У.бр.89/2023

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.89/2023
Скопје,5 јули 2023 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 14 став 1, член 27 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 5 јули 2023 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Упатството за изменување и дополнување на Упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи; издавање на изводи, уверенија, преписи и копии врз основа на матичните книги; водење на постапка и составување на записник за најдено дете; обновување на уништени, оштетени или исчезнати матични книги, како и за обрасците на матичните книги, регистарот на матичните книги, изводите и уверенијата што се издаваат врз основа на матичните книги („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.125 од 15.06.2023 година)

2. СЕ ЗАПИРА ИЗВРШУВАЊЕТО на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на член 3 став 1 во делот на новите обрасци број 4, 4а, 4в и 4д од актот, означен во точката 1 на ова решение и прилозите: образец – 4, Извод од матична книга на родените; образец – 4-а, Извод од матична книга на родените; образец – 4-в, Извод од матична книга на родените; образец – 4-д, Извод од матична книга на родените, кои се составен дел од истиот акт.

3. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Образложение

I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, по сопствена иницијатива поведе постапка за оценување на уставноста на актот, означен во точката 1 од Решението, затоа што пред Судот, со основ се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Северна Македонија.

II

Судот на седница утврди дека оспорениот акт е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 125 од 15 јуни 2023 година и истиот ја има следната содржина:

Врз основа на член 30-а став 1 од Законот за матичната евиденција („Службен весник на Република Македонија” бр.8/95, 38/02, 66/07, 98/08, 67/09, 13/13, 43/14, 148/15, 27/16 и 64/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.14/20), министерот за правда, донесе

УПАТСТВО ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА УПАТСТВОТО ЗА НАЧИНОТ НА ВОДЕЊЕ, ЗАШТИТА И ЧУВАЊЕ НА МАТИЧНИТЕ КНИГИ И СПИСИ; ИЗДАВАЊЕ НА ИЗВОДИ, УВЕРЕНИЈА, ПРЕПИСИ И КОПИИ ВРЗ ОСНОВА НА МАТИЧНИТЕ КНИГИ; ВОДЕЊЕ ПОСТАПКА И СОСТАВУВАЊЕ НА ЗАПИСНИК ЗА НАЈДЕНО ДЕТЕ; ОБНОВУВАЊЕ НА УНИШТЕНИ, ОШТЕТЕНИ ИЛИ ИСЧЕЗНАТИ МАТИЧНИ КНИГИ, КАКО И ЗА ОБРАСЦИТЕ НА МАТИЧНИТЕ КНИГИ, РЕГИСТАРОТ НА МАТИЧНИТЕ КНИГИ, ИЗВОДИТЕ И УВЕРЕНИЈАТА ШТО СЕ ИЗДАВААТ ВРЗ ОСНОВА НА МАТИЧНИТЕ КНИГИ

Член 1

Во Упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи; издавање на изводи, уверенија, преписи и копии врз основа на матичните книги; водење постапка и составување на записник за најдено дете; обновување на уништени, оштетени или исчезнати матични книги, како и за обрасците на матичните книги, регистарот на матични книги, изводите и уверенијата што се издаваат врз основа на матичните книги („Службен весник на Република Македонија” бр. 110/10, 40/15 и 203/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 86/19), во член 35 во ставот (1) зборовите „според образецот број 7” се заменуваат со зборовите „според обрасците број 7 и 7-а”.

Член 2

Во член 35-а во ставот 1 зборовите „според образецот број 9” се заменуваат со зборовите „според обрасците број 9 и 9-а”.

Член 3

Обрасците бр. 2, 2-a, 3, 3-a, 4, 4-a, 4-в, 4-д, 5, 5-а, 5-в, 5-д, 6, 6-а, 6-в,6-д, 7 и 9 се заменуваат со нови обрасци бр. 2, 2-a, 3, 3-a, 4, 4-a, 4-в, 4-д, 5, 5-а, 5-в, 5-д, 6, 6-а, 6-в,6-д, 7 и 9, кои се дадени во прилог и се составен дел на ова упатство.
По Образецот бр. 7 се додава нов Образец бр. 7-а, а по Образецот бр. 9 се додава нов Образец бр. 9-а, кои се дадени во прилог и се составен дел на ова упатство.

Член 4

Ова упатство влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во ,,Службен весник на Република Северна Македонија”, освен одредбите од член 3 од ова упатство кои се однесуваат на обрасците 2, 2-а, 3, 3-а, 5, 5-а, 5-в, 5-д, 6, 6-а, 6-в, 6-д, 7, 7-а, 9 и 9-а, кои ќе отпочнат да се применуваат од 1 јануари 2024 година.

Бр.21-1575/1
29 мај 2023 година                                                                Министер за правда,
Скопје                                                                                      Кренар Лога, с.р

Во прилог и составен дел на упатството се 20 обрасци и тоа: oбразец-2, Матична книга на венчаните; oбразец -2 а, Матична книга на венчаните; oбразец-3, Матична книга на умрените; oбразец-3-а, Матична книга на умрените; oбразец-4, Извод од матична книга на родените; oбразец-4-а, Извод од матична книга на родените; oбразец-4-в, Извод од матична книга на родените; oбразец-4-д, Извод од матична книга на родените; oбразец-5, Извод од матична книга на венчаните; oбразец-5-а Извод од матична книга на венчаните; oбразец-5-в, Извод од матична книга на венчаните; oбразец-5-д, Извод од матична книга на венчаните; oбразец-6, Извод од матична книга на умрените; oбразец-6-а, Извод од матична книга на умрените; oбразец-6-в, Извод од матична книга на умрените; oбразец-6-д, Извод од матична книга на умрените; oбразец-7, Уверение (за признавање татковство); oбразец-7-а, Уверение (за признавање татковство); oбразец-9, Уверение за слободна брачна состојба, oбразец-9-a, Уверение за слободна брачна состојба.

III

Една од основните цели на Уставот на Република Северна Македонија е воспоставување на владеење на правото во системот на власта. Овој уставен принцип со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот е определен како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно член 51 од Уставот.

Според член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, а според став 2 од истиот член, законите и другите прописи се објавуваат во „ Службен весник на Република Северна Македонија” најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.

Поаѓајќи од наведените уставни одредби произлегува дека објавувањето на законите и другите прописи е во функција на обезбедување на владеење на правото и остварување на слободите и правата на човекот и граѓанинот, како претпоставка за правната сигурност на граѓаните и другите правни субјекти.

Самото објавување на законите и другите прописи претставува чин на обнародување на тие акти и нивно ставање на увид на јавноста. Имено законот, а во конкретниот случај прописот со негово донесување, промулгирање (потпишување) и со објавување во службено гласило од јавен интерес, станува применлив акт.

Имајќи го предвид карактерот и значењето на објавувањето на законите и другите прописи, Уставот на Република Северна Македонија утврдил обврска, но и рок тие да се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија” како службено гласило на Републиката.

Одредбата за објавувањето на законите и другите прописи во Уставот е предвидена во главата за основните слободи и права на човекот и граѓанинот и тоа во делот за гаранциите на основните слободи и права. Овој факт укажува дека Уставот, на објавувањето на законите и другите прописи не приоѓа како на техничко прашање, туку на прашање кое длабоко навлегува во уставните гаранции на основните слободи и права на човекот и граѓанинот.

Уставната гаранција за објавувањето на законите и другите прописи се афирмира токму преку одредување на временска рамка заради интензивирање на самата постапка на објавувањето.

Неспорно е дека во Упатството кое е предмет на уставна судска оцена, не е наведен денот на неговото донесување. Меѓутоа, истото е заведено под архивски број 21-1575/1 од 29 мај 2023 година, што како дејствие секогаш следи и е условено со претходно донесување на прописот.

Од друга страна, согласно Законот за објавување на законите и другите прописи и акти („Службен весник на Република Македонија” бр.56/1999, 43/2002 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.21/2021) актот е објавен како во електронското така и во печатеното издание на „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 125 од 15 јуни 2023 година.

Врз основа на изнесеното и утврдената фактичка состојба, Судот оцени дека е пречекорен уставниот рок за објавување на оспорениот акт, Упатство за изменување и дополнување на Упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи; издавање на изводи, уверенија, преписи и копии врз основа на матичните книги; водење на постапка и составување на записник за најдено дете; обновување на уништени, оштетени или исчезнати матични книги, како и за обрасците на матичните книги, регистарот на матичните книги, изводите и уверенијата што се издаваат врз основа на матичните книги („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.125 од 15.06.2023 година), односно истиот не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 52 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија.

Судот, исто така, оцени, врз основа на горенаведената уставно-судска анализа дека се исполнети и условите од член 27 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, за донесување Решение за запирање од извршување на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорениот акт, поради можно настанување на тешко отстранливи и ненадоместливи последици за граѓаните, односно дејствија преземени врз основа на член 3 став 1 во делот на новите обрасци 4, 4а, 4в и 4д од актот, означен во точката 1 на ова решение и прилозите: образец – 4, Извод од матична книга на родените; образец – 4-а, Извод од матична книга на родените; образец – 4-в, Извод од матична книга на родените; образец – 4-д, Извод од матична книга на родените, кои се составен дел од истиот акт.

IV

Врз основа на наведеното, Судот со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска