У.бр.92/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 15 февруари 2023 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Драги Лозановски од Скопје, поднесено преку полномошник – адвокат Марија Келепуровска од Ресен, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија што се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на социјална припадност.

2. Драги Лозановски од Скопје, преку полномошник – адвокат Марија Келепуровска од Ресен, до Уставниот суд поднесе барање за заштита на слободите и правата кои му се повредени со поединечни акти и тоа: Пресуда 1СТ-ТС-37/20 од 06.10.2021 година на Основниот граѓански суд Скопје, Пресуда ГЖ-4757/21 од 18.02.2022 година на Апелациониот суд во Скопје и Решение Рев2 бр.225/2022 од 07.06.2022 година на Врховниот суд на Република Северна Македонија.

Подносителот во барањето наведува дека со Решението на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев2 бр.225/2022 од 07.06.2022 година е повредено правото за фер и правично судење од причина што Судот ја отфлил како ненавремена изјавената ревизија на барателот спротивно на одредбите од Законот за парничната постапка каде што рокот за изјавување ревизија за спорови кои имаат вредност над 1.000,000,оо денари е 30 дена од датумот на прием на второстепената пресуда. Меѓутоа, Врховниот суд се повикал на одредбите од Законот за стечај каде што биле предвидени пократки рокови, но истите во текот на постапката не се испочитувани од страна на првостепениот и второстепениот суд. Оттука, подносителот на барањето смета дека на тој начин му е ускратено правото на ефективен правен лек и истиот бил задолжен со исплата на огромна сума на пари која тој ја немал стекнато како имотна корист.

Со ускратувањето на правото на вонреден правен лек настанати се штетни последици врз подносителот на барањето и неговиот имот е предмет на извршување. Од овие причини предлага да се стави вон сила Решението на Врховниот суд и да му се определи нов рок за користење на правото за поднесување на вонреден правен лек.

Во дополнувањето на барањето, кое е доставено по укажувањето од Судот, подносителот на барањето наведува дека со наведените судски одлуки му е повредено правото на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност, предвидено во член 110 алинеја 3 од Уставот, без да наведе причини поради кои се бара заштита.

По дополнително барање за прецизирање на доставеното барање за заштита на слободите и правата, полномошникот на подносителот на барањето достави прецизирање во кое се наведува дека на подносителот на барањето Драги Лозановски му е ускратено правото на правна заштита и има претрпено дискриминација поради фактот што припаѓа на друга социјална група. Имено, истиот е лице кое се јавува како обичен работник селективно избран за да биде поведена постапка против него, а од пресудите произлегува дека одлуките за отуѓување на возилата, предмет на спорот, се на сопствениците на правното лице под стечај и ваквите постапки треба да бидат насочени против нив.

3. Судот на седницата утврди дека Основниот граѓански суд Скопје со Пресудата 1СТ-ТС-37/20 од 06.10.2021 година, тужбеното барање на тужителот Друштво за производство и промет ПРОМЕС ДОО увоз-извоз Скопје – во стечај, во целост го усвоил. Со истата пресуда утврдил дека правните дејствија децидно наведени во изреката на пресудата, а кои се однесуваат на договори за купопродажба на моторни возила, сите склучени во Скопје помеѓу тужителот од една страна, како продавач и тужениот од друга страна, како купувач, се ништовни и не произведуваат правно дејство спрема стечајната маса во стечајната постапка отворена над стечајниот должник – тужителот Друштво за производство и промет ПРОМЕС ДОО-увоз-извоз Скопје – во стечај.

Истовремено, со пресудата задолжен е тужениот Драги Лозановски од Скопје да врати во стечајната маса на стечајниот должник – тужителот Друштво за производство и промет ПРОМЕС ДОО-увоз-извоз Скопје – во стечај, сума на парични износи утврдени за сите моторни возила – предмети на наведените договори за купопродажба, во рок од 8 дена од приемот на пресудата, а под страв на присилно извршување.

Апелациониот суд во Скопје со Пресудата ГЖ.бр.-4757/21 од 18.02.2022 година, ја одбил како неоснована жалбата на тужениот Драги Лозановски од Скопје и пресудата на првостепениот суд во целост ја потврдил.

Врховниот суд на Република Северна Македонија со Решение Рев2.бр. 225/2022 од 07.06.2022 година, ревизијата поднесена од тужениот Драги Лозановски од Скопје ја отфрлил како ненавремена.

Имено, Врховниот суд при донесувањето на својата одлука го имал во вид член 93-а од Законот за стечај каде е предвидено дека во споровите од стечајната постапка, кога тоа е дозволено со закон против правосилна пресуда донесена во втор степен, странките можат да изјават ревизија во рок од 15 дена од денот на доставување на преписот на пресудата. Оттука, Судот утврдил дека полномошникот на тужениот ја примил правосилната пресуда на ден 28.03.2022 година, а против неа полномошникот на тужениот изјавил ревизија до Основниот граѓански суд во Скопје со препорачана пратка RC028643420MK.на 21.04.2022 година.

4. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 11 од Уставот на Република Македонија, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.

Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Според член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од надлежноста на Уставниот суд утврдена во член 110 алинеја 3 од Уставот, како и од содржината на цитираните деловнички одредби, произлегува дека за остварување на заштитата на слободите и правата пред Уставниот суд не е доволно само декларативно и начелно да се означат повредените слободи и права, туку треба да се наведат и аргументите, фактите и доказите на чија основа се заснова барањето за заштита и за конкретната дискриминација на лицето во постапувањето на судовите.

Во конкретниот случај, барањето по својата суштина значи дека подносителот на барањето не е задоволен од одлуките на надлежните судови поради што бара Уставниот суд да постапува како инстанционо повисок суд и да утврди дека конкретните одлуки на судовите биле неправилни и незаконити, а со тоа Уставниот суд да се впушти во оцена на нивната законитост дали правилно е применето процесното право, што, во смисла на уставната норма, не е надлежност на Уставниот суд. Имено, Уставниот суд не е надлежен да цени дали судовите во редовната постапка при донесувањето на своите одлуки правилно го примениле процесното право кога одлучувале, а со тоа не е ниту инстанционо повисок суд кој ја цени нивната законитост.

Драги Лозановски од Скопје, преку полномошникот, адвокат Марија Келепуровска од Ресен, пред Уставниот суд поднесе барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија што се однесуваат на повреда на правото за забрана на дискриминација по основ на социјална припадност.

Имајќи ги предвид погоре цитираните уставни и деловнички одредби, во претходната постапка Судот пристапи кон разгледување на барањето за заштита на слободи и права со приложената и прибавена документација, со цел да се утврди дали се исполнети сите процесни претпоставки за мериторно впуштање по барањето.

Заштитата пред Уставниот суд, подносителот ја бара поради сторена повреда на погоре наведените слободи и права и поради негово дискриминирање по основот наведен погоре, а која заштита е во рамките на надлежностите од член 110 алинеја 3 од Уставот.

За да може Уставниот суд да се впушти во мериторно одлучување по барање за заштита на слободи и права, не е доволно само да се тврди или да се приложи конечен или правосилен поединечен акт, туку од тој акт навистина да произлегуваат одредени наметнати ограничувања на слободите и правата за лицето кое бара заштита, како и во барањето да се наведат причините поради кои се бара заштита.

Подносителот во барањето се повикува на повредено право на фер и правично судење, што не претставува основ во смисла на член 110 алинеја 3 од Уставот, како и на забрана на дискриминација по основ на социјална припадност. Но, според Судот, доколку лицето, не успее да направи prima facie (во случајов не е презентиран релевантен поединечен акт од кој произлегува вмешување на органите на јавната власт во конкретно право или слобода на подносителите; приложенте судски одлуки немаат таков карактер; воедно, кога се бара заштита од дискриминација, мора да се идентификува и компараторот, а во случајов и овој елемент, отсуствува), товарот на докажувањето не може да премине на другата страна (органите на јавната власт) за да ги објасни причините за вмешувањето во правото. Во тој случај, постапката по поднесеното барање не може да продолжи во следната фаза, во која Уставниот суд мериторно би постапувал и одлучувал во однос на прашањето, дали органите на јавната власт кога одлучувале за ограничување или одземање на слобода или права, го повредиле принципот на недискриминација или не.

Наводите на подносителот истакнати во барањето дека тој добил нееднаков третман во постапката со што флагрантно му било повредено правото на правна заштита, Судот оцени дека не можат да бидат доволен основ за мериторно впуштање во оцена на основаноста на поднесеното барање за заштита на слободите и правата.

Имено, истакнатите наводи во барањето, според Судот, се аргументи со цел подносителот да докаже сторена дискриминација врз него, а преку инструментот барање за заштита на слободи и права пред Уставниот суд, наведените поединечни акти, судски одлуки да се поништат, со што би се спречило поништувањето на правните дејства на стечајниот должник пред отварање на стечајната постапка.

При постоење на фактот дека во конкретниот случај нема процесни услови за мериторно одлучување по барањето, барањето за заштита на слободи и права, всушност се сведува на барање, Уставниот суд да заземе улога на инстанционо повисок суд и да се впушти во преиспитување на законската оправданост на наведените судски одлуки со кои договорите за купопродажба на повеќе моторни возила се ништовни и не произведуваат правно дејство спрема стечајната маса во стечајната постапка отворена над стечајниот должник – тужителот Друштво за производство и промет ПРОМЕС ДОО увоз-извоз Скопје – во стечај.

Меѓутоа, уставниот инструмент барање за заштита на слобода и права не може да се користи за таа цел бидејќи барањето за заштита на слободи и права, не претставува ниту редовно ниту вонредно правно средство, туку посебно средство за заштита на слободи и права, а не средство за побивање на акти на надлежни органи преку повисока инстанциона постапка.

Од напред изнесеното, произлегува дека со барањето не се приложени релевантни факти и докази за вмешување на јавните власти во правото (prima facie), што е пречка Уставниот суд да се впушти мериторно по барањето за заштита на слободи и права, вклучително и по однос на истакнатото барање за заштита од дискриминација по основ на социјална припадност.

Понатаму, со барањето за заштита на слободи и права како наводи за причините поради кои се бара заштита, е околноста што подносителот смета дека му е повредено правото на фер и правично судење, односно дека не е почитуван рокот за поднесување на вонреден правен лек – ревизија поради што на истиот му била отфрлена ревизијата како ненавремена со што е повредено, односно погрешно применето процесното право.

Меѓутоа, според Судот, наведените наводи излегуваат надвор од рамките за постапување на Уставниот суд определени во член 110 алинеја 3 од Уставот, според кои Уставниот суд не може да се впушти во преиспитување на правните недостатоци на судските одлуки, како постоењето на повреди на правилата на постапката, погрешно и нецелосно утврдената фактичка состојба, неправилно толкување на законот или негова погрешна примена во судските постапки, односно да се впушти во оцена на навременоста на поднесување на вонредниот правен лек.

Оттука, предметното барање за заштита на слободи и права не ги задоволува критериумите на барање определени со погоре цитираните одредби од Деловникот, од кои причини Судот констатира дека постојат процесни пречки за мериторно постапување и одлучување по истакнатото барање за заштита на слободи и права од аспект на член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.92/2022
15.02.2023 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска