Судијата Дарко Костадиновски говореше на 30 Конгрес на Меѓународната федерација на европско право (ФИДЕ)

Уставниот судија, д-р Дарко Костадиновски учествуваше на 30 Конгрес на Меѓународната федерација на европско право (ФИДЕ), кој оваа година се одржа во Софија, Бугарија. 

Судијата Костадиновски како говорник на панел дискусијата „Владеење на правото во контекст на проширувањето на ЕУ“ изјави дека посебен предизвик за владеењето на правото и за Уставниот суд на Република Северна Македонија е воведувањето на уставната жалба, бидејќи нашиот Устав е ограничен во поглед на заштитата на граѓанските слободи и права.

„Моето прашање е дали воведувањето на овој инструмент, уставна жалба нема да биде предуслов за продолжување на интегративниот процес во Европската Унија? Ако владеењето на правото е сржта на ЕУ интеграцијата, воведувањето на овој инструмент без сомнение ќе даде огромен придонес за владеењето на правото кај нас. Со директна уставна заштита на сите слободи и права кои се гарантирани во Уставот недвосмислено ќе се обезбеди единство на уставниот правен поредок. Преку воведување на уставна жалба ќе се овозможи уште едно исклучително важно достигнување, a тоа е усогласеност со европските стандарди за заштита на слободите и правата на граѓаните и усогласување со праксата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кажа Костадиновски. 

На панел дискусијата судијата Костадиновски се осврна и на улогата на Уставниот суд во одржување на принципот на владеењето на правото. Дополнително, тема на дискусија беа и оценките од ЕУ институциите кои се однесуваат на независноста на судството, како и влијанието на интегративниот процес врз зајакнувањето на демократските вредности во државата. Судијата Костадиновски потенцираше неколку клучни предизвици во оваа насока:

„Од стапувањето во сила на нашиот Устав во 1991 година, до денес, без никаква дилема, Уставниот суд останува најнереформираната институција во нашиот уставен поредок, во однос на правната рамка што го регулира начинот на работењето. Правната рамка се состои од Уставот и актот на Судот. Во вакви околности, дилемата што се наметнува е зошто и кому му е потребна ваква статус кво состојба на уставното судство кај нас? Оттука се поставува прашањето дали Уставниот суд ги исполни очекувањата од изминатите 32 години, конкретно чии очекувања се исполнија? А кога правната држава е соочена со предизвик, без сомнение, Уставниот суд е првиот кој е повикан да го стабилизира правниот поредок. Уставниот суд е на врвот на  пирамидата која се нарекува владеење на правото и треба да го придвижи процесот напред.  Понатаму, односот меѓу владеењето на правото и основната вредност на поделбата на власта е суштински причинска, меѓусебно зависна и условена. Поделбата на власта на законодавна, извршна и судска, со јасно дефинирани овластувања и одговорности за нивно разграничување, но и за меѓусебна контрола во согласност со принципот „проверки и рамнотежа“, е предуслов за владеење на правото и  обратно, владеењето на правото е основната вредност која обезбедува ограничување, поделба на власта. Во овој контекст, Уставниот суд има два предизвици: да се бори за сопствената независност и автономија, да ја гарантира и обезбеди независноста на судскиот систем, без кои е незамислива изградбата на правната држава во која ќе владее правото”, истакна Костадиновски. 
Судијата Костадиновски говореше на панел дискусијата посветена на владеењето на правото во корелација со ЕУ интеграциите, заедно со колеги од Уставниот суд на Република Албанија. 

30.  Конгрес на меѓународната федерација на европско право за прв пат оваа година одржа во Софија, Бугарија во периодот од 31 мај до 3 јуни.  На настанот присуствуваа Коен Ленаертс, претседател на Судот на правдата на Европската Унија, Александар Арабаџиев – претседател на Советот и судија во Судот на Европската Унија, претседателот на Сојузниот Уставен суд на Германија, членови на Уставниот суд на Франција,  Романија, како и пoтпретседателката на Европската Комисија, Вера Јурова.