Уставниот суд оформи нови 5 предмети во периодот од 1-20 јуни 2023 година

Во периодот од 1-20 јуни 2023 година во Уставниот суд беа оформени пет нови предмети по претходно поднесени иницијативи за оценување на уставност или законитост. Сите овие предмети се предадени на работа кај тимови од советници и судии и се во почетна фаза од работењето, односно во претходна постапка. Уставниот суд допрва ќе ги испитува наводите во иницијативите и барањата и ќе оформи реферати кои ќе содржат предлози за гласање на седница. 

1. У.бр.81/2023

Оспорен: Член 41-а од Законот за средното образование

Подносител на иницијативата:  Лука Павиќевиќ

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата наведува дека со оспорениот член од Законот за средното образование се дискриминирани учениците во приватните средни училишта во поглед на правото на користење на јавниот превоз, иако според Уставот образованието е достапно на секого под еднакви услови. Дополнително оспорен е и членот со кој се овозможува бесплатен јавен превоз само на учениците чиешто живеалиште е оддалечено од училиштето над 2,5 километри.

2.У.бр.82/2023

Оспорен: Член 2 став 2 алинеја 6 од Правилникот за доставување и регистрирање на колективните договори и нивните измени до надлежниот државен орган и начинот на водење на евиденција на доставените колективни договори и нивните измени.

Подносител на иницијативата: Синдикат на Сојузот на синдикати на вработените на Унервизитетот „Свети Кирил и Методиј”, преку претседател Проф. д-р Ангел Ристов

Од наводите во иницијативата:

Се наведува дека оспорената одредба предвидува согласност од министерството за финансии во подзаконски акт, Правилник, со што се ограничува правото на колективни преговори и правото на склучување на колективен догоговор, за што подносителот наведува дека е во спротивност со Уставот и Законот за работните односи.

3.У.бр.83/2023

Оспорен: Член 110 став 4 и член 117-а став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи

Подносител на иницијативата: Политичка партија „Левица”

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека со оспорениот акт се овозможува начинот и местото на исплата на платата на работниците кои работат на проекти од стратешко национално значење да се уреди со подзаконски акт донесен од министерот за финансии, во согласност со министерот за труд и социјална политика, што според подносителот е спротивно на Уставот. Се наведува дека  овие прашања да се уредени со закон или колективен договор. Во однос на вториот оспорен член во иницијативата се тврди дека на штета на работниците ангажирани на одредени проекти се овозможува да работат прекувремена работа, повеќе отколку што е дефинирано во Законот.

4.У.бр.84/2023

Оспорен: Делот „членот 14 од“ од член 48 став 1 точка в) од Законот за градежни производи

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата:

Со оспорената одредба во конкретниот дел се упатува на примена на норма која не е дел од правниот промет. 

5.У.бр.85/2023

Оспорена: Одлуката за утврдување на надоместок на штета предизвикана од каснување од бездомни кучиња од 25.05.2022 година

Подносител на иницијативата: Адвокат Никола Источки

Од наводите во иницијативата:

Се наведува дека Советот на општините не се надлежни да го уредуваат прашњето за надомест на штета и постапката на штета, туку тоа е утврдено во Законот за заштита и благосостојба на животните и Законот за комуналните дејности. Подносителот смета дека со донесувањето на одлуката за оштетно побарување на лица каснати од бездомни кучиња Советот на општина Ресен си дал улога на законодавна власт и се ставил над Уставот и Законот за локалната самоуправа.