и IX од овој закон ќе се применуваат при склучување на Договорот за изградба (член 17), дека одредбите од постојните закони кои ги уредуваат прашањата во врска со постапките за планирањето, проектирањето, изградбата и употребата на оваа инфраструктурна градба треба да се усогласат со одредбите од овој закон во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон (член 18 став 2) и дека овој закон влегува во сила осмиот ден од објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија” согласно член 19.
III
Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување или ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Во конкретниот случај, со иницијативата се бара оценување на уставноста на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.163/2021).
Имајќи ја предвид уставно-судската пракса, оспорениот закон, во два наврати бил предмет на оцена пред Уставниот суд и тоа еднаш Законот е ценет во целина, а во друг предмет овој суд го ценел член 12 од истиот закон.
Со Решението У.бр.85/2021 од 9 декември 2021 година, Судот не повел постапка за оценување на неговата уставност во целост, а Законот бил оспорен со идентични наводи како во конкретната иницијатива. Со Одлуката У.бр.148/2021 и У.бр.15/2022 од 13 јули 2022 година, Судот, ја оценувал уставноста на член 12 од Законот и ја укинал оспорената одредба, која го пропишува уредувањето на прашањето на работното време на работниците, имајќи ја предвид должината на работното време кое се предвидува со првиот став 1 од член 12 од Законот, за која Судот оцени дека истата е во спротивност со член 32 став 4 од Уставот.
Со сега доставената иницијатива повторно се бара од Уставниот суд да ја оцени уставноста на оспорениот закон, во суштина со идентични наводи на оспорување како во предметот У.бр.85/2021, за кои Судот утврдил дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот закон со член 8 став 1 алинеја 7, член 51 и член 55 од Уставот. На овие уставни одредби се повикува и подносителот во овој предмет.
Со оглед на фактот дека со иницијативата се бара оценување на уставноста на Законот во целост, Уставниот суд веќе се произнел, помеѓу другото, и од аспект на слободата на пазарот и претприемништвото, што е главна причина за оспорување и во овој предмет. Имено, Судот, утврдил дека државата се јавува како субјект на пазарот кој номинира стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на конкретните инфраструктурни коридори, а не како регулатор на пазарот кој обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување.
Имајќи предвид дека Судот веќе одлучувал за истата работа, а нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на иницијативата за оценување на уставноста на оспорениот закон.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска