У.бр.53/2023

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1, член 63 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 16 мај 2023 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА предлогот за решавање судир на надлежност меѓу Општина Куманово, поднесен од Градоначалникот на Општина Куманово и Министерството за труд и социјална политика во делот за донесување одлука Управниот одбор да објави јавен оглас за избор на директор во Јавната општинска установа – Детска градинка „Ангел Шајче“ – Куманово.

2. Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, до Уставниот суд поднесе предлог за решавање на судирот на надлежности настанат меѓу Општина Куманово и Министерството за труд и социјална политика во делот за донесување одлука Управниот одбор да објави јавен оглас за избор на директор во Јавната општинска установа – Детска градинка „Ангел Шајче“ – Куманово, согласно член 201 од Законот за заштита на децата.

Според наводите во доставениот предлог постои судир на надлежност помеѓу орган на локалната самоуправа – Општина Куманово и носител на извршната власт – Министерството за труд и социјална политика во делот за донесување одлука Управниот одбор да објави јавен оглас за избор на директор во Јавната општинска установа – Детска градинка „Ангел Шајче“ – Куманово, согласно член 201 од Законот за заштита на децата.

Во предлогот се наведува дека во конкретниот случај било донесено Укажување бр.ИП1 16-2735/1 од 27.03.2023 година од Министерството за труд и социјална политика до Општина Куманово, со кое се укажува за преземање на мерки и активности, по кои Општината треба да постапи во рок од 1(еден) ден од приемот.

По приемот на ваквото Укажување на Министерството за труд и социјална политика, Градоначалникот на Општина Куманово постапил и на ден 31.03.2023 година донел Решение бр.08.УП1-2597 за објава на оглас за избор на директор на Јавната општинска установа -Детска градинка „Ангел Шајче“-Куманово.

По вака донесеното Решение, Општина Куманово достави Известување бр.08-2970/2 од 31.03.2023 година, до Министерството за труд и социјална политика, во кое информираат дека е постапено по укажувањето согласно член 123 став 1 од Законот за заштита на децата.

Меѓутоа, и покрај тоа што било постапено по даденото укажување, Министерството за труд и социјална политика донело решение со кое му ги одзема надлежностите на предлагачот Општина Куманово за конкретниот предмет – Решение ИП1.бр.16-2735/3 од 03.04.2023 година.

Имено, со ова решение Министерството му ја одзело надлежноста на Градоначалникот на Општина Куманово во делот за донесување одлука Управниот одбор да објави јавен оглас за избор на директор во Јавната општинска установа – Детска градинка „Ангел Шајче“ – Куманово.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да определи дека Општина Куманово е надлежна за одлучување во конкретниот предмет.

3. Судот во текот на претходната постапка утврди дека Јавната општинска установа – Детска градинка „Ангел Шајче“ – Куманово, со допис бр.ИП1 16-2735/1 од 27.03.2023 година го извести Министерството за труд и социјална политика дека Градоначалникот на Општина Куманово не постапил согласно член 123 став 1 од Законот за заштита на децата, односно 3 месеци пред истекот на мандатот на постојниот директор не донел одлука Управниот одбор на установата да објави јавен оглас за избор на директор.

Министерството за труд и социјална политика постапувајќи по ваквото известување, до Градоначалникот на Општина Куманово достави Укажување ИП1 16-2735/2 од 27.03.2023 година со кое му се укажува на потребата за преземање на одредени мерки и активности, односно да постапи согласно член 123 став 1 од Законот за заштита на децата и во рок од 1 (еден) ден да донесе одлука Управниот одбор да објави јавен оглас за избор на директор во Јавната општинска установа -Детска градинка „Ангел Шајче“ – Куманово. Ваквото укажување Општина Куманово, видно од доставената повратница, го примила на 29.03.2023 година.

Министерството за труд и социјална политика на 03.04.2023 година донесе Решение ИП1 16-2735/3 со кое се врши одземање на соодветната надлежност на Градоначалникот на Општина Куманово, односно надлежноста на Градоначалникот на Општина Куманово во делот донесување одлука Управниот одбор да објави јавен оглас за избор на директор во наведената градинка. Во точката 2 од Решението се утврдува дека вршењето на одземената надлежност го презема Министерството за труд и социјална политика во траење од 1 година. Општина Куманово наведеното решение, видно од доставената повратница, го примила на ден 04.04.2023 година.

Општина Куманово до Министерството испрати Известување бр.08-2970/2 од 31.03.2023 година, заведено во Министерството под бр.16-2735/8 од 04.04.2023 година, со кое го известува Министерството дека Градоначалникот на Општина Куманово постапи согласно член 123 став 1 од Законот за заштита на децата и донесе решение за објавување на јавен оглас за избор на директор во Јавната општинска установа – Детска градинка „Ангел Шајче“- Куманово.

Министерството за труд и социјална политика по приемот на наведеното Известување донесе Решение ИП1 16-2735/9 од 05.04.2023 година со кое го поништува Решението за одземање на вршење на соодветна надлежност на Градоначалникот на Општина Куманово бр.ИП1 16-2735/3 од 03.04.2023 година, а поради постапување на Градоначалникот и негово преземање на потребните активности. Ова Решение Градоначалникот на Општина Куманово, видно од доставената повратница, го примил на 06.04.2023 година.

Од наведеното решение произлегува дека на Градоначалникот на Општина Куманово не му е одземена надлежноста и истиот има права и обврски да ги преземе сите дејствија во смисла на Законот за заштита на децата.

Градоначалникот на Општина Куманово на ден 07.04.2023 година до Уставниот суд поднесе предлог за решавање на судир на надлежности.

4. Во член 110 алинеја 5 од Уставот, се предвидува дека Уставниот суд решава за судирот на надлежностите меѓу органите на Републиката и единиците на локалната самоуправа.

Согласно член 62 од Деловникот на Уставниот суд, предлог за решавање на судир на надлежност меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт и меѓу органите на Републиката и единиците на локалната самоуправа може да поднесе секој од органите меѓу кои настанал судир. Предлог може да поднесе и секој што поради прифаќањето или одбивањето на надлежноста на одделни органи не може да оствари свое право.

Според член 63 став 2 од Деловникот, субјектите од член 62 на овој деловник, кои поради прифаќање или одбивање на надлежност не можат да остварат свое право, предлогот за решавање на судирот на надлежност може да го поднесат откако и двата органи ја прифатат или ја одбијат надлежноста со конечен или правосилен акт.

Во член 64 од Деловникот е предвидено дека предлогот за решавање на судир на надлежност содржи предмет на спорот поради кој и настанал судирот, органите меѓу кои настанал судир и означување на конечните односно правосилни акти со кои органите ја прифаќаат или одбиваат надлежноста да одлучува по ист предмет.

Според член 65, пак, од Деловникот со одлука со која решава за судирот на надлежност, Уставниот суд го определува надлежниот орган за одлучување по предметот.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од изнесените деловнички одредби произлегува дека основ за постапување на Судот во конкретниот случај, освен предлогот од странката, би претставувало и постоење на конечен или правосилен акт на Министерството за труд и социјална политика, како орган на Републиката и на општината со кои и двата овие органи ја прифатиле или одбиле надлежноста за решавање на предлогот на Градоначалникот на Општина Куманово за решавање на судир на надлежноста во делот за донесување одлука Управниот одбор да објави јавен оглас за избор на директор во Јавната општинска установа – Детска градинка „Ангел Шајче“ – Куманово.

Имајќи го предвид наведеното, како и утврдената фактичка состојба, според Судот, во овој случај не е настанат, односно не постои судир на позитивна надлежност меѓу носителите на органите на државната управа и орган на локалната самоуправа. Ова, од причина што по спроведената постапка од страна на Министерството за труд и социјална политика и по доставеното укажување Градоначалникот на Општина Куманово ги презел потребните активности во смисла на член 123 став 1 од Законот за заштита на децата, и донел решение за објавување на јавен оглас за избор на директор во Детската градинка „Ангел Шајче“ – Куманово.

Од тие причини, Министерството за труд и социјална политика го поништи Решението со кое му е одземена надлежноста на Градоначалникот на Општина Куманово и со истото е констатирано дека и понатаму е оставено во надлежност на Општината да продолжи со преземање на сите мерки и активности во насока на исполнување на неговата надлежност во смисла на одредбите од Законот за заштита на децата.

Оттука, согласно член 63 став 2 од Деловникот, предлог за решавање на судирот на надлежноста може да се поднесе само откако и двата органи ќе ја прифатат или одбијат надлежноста со конечен или правосилен акт, што не е случај со конкретниот поднесен предлог. Ова, од причина што во конкретниот случај, согласно Законот за заштита на децата, надлежноста е исклучива на органот на локална самоуправа и видно од приложената писмена документација прибавена во фаза на претходна постапка, таа надлежност не е одземена од органот на извршната власт, поради што Судот оцени дека не може да се прифати тврдењето во поднесениот предлог дека има судир на надлежност помеѓу носителот на извршната власт – Министерството за труд и социјална политика и единицата на локалната самоуправа – Општина Куманово.

Имајќи ги предвид одредбите од Деловникот на Уставниот суд кои ја регулираат постапката за решавање на судир на надлежност, како и содржината на предлогот за решавање на судир на надлежност, Судот оцени дека не се исполнети условите за решавање на судир на надлежност.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот, го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.53/2023
16.05.2023 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска