У.бр.129/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 23 март 2023 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 132 став 1 точка 37 од Законот за безбедност на храната („Службен весник на Република Македонија“ број 157/2010, 53/2011, 1/2012, 164/2013, 187/2013, 43/2014, 72/2015, 84/2015, 129/2015, 213/2015, 39/2016 и 64/2018).

2. Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 132 став 1 точка 37 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената точка 37 од став 1 на член 132 од Законот за безбедност на храната упатува на член 127 став 3 од истиот закон којшто го пропишува несуспензивното дејство на изјавената жалба против решението од член 127 став 1 од наведениот закон и ваквата ситуација може да доведе до хибридно или арбитрарно и неконзистентно толкување на самата одредба бидејќи наместо да упатува на член 127 став 4 од наведениот закон, оспорената одредба упатува на став со содржина која регулира друга материја.

Подносителот смета дека владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот подразбира постоење на јасни, прецизни и концизни норми, кои се во хармонија и усогласеност за да се постигне логична функционална целина во рамките на која ќе се постигне целта на креираните норми. Поради наведеното се предлага поведување постапка за оценување на уставноста на оспорената точка.

3. Судот, на седницата утврди дека член 132 став 1 точка 37 од Законот за безбедност на храната, предвидува дека глоба во износ од 3.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правно лице ако не ги отстрани констатираните неправилности утврдени со решението (член 127 став 3).

Судот, исто така, утврди дека член 127 став 4 од Законот за безбедност на храната предвидува дека правното или физичкото лице од ставот (1) на овој член е должно да ги отстрани констатираните неправилности утврдени со решението.

4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со иницијативата се оспорува наведената точка, со барање Уставниот суд да поведе постапка за оценување на нејзината уставност и истата да ја укине бидејќи упатува на погрешен став.

Од увидот на содржината на оспорената точка произлегува дека во конкретниот случај станува збор за технички пропуст од номотехничка природа бидејќи наведената точка упатува на став 3 од член 127, наместо да упатува на став 4 од истиот член.

5. Имајќи ги предвид утврдените надлежности на Уставниот суд од член 110 на Уставот, Судот оцени дека во конкретниот случај исполнети се условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата бидејќи наводите на подносителот на иницијативата се сведуваат на барање за постапување на Уставниот суд за прашање за кое надлежен е законодавниот орган кој ги креира, изменува и дополнува законите.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.129/2022
23 март 2023 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска