У.бр.106/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 22.02.2023 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 101 став 1 алинеја 4 во делот „на овој член“ од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019).

2. Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената одредба од Законот, не e во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во иницијативата се наведува дека член 101 од Закoнот за прекршоците, содржи 5 става, а само став 1 од истиот член, содржи четири алинеи.

Имајќи ја предвид целината на член 101 од Законот, подносителот смета дека делот „на овој член“ од алинеја 4 на став 1 од оспорената одредба, може да доведе до заблуда во примената, поради што предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и да го укине член 101 став 1 алинеја 4 во делот „на овој член“ од Законот за прекршоците.

3. Судот на седницата утврди дека во член 101 од Законот, е предвидено дека:

(1) Судот што ја води прекршочната постапка со решение ќе ја прекине постапката ако:
– не може да се утврди живеалиштето, односно престојувалиштето на обвинетиот и ако од кои било други причини не е достапен на јавните органи или се наоѓа во странство на неодредено време,
– кај обвинетиот настапила привремена душевна болест или привремено душевно растројство,
– за истото дело е покрената кривична постапка до завршувањето на кривичната постапка и
– постапката што е прекината по основ на алинејата 3 на овој член ќе продолжи кога кривичната постапка е запрена по некој друг основ, а и натаму постојат услови за водење на прекршочна постапка.
(2) Пред да се донесе решение за прекин на прекршочната постапка ќе се приберат сите докази за прекршокот и за одговорноста на обвинетиот до кои може да се дојде.
(3) Прекинатата постапка ќе продолжи кога ќе престанат причините за тоа.
(4) За прекинот и продолжувањето на постапката ќе се извести подносителот на барањето.
(5) Решението од ставот (1) на овој член не содржи правна поука.

4. Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со оспорениот член 101 од Законот за прекршоците, предвиден во глава четиринаесетта насловена како „Прекин и запирање на прекршочна постапка пред судот“, со поднаслов „Прекин на постапката“, законодавецот, го уредил прекинот на прекршочната постапка, на начин што предвидел дека Судот пред кој се води прекршочната постапка со решение ќе ја прекине постапката со точно утврдени услови кога може да се прекине. Законодавецот предвидел и услови за продолжување на прекинатата постапка, односно кога ќе престанат причините за прекин на истата.

Оспорената одредба во алинеја 4 од став 1 на истиот член, упатува на алинеја 3 – приоритетна постапка – кривична постапка од која во зависност на исходот на истата, ќе следи исходот на прекршочната постапка која е прекината, со конкретно наведени услови за продолжување на прекршочната постапка пред судот, односно прекршочната постапка ќе продолжи доколку кривичната постапка биде запрена по некој друг основ. Во тој случај, законодавецот предвидел дека прекршочната постапка ќе продолжи доколку и понатаму постојат услови за водење на прекршочна постапка.

Од анализата на целината на содржината на член 101 од Законот за прекршоците, а посебно содржината на став 1 алинеја 4 во оспорениот дел „на овој член“ јасно произлегува дека оспорениот дел претставува очигледна техничка грешка, односно во околности кога член 101 има 5 става, а само ставот 1 содржи 4 алинеи, додека останатите ставови не содржат алинеи, јасно и очигледно е дека пропустот е место упатувањето „на овој член“, законодавецот во суштина треба да упати „на овој став“.

Видно од анализата на член 101 од Законот за прекршоците и оспорената одредба е дека станува збор за очигледен пропуст од технички карактер кој не може да доведе до заблуда при примена на алинејата како што е наведено во иницијативата.

Врз основа на изнесеното, при состојба кога наводите во иницијативата во суштина се сведуваат на барање за исправање на пропуст што претставува очигледно техничка грешка и не содржат доволно аргументи за покренување на механизмот на уставно-судска оцена, од причина што во надлежност на законодавецот е да ги креира прописите, да ги менува и дополнува, а воедно и да врши технички исправки и корекции, Судот цени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ- Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.106/2022
22.02.2023 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска