Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 в.в. со член 68 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 20 април 2023 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на малолетниот Никола Мијалков преку законскиот застапник Зоран Мијалков, двајцата од Штип, застапувани од полномошникот Трајче Торов, адвокат од Штип, за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето и совеста, како и заштита на правото на забрана на дискриминација по основ на социјална припадност.
2. Малолетниот Никола Мијалков преку законскиот застапник Зоран Мијалков, двајцата од Штип, застапувани од полномошникот Трајче Торов, адвокат од Штип, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на слободата на уверувањето и совеста, како и заштита на правото на забрана на дискриминација по основ на социјална припадност.
Подносителите сметаат дека повредата е сторена со континуирано трајно дејствие на неодговарање по поднесено барање за упис од мај 2019 година на малолетниот Никола Мијалков во ООУ „Ванчо Прке“ во Штип од страна на Комисијата за упис во основното училиште. Повредата се однесува на континуираното лишување на правото за образование на малолетниот Никола Мијалков. Барањето за заштита на слободите и правата од страна на подносителот до овој суд е поднесено на 1 ноември 2019 година.
Во барањето се наведува дека со континуирано трајно дејство на непостапување по однос на барањето за упис на малолетниот Никола Мијалков во ООУ „Ванчо Прке“ во Штип од страна на Комисијата за упис во основното училиште, почнувајќи од мај 2019 година, ученикот секојдневно е лишен од правото на образование и на тој начин се врши континуирана дискриминација по основ на социјална припадност поради невакцинираност. Повредата се однесува на континуираното лишување на правото за образование, со сторена дискриминација по основ на социјална припадност, со кршење на правото на слобода на совеста и уверување во штетноста на вакцините.
Во наводите на барањето се истакнува дека согласно член 46 став 2 од Законот за образование родителот е должен само да достави потврда за примените задолжителни вакцини на детето, а никаде не пишува дека има забрана за упис во задолжителното основно образование или дека училиштето нема да се произнесе по поднесеното барање за упис на детето. Имено, согласно член 2 од Законот за образование е предвидено дека секое дете има право на основно образование. Понатаму, во барањето се наведува дека се забранува дискриминација по основ на социјална, верска и општествена припадност во однос на остварувањето на правата од основното образование. Во Законот за облигациони односи нема норма која го исклучува ова право. Во член 44 став 3 од Уставот е утврдено дека основното образование е задолжително и бесплатно. Согласно член 2 од Протоколот број 1 од ЕКЧП е предвидено дека правото на образование не може да се оспори никому. При извршувањето на своите активности преземени во областа на образованието и наставата, државата ќе го респектира правото на родителите да обезбедат образование и настава согласно своите верски и филозофски убедувања.
Подносителите на барањето сметаат дека ако некој има друго уверување за вакцините или е со статус да не смее да прими вакцина, во тој случај, поради таквото сопствено уверување за нивната штетност и особено кога малолетниот Никола Мијалков, неговиот син, кој имал брат со аутизам, добиен случајно или не, после добиена вакцина, не смее да биде дискрими-ниран и во таков случај не треба да постои забрана на задолжителното основно образование. Понатаму, во барањето се наведува дека битен e фактот дека истиот како родител има добиено медицинска потврда за одлагање на вакцинирањето поради семејна анамнеза и заради здравствената состојба на братот на малолетниот Никола, односно битен e фактот дека две третини од нацијата во државата, не сe вакцинирани, па ниту нивниот татко во својство на законски полномошник; дека сипаниците не се смртоносни болести и дека се различни од грипот; дека нема докази за штетноста или нештетноста на лековите; дека се меша здравството во образованието поради фармацевтското лоби кое се стреми да се продаваат таквите вакцини, а неспорно е и тоа дека многу едукации на лекарите и донации во здравството се финансирани од фармацевтските куќи и дистрибутери. Според наводите во барањето, малолетниот Никола Мијалков не може да ги зарази другите соученици бидејќи сите се вакцинирани, а од тие причини се бара мислење од некомпетентни и неодговорни претставници за образованието, кои сметаат дека вакцинирањето е задолжително и дека треба да го казнат со прекршочна казна секој оној кој не се вакцинира, која казна е предвидена во нивниот неуставен закон, но не смеат да го казнат тој што не е вакциниран со необразование, тоа не е предвидено во Уставот и Европската конвенција за човекови права и другите меѓународни акти.
Со горенаведените дејства ООУ „Ванчо Прке“ и Општината Штип преку надлежните комисии на оштетениот подносител на конкретното барање му ги повредиле слободите и правата загарантирани во Уставот, кои произлегуваат од правото на забрана на континуирана дискриминација по основ на социјална припадност поради невакцинирање, правото на слобода на совеста и уверувањето во штетноста на вакцините од член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот и правото на задолжително образование и затоа се бара привремена мерка поради опасност од ненадоместлива штета на правата и слободите на предлагачите, поради фактот што малолетникот не може да оди на училиште неколку месеци заедно со својата генерација и истиот трпи континуирани секојдневни трајни животни трауми (до крајот на животот), со оглед на тоа дека не е запишан со другите деца во основното училиште. Во барањето се предлага да се задолжи Општината Штип, Комисијата формирана од страна на градоначалникот на Општината Штип за упис на деца во основното образование и Комисијата за упис во основното образование на ООУ „Ванчо Прке“ во Штип, веднаш да го прими во редовен образовен процес малолетниот Никола Мијалков од Штип во прво одделение.
Во прилог на барањето е доставена документација и тоа: барање за добивање на писмен документ за поднесено барање за упис на малолетниот Никола Мијалков во прво одделение во ООУ „Ванчо Прке“ во Штип, поднесено од неговиот законски застапник Зоран Мијалков, татко на Никола Мијалков од Штип, заведено под број 03-1144/1 од 21 октомври 2019 година; одговор на барањето од страна на ООУ „Ванчо Прке“ заведено под број 03-1144/2 од 21 октомври 2019 година; потврда за проверка на вакцинален статус број 688 од 29 мај 2019 година; барање за одлука доставено до Комисијата формирана од градоначалникот на Општина Штип за упис на деца во основното образование, заведено под број 09-5572/1 од 30 октомври 2019 година; барање за мислење од Министерството за образование и наука – Сектор за основно образование поднесено од Општина Штип заведено под број 08-3266 од 19 септември 2019 година и одговорот од Министерството за образование и наука – Сектор за основно образование, без архивски број и датум со кој се бара малолетниот Никола да достави документ за одлагање на вакцинирањето, со цел да биде запишан во основното образование и Извештај од специјалист за одложена вакцинација од 16 септември 2019 година.
3. Судот на седница, со цел да се утврди фактичката состојба, ја анализира приложената документација меѓу кои: барање за упис бр. 03-1144/1 од 21 октомври 2019 година; одговор на барање 03-1144/2 од 21 октомври 2019 година од страна на ООУ„Ванчо Прке“ од Штип; потврда за проверка на вакциниран статус под број 688 од 29 мај 2019 година; барање на мислење од Министерството за образование поднесено од Општина Штип и одговор од министерот со кој е побарано Никола Мијалков да достави документ за одлагање на вакцинирањето, па потоа да биде запишан во основното училиште и извештај од специјалист за одложена вакцинација од 16 септември 2019 година и мислење од Министерството за образование и наука заведено под број 12-10725/2 од 21 октомври 2019 препратено до Општината Штип на ден 28 октомври 2019 година со архивски број 09-3260/8 од 17 септември 2019 година кое било доставено до ООУ „Ванчо Прке“ од Општина Штип заведено под број 03-1031/2. Во конкретното училиште по одржаниот состанок на училишниот инклузивен тим била донесена одлука за прием на ученикот Никола Мијалков во основното училиште на ден 4 ноември 2019 година кај наставникот Дивна Малинова и истиот ден писмено и усно биле известени родителите на малолетниот Никола Мијалков од Штип.
Министерството за образование и наука – Сектор за основно образование со писмо број 12-10705/2 од 21 октомври 2019 година доставило одговор на барањето до Општината Штип, односно одговор на дописот заведен под број 09-3260/7 од 17 септември 2019 година во однос на постапувањето за запишување на деца во прво одделение за учебната 2019/2020 година кои немале доставено потврда за примени вакцини, односно ја немале примено МРП вакцината.
Општината Штип со писмо заведено под број 30-21/2 од 9 јануари 2020 година го извести Уставниот суд на Република Северна Македонија дека малолетниот Никола Мијалков е веќе запишан во ООУ „Ванче Прке“ – Општина Штип со известување заведено под број 03-1363/1 од 31 декември 2019 година.
Со известување заведено под број 12-2203 од 6 февруари 2020 година Министерството за образование и наука – Сектор за основно образование го извести Уставниот суд дека Владата на Република Северна Македонија на 135-та седница одржана на 14 мај 2019 година донесе заклучок во однос на тоа дека во кое било училиште може да се запишат исклучиво деца кои се вакцинирани и за тоа поседуваат соодветен документ, односно потврда дека истите се вакцинирани, а тие деца кои не се вакцинирани, да не се врши упис на истите, сẻ додека не е приложен соодветен документ – потврда за вакцинација.
Од страна на Министерството за образование и наука се укажува на даденото мислење заведено под број 0801-149/1 од 17 мај 2019 година на Комисијата за заштита од дискриминација при што Комисијата смета дека барањето на потврда дека едно дете е вакцинирано со МРП при запишување во градинка и во текот на училишното образование не претставува дискриминација по ниту еден основ, вклучително и здравствената состојба на детето, како и религијата и верското убедување во областа на образованието, социјалната заштита и пристапот до добрата и услугите, во однос на децата кои се вакцинирани со МРП вакцини.
Во споменатото упатство Комисијата укажува дека не претставува дискриминација мерката барање на потврда дека едно дете е вакцинирано со МРП при запишување во градинка и во текот на училишното образование и истата има легитимно оправдана цел и таа не е во спротивност со Уставот и со одредбите на меѓународните договори ратификувани од страна на Република Северна Македонија, бидејќи е прогласена епидемија и е загрозен животот и здравјето на другите деца кои се во контакт со малолетниот Никола Мијалков од Штип.
4. Согласно член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, претставуваат една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.
Според член 12 став 1 од Уставот, слободата на човекот е неприкосновена.
Во член 25 од Уставот се предвидува дека на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.
Согласно член 39 став 2 од Уставот, граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.
Според член 40 став 1 од Уставот, Републиката му обезбедува посебна грижа и заштита на семејството.
Според член 41 став 1 од Уставот, право е на човекот слободно да одлучува за создавање на деца.
Согласно член 42 став 1 од Уставот, Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица.
Тргнувајќи од наведените уставни одредби, како и од карактерот на Република Северна Македонија како социјална држава што има за цел воспоставување на социјална заштита и правда, Републиката обезбедува здравствена заштита што има основа во темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија – хуманоста, социјалната правда и солидарност.
Притоа, Уставот утврдува право на социјално осигурување и истовремено го гарантира правото на здравствена заштита, правото на човекот слободно да одлучува за создавање на деца, а обврска е на Републиката, заради усогласен економски и социјален развој да води хумана популациона политика. Уставот јасно и децидно определува, односно утврдува дека Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица. Оттука, токму условите, начинот и обемот на правата се уредуваат со закон.
Според член 50 став 1 од Уставот, секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Северна Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.
Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.
Согласно член 46 став 2 од Законот за основно образование („Службен весник на Република Македонија” бр.103/2008, 33/2010, 116/2010, 156/2010, 18/2011, 42/2011, 51/2011, 6/2012, 100/2012, 24/2013, 41/2014, 116/ 2014, 135/2014, 10/2015, 98/2015, 145/2015, 30/2016, 127/2016, 67/2017 и 64/2018) кој во тоа време бил во важност, е утврдено дека при запишувањето на детето во прво одделение родителот, односно старателот е должен да достави потврда за примените задолжителни вакцини за детето.
Според член 48 став 1 од истиот закон, запишувањето на детето во училиштето го врши комисија која ја формира директорот на училиштето која е составена од педагог или психолог и наставник на одделенска настава.
Во конкретниот случај, се бара Уставниот суд да утврди постоење на повреда на правото на упис во основното образование, а од изнесената фактичка состојба произлегува дека по спроведената постапка на барање на мислење од Министерството за образование и наука и градоначалникот на Општина Штип детето Никола Мијалков е вклучено во образовниот процес. Имено, директорот на ООУ „Ванчо Прке“ од Општина Штип, Методи Папаров со писмо број 03-94/2 од 3 јануари 2020 година го извести Уставниот суд дека училишниот инклузивен тим на 4 ноември 2019 година донел одлука за прием на ученикот Никола Мијалков во прво одделение во ООУ „Ванчо Прке“ од Општина Штип.
По својата дефиниција, поимот „дискриминација“ значи различно постапување спрема лица во исти или релевантно слични ситуации без објективно и разумно оправдување, што значи дека истото не тежнее, односно не се стреми кон легитимна цел или не постои разумна сразмерност помеѓу употребените мерки и целта која се сака со неа да се постигне.
Од наведеното, според наше мислење, не може да се смета дека на невакцинираните деца од предучилишна и училишна возраст неоправдано им е ограничено правото на образование поради невакцинација. Станува збор за посебни права поради што целосното остварување на овој степен на развој на здравството и образованието, па и развојот на целото општество, не може да биде успешно доведено во корелација од аспект на забрана на дискриминација.
Судот оцени дека повикувањето на дискриминација по кој и да било основ, потребно е да биде поткрепено со правно издржани релевантни факти и докази, кои би пружиле доволна основа и причина, овој суд да се впушти во анализа по однос на прашањето дали одлуката на основното училиште и Министерството за образование и наука, е донесена како резултат на дискриминирачки став и гледиште спрема Никола Мијалков заради неговиот социјален статус.
Оттука, првичните дејствија во постапката за запишување на децата во основното образование, преземени од страна на Комисијата при ООУ „Ванчо Прке“ од Штип, Општината Штип и надлежното Министерство за образование и наука биле во насока на реализирање на нивните обврски утврдени во член 46 став 2 од Законот за основното образование и од тие причини според наше мислење неосновани се наводите на подносителот дека наведената комисија за упис во ООУ „Ванчо Прке“ од Штип не одговорила на барањето на подносителот за упис во основното образование бидејќи тие цело време биле во меѓусебна комуникација. Исто така, неосновани се наводите на подносителот на барањето дека со наведените дејствија ООУ „Ванчо Прке“ од Штип, Општината Штип и надлежното Министерство за образование и наука му го повредиле правото на забрана на континуирана дискриминација по основ на социјална припадност и невакцинираност, правото на совеста и уверувањето во штетноста на вакцините од член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот и правото на задолжително образование од член 44 од Уставот (во барањето погрешно се наведува член 46 од Уставот).
Имајќи ја во вид изнесената фактичка состојба, по поднесеното барање за упис на детето Никола Мијалков од Штип на ден 21 октомври 2019 година, доколку истиот бил незадоволен од постапките или од одредени дејствија на основното училиште и на Министерството за образование и наука, истиот имал можност да води соодветна управна постапка, односно да поведе управен спор пред управните судови или да бара судска заштита пред редовните судови. Во конкретниот случај, очигледно е дека подносителот тоа не го сторил бидејќи нема конечен или правосилен акт на кој може да се повикува дека му е сторена повреда на одредени слободи и права. Имено, согласно член 32 став 1 од Законот за заштита од дискриминација лицето кое смета дека е дискриминирано може да поднесе тужба пред надлежен граѓански суд. Според став 2 од истиот член на Законот, во постапката соодветно се применуваат одредбите од Законот за парничната постапка, освен ако со овој закон не е поинаку уредено. Согласно став 3 на истиот член од овој закон, постапката е итна.
Ова дотолку повеќе што од страна на училишниот инклузивен тим на ден 4 ноември 2019 година е донесена одлука за прием на ученикот Никола Мијалков од Штип во ООУ„ Ванчо Прке“ во Штип, кај наставникот Дивна Малинова и истиот ден писмено и усно биле известени родителите на малолетниот Никола Мијалков од Штип, односно детето веќе е вклучено во наставата, односно во образовниот процес, па според Судот барањето е беспредметно и нецелисходно.
Оттука, во конкретниот случај не се исполнети процесните претпоставки од член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за впуштање во мериторно постапување и одлучување по барањето за заштита на слободите и правата и исполнети се условите за отфрлање на барањето.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Решението.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу и д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер.
У.бр.144/2019
20.04.2023 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска