Издвоено мислење по предметот У.бр.146/2021

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019 и 256/2020), по гласањето по Одлуката У.бр.146/2021 со кое Уставниот суд одлучи да го уважи барањето на Влатко Стојановски, новинар од Скопје и утврди повреда на слободата на уверување, совеста, мислата и јавното изразување на мислата на барателот, писмено го образложуваме нашето несогласување со следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

1. По повод барањето за заштита на слободата на уверување, совеста, мислата и јавното изразување на мислата поднесено од Влатко Стојановски од Скопје, преку адвокат Филип Медарски од Скопје, Судот на седницата одржана на 12 јули 2023 година со мнозинство гласови ја донесе Одлуката У.бр.146/2021. Според наше мислење, деклараторниот карактер на одлуката на мнозинството судии, односно одлуката само да се утврди повреда на слободите и правата на барателот без истовремено со уставно судска санкција да се поништат актите со кои истата е сторена, е во спротивност со Деловникот на Уставниот суд и во спротивност со Устав загарантираната и директна уставна заштита на слободите и правата на граѓаните утврдена во член 110 алинеја 3 од Уставот. Во однос на делот од Одлуката со која се утврдува повредата гласавме „за”, додека нашиот предлог судот да ги поништи Пресудата МАЛВП-705/20 од 14.04.2021 година од Основниот граѓански суд Скопје и Пресудата ГЖ-2666/21 од 30.09.2021 година на Апелациониот суд Скопје не го доби потребното мнозинство, поради што ја искажуваме нашата несогласност со аргументите на мнозинството судии.

2. Прашањето дали Уставниот суд при одлучување по барање за заштита на слободите и правата може да поништи пресуди на редовните судови, несомнено е исклучително важно уставноправно прашање. Дека тоа е така, говори и континуираниот различен пристап и различното толкување на уставните и деловничките одредби од страна на уставните судии.

Нашиот став е јасен, и поради значењето на прашањето, тој наметнува потреба од една поширока уставноправна елаборација.

Прашањето пред Судот се има појавено во неколку наврати. Првото соочување со оваа дилема беше во мај 2019 година, при расправата и одлучувањето за барањето за заштита на слободите и правата по предметот У.бр.57/2019. Судот во тој предмет одлучи дека на лицата Павлина Зефиќ, адвокат од Скопје и Панче Тошковски, адвокат од Скопје, им е повредено правото на слобода на мислата и јавното изразување на мислата, во смисла на член 110 алинеја 3 и член 16 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија. Со Одлуката со која се утврди повредата, Уставниот суд со мнозинство гласови одлучи да ги поништи и Решението 09 КОК-40/18 од 16.10.2018 донесено од Основниот суд Скопје 1 Скопје, Решението 09 КОК-40/18 од 16.10.2018 донесено од Основниот суд Скопје 1 Скопје, Решението КОКЖ-47/18 од 17.12.2018 донесено од Апелациониот суд Скопје. Тогаш, во расправата пред Судот, се слушнаа различни ставови, дали Уставниот суд може да поништува одлуки на редовните судови, вклучително и оспорените решенија. Нашиот став беше дека без дилема Уставниот суд не само што ја има таквата надлежност, тој е и должен во согласност со Деловникот во случај кога со одлука ќе утврди повреда на слободите и правата кои уживаат директна уставна заштита да ги поништи конкретните акти со кои повредата е сторена. Но, дел од судиите сметаа поинаку, а двајца судии го издвоија своето мислење.

Во јануари 2023 година, постапувајќи по конретното барање за заштита на слободите и правата по предметот У.бр146/2021 година по барањето од Влатко Стојановски од Скопје, пред Судот повторно се постави истото прашање. Судијата-известител на седницата на Судот одржана на 18.01.2023 му предложи на Судот да утврди повреда на слободите и правата, поточно, слободата на уверување, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, на барателот Влатко Стојановски од Скопје, вработен во Друштвото за новинско-издавачка дејност МЕДИА ПЛУС Фокус ДООЕЛ Скопје, кому за време на настаните во Собранието на 27 април 2017 година, како акредитиран новинар не му било овозможено да известува и да ја информира јавноста за прашања од јавен интерес од конститутивната седница на Собранието, како последица на непреземање на соодветни мерки од самата држава и нејзините органи согласно одредбите од член 16 ставови 1, 2 и 3, а во врска со член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот, и врз таа основа, пресудата МАЛВП.705/2020 од 14.01.2021 година на Основниот Граѓански суд Скопје и пресудата ГЖ-2666/21 од 31.09.2021 година на Апелациониот суд во Скопје, да бидат ставени вон сила.

Во однос на првата точка од предлогот, Судот беше едногласен, одлучи да утврди повреда на правата на подносителот на барањето. Но, предлогот од точката 2 на судијата-известител, двете пресуди, на Основниот и на Апелациониот суд да бидат ставени вон сила, не го доби потребното мнозинство. По оваа точка се отвори расправа. Дел од судиите сметаа дека Уставниот суд не може да ги поништува пресудите на редовните судии, дека Судот само треба да утврди повреда, а одлуката на Судот да претставува основ за повторување на постапката пред редовните судови. На ваквото стојалиште се спротивставивме и сметавме дека Уставниот суд не треба само да утврди повреда, дека не е прифатлв предлогот пресудите да се стават вон сила, туку дека Судот има надлежност и дека единствен, правилен од уставен аспект, пристап е со одлуката со која утврдува повреда, да ги поништи двете пресуди. Во расправата се слушнаа многу дијаметрално спротивни стојалишта и аргументи. Ние во ова издвоено мислење ќе ги изнесеме нашите, имајќи предвид дека на седницата одржана на 12 јули 2023 година, мнозинството судии не го прифатија предлогот двете пресуди да бидат поништени, и со мнозинство гласови се одлучи за деклараторна одлука со која само се утврдува повреда.

Нашиот став е дека Уставниот суд има уставна надлежност, овластување и должност да ги поништува пресудите на редовните судови во случаи кога тие се извор на повреда на слободите и правата на граѓаните кои уживаат директна уставна заштита. Доколку правилно се толкуваат уставните вредности и норми, уставната поставеност, функцијата и надлежностите на Судот кои произлегуваат директно од Уставот и доколку правилно се толкува правната природа на Деловникот на Судот, особено членот 56 и 82, кај судиите не треба да постојат дилеми односно несомнено треба да биде утврдено дека Уставниот суд може да ги поништува пресудите на редовните судови.

Да појасниме, како што и претходно во повеќе наврати имаме нагласено, во однос на уставната поставеност на Судот. Уставниот суд е врзан само за Уставот, тој е носител на т.н. „четврта” уставно-судска власт, тој е над сите државни органи и не подлегнува на начелото на поделба на власта. Уставниот суд е орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста. Уставот е единствената гаранција во неговото делување и само така тој може да ја исполнува својата надлежност, да ја обезбедува супрематијата на Уставот во правниот поредок, да ги заштитува темелните вред¬ности на уставниот поредок, особено прворангираната „слободите и правата на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени во Уставот”. Факт е дека Уставот на Уставниот суд му доверува улога на директен, непосреден заштитник само на ограничен опфат на слободи и права на човекот и граѓанинот, оние кои се утврдени во член 110 алинеја 3 „ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност”. Но, и вака ограничениот опфат претставува исклучително значаен независен уставноправен механизам на заштита кој недвосмислено подразбира дека треба да биде ефективен.

Во однос на правната природа и карактеристики на Деловникот. Актот на судот, кој според нас несреќно е „крстен” Деловник на судот, има sui generis правна природа и карактеристики, тој е единствен од таков вид во нашиот уставно-правен поредок. Тој извира од Уставот, помеѓу Уставот и Актот на судот не постои ништо друго, што на Деловникот на Судот му дава карактер и правна природа на уставна материја. Тој е над законите! Самиот факт што во актуелниот Деловник на Судот се регулираат прашања што во принцип ако не му се признае sui generis карактерот на истиот, не би можело да бидат предмет на „деловничка” регулација, ја потврдува таквата правна природа на истиот. На пример, правно дејство на одлуките на Судот, времената мерка, статусни прашања за судиите, имунитетот на судиите, субјекти кои можат да иницираат постапка пред Судот итн. Актот на Судот претставува „подуставен пропис”!

Ова е според нас правилно и уставно толкување на уставната положба, функција и надлежност на Уставниот суд, како и на правниот карактер и правната сила на одредбите на Деловникот на Судот.

Доколку ова правилно се разбере, и низ ваква призма се анализира член 56 од Деловникот според кој „Со одлуката за заштита на слободите и правата Уставниот суд ќе утврди дали постои нивна повреда и во зависност од тоа ќе го поништи поеди¬нечниот акт, ќе го забрани дејството со кое е сторена повредата или ќе го одбие барањето” нашето прашање до судиите беше дали Судот воопшто има избор освен кога ќе утврди повреда, да го поништи поединечниот акт, во конкретниот случај две пресуди, на Основниот и на Апелациониот суд. Едноставно нема! Деловничките одредби се јасни, доколку Судот утврди повреда, зборовите „и во зависност од тоа ќе го поништи поединечниот акт” имаат императивна и кумулативна природа, тие не даваат можност за избор на судиите, туку јасно одредуваат „штом сте утврдиле повреда”, морате да ги поништите поединечните акти со кои е сторена повредата. Судиите се обврзани да постапуваат и да одлучуваат согласно Уставот и Деловникот, а веќе изнесов став дека Деловникот претставува уставна категорија и тој факт не може да се игнорира.

Одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни, секој е должен да ги почитува, и за нас е неприфатливо одлука на Уставен суд да добие карактер на „нов факт или доказ” како претпоставка да се повтори постапката пред редовните судови. Сметаме дека е неприфатливо одлучувањето дали одлуката на Уставниот суд претставува нов факт и доказ за повторување на постапката или не, да биде препуштена на редовните судови. Јасно ставивме на знаење дека за нас како судии е неприфатливо донесување на утврдувачка/деклараторна одлука, без да се одреди правната судбина на поединечните акти со кои истата е сторена. Во тој случај имаме само декларација, декларативна одлука „да повреда има, но дали последиците од таквата повреда ќе бидат отстранети”, не зависи од Уставниот суд, тоа ќе го цени некој друг. Недозволиво и неприфатливо стојалиште! Во тој контекст треба и правилно да се разбере член 82 од Деловникот „Со одлука со која Уставниот суд одлучува за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 на Уставот, Уставниот суд ќе го определи начинот на отстранувањето на последиците од примената на поединеч¬ниот акт или дејство со кои тие права и слободи биле повредени”. Со вакви аргументи се спротивставивме на колегите судии кои предлагаа и изгласаа Судот да ја утврди само повредата, без воопшто да се осврне на правната судбина на двете пресуди.

Во расправата, беа изнесени ставови со повикување на одредби од Законот за судовите, како членот 13 од Законот, според кој пресудите имале супериорна и неприкосновена природа, односно според кој „(1) Судските одлуки се изрекуваат во името на граѓаните на Република Македонија. (2) Правосилната судска одлука има неприкосновено правно дејство. (3) Судската одлука може да ја менува или укинува само надлежен суд во постапка пропишана со закон. (4) Судските одлуки се задолжителни за сите правни и физички лица и имаат поголема сила во однос на одлуките на кој и да е друг орган. (5) Секој е должен да ја почитува правосилната и извршната судска одлука под закана на законски санкции”. Беа изнесени ставови дека Законот за судовите бил системски, двотретински закон, и дека тој ја одредувал правната сила и карактеристики на пресудите. Реплицирањето на ваквите наводи е едноставна, Уставниот суд има надлежност да ја цени уставноста и на системските закони, во целина, или нејзини одредби, и кога го има тоа право и надлежност, беспредметно и ирелевантно е за Уставниот суд како некој закон ја определува и дава правни карактеристики на пресудата. Она што е релевантно е дали законските решенија се во согласност со Уставот. Во тој контекст, неспорно е дека одлуките на судовите, не може да се поистоветуваат со актите на кој било друг државен орган или организација со јавни овастувања. За разлика од другите субјекти, судската одлука потекнува од судската власт, на која Уставот и ја гарантира независноста. И ова е апсолутно точно! Но, оваа differentia specifica не го оправдува пристапот по кој уставно-судското преиспитување на судските одлуки, и уставно-судската санкција на пресудите на редовните судови, би било ограничено на деклараторен ранг. Таквото толкување не е ниту во духот на намерата на уставотворецот ниту пак во согласност со „словото” на Уставот. Судството како посебна власт е уредено во точка 4 од одделот III на Уставот со наслов „Организација на државната власт“, каде се уредени всушност пиларите на власта и поделбата на законодавна, извршна и судска. Уставниот суд е уреден во посебен оддел IV од Уставот. Суштината тука е што за разлика од носителите и органите на законодавната, извршната и судската власт, Уставниот суд како орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста не подлежи на начелото на поделба на власта, Уставниот суд е врзан само за Уставот, тој е носител на т.н. четврта уставно-судска власт, тој е над сите државни органи. Уставот е единствената гаранција во неговото делување. Во тој контекст надлежност на Уставниот суд е да биде чувар на Уставот, да ги обезбедува темелните вредности на поредокот – меѓу кои и основните слободи и права на човекот и граѓанинот, како и поделбата на власта, да биде и контролор на овие власти и истовремено да ја обезбедува нивната независност преку темелната вредност поделба на власта и принципот на „кочници и рамнотежа”. Уставниот суд е тој кој ја штити независноста на судската власт, а со самото тоа е поставен над таа власт. Доколку Уставниот суд ја има таквата надлежност, а неспорно ја има, илузорно е да не може да се постави над судската власт вклучително и во преиспитување на нивните пресуди кога треба да одлучи за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, дали се во рамките на Уставот, дали се уставни.

Поаѓајќи од фактот дека уставната функција на Уставниот суд е да ги штити правата на човекот и граѓанинот, дека Уставот утврдува и дефинира во член 110 алинеја 3 непосредно и директно остварување на таа функција, произлегува дека на тој начин уставотворецот воспоставил уставно-судска заштита според начелото дека апсолутно сите акти и дејствија на државната власт, (поточно од носителите и органите на трите власти, законодавната, извршната и судската) на ист начин подлежат на оцена на нивната уставност, како и на уставно-судска заштита кога се во прашање правата и слободите на човекот и граѓанинот. Ако вака се толкуваат уставните вредности и норми, поставеноста на Уставниот суд, правната природа на Деловникот, јасно произлегува дека постои уставна обврска законодавецот при вршењето на уставните надлежности и овластувања, да внимава и во законските решенија да ја изземе неприкосновеноста на судските пресуди од уставно-судска контрола и санкција на Уставниот суд. Законодавецот мора да води грижа за правното дејство на одлуките на Уставниот суд, односно да обезбеди на уставно-судска контрола и уставно-судска санкција да подлежат сите акти на државната, јавната власт, на еднаков начин, со што би се обезбедило и еднакво правно дејство на одлуките на Уставниот суд. Тоа значи дека законодавецот кога со законско решение ги уредувал карактеристиките, правната природа и ефектот на пресудите на редовните судови морал да води грижа и за уставното барање тие да подлежат на уставно-судска контрола и санкција. Не може од ваквата уставна функција на Уставниот суд да бидат исклучени судските одлуки. Во таа смисла, пропуштањето на законодавецот ова прашање да го уреди во Законот за судовите, на никој начин не значи дека одредбите од член 13 од Законот за судовите, претставуваат изземање на пресудите на редовните судови од уставно- судска контрола и преиспитување, како и од уставно-судска санкција која значи и нивно поништување. Неспорно е дека судските пресуди имаат неприкосновено дејство, неспорно е дека судските одлуки можат да се менуваат или укинуваат само од надлежните судови во постапка утврдена со закон, неспорно е дека судските одлуки се задолжителни за сите правни и физички лица и имаат поголема сила во однос на одлуките на кој и да е друг орган и дека секој е должен да ги почитува, но сẻ ова се однесува на останатите две гранки на државната власт, законодавната и извршната, на локалната како и на сите останати органи со јавни овластувања, кои подлежат на начелото на поделба на власта. Но, ваквите законски императивни норми и ефектите предвидени со нив не се и не можат да се однесуваат и за Уставниот суд.

Оттука, доколку Уставниот суд утврди повреда на уставно загарантирано право или слобода, тој недвосмислено, согласно и членовите 56 и 82 од Деловникот, ќе го определи начинот на отстранување на последиците од актот со кој е сторена повреда, вклучително и негово поништување. Какво било ограничување на Судот во остварувањето на ваквата функција би претставувало повреда на уставно утврдената положба, функциите и надлежностите на Уставниот суд, повреда и непочитување на Деловникот на Судот.

Друг аргумент во корист на нашите стојалишта е фактот дека во најголемиот број случаи на барања за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот кои се доставуваат до Уставниот суд, судските пресуди се наведуваат како извор на повреда на уставните права. Ставот на мнозинството судии според кој судските пресуди треба да бидат изземени од уставно-судската санкција – поништување, а истовремено признавање на овластувањата на Судот да ја применува оваа мерка на сите други поединечни акти и дејствија на останатите власти, претставува еден вид уставно-правна системска противречност. Имајќи предвид дека, според член 51 од Деловникот, само конечен или правосилен поединечен акт може да биде предмет на уставно-судска оценка, што значи пред исцрпување на судската контрола како расположлив правен лек за некои акти, дејствија, истите не можат ни да бидат предмет на барање за заштита упатено до Уставниот суд. Тоа значи дека во најголем број случаи пресудите на судовите се последен акт во низата од кои повредата на правата може да се отстрани со нејзина контрола и санкција, без разлика дали е донесена со судска одлука во процесот на обезбедување правна заштита или со неуспехот на судскиот орган да ја утврди и отстрани повредата на правата сторени во претходните фази на одлучување за правата и слободите на човекот и граѓанинот. Оттука, правната елиминација на судските одлуки од делокругот на поништување на одлуката на Уставниот суд ги негира предусловите за ефективно дејство на одлуката на Уставниот суд во голем број случаи и го девалвира уставното значење на институтот барање за заштита на правата и слободите на човекот и граѓанинот, како непосредна директна уставна заштита од акти и дејствија на кој било носител на државната/јавната власт.

Понатаму, подложувањето на судските одлуки на уставно-судска контрола во постапката по барање за заштита на слободите и правата, како и изрекувањето санкција – поништување на пресудите, не е во спротивност или противречност на уставното начело за независност на судската власт, ниту на законските определби од Законот за судовите во однос на надлежностите, правните карактеристики и ефекти на судските пресуди. Напротив, овластувањето на Уставниот суд како орган надлежен за обезбедување на уставно-судска заштита во сите негови надлежности утврдени со Устав, вклучително и надлежноста за одлучување по барања за заштита на слободите и правата, е во функција на остварување на темелната вредност владеење на правото чија функција е во суштина да ги обезбеди и афирмира сите останати темелни вредности, а особено основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени во Уставот. Уставното значење и целта на институтот барање за заштита на слободите и правата не се постигнува со декларативно утврдување на постоење на повреда на правата, туку се постигнува со отстранување на последиците што произлегле од констатираната повреда, без разлика кој државен орган е донесувач на оспорениот акт.

Како што и подоле ќе може да се увиди во авторитетната одлука на Уставниот суд на Србија „само на тој начин овој институт (уставна жалба) може да преставува ефективен механизам за отстранување на последиците од утврдената повреда на правата, односно обезбедување на одлуката на Уставниот суд со таков ефект што во најголема можна мера ќе обезбеди ефикасен начин за отстранување на последици од утврдената повреда на уставните права и слободи”.

И ние, како и нашите колеги во Србија, во авторитетната одлука која интегрално ќе ја пренесам во ова издвоено мислење, сметаме дека:
„не постои однос на конкуренција или меѓусебно исклучување меѓу уставно утврдената надлежност на Уставниот суд за постапување по уставни жалби и законски утврдената надлежност на судовите од општа и посебна надлежност, ниту пак подложувањето на судските одлуки на уставно-судската контрола во постапката по уставна жалба имаат значење на уставно забранета вонсудска контрола на судски одлуки, бидејќи секако не се работи за одлучување „за иста работа“. Двата вида правна заштита се остваруваат во посебни и независни постапки, од независни тела, со цел под покровителство на Уставот во правниот поредок да се обезбеди целосна заштита на правата и слободите загарантирани со Устав, зашто целта на самиот Устав, регулирајќи го системот на редовна судска и посебна уставно-судска заштита, утврдил посебно средство за правна заштита во вид на уставна жалба, дозволена против поединечни акти и дејствија на сите државни органи, што неспорно ги опфаќа актите и дејствијата на судските органи”.

Идентично, во поткрепа на нашите ставови е и следново стојалиште на Уставниот суд на Србија „Судот смета дека во однос кој се карактеризира со експлицитно уставно воспоставување непосредна уставно-судска заштита на човековите права и слободи, со истовремено уставно определување дека судските одлуки се засноваат на Уставот (член 145 став 2), подразбира дека судските одлуки мора да ги почитуваат, пред сè, човековите права и слободи, како нивно вредносно јадро. Тргнувајќи од значењето, систематското и смисловно-логичкото поврзување на соодветните норми на Уставот кои се однесуваат на улогата и местото на Уставниот суд во системот на јавната власт, а особено неговата улога во непосредната заштита на правата загарантирани со Уставот при одлучувањето по уставните жалби на граѓаните, произлегува дека ефектот на уставното начело врз независноста на судството (член 4 став 4 од Уставот) и начелото на „недопирливост“ на судските одлуки за вонсудските органи (член 145 ставови 3 и 4 од Уставот) треба да се разбере така што судските одлуки остануваат апсолутно „недопирливи“ за законодавната и извршната власт, кои го задржаа стандардното значење и ефект на принципот на независност на судството. Судските одлуки, сепак, не се „недопирливи“ за оценка дали ги прекршиле основните човекови права загарантирани со Уставот како што во постапката на нормативна контрола Уставниот суд ја оценува уставноста на законите и законитоста на прописите на извршната власт, така и во постапката на уставна жалба Уставниот суд ја оценува согласноста на судските одлуки со уставно загарантираните човекови права и слободи. Основата на двата вида постапки е намерата на уставотворецот сите акти на јавна власт да бидат подредени на Уставот, односно на правата загарантирани со Уставот. Од двете постапки произлегува одлуката на Уставниот суд, со која не се врши „позитивна“ корекција ниту на законот, ниту на судската одлука. Како што е „природно“ од констатацијата на Уставниот суд дека правната норма не е во согласност со Уставот, произлегува и разбирливата и единствена можна последица дека општата норма го губи својството на важечко право, па констатацијата дека судска одлука со која е повредено „конкретно уставно право“ мора неминовно да следи невалидност (ништовност) на поединечен акт на судската власт што е во спротивност со Уставот. Останува недопрено правото на законодавниот орган да ја коригира „својата“ правна норма, со цел да ја усогласи со Уставот, како и правото на судската власт да ја преиспита и исправи сопствената одлука. Ниту Уставниот суд може да го пишува законот наместо законодавецот, ниту уставното судство наместо судот конечно да решава конкретни спорови и да ја преземе неговата надлежност. Иако таквите последици од одлуката на Уставниот суд не се изречно утврдени со Уставот, според Уставниот суд, воспоставувањето нормативна контрола и уставна жалба, Уставот имплицитно ги прифаќа.”

Во прилог на нашите аргументи, поради релевантноста на аргументите и во конкретниов случај, како компаративна анализа интегрално ќе ја цитираме одлуката на Уставниот суд на Република Србија со која е разрешен спор помеѓу Уставниот и Врховниот суд во однос на прашањето дали Уставниот суд може да ги поништува и укинува пресудите на редовните судови во Србија. За што станува збор?

Врховниот суд на Србија, на Општа седница на 28 септември 2009 година, усвоил заклучок со кој Уставниот суд не може да поништува и укинува судски одлуки и постапки во неговото постапување по уставни жалби. Во тој заклучок е наведено дека Уставниот суд може само да констатира повреда на човековите права, како што тоа го прави Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Врховниот суд сметал дека Уставниот суд нема овластување да поништува и укинува судски одлуки, туку само може да утврди и да констатира дека некое човеково право или слобода е повредена со пресуда на редовен суд/ови, а таквата констатација би овозможило и би било основ оштетениот да оствари право на надомест на штета. Во ваквиот спор се вклучил и законодавецот кој во 2011 година, донесува Закон за изменување и дополнување на Законот за Уставниот суд („Службен весник Република Србија“ број 99/2011) во кој одредбата на член 92 став 2, ја изменува на начин што е одредено дека Уставниот суд може да ги поништи сите поединечни акти, освен актите, пресудите на редовните судови. Набрзо после тоа Уставниот суд, по сопствена иницијатива, покренува постапка за оценка на уставноста на оваа одредба, за да на 20.12.2012.година донесе одлука дека оспорената одредба во делот кој гласи „освен судска одлука„ не е во согласност со Уставот и истата како таква ја укинува. Одлуката на Уставниот суд на Србија ИУз-97/2012 од 20.12.2012 година, ја пренесувам интегрално.

„Уставниот суд во состав: претседател д-р Драгиша Б.Слијепчевич и судиите д-р Оливера Вучич, д-р Марија Дракшич, Братислав Џокич, Весна Илич Прелич, д-р Горан Илич, д-р Агнеш Картаг Одри, Катарина Манолјович Андрич, м-р Милан Маркович, д-р Боса Ненадич, Милан Станич, д-р Драган Стојанович, м-р Томислав Стојкович, Сабахудин Тахирович и Предраг Четкович врз основа на член 167 став 1 точка 1 од Уставот на Република Србија, на седницата одржана на 20 декември 2012 година донесе

О Д Л У К А

Со решението на Уставниот суд бр.ИУз-97/2012 од 12 јули 2012 година, кое Судот го донел по сопствена иницијатива, во смисла на одредбата од член 168 став 1 од Уставот на Република Србија е поведена постапката за утврдување на уставноста на одредбата од член 89 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Уставниот суд, во делот кој гласи: „освен судската одлука“. Донесувајќи ја наведената одлука, Судот оцени дека основано се поставува прашањето за согласноста со Уставот на одредбата од Законот за изземање на судските одлуки од примената на мерката поништување како уставно-судска санкција за констатирана повреда на човековите или малцинските права и слободи загарантирани со Уставот. Врз основа на член 107 став 1 од Законот за Уставниот суд („Службен весник на Република Србија“ бр. 109/2007 и 99/2011), Судот ја достави гореспоменатата одлука до Народното собрание на одговор. Со оглед на тоа што Народното собрание не достави одговор, Судот врз основа на одредбите од член 34 став 3 од Законот за Уставниот суд ја продолжи постапката и во спроведената постапка го утврди следното:

Уставот на Република Србија утврдил: дека Уставниот суд е самостоен и независен државен орган кој ги штити уставноста и законитоста, човековите и малцинските права и слободи, и дека одлуките на Уставниот суд се конечни, извршни и општо обврзувачки (член 166); дека може да се поднесе уставна жалба против поединечни акти или дејствија на државни органи или организации на кои им се доверени јавни овластувања, со кои се повредуваат или негираат човековите или малцинските права и слободи загарантирани со Уставот, доколку се исцрпени или не се обезбедени други правни средства за нивна заштита (член 170); дека секој е должен да ја почитува и изврши одлуката на Уставниот суд, дека Уставниот суд со својата одлука го уредува начинот на нејзиното извршување по потреба и дека извршувањето на одлуките на Уставниот суд е уредено со закон (член 171); дека организацијата на Уставниот суд, постапките пред Уставниот суд и правното дејство на неговите одлуки се уредуваат со закон (член 175 став 3). Согласно одредбите од член 89 ставови 2 и 3 кои беа содржани во основниот текст на Законот за Уставниот суд („Службен весник на Република Србија“ бр. 109/2007), донесен во ноември 2007 година, заради правна разработка на институтот уставна жалба, кој за прв пат во правниот систем на Република Србија, е воспоставен со Уставот од 2006 година, било пропишано:

„Кога Уставниот суд ќе утврди дека со оспорениот поединечен акт, односно дејство, е повредено или ускратено човеково или малцинско право и слобода загарантирано со Устав, ќе го поништи поединечниот акт, односно ќе го забрани неговото натамошно спроведување или ќе нареди спроведување на одредени дејствија и ќе определи во одреден рок да се отстранат штетните последици.

Одлуката на Уставниот суд со кој се усвојува уставната жалба е правен основ за поднесување барање за надомест на штета или отстранување на други штетни последици пред надлежниот орган, во согласност со закон.“

Одредбите од член 33 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Уставниот суд („Службен весник на Република Србија“ бр. 99/2011), донесен во декември 2011 година, одредбите од член 89 ставови 2 и 3 од основниот текст на Законот се изменија и гласат:

„Кога Уставниот суд ќе утврди дека со оспорен поединечен акт или дејствие се повредени или ускратени човековите или малцинските права и слободи загарантирани со Устав, може да го поништи поединечниот акт освен судска одлука, да забрани натамошно извршување на дејствието или да определи преземање на друга мерка или дејствие со кое се отстрануваат штетните последици од утврдените повреди или ускратување на загарантираните права и слободи и да се определи начинот на правично задоволување на барателот.

Со одлуката со која се усвојува уставната жалба, Уставниот суд ќе одлучува и по барањето на подносителот на уставната жалба за надомест на материјална или нематеријална штета кога е поднесено такво барање“.

До влегувањето во сила на оспорените измени на Законот за Уставниот суд, Уставниот суд ги применуваше одредбите од член 89 од основниот текст на Законот и овластувањата, односно обврските што произлегоа од тие одредби од Законот во врска со новоформираниот уставен институт за уставни жалби определувајќи го како општ став на своето постапување, следното: 1) „по исклучок, кога Уставниот суд ќе ја прифати уставната жалба и ќе утврди дека со оспорениот акт или дејствие се повредени или ускратени човековите или малцинските права и слободи, гарантирани со конкретна одредба од Уставот, а штетните последици не можат да се отстранат на друг начин, Судот во став 2, од одлуката го поништува поединечниот акт и предметот го враќа на органот чиј акт е поништен на повторна постапка и одлучување. Во тој случај, Судот може да определи донесување на нов акт и може да нареди завршување на постапката во најкраток можен рок“ и 2) „Кога Уставниот суд ќе утврди дека со оспорениот акт или дејство е повредено или ускратено човеково или малцинско право и слобода загарантирано со конкретна одредба од Уставот, Судот може да го поништи поединечниот акт, да забрани негово натамошно извршување или да нареди извршување на одредено дејствие и може да определи да ги отстрани штетните последици во одреден рок (пример: враќање во претходна состојба, надомест на штета, објавување на одлуката)“. Горенаведените правни ставови, кои се применуваа и во случаи кога предмет на спор биле одлуките на судовите, Уставниот суд ги темелеше на следниве околностите:

1) дека согласно одредбите од член 89 ставови 2 и 3 од Законот за Уставниот суд кој предвидува дека, кога Уставниот суд ќе утврди дека со поединечен акт, односно дејствие е повредено или ускратено човеково или малцинско право и слобода загарантирано со Устав, ќе го поништи поединечниот акт т.е. ќе забрани понатамошно извршување или ќе нареди извршување на одредено дејство и ќе утврди дека штетните последици треба да се отстранети во одреден рок;
2) дека согласно член 8 став 1 од Законот на прашањата од постапката пред Уставниот суд кои не се уредени со овој закон, соодветно ќе се применуваат одредбите од соодветните процесни закони и
3) дека, во околности на тогашната моментална состојба на правното уредување на правилата на процесното право, усвојувачката одлука на Уставниот суд донесена во постапка за уставна жалба, не била предвидена како основа за каква било форма на повторно/дополнително одлучување за правниот однос за кој органот на судската власт решавал, и притоа сторил повреда на правото загарантирано со Уставот, туку, била предвидена само можност за повторување на законски завршената граѓанска или кривична постапка, врз основа на одлуката на Европскиот суд за човекови права против Република Србија.

Уставниот суд постапувал согласно заземените ставови, па така до стапувањето во сила на спорната измена на Законот за Уставниот суд на 4 јануари 2012 година, ги поништувал оспорените судски одлуки кога утврдувал дека со оспорената судска одлука се повредуваат уставно загарантираните права. Во вршењето на својата надлежност врз основа на поднесена уставна жалба против одлуките на судската власт, Уставниот суд се движеше во границите на својата уставна надлежност, испитувајќи ги оспорените судски одлуки до степен до кој е неопходно да се утврди дали донесувањето на судската одлука резултирала со повреда или ускратување на уставните права и слободи наведени во уставната жалба. Уставниот суд ги преиспитуваше судските одлуки во границите на причините наведени во уставната жалба, а мерката поништување на тие одлуки ја изрекол само во случаите кога сметал дека е потребно отстранување на последиците од утврдената повреда на уставните слободи и права. Притоа во случаите кога се констатирало дека повредата на правото загарантирано со устав настанала пред првостепениот суд, Судот ја поништил само одлуката на последниот инстанционен суд, така што тој суд во повторената постапка, по изјавениот правен лек, би ја отстранил повредата. Значи, ниту овластувањето дадено со Законот за поништување на одлуките на судовите, ниту постапувањето на Уставниот суд при изрекувањето на таа мерка, немале карактер на инстанциона контрола во однос на одлуките на судовите кои биле предмет на уставна жалба. Постигнатиот степен на заштита на уставните права и слободи, кој е постигнат со постапувањето на Уставниот суд по уставните жалби на горенаведениот, уставно заснован и законски пропишан начин, ја направи уставната жалба ефективна правна алатка во правниот систем на Република Србија, што се потврди и во правните толкувања на Европскиот суд за човекови права во изминатиот период на примена на одлуката од основниот текст на Законот. Оценката дека уставната жалба во правниот поредок на Република Србија е ефективен правен лек Европскиот суд ја искажа во пресудата „Винчиќ и други против Србија“ (претставка бр. 44698/06 и др.) од 1 декември 2009 година, во која „Судот е на мислење дека уставната жалба, во принцип, треба да се смета за ефективен домашен правен лек во смисла на значењето на член 35 став 1 од Конвенцијата во однос на сите претставки поднесени почнувајќи од 07.08.2008 година, како датум кога првите мериторни одлуки на Уставниот суд по основаноста на горенаведените жалби се објавени во „Службен весник на тужената држава“.

Оценувајќи ја уставноста на новото законско решение со кое судските одлуки се изземаат од мерки за поништување, што истовремено значи и стеснување на овластувањата на Уставниот суд да ја изрече мерката потребна за отстранување на утврдените повреди на уставните права и слободи, Судот утврди дека соодветната одредба од Законот во оспорениот дел е неусогласен со Уставот, од следниве причини:

Поаѓајќи од фактот дека уставната функција на Уставниот суд е да ги штити човековите и малцинските права и слободи, покрај заштитата на уставноста и законитоста (член 166 став 1), и дека за непосредно остварување на таа функција, Уставот ја утврдува и дефинира уставната жалба како законско средство за заштита на човековите или малцинските права и слободи загарантирани со Устав, а кои се повредени и ускратени со поединечни акти или дејствија на државните органи или организации на кои им се доверени јавни овластувања (член 170), Судот е на мислење дека на тој начин уставотворецот воспоставил уставно-судска заштита според начелото дека апсолутно сите акти и дејствија на јавна власт, од претставниците на сите гранки на власта на ист начин подлежат на оцена на уставноста и уставно-судска заштита на човековите и малцинските права и слободи. Според сфаќањето на Уставниот суд, ваквото определување на Уставниот суд го обврзува и законодавниот орган при вршењето на овластувањата од член 175 став 3 од Уставот – со закон да го уреди правното дејство на одлуките на Уставниот суд, како и овластувањата од член 171 став 3 од Уставот – со закон да го регулира извршувањето на одлуката на Уставниот суд. Во оваа смисла, при правното уредување на дејството на одлуката на Уставниот суд, законодавниот орган е должен да пропише и да обезбеди подлежување на уставно-судска контрола не само на сите акти на јавна власт, туку и еднакво дејство на одлуките на Уставниот суд, во форма на еднакви овластувања на Уставниот суд да изрекува одредени мерки. Согласно тоа со исклучувањето на судските одлуки од можноста за поништување на мерките, се нарушува уставното начело на општо и рамноправно подложување на актите од јавна власт на уставно-судска контрола на еднаков начин, односно барањето за еднакво дејство на одлуките на Уставен суд. Понатаму, Уставниот суд оцени дека со уставното овластување на законодавецот да го регулира правното дејство и извршувањето на одлуките на Уставниот суд, се ограничува уставното право утврдено во Уставот, Уставниот суд како самостоен и независен државен орган согласно член 171 став 2 од Уставот со своја одлука да го уреди начинот на нејзиното извршување како е потребно. Во таа смисла, Уставниот суд оцени дека определувањето на начинот на отстранување на штетните последици предизвикани од поединечен акт или дејство на кој било државен орган или носител на јавни овластувања, што резултирало со повреда или ускратување на некое од правата или слободите гарантирани со Уставот, во суштина, има значење на уредување на начинот на извршување на одлуката на Уставниот суд со која е утврдена повреда или негирање на правата, односно слободата. Поради тоа, Судот оценува дека секое ограничување на Уставниот суд во однос на определување мерка или дејствие со кое се отстрануваат штетните последици од утврдената повреда на уставното право, не е во согласност со одредбите од член 171 став 2 од Уставот, а со тоа и со уставно утврдената положба на Уставниот суд во член 166 став 1 од Уставот.

Судот забележува дека во Република Србија, од формирањето на институтот уставна жалба, фактичката состојба покажува дека судските одлуки се најчест предмет на уставна жалба со кои се врши повреда на уставните права. Изземањето на судските одлуки од мерката поништување, а истовремено ограничување на овластувањата на судот да ја применува оваа мерка на (други) поединечни акти и дејствија како санкција, според тие извори на повреди на уставните права, исто така, претставува еден вид правно-системска противречност имајќи предвид дека, според Уставот, поединечните акти на државните органи и носителите на јавни овластувања подлежат на судска контрола во смисла на член 198 став 2 од Уставот, а пред исцрпување на судската контрола како расположлив правен лек не можат ни да бидат предмет на уставна жалба, со оглед на член 170 од Уставот, како и член 82 од Законот за Уставниот суд. Со ретки исклучоци произлегува дека условот за поднесување уставна жалба е исцрпување на расположливите правни средства за добивање правна заштита. Тоа значи дека во најголем број случаи одлуката на судскиот орган е последен акт во низата од кои повредата на правата може да се отстрани со нејзина контрола и поништување, без разлика дали е донесена со судска одлука во процесот на обезбедување правна заштита или со неуспехот на судскиот орган да ја отстрани повредата на правата сторени во претходните фази на одлучување за правата и обврските на лицата. Оттука, правната елиминација на судските одлуки од делокругот на поништување на одлуката на Уставниот суд ги негира предусловите за ефективно дејство на одлуката на Уставниот суд во голем број случаи и го девалвира уставното значење на воведувањето на институтот уставна жалба како универзално правно средство за заштита на уставните права и слободи од повреди сторени со акти и дејствија на кој било носител на јавна власт.

Разгледувајќи го спорното правно прашање од аспект на одредбите од член 4, член 143 став 1 и член 145 став 3 и 4 од Уставот, со кои се утврдува положбата и функциите на судската власт и овластувањето на одлуките на судската власт, Уставниот суд е на мислење дека подложувањето на судските одлуки на уставно-судска контрола во постапката по уставна жалба, како и со изрекувањето мерка поништување на одлуката на судот во врска со утврдувањето на Судот дека со одлуката на судската власт се повредени уставните права и слободи, не е во спротивност или противречност на уставното начело за независност на судската власт, ниту на уставни определби дека судската власт припаѓа на судовите од општа и посебна надлежност, дека судските одлуки се обврзувачки за секого и дека не можат да бидат предмет на вонсудска контрола, односно дека судската одлука може да ја разгледува само надлежниот суд, во постапка пропишана со закон. Напротив, овластувањето на Уставниот суд како орган надлежен за обезбедување на уставно-судска заштита во сите негови надлежности утврдени со Устав, вклучително и надлежноста за одлучување по уставни жалби, е во функција на остварување на уставното начело на владеењето на правото, кој според одредбите на член 3 од Уставот се заснова на неотуѓиви човекови права, а меѓу другото остварува уставни гаранции за човековите и малцинските права, независна судска власт и послушност на (секоја) влада на Уставот и законот. Од корелацијата на уставните одредби според кои воспоставувањето на правата и слободите гарантирани со Устав е претпоставка на владеење на правото, а уставната жалба е правен лек чија цел е заштита од повреди или ускратување на човековите или малцинските права и слободи гарантирани со Устав, што ги прават државните органи, Судот утврди дека уставното значење и целта на уставната жалба не се постигнува со декларативно утврдување на постоење на повреда на правата, туку се постигнува со отстранување на последиците што произлегле од констатираната повреда на уставните права и слободи, без разлика кој државен орган е донесувач на оспорениот акт. Услов за тоа е постоење на ефективен механизам за отстранување на последиците од утврдената повреда на правата, односно обезбедување на одлуката на Уставниот суд со таков ефект што во најголема можна мера ќе обезбеди ефикасен начин за отстранување на последици од утврдената повреда на уставните права и слободи. Судот смета дека не постои однос на конкуренција или меѓусебно исклучување меѓу уставно утврдената надлежност на Уставниот суд за постапување по уставни жалби и законски утврдената надлежност на судовите од општа и посебна надлежност, ниту пак подложувањето на судските одлуки на уставно-судската контрола во постапката по уставна жалба имаат значење на уставно забранета вонсудска контрола на судски одлуки, бидејќи секако не се работи за одлучување „за иста работа“ двата вида правна заштита се остваруваат во посебни и независни постапки, од независни тела, со цел под покровителство на Уставот во правниот поредок да се обезбеди целосна заштита на правата и слободите загарантирани со устав, за што целта на самиот Устав, регулирајќи го системот на редовна судска и посебна уставно-судска заштита, била да утврди посебно средство за правна заштита во вид на уставна жалба, дозволена против поединечни акти и дејствија на сите државни органи, што неспорно ги опфаќа актите и дејствијата на судските органи. Уставниот суд оцени дека оспорената измена на Законот за уставниот суд, со која се исклучува можноста Уставниот суд да поништи судска одлука поради повреда на уставно загарантираните човекови права и слободи, не се заснова на објективно толкување на односот што произлегува од уставниот концепт на непосредна уставно-судска заштита на основните човекови права и слободи утврдени со одредбите од член 166 и член 170 од Уставот, кој по позитивен редослед му припаѓа на Уставниот суд, и начелото на независност на судската власт, кое во доменот на утврдување на овластувањето на судските одлуки е отелотворено во уставните наредби дека судските одлуки се обврзувачки за секого, дека не можат да бидат предмет на вонсудска контрола и дека судската одлука може да ја преиспита само надлежниот суд, во постапка пропишана со закон, утврдена со одредбите од член 145 ставови 3 и 4 од Уставот. Судот смета дека во однос кој се карактеризира со експлицитно уставно воспоставување непосредна уставно-судска заштита на човековите права и слободи, со истовремено уставно определување дека судските одлуки се засноваат на Уставот (член 145 став 2), подразбира дека судските одлуки мора да ги почитуваат, пред сè, човековите права и слободи, како нивно вредносно јадро. Тргнувајќи од значењето, систематското и смисловно-логичкото поврзување на соодветните норми на Уставот кои се однесуваат на улогата и местото на Уставниот суд во системот на јавната власт, а особено неговата улога во непосредната заштита на правата загарантирани со Уставот при одлучувањето по уставните жалби на граѓаните, произлегува дека ефектот на уставното начело врз независноста на судството (член 4 став 4 од Уставот) и начелото на „недопирливост“ на судските одлуки за вонсудските органи (член 145 ставови 3 и 4 од Уставот) треба да се разбере така што судските одлуки остануваат апсолутно „недопирливи“ за законодавната и извршната власт, кои го задржаа стандардното значење и ефект на принципот на независност на судството. Судските одлуки, сепак, не се „недопирливи“ за оценка дали ги прекршиле основните човекови права загарантирани со Уставот како што во постапката на нормативна контрола Уставниот суд ја оценува уставноста на законите и законитоста на прописите на извршната власт, така и во постапката на уставна жалба Уставниот суд ја оценува согласноста на судските одлуки со уставно загарантираните човекови права и слободи. Основата на двата вида постапки е намерата на уставотворецот сите акти на јавна власт да бидат подредени на Уставот, односно на правата загарантирани со Уставот. Од двете постапки произлегува одлуката на Уставниот суд, со која не се врши „позитивна“ корекција ниту на законот, ниту на судската одлука. Како што е „природно“ од констатацијата на Уставниот суд дека правната норма не е во согласност со Уставот, произлегува и разбирливата и единствена можна последица дека општата норма го губи својството на важечко право, па констатацијата дека судска одлука со која е повредено „конкретно уставно право“ мора неминовно да следи невалидност (ништовност) на поединечен акт на судската власт што е во спротивност со Уставот. Останува недопрено правото на законодавниот орган да ја коригира „својата“ правна норма, со цел да ја усогласи со Уставот, како и правото на судската власт да ја преиспита и исправи сопствената одлука. Ниту Уставниот суд може да го пишува законот наместо законодавецот, ниту уставното судство наместо судот конечно да решава конкретни спорови и да ја преземе неговата надлежност. Иако таквите последици од одлуката на Уставниот суд не се изречно утврдени со Уставот, според Уставниот суд, воспоставувањето нормативна контрола и уставна жалба, Уставот имплицитно ги прифаќа.

Функцијата на Уставниот суд утврдена со Устав не е само самостојна заштита на уставноста и законитоста, туку и заштита на човековите и малцинските права и слободи (член 166 став 1 од Уставот). Како што правата и слободите загарантирани со Устав се индиректно заштитени со заштитата на начелата на уставност и законитост, така посебниот избор на човековите и малцинските права како објект на уставна заштита покажува дека Уставот ја има предвид директната заштита на тие права.

За да се спречи натамошна повреда на правото загарантирано со Уставот, неопходно е да се утврди правна невалидност на поединечен акт, со тоа што е разумно да се очекува од надлежниот суд да утврди правна состојба што одговара на правното сфаќање на Уставниот суд. Ако главната цел на поднесувањето уставна жалба е заштита на повредено или загрозено право, тогаш разумно е да се очекува дека одлуката на Уставниот суд, кој треба да ја обезбеди таа заштита и ефективно да ја отстрани повредата на основното право, ќе биде соодветна за оваа цел. Само ако вака обезбедената заштита се покаже како недоволна, можно е Уставниот суд да го продолжи дејството на својата одлука со, покрај отстранувањето на противуставниот поединечен акт, одредувајќи го начинот на правично задоволување. Тоа значи дека исправката на поединечен акт не е доволна, но несомнено е првиот и најважен резултат на одлуката на Уставниот суд, со која се утврдува дека со поединечен акт е повредено човеково или малцинско право доколку ова правно дејство не се препознало со одлуката на Уставниот суд, тогаш во не толку ретки случаи уставната заштита би била теоретска и илузорна. Неразумно би било да се остави во сила единствен акт со кој се повредуваат правата загарантирани со Устав, повикувајќи се на уставната заповед што ја исклучува можноста за вонсудско преиспитување на судските одлуки.

Од сите наведени причини, Судот оцени дека со исклучувањето на актите на судската власт од примената на мерката поништување се повредува уставното начело на општо и рамноправно подложување на актите од јавна власт на уставно-судска контрола, како да не постои уставна основа за законско пропишување на различни овластувања на Уставниот суд, односно различни дејствија на одлуките на Уставниот суд донесени за заштита на правата и слободите загарантирани со Устав, ниту пак за утврдување на тие разлики кои би се засновале на видот на оспорени акти во зависност на која гранка од власта припаѓа создавачот на оспорениот акт. Според тоа, оценувајќи дека исклучувањето на судските одлуки од можноста за поништување не се заснова на никаква уставно-правна основа и причина, Судот ја утврди неусогласеноста на оспорената одредба од Законот во наведениот дел со Уставот, врз основа на одредбите од член 42а став 1 точка 2) и член 45 точка 1) од Законот за Уставниот суд, Уставниот суд донесе одлука како во изреката на оваа одлука.

Врз основа на член 168 став 3 од Уставот, престанува да важи одредбата од член 89 став 2 од Законот за Уставниот суд наведена во изреката, во делот кој гласи „освен судската одлука“, престанува да важи со денот на објавувањето на одлуката на Уставниот суд во „Службен весник Република Србија“.

Сметаме дека заклучокот кој може да се извлече од оваа стојалиште на Уставниот суд на Србија, е апсолутно прифатлив. Спротивните стојалишта на ова, по наше уверување подразбираат, Уставниот суд да ги потценува и девалвира не само уставно загарантираните права и слободи на човекот и граѓанинот, туку и сопствената поставеност, функција и надлежност, да биде чувар на Уставот. Спротивните стојалишта на овие ја прават уставната заштита на слободите и правата, бесмислена и деклараторна.

Сите погоре изнесени наши лични аргументи, поткрепени со стојалишта на нашите колеги од Уставниот суд на Србија, сметаме дека доволно ја разјаснуваат дилемата која се појави пред колегите во Уставниот суд.

3. Во контекст на изнесеното, во конкретниот случај сметаме дека Судот требаше во согласност со член 56 од Деловникот, кога утврдил повреда на слободите и правата на подносителот на барањето, неопходно е да ги поништи и Пресудата МАЛВП-705/20 од 14.04.2021 година од Основниот граѓански суд Скопје и Пресудата ГЖ-2666/21 од 30.09.2021 година на Апелациониот суд Скопје со кои повредата била сторена. Но, за жал при едногласно утврдена повреда на уставно загарантирани права, мнозинството судии со неодлучноста да ги поништи двете пресуди, постапувајќи спротивно од Деловникот и Уставот, го спречи Судот да ја оствари својата суштинска улога на чувар на уставноста, заштитник на слободите и правата на човекот и граѓанинот.

Судии на Уставниот суд на
Република Северна Македонија,

д-р Дарко Костадиновски
Насер Ајдари

Конечна одлука У.бр.146/2021