Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 26 април 2023 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 113 став 4 во делот „став 4 на“ од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија” брoj 124/2015).
2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на оспорениот член од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Подносителот на иницијативата ја оспорува уставноста на член 113 став 4 во делот „став 4 на“ од Законот за општата управна постапка и бара од Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста со цел да се укине оваа одредба како спротивна на одредбите од Уставот, со образложение дека истата е конфузна и не е во согласност со начелото на владеење на правото согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Подносителот на иницијативата смета дека оспорениот дел од дадената законска одредба упатува на примена на самата себеси и од таа причина е сторен превид при уредувањето на одредбата, односно наместо нумерацијата „4“ кој е оспорен дел, подносителот на иницијативата смета дека треба да стои нумерацијата „3“.
3. На седницата, Судот утврди дека согласно член 113 став 1 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија” брoj 124/2015), органот што ја решил работата во втор степен го испраќа своето решение, со списите на предметот во електронска форма до првостепениот орган, кој е должен решението да го достави до странките во рок од осум дена од денот на приемот на решението со списите. Според ставот 2 од истиот член е утврдено дека доколку странката побарала управниот акт да се издаде во електронска форма, второстепениот орган го доставува управниот акт непосредно до странката. Во ставот 3 на овој член е уредено дека доколку странката побарала управниот акт да и се достави во писмена форма, првостепениот орган е должен управниот акт добиен од второстепениот орган да го завери дека е верен на оригиналот. Во оспорениот став 4 на член 113 од истиот закон е предвидено дека управните акти заверени на начин утврден во ставот (4) на овој член се конечни и извршни.
4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување, односно ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Со Решението У.бр.4/2018 од 7 ноември 2018 година, Уставниот суд не поведе постапка за оценување на уставноста на член 112 став 1 во деловите „треба” и „и сите списи на предметот од првостепениот орган на второстепениот орган” и ја отфрли иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 113 став 4 во делот „(4)” од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија” брoj 124/2015).
Во образложението на ова решение е наведено дека член 113 став 4 од Законот, во делот „(4)” и неговото опстојување во правниот поредок е неуставно, поради можна забуна во неговата примена, бидејќи упатува на став каде што такво нешто не се уредува, што е во директна спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.
При разгледувањето на содржината на ставот 3 и оспорениот дел „(4)” содржан во ставот 4 на членот 113 од Законот, Судот, констатира очигледна техничка грешка сторена при уредувањето на законската одредба, односно дека наместо нумерацијата „(4)” кој е оспорен дел, треба да стои нумерацијата „(3)”.
Според Судот, ваквата техничка грешка не остава простор за забуна во нејзината примена, бидејќи од содржината која му претходи на оспорениот дел во ставот 4 на членот 113 од Законот, јасно произлегува дека оспорениот дел се однесува на ставот 3 на наведениот член од Законот.
Имајќи ја предвид наведената околност, утврдените надлежности на Уставниот суд од член 110 алинеја 1 на Уставот, како и наводите за уставно проблематизирање на оспорениот дел „(4)” од член 113 став 4 од Законот, кои во суштина се барање, Уставниот суд преку покренување на уставниот механизам за оценување на уставност на одредби од закон, да се впушти во постапување со цел да се изврши исправка, односно техничка корекција на член од Законот, што е во надлежност на законодавецот, кој ги креира прописите, ги менува и дополнува, а воедно и врши технички исправки и корекции на прописите кои ги донесува, а не на Уставниот суд, Судот утврди дека во однос на оспорениот дел „(4)” на член 113 став 4 од Законот, се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата, поради ненадлежност.
Со оглед на фактот што пред Уставниот суд, повторно се оспорува уставноста на дел од член 113 став 4 од Законот за општата управна постапка по истите наводи, Судот оцени дека во конкретниот случај се исполнети условите согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, односно Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Решението.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ- Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер.
У.бр.115/2022
26.04.2023 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска