Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.60/2023
Скопје,20 јули 2023 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 20 јули 2023 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за усвојување на барање за донација на книги на клонот „К.П. Мисирков” М. Каменица –ЈЛБ „Илинден” Делчево („Службен гласник на Oпштина Македонска Каменица“ бр.19/2023).
Образложение
I
Димчо Атанасовски, градоначалник на Општина Македонска Каменица, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот, означен во точката 1 од Решението.
Подносителот на иницијативата, смета дека со оспорената одлука се повредени член 8 став 1 алинеите 3 и 9 од Уставот на Република Северна Македонија, со кои се утврдени темелните вредности на уставниот поредок, меѓу кои, владеењето на правото и локалната самоуправа, како и член 62 став 3 од Законот за локална самоуправа.
Градоначалникот на Општината наведува дека во Буџетот на Општина Македонска Каменица за 2023 година не биле предвидени финансиски средства за намена – донација на книги, лектири за петто и шесто одделение на клонот „К.П. Мисирков” М. Каменица – ЈЛБ„ Илинден” Делчево.
Подносителот на иницијативата потенцира дека во оспорената oдлука не постоела соодветна ставка за изворот на финансиски средства, а станува збор за пропис кој треба да содржи и одредби со кои се утврдуваат изворите на тие средства, како што e предвидено во член 62 ставовите 1 и 3 од Законот за локалната самоуправа. Од овие причини градоначалникот донел Решение за запирање на објавувањето на оспорениот акт, но Советот на Општина Македонска Каменица не го усвоил Решението за запирање бр.09-377/1 од 27.02.2023 година за запирање.
Имајќи го предвид горенаведеното, подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста, а потоа оспорената одлука да ја поништи.
II
Судот на седница утврди дека врз основа на член 36 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) и член 20 од Статутот на Општина Македонска Каменица („Службен гласник на Општина Македонска Каменица“ бр.20/19 и 38/20), Советот на Општина Македонска Каменица на 18-та седница одржана на ден 27.02.2023 година донел
О Д Л У К А
за усвојување на барање за донација на книги на клонот „К.П. Мисирков” М. Каменица – ЈЛБ „ Илинден” Делчево
Член 1
Со оваа Одлука Советот на Општина Македонска Каменица го усвојува барањето за донација на книги – лектири за петто и шесто одделение на клонот „К.П. Мисирков” М. Каменица – ЈЛБ „ Илинден” Делчево.
Барањето бр. 13-02/1 од 12.01.2023 година е составен дел на оваа Одлука.
Член 2
Оваа Одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на Општина Македонска Каменица“.
Совет на Општина Македонска Каменица
Претседател,
Анета Стојчевска
III
Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Поаѓајќи од правните елементи кои го определуваат прописот подобен за уставно-судска анализа, произлегува дека тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото.
Од називот и содржината на оспорената одлука неспорно произлегува дека таа е поединечен акт со кој се усвојува барањето за донација на книги, лектири за петто и шесто одделение на клонот „К.П. Мисирков” М. Каменица – ЈЛБ „ Илинден” Делчево.
Оттука, оспорената oдлука се однесува на точно определен субјект, што значи дека истата регулира односи inter partes, односно не е пропис кој на општ начин уредува определени односи и прашања за неопредeлен круг на субјекти во правото, или дејство erga omnes.
Со оглед на тоа што оспорената одлука нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и истата претставува конкретен, поединечен акт, барањето за оцена на нејзината уставност и законитост, излегува надвор од утврдените надлежности на Уставниот суд од член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, па Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот за отфрлање на иницијативата.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска