У.бр.1/2023

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на ден 22.02.2023 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на:

– Решението на Основниот граѓански суд Скопје ПЛ1 П.бр.604/21 од 12.01.2022 година и
– Решението на Апелациониот суд Скопје ГЖ-930/22 од 10.11.2022 година.

2. Ивана Талевска-Трендафилова, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за оценување на законитоста на актите од точка 1 од ова решение.

Според наводите на иницијативата, оспорените решенија биле донесени спротивно на член 137 од Законот за парничната постапка.

Како причина за оспорување на првостепеното решение, во иницијативата се наведува дека и покрај тоа што доверителот адвокат Ивана Талевска-Трендафилова од Скопје, во судската постапка доставила докази за живеалиштето на должникот, судот истите ги цитирал но не ги ценел, со што не го применил член 137 од Законот за парнична постапка.

Имено, согласно наводите во иницијативата, првостепениот суд, во Решението навел дека два обиди за достава не се доволни за да се изврши уредна достава и воедно бара нотарот самостојно да изврши достава, да му постави на должникот старател од Центарот за социјални работи кој ќе ги штити неговите интереси во текот на постапката. Доверителот, која сега е подносител на иницијативата, била поставена за посебен старател на малолетното дете на должникот за да ги штити неговите права и интереси во оставинска постапка пред нотар. Нотарот, го утврдил живеалиштето на должникот со увид во нејзината лична карта и истите податоци ги навел во наследното решение, кое е доставено како доказ пред првостепениот суд, но истото судот не го ценел.

Како причина за оспорување на Решението на Апелациониот суд Скопје, со кое се потврдува Решението на првостепениот суд, подносителот на иницијативата наведува дека судиите на Апелациониот суд Скопје, утврдуваат поинаква фактичка состојба и поради тоа смета дека не смееле да го потврдат првостепеното решение, туку истото требало да го укинат.

Со оглед на тоа што доставата треба лично да се изврши до должникот, Апелациониот Суд Скопје, навел дека доставувачот при втората достава, кога констатирал дека нема никој и оставил известување, требало да го остави и актот, што видно од списите на предметот не било сторено.

Поради наведените околности, подносителот на иницијативата смета дека Основниот граѓански суд Скопје не го применува член 137 од Законот за парнична постапка, додека Апелациониот суд Скопје, постапил спротивно на член 137, став 2 од истиот закон, односно оспорените Решенија се противзаконски и бара од Уставниот суд истите да ги укине.

3. Судот на седницата, утврди дека Основниот граѓански суд Скопје донел Решение ПЛ1 П.бр.604/21 од 12.01.2022 година, со кое приговорот од должникот се усвојува. По изјавена жалба на ваквото Решение, Апелациониот суд Скопје донел Решение ГЖ-930/22 од 10.11.2022 година, со кое жалбата на доверителот, се одбива како неоснована а првостепенето решение се потврдува.

4. Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби, од наводите во иницијативата како и содржината на оспорените решенија, Уставниот суд смета дека во конкретниот случај, произлегува дека од Уставниот суд се бара оценка на примена на законите, односно оценка на законитоста на судските решенија на Основниот граѓански суд Скопје и на Апелациониот суд Скопје. Имајќи го предвид правниот карактер на оспорените решенија, Уставниот суд не е надлежен да одлучува за примена на законите и другите прописи од страна на судовите и да се впушти во оцена на основаноста на наводите за примената на одредбите од Законот за парничната постапка од страна на Основниот граѓански суд Скопје и Апелациониот суд Скопје.

Оспорените решенија не се пропис во смисла на наведените уставни одредби, туку се поединечни акти од конкретен граѓанско правен спор и истите не се подобни за уставно-судска оцена, поради што Уставниот суд не е надлежен да ја оценува нивната законитост, со што се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот Суд за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.1/2023
22 Февруари 2023 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска