У.бр.25/2023

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 21 јуни 2023 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 281/2022).

2. Кристијан Габроски од Скопје, Робертино Саздов од Скопје и Ѓорѓи Крстевски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Правилникот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителите на иницијативата наведуваат дека Здружението за заштита на авторските музички права – Скопје (во натамошниот текст: ЗАМП) согласно член 144 став 1 од Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/10, 140/10, 51/11, 147/13, 154/15 и 27/16) носи општи акти, помеѓу кои и правилник за распределба на авторските надоместоци, па оттука на седницата на Собранието на ЗАМП одржана на 23.12.2022 година бил донесен Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 281/2022).

Понатаму, подносителите на иницијативата го цитираат оспорениот правилник во целост, меѓу другото и член 2 од Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 281/2022) со кој се регулира дека оспорениот правилник ќе се применува почнувајќи со распределбата на авторските надоместоци за 2022 година, што ќе биде утврдена со општата пресметка во 2023 година, и заклучуваат дека тој член има за последица ретроактивна, односно повратна примена на одредбите на оспорениот правилник во однос на распределбата на авторските надоместоци изменети со член 1 од оспорениот правилник. Подносителите на иницијативата го извлекле овој заклучок врз основа на членовите 39 и 41 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци според кои поединечните пресметки и исплатите на надоместоците на авторите се вршат најмалку еднаш годишно најдоцна до крајот на март во тековната за претходната година, како и дека распределбата на авторските надоместоци се врши за заштитени дела што се појавиле во програмите доставени до ЗАМП во определен рок за една репартициска година. Според подносителите, ова значи дека пресметка и исплата на надоместоци за програмите наплатени и доставени до ЗАМП за емитување на репартициска 2022 година (од 2022 година и од заостанати претходни години 2021, 2020, 2019) ќе се изврши до крајот на март 2023 година. Во иницијативата е наведено дека до крајот на 2022 година во правна важност биле други правила за распределба на надоместоците, предвидени со тогаш важечкиот член 46 став 2 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија“ бр. 141/14), што се значително различни од оние изменети со оспорениот Правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 281/2022). Во иницијативата подносителите констатираат дека од член 2 од Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци недвосмислено произлегува дека ова правило ќе се применува за пресметка и исплата на надоместоци за дела емитувани во временски период пред истото да е донесено и објавено во „Службен весник на Република Северна Македонија“ и влезено во правна сила, односно ќе се применува за надоместоци наплатени за емитување на авторски дела во 2022 година и за заостанати наплати од претходни години, иако истото влегло во правна сила на 03.01.2023 год., што претставува примена на ова правило со повратно дејство.

Врз основа на наведеното, подносителите на иницијативата укажуваат дека повратното дејство на оспорениот правилник е во директна спротивност со член 52 став 4 од Уставот, според кој законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните и дека на тој начин директно ги крши правата на авторите.

Покрај ова, подносителите на иницијативата потенцираат дека ваквата регулатива создава правна несигурност кај авторите на делата, што е спротивно на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, со кој се гарантира владеењето на правото, бидејќи авторите на музичките дела основано очекувале распределба на авторските надоместоци според правилата што важеле во 2022 год. за време на емитување на нивните дела, а не согласно тогаш неважечки, односно сẻ уште недонесени и непознати правила за пресметка и распределба предвидени во оспорениот член 1 од Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 281/2022).

Покрај ова, подносителите на иницијативата потенцираат дека од истите причини, според нив, оспорениот правилник не е во согласност со член 51 од Уставот, според кој законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, како и дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Поради сето наведено, подносителите на иницијативата предлагаат Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци и истиот да го поништи.

Исто така, со цел да се спречи настанување на тешко отстранливи последици, подносителите на иницијативата предлагаат Уставниот суд, согласно член 27 од Деловникот, до донесување конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на Правилникот или дејствија што произлегуваат од него.

3. На седницата Судот утврди дека Собранието на ЗАМП Скопје врз основа на член 132 и 144 од Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/10, 140/10, 51/11, 147/13, 154/15 и 27/16) и член 13 став 1 точка 1 од Статутот на ЗАМП Скопје, на својата седница одржана на ден 23.12.2022 година, го донело Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци, кој е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.281 од 26 декември 2022 година и влегол во сила на 3 јануари 2023 година.

Со член 1 од оспорениот правилник, се менува член 46 став 2 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија“, број 141/14 и број 36/16) и истиот по промената гласи:

Траење коефициент
1. Од 1-15 минути – 1,00
2. Од 16-20 минути – 1,50
3. Од 21-25 минути – 2,00
4. Од 26-30 минути – 2,50
5. Од 31-35 минути – 3,00 итн.

Според член 2, оспорениот правилник ќе се применува почнувајќи со распределбата на авторските надоместоци за 2022 година, што ќе биде утврдена со општата пресметка во 2023 година.

Согласно член 3, оспорениот правилник по неговото донесување, согласно Законот за авторското право и сродните права и Статутот на ЗАМП Скопје, се објавува во „Службен весник на Република Северна Македонија“ и истиот влегува во сила осмиот ден од објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно член 51 став 1 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Член 52 став 4 од Уставот предвидува дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога е тоа поповолно за граѓаните.

Во член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, е определено дека Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Со член 129 став 1 од Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/10, 140/10, 51/11, 147/13, 154/15 и 27/16), насловен Индивидуално и колективно управување, систематизиран во глава IV. Колективно управување со авторското право и сродните права, дел 1. Општи одредби, е предвидено дека носителите на авторското право и на сродните права можат да ги остваруваат правата определени со овој закон индивидуално (одделно за секое авторско дело, односно предмет на сродно право), лично, односно преку застапник или колективно (заедно за повеќе дела или предмети на сродни права и за повеќе носители на правата) преку организација за колективно управување со правата, на начин и под услови определени со овој закон.

Според член 129 став 2 од Законот за авторското право и сродните права, колективното управување со правата од ставот 1 на овој член опфаќа правни работи со корисниците на правата, прибирање надоместоци од користењето, нивна распределба и заштита на правата пред државни органи и други субјекти.

Со член 133 точки 1), 3) и 6) од Законот за авторското право и сродните права, насловен Обврски на организацијата, е пропишано дека организацијата е должна да ги штити интересите на носителите на правата со кои управуваат преку следење на нивното користење во Република Македонија и во странство, донесува и објавува општи акти за прибирање и за распределба на надоместоци од користењето, во согласност со закон и ги прибира утврдените надоместоци од корисниците и врши нивна распределба на носителите на правата во согласност со закон и општите акти.

Според член 144 став 1 од Законот за авторското право и сродните права, насловен Општ акт за распределба, систематизиран во оддел 4. Распределба на надоместоците, организацијата за колективно управување со авторските права донесува општ акт за распределба на надоместоците во согласност со закон и статутот, односно со договорот за основање. Истиот член во став 2 предвидува дека распределбата на надоместоците се врши согласно со евиденциите и податоците за користење на делата, односно предметите на сродните права, а паушално кога не е можно или предизвикува неразумни трошоци, според принципот на правичност.

Со член 144 став 7 од Законот за авторското право и сродните права е предвидено дека поединечните пресметки и исплатите на надоместоците на авторите и носителите на сродните права се вршат најмалку еднаш годишно најдоцна до крајот на март во тековната за претходната година, а став 8 пропишува дека општиот акт за распределба, по неговото донесување од надлежен орган на организацијата, се објавува во „Службен весник на Република Македонија“.

Со член 71 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија е предвидено дека Уставниот суд донесува решение за поведување постапка за оценување на уставноста на закон, односно уставноста и законитоста на пропис и друг општ акт.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби, Судот утврди дека законодавецот се определил во сферата на остварување на авторските права, носителите на авторското право и на сродните права да можат да основаат правни лица (организации) кои ќе вршат колективно управување со нивните права, кои работат во свое име, а за сметка на носителите на правата и врз основа на дозвола од Министерството за култура.

Во оваа насока, дозволата која Министерството за култура ја издава на организацијата согласно член 132 од Законот за авторското право и сродните права претставува доверување на вршење на јавно овластување. Притоа, државата го задржала правото на надзор над остварувањето на пренесеното јавно овластување, односно над спроведување на одредбите на Законот од страна на организациите за колективно управување, така што согласно член 181 од Законот тоа го врши Министерството за култура.

Во рамките на пренесеното јавно овластување, законодавецот ја овластил организацијата која има дозвола од Министерството за култура, меѓу другото, да донесува и објавува општи акти за прибирање и за распределба на надоместоци од користењето на авторските дела, во согласност со закон и статут, односно со договорот за основање.

ЗАМП, како единствена организација на територијата на Република Северна Македонија која врз основа на дозволата за работа издадена од Министерството за култура врши колективно управување на авторските музички права на носителите на авторски музички права како законски пренесено јавно овластување согласно Законот за авторското право и сродните права, на 23 декември 2022 година го донела Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци, кој е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 218/2022 од 26 декември 2022 и влегол во сила на 3 јануари 2023 година.

Оспорениот пpавилник содржи три члена, од кои член 1 се однесува на поентирање на авторските дела, со истиот е изменет член 46 став 2 од Правилникот за распределба на авторски надоместоци и се предвидува ново поентирање на делата заради пресметка на авторскиот надомест. Со член 2 е утврден периодот за кој ќе важи оспорениот правилник, односно дека ќе се применува почнувајќи со распределбата на авторските надоместоци за 2022 година, што ќе биде утврдена со општата пресметка во 2023 година и член 3 се однесува на неговото објавување и стапување во сила.

Владеењето на правото како една од темелните вредности на правниот поредок предвидени со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија го опфаќа, меѓу другото, принципот на правна сигурност и легитимни очекувања. Тоа значи дека секоја измена со ретроактивен карактер претставува повреда и на начелото на правната сигурност.

Оттука, Судот оцени дека член 2 од оспорениот правилник предвидува ретроактивна примена на новиот систем за поентирање на авторските дела, па оттука се основани наводите на подносителите на иницијативата дека оспорениот правилник е спротивен на член 52 став 4 од Уставот, според кој законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните, и на кој начин е сторена повреда и на начелото на правната сигурност како елемент на владеењето на правото. Имено, во конкретниот случај се исполнети два клучни кумулативни услови за една одредба, односно акт да се смета за неуставен, а тоа се повратното дејство и понеповолниот ефект.

Исто така, Судот оцени дека член 1 од оспорениот правилник со кој е изменет член 46 став 2 од Правилникот, е спротивен на начелото на легитимни очекувања како составен дел од владеењето на правото загарантирано со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот со оглед на тоа дека предвидува пониски коефициенти за пресметка на авторскиот надомест за емитуваните авторски дела во 2022 година споредено со коефициентите што биле предвидени со Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија“ бр. 141/14), па оттука авторите ќе добијат помалку материјални средства од очекуваниот износ.

Имено, оспорениот правилник, кој е донесен на 23 декември 2022 година од Собранието на ЗАМП и објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.281 на 26 декември 2022 година, влегол во сила на 3 јануари 2023 година. Со член 2 од оспорениот правилник е предвидено дека истиот ќе се применува почнувајќи со распределбата на авторските надоместоци за 2022 година, што ќе биде утврдена со општата пресметка во 2023 година. Оттука, исполнет е првиот услов од горенаведените два клучни кумулативни услови за една одредба, односно акт да се третира за неуставен, односно истиот има ретроактивно дејство со оглед на тоа што е предвидено дека правилник што влегол во сила на 3 јануари 2023 година ќе се применува за распределба на авторските надоместоци за 2022 година, што значи дека ќе се применува за период во кој важеле други коефициенти за поентирање на емитуваните авторски дела. Во однос на вториот услов, а тоа е понеповолен ефект, Судот оцени дека истиот е исполнет од причина што со член 1 од оспорениот правилник се предвидени пониски коефициенти за пресметка на авторскиот надомест за емитуваните авторски дела во 2022 година, и како резултат на ова авторите ќе добијат помалку материјални средства од очекуваниот износ.

Измените направени со оспорениот правилник единствено можат да се однесуваат на идните правни односи кои ќе се воспостават по влегувањето во сила на истиот, но не и да се однесуваат и да ги менуваат претходно создадените правни односи.

Врз основа на наведеното, Судот оцени дека оспорениот правилник има повратно дејство, што не е дозволено од причина што е понеповолно за субјектите на кои се однесува и како резултат на тоа основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со член 8 став 1 алинеја 3 и член 52 став 4 од Уставот.

Во однос на барањето Судот до донесување на конечна одлука по иницијативата, да донесе решение за запирање на извршувањето на оспорениот правилник или дејствијата што произлегуваат од него, со цел да се спречи настанување на тешко отстранливи последици, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 на Деловникот на Уставниот суд за донесување на вакво решение. Имено, донесена е Одлука за усвојување на општата пресметка за распределба на прибираните авторски надоместоци по основ на право на јавно соопштување на музичките несценски дела за 2022 година („Службен весник на Република Северна Македонија“, бр. 77/2023).

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.25/2023
21 јуни 2023 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска