Судии и советници од Уставниот суд учествуваат на работилница за унапредување на човековите слободи и права по европски стандарди

Судии и советници од Уставниот суд на Република Северна Македонија учествуваат на дводневна тематска работилница на која се споделуваат искуства и примери од Европската конвенција за човекови права, како и сопственичките права за европските човекови стандарди.

Оваа работилница се организира преку Уставниот суд на Република Косово, во рамки на проектот „Поддршка на Уставниот суд на Косово во примената и ширењето на европските стандарди за човекови права“.

Целта на овој проект е да се поддржат напорите на Уставниот суд за обезбедување заштита на индивидуалните човекови права и основните слободи на носителите на правата.  Во оваа насока е и усогласувањето на домашните  пресуди со европските стандарди за човекови права,  во врска со индивидуалните жалби, дополнително да се подигне свеста на правните професионалци за улогата и функцијата на Уставниот суд и да се зголеми влијанието на судската пракса на Уставниот суд врз домашниот правен поредок.

Како предавачи на оваа работилница, организирана од страна на Советот на Европа, се ангажирани експертите од оваа област:  Мирјана Лазарова Трајковска, Бурак Гемалаз и Ана Вилфан Восперник.

Во работилницата учествуваат: судија м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева и судија д-р Осман Кадриу, како и советниците на судот д-р Сања Гелевска Трајчевски, Енсар Јусуфи и Мартин Трајановски.

Работилницата се одржува во Охрид во периодот од 9 до 10 март.