Дневен ред за 18 седница закажана на 10 мај 2023 година

Уставниот суд ќе ја одржи 18. седница на 10 мај (вторник) во 9:30 часот со дневен ред за кој се предвидени пет иницијативи за оценување на уставност и две барања за заштита на слободи и права.

I- РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИТЕ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1.Реферат У.бр.22/2020 и У.бр.231/2020

Оспорен: Член 110 од Законот за Јавното обвинителство („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020)

Содржина на оспорената одредба:

(1) Јавно обвинителство не може да го заснова обвинението врз основа на незаконски прислушувани материјали.

(2) Исклучок од ставот (1) на овој член се предметите на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите поднесени до надлежен суд до 30 јуни 2017 година согласно со Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

(3) Материјалите и транскриптите од материјалите од незаконски прислушуваните материјали за предметите покренати по 30 јуни 2017 година можат да се користат само како индиции и на нив не може да се заснова обвинителен акт или обвинителен предлог и истите не можат да бидат предложени и употребени како доказ во постапката по поднесениот обвинителен акт или обвинителен предлог.

(4) Материјалите од ставот (3) на овој член ќе се уништат во рок од три месеци по завршување на постапките по вонредни правни лекови на предметите од ставот (3) на овој член согласно со одредбите за уништување на материјалите од посебните истражни мерки утврдени со закон. Записниците за уништување се доставуваат до Jавниот обвинител на Република Северна Македонија.

Подносители на иницијативите: Здружението „Светски македонски конгрес“ од Скопје и Влатко Илиевски, адвокат од Скопје.

Според подносителот на иницијативата, здружението „Светски македонски конгрес“, членот 110 од Законот за Јавното обвинителство, вршел флагрантно кршење на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, го нарушувал владеењето на правото и не ги почитувал општо прифатените норми на меѓународното право (член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11), ја нарушувал еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите (член 9 став 2), ја повредувал неприкосновеноста на физичкиот и моралниот интегритет на човекот (член 11 став 1), со незаконито преземените јавнообвинителски и судски постапки и изречени притвори и затвори била повредена неприкосновеноста на слободата на човекот (член 12 став 1), на лицата кои биле притворени и казнети по назаконити докази им се повредувало уставното право „никој да не може да биде казнет за дело за кое пред да биде сторено не било утврдено со закон како казниво дело“ (член 14 став 1).Со втората иницијатива, поднесена од Влатко Илиевски, се оспорува член 110 став 2 од Законот за Јавното обвинителство, поради повреда на владеење на правото, член 9 став 2 – еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, Амандман XIX на Уставот – неповредливоста на писмата и на сите други облици на комуникација и член 52 став 4 – забрана на ретроактивно дејство на законите од Уставот. Според подносителот, до поднесување на иницијативата сеуште не било докажано кој го наредил прислушувањето на материјалите кои биле искористени од страна на Обвинителството како доказен материјал за обвиненијата поднесени до судот до 30 јуни 2017 година. Легализирањето на незаконски прислушуваните разговори, селективно извадени од Обвинителството од содржината на стотиците илјади незаконски прислушувани разговори во период од осум години, претставувало груба повреда на правото на приватност и било во спротивност со критериумот „Неопходност во услови на демократско општество“ на кој упатува став 2 од Амандманот XIX на Уставот, затоа што не постоела пропорционалност со легитимната цел која требало да се постигне.

(Предметот е во фаза на гласање)

2.Реферат У.бр.17/2023

Оспорен: Закон за трансформација во редовен работен однос

Подносител на иницијативата: Државна комисија за спречување на корупција

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот на иницијативата наведува дека оспорениот Закон е во спротивност со владеењето на правото бидејќи содржи одредби со кои се создава висок ризик за корупција. Се наведува дека иако одредбите се од времен карактери и веќе се неприменливи потребно е да се истакне дека со нивна примена во наведениот период (2014 година) е извршено заобиолување/суспендирање на условите и постапката за вработување пропишани со конкретни закони. Подносителот наведува дека натамошното опстојување на овие одредби оставаат можност со идна измена и дополнување на неговите одредби да се создадат услови за нивна примена. 

3. Реферат У.бр.22/2023

Оспорен: Закон за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации

Подносител на иницијативата: м-р Зоран Стојановски, адвокат 

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот во иницијативата наведува дека закоодавецот ги пречекорил уставните овластувања и вовел цензура која со Уставот е забранета. Притоа напоменува дека оспорениот закон е предвидено да се примени ретроактивно, односно организациите се должни во рок од три месеци да го усогласат своето име/назив, скратено име, програма, цели и дејности  да ги усогласат со одредбите од Законот пред Централниот регистар. Подносителот наведува дека со Уставот се пропишани формалните елементи на здруженијата, ги регулира програмите и дејствувањето, но не и називите или имињата на здруженијата.  

Подносителот наведува дека со оспорениот Закон се повредени четири члена од Уставот, односно член 8, член 51, член 52, член 20 и член 16.

4.Реферат У.бр.14/2023

Oспорен: Адвокатска тарифа за наплата на трошоци.

Подносител: Санде Пејоски

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека со оспорениот акт се повредува членот 15 од Уставот кој гарантира право на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд.

5. У.бр.59/2023

Оспорен: Oдлука на Советот на Општина Македонска Каменица бр. 08-545/1 од 15.03.2023 година( Службен гласник на општина Македонска Каменица” бр.20/2023 од 28.03.2023). 

Подносител: Димчо Атанасовски, градоначалник на Општина Македонска Каменица

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот на иницијативата наведува дека Советот на општината со донесување на оспорената одлука постапил спротивно на Уставот и ги пречекорил своите надлежности бидејќи се впуштил во разгледување на барање и  оцена на докази за доделување на надомест на штета на граѓанин како последица на пожар. Дополнително во содржината на одлуката е предвидено исплата на средства во износ од 676.874  денари согласно пресметка на овластен вештак.

II-  БАРАЊЕ ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА: 

Реферат У.бр.137/2021

Оспорен: Решение број IV П1 65/20 од 19 февруари 2021 година  на Основниот Куманово и  Решение ГЖ-1.бр.1627/21 од 19 мај 2021 година на Апелациониот суд од Скопје,

Подносители: Живко Јаќимовски и Радица Јаќимовски застапувани од Бенита Белешкова, адвокатка од Скопје

Од наводите во барањето:

Во барањето е наведено дека Живко Јаќимовски е единствен сопственик на недвижен имот со имотен лист број 40 XXX за КО Куманово со кој се стекнал  на 26 септември 2018 година. Со споменатото Решение број IV П1 65/20 од 19 февруари 2021 година  на Основниот граѓански суд Скопје било усвоено тужбеното барање на негов сосед од Куманово, кој бил татко и близок роднина на членови на политичка партија на Србите и затоа бил со подобра социјална и општествена политичка позиција. Според наводите во барањето Живко Јаќимовски од Скопје му го нарушил последното мирно, фактичко и непосредно совладение над опишаниот наведен имот од имотен лист број 20 XXX за КО Куманово кој бил во сосопственост на повеќе сосопственици, помеѓу кој бил и подносителот на барањето.

Реферат У.бр.9/2023

Оспорени: Решение II.П3 бр.4/2021 од 24.03.2022 година донесено од Основен суд Куманово и Решение ГЖ. бр.1344/22 од 13.10.2022 година донесено од Апелациониот суд Скопје 

Подносител на барањето: Адвокат Валентина Тошиќ Мишевска

Од наводите во барањето : 

Подносителката наведува дека е казнета со парична казна во висина од 300 евра поради јавно изразување на слободата на мислата, а е казнета како да го навредила Основниот суд Куманово во постапка во која застапувала клиент-тужител на судска постапка за делба на заеднички имот стекнат во брак. Имено, подносителката тврди дека користејќи го правото на конструктивна критика кон судот како право на јавно изразување на мислата навела дека судот нестручно и непрофесионално одлучил кога воопшто не одлучил да се досудат трошоци кои му следуваат на тужителот со тужбеното барање.