У.бр.63/2023

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 21 јуни 2023 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за усвојување на барањето за одобрување на финансиски средства бр.08-547/1 донесена од Советот на Општина Македонска Каменица на ден 15 март 2023 година („Службен гласник на Општина Македонска Каменица“ бр.19/2023).

2. Димчо Атанасовски, градоначалник на Општина Македонска Каменица, до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата, со оспорената одлука се повредени член 8 став 1 алинеите 3 и 9 од Уставот на Република Северна Македонија, со кои се утврдени темелните вредности на уставниот поредок, меѓу кои, владеењето на правото и локалната самоуправа, како и член 62 став 3 од Законот за локална самоуправа.

Советот на Општина Македонска Каменица на седница одржана на ден 15 март 2023 година донесе одлука за усвојување на барање за одобрување на финансиски средства во износ од 30.000,00 денари на Ловечкото друштво „Хантер Бизиково Каменица“ Македонска Каменица, за спонзорство. Градоначалникот на Опшина Македонска Каменица, во својство на подносител на оваа иницијатива, побарал да се запре објавувањето на оваа одлука во службеното гласило поради тоашто истата била спротивна на член 62 став 3 од Законот за локалната самоуправа и не постоела ставка во Буџетот за исплата на средства по тој основ.

Имајќи го предвид сето наведено подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста, а потоа оспорената одлука да ја поништи.

3. На седницата Судот утврди дека Советот на Општина Македонска Каменица врз основа на член 36 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002) и член 20 од Статутот на Општина Македонска Каменица („Службен гласник на Општина Македонска Каменица“ бр. 20/2019 и 38/2020), на седницата одржана на 27 февруари 2023 година, донел Одлука за усвојување на барање за одобрување на финансиски средства.

Во член 1 од Одлуката е уредено дека со истата Советот на Општина Македонска Каменица го усвојува барањето за одобрување на финансиски средства на Ловечкото друштво „Хантер Бизиково Каменица“ Македонска Каменица. Барањето на Ловечкото друштво „Хантер Бизиково Каменица“ Македонска Каменица бр.08-503/1 од 14 март 2023 година е составен дел на оваа одлука.

Според член 2 од истата одлука се утврдува дека од Буџетот на Општина Македонска Каменица ќе се исплатат финансиски средства во износ од 30.000,00 денари на жиро сметка на Ловечко друштво „Хантер Бизиково Каменица“ Македонска Каменица.

Согласно член 3 се утврдува дека оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на Општина Македонска Каменица“.

4. Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од називот и содржината на оспорената одлука неспорно произлегува дека таа е поединечен акт со кој се усвојува барање за одобрување на финансиски средства, за точно определен субјект, во износ од 30.000,00 денари и тоа на Ловечко друштво „Хантер Бизиково Каменица“ Македонска Каменица, за спонзорство, што значи дека истата регулира односи inter partes, а не е пропис кој на општ начин уредува определени односи, односно прашања или пак утврдува односи на неопределен број на субјекти во правото, erga omnes.

Со оглед на фактот што оспорената одлука нема карактер на пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, исполнети се условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, според кој Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по истата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.63/2023
21 јуни 2023 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска