У.бр.36/2023

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 6 јуни 2023 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 5-а од Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Македонија“ бр.110/2007, 103/2008, 161/2008, 153/2009, 67/2010, 97/1010, 135/1011, 231/2015 и 248/2018).

2. Владимир Николоски, адвокат од Гостивар, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 5-а од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорената одредба не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3, 4, 6 и 11, член 9, член 32 став 3, член 51 и член 54 од Уставот, како и со член 5 од Законот за платите на судиите и член 11 од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката.

Имено, во член 5 од Законот за платата на судиите е предвидено дека платата на судиите во бруто-износ се пресметува на начин што се множи основицата со коефициентот за утврдување на платата, а основицата за пресметување на платата на судиите е основицата за пресметување на платата за избрани и именувани лица утврдена согласно Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката. Во член 11, пак, на овој закон е предвидено дека основицата за пресметување на платата е просечно исплатената месечна плата по вработен во Републиката за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика. Просечната месечна бруто-плата по вработен, во 2022 година, според Државниот завод за статистика изнесува 48.744 денари.

Имајќи го предвид наведеното наспрема фиксниот износ од 25.726 денари утврден во оспорената одредба произлегува дека основицата за платата на судиите е помала и од минималната плата која во периодот од март 2022 до февруари 2023 изнесува 26.422 денари.

Оттаму, определувањето на фиксен износ како основица во оспорената одредба е спротивно на цитираните одредби од двата закони. Тука треба да се има предвид и член 2 од Законот за измена на Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2010) според кој со денот на влегување во сила на овој закон, при утврдување на износот на висината на основицата за пресметување на платата на судиите ќе се применува утврдениот износ за основицата за исплата на плата за временскиот период за кој таа се однесува согласно со одредбите од Законот за плата и други надоместоци на пратениците и другите избрани и именувани лица во Република Македонија, кои се однесуваат на примената на член 11 од тој закон.

Ако се има предвид член 32 став 3 од Уставот, според кој е гарантирано правото на соодветна заработувачка, како економско право и на судиите, произлегува дека соодветноста на платата на судиите и заштитата на соодветноста се определени во цитираниот член 2 од Законот и воопшто со Законот за платата на судиите.

Во иницијативата понатаму се наведува дека со одредбата се повредуваат и член 8 став 1 алинеи 1, 3, 4, 6 и 11 од Уставот, па се цитираат член 32 став 3, член 50 и член 51 од Уставот и се констатира дека одредбата нема ниту уставна, ниту законска основа.

Според подносителот на иницијативата со оспорената одредба е настаната состојба на двојство на примената на различни прописи по однос на едно исто фактичко и правно прашање, односно прашањето за платата на судиите, од каде има правна колизија со важечките закони со што се повредува принципот на владеење на правото и правната сигурност на граѓаните.

Оспорениот член 5-а од Законот го повредува и член 32 став 3 од Уставот, бидејќи со него не се обезбедува соодветна заработувачка на судиите, односно плата поврзана со просечната месечна плата по вработен во Републиката за претходната година како што определува член 11 од Законот за плата и други надоместоци на пратениците и другите избрани и именувани лица во Република Македонија.

Во иницијативата се цитира член 51 од Уставот и се наведува дека различното постапување на функционерите како граѓани кои се во иста правна ситуација и положба, истовремено имплицира и дискриминаторско постапување по основ на општествен статус што е спротивно на член 9 и член 54 од Уставот. Ова од причина што за фиксен износ на основица за пресметување на плата е опфатена само една група на функционери, а тоа се судиите иако во Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката упатува на пресметка според просечна месечна плата исплатена во Републиката од минатата година. Ова значи дискриминација и спротивност на сите законски прописи и меѓународни договори во која смисла се цитираат член 118 од Уставот и член 1 од Протоколот кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи. Воедно, се укажува на Европската повелба за статусот на судиите (погрешно означена како Европската повелба на судиите) според која адекватните плати на судиите гарантираат степен на достоинство и одговорност на судиската професија.

Според подносителот на иницијативата Судот при одлучува-њето особено треба да има предвид дека судската власт е една од трите власти во државата и како независна треба да биде на исто рамниште со извршната и законодавната власт, од каде е потребно вистински да се обезбеди реална еднаквост на судската со останатите власти.

Оттаму, подносителот смета дека оспорениот член 5-а од Законот за платите на судиите треба да се стави под сомнение по однос на неговата согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3, 4, 6 и 11, член 9, член 32 став 3, член 51 и член 54 од Уставот, како и со член 5 од Законот за платите на судиите и член 11 со Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, а потоа истиот да се укине.

3. На седницата Судот утврди во член 5-а од Законот за платите на судиите е определено дека основицата утврдена согласно член 5 став 2 од овој закон е во износ од 25.726 денари и ќе се применува заклучно со декември 2011 година.

4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај, тргнувајќи од анализата на оспорениот член 5-а од Законот произлегува дека основицата за утврдување на платите на судиите е фиксирана на износ од 25.726 денари и така определениот износ ќе се применува како основица за пресметка на платите заклучно со декември 2011 година. Инаку, оспорената одредба е влезена во правниот поредок како нова содржина во Законот на 28.07.2010 година кога влегол во сила Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Македонија“ бр.97/2010) и била креирана како норма што треба да има важност заклучно со декември 2011 година. Во измените и дополнувањата на Законот што следуваат („Службен весник на Република Македонија“ бр.135/2011, 231/2011 и 248/2015) оспорената одредба не била предмет на ново уредување ниту по однос на определениот износ на основицата, ниту по однос на временското важење на одредбата, од каде по истекот на декември 2011 година, или повеќе од 11 години истата не произведува правно дејство и не е подобна за уставно-судска анализа.

По однос, пак, на прашањето што претставува основицата за платите на судиите и на кој начин истата се определува Судот го имаше предвид Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2010) кој влегол во сила на 14.05.2010 година. Според член 1 од овој закон, член 5 став 2 од Законот се изменил на начин што е предвидено дека основицата за пресметување на платата на судиите е основицата за пресметување на платата за избрани и именувани лица утврдена согласно со Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија.

Во член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2010) е предвидено дека со денот на влегувањето во сила на овој закон, односно 14.05.2010 година, при утврдувањето на износот на висината на основицата за пресметување на платата на судиите ќе се применува утврдениот износ за основицата за исплата на плата и временскиот период за кој таа се однесува согласно со одредбите од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, кои се однесуваат на примена на член 11 од тој закон.

Двете цитирани одредби, во периодот што следува не биле предмет на какви било интервенции во наведените закони, што значи се во сила и примена.

Оттаму, по истекот на декември 2011 година, определен како датум на важење во оспорениот член 5-а од Законот, по однос на висината на основицата и начинот на нејзината пресметка на платите на судиите како носители на јавни функции во важност и примена се сите одредби за формирање на висината на платата на судиите од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија доколку со Законот за платата на судиите одредени параметри не се уредени на поинаков, специфичен начин од значење за формирање на висината на нивната плата, како што се коефициентите.

Секако, за формирање на платата за судиите, како и за останатите носители на јавни функции на кои се однесува Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија од значење е и Одлуката на Уставниот суд У.бр.113/2022 од 21 март 2023 година, објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.65/2023 од 23.03.2023. Ова од причина што Судот изрази став дека законските норми кои се однесуваат на определувањето на начинот на пресметување на висината на платата на избраните и именуваните лица мора да бидат јасни, недвосмислени и предвидливи и да не оставаат простор за различно толкување што би можело да доведе до нејаснотии и различна примена во исти ситуации, а јасноста и прецизноста на регулативата се едни од основните елементи на принципот на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Истовременото постоење на две норми, односно две правни правила за утврдување на основицата на платата, едното од член 11 од Законот и другото правило, во оспорената одредба од член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.97/2010) во која основицата е утврдена во фиксен износ од 25.726 и која со усогласувањето од 4% изнесува 26.755 денари, доведува до нејасност и непрецизност на одредбите. Ова од причина што истите не само што отстапуваат од основниот концепт и систем на Законот, туку создаваат и реални тешкотии при утврдување на содржината на важечката норма, односно се доаѓа во ситуација во која е навистина тешко да се утврди која норма претставува важечко право.

Во таа постапка Судот го констатирал неконзистентниот пристап на законодавецот при уредувањето на прашањето за пресметка на основицата на плата на избраните и именуваните лица и утврдил дека тоа го доведува во прашање и остварувањето на правото на вработените на соодветна заработувачка од член 32 став 3 од Уставот.

По однос на наводите од предметната иницијатива дека оспорениот член 5-а од Законот за платите на судиите е спротивен на член 5 од истиот закон и член 11 од Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, Судот ја имаше предвид надлежноста на Уставниот суд определена во член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот. Според оваа уставна одредба Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и со законите, од каде произлегува дека Судот нема надлежност да одлучува за меѓусебната усогласеност на нормите од еден ист закон или пак за меѓусебната усогласеност на нормите од два и повеќе закони или подзаконски акти.

Врз основа на направената анализа и изнесената уставно-судска практика произлегува дека Уставниот суд има заземено став за начинот на формирање на платите на избраните и именувани лица, во кои припаѓаат и судиите како носители на јавни функции, а оспорениот член 5-а од Законот е норма што се исцрпела во примената со истекот на декември 2011 година од кога повеќе нема своја примена. Според тоа, непостоењето на нормата е процесна пречка за постапување од каде се исполнети деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.36/2023
6 јуни 2023 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска