Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 1 февруари 2023 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 12 став 6 од Правилникот за распоредување, класификација и разместување на осудените лица во казнено-поправните установи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 87/2020).
2. Македонското здружение на млади правници Скопје, застапувано од Зоран Дранговски, во својство на претседател преку Павлина Зефиќ, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесe иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од актот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата се оспорува уставноста и законитоста на член 12 став 6 од Правилникот од причина што е во спротивност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51, член 52 и член 96 од Уставот, член 222 од Законот за извршување на санкции и член 55 став 1 и член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на управата.
Понатаму, во иницијативата се наведува дека осудените лица кои извршиле бегства, обид за бегство, ненавремено враќање од прекин на казната пред стапување на овој правилник, односно во 2019 година, 2018 година и 2016 година кога за дисциплинската повреда им била изречена дисциплинска казна во моментот, истите се оневозможени да користат погодности надвор од установата, поради постоење на услов истите да издржат три четвртини од неиздржаниот дел од казната како би можеле да прогресираат во полиберално одделение и да имаат можност да ја користат оваа погодност.
Според наводите во иницијативата согласно член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на управата, министерот за правда е овластен да донесува правилници за извршување на законот и другите прописи, а согласно член 61 став 1 од истиот закон со правилник не може да се одлучува за права и обврски на граѓаните и другите правни лица како што е тоа предвидено со член 12 став 6 од оспорениот правилник. Имено, осудените лица кои претходно сториле дисциплинска повреда, односно сториле бегство, злоупотреба на погодност односно невраќање од користење на погодност надвор од установата или ненавремено враќање од прекин на казна, за нив со новиот правилник е даден услов дека е потребно да издржат три четвртини од неиздржаниот дел од казната затвор и тогаш ќе можат да прогресираат во полиберална група.
Подносителите на иницијативата наведуваат дека практичната примена на член 12 став 2 од Правилникот доведува до последица на ретроактивно важење на подзаконска одредба и од тие причини истата е штетна за осудените лица и на тој начин се создава правна несигурност. Поради истата причина оспорената одредба е во спротивност со член 222 од Законот за извршување на санкции. Според наводите во иницијативата, законодавецот пропушти да предвиди можност министерот за правда подетално да го уреди прашањето на регресирање и прогресирање на осудените лица во полиберална група со донесување на општ акт, како што е сторено со прашањата за распоредување, класификација и разместување на осудени лица согласно член 19 ставови 2 и 3 од Законот за извршување на санкции. Поради наведеното, на одредена категорија на осудени лица им е ускратена можноста за користење на оваа погодност која во овој случај е само препознаена и истите се двојно казнувани за иста дисциплинска повреда наспроти намерата да се гарантира безбедноста на казнено-поправните установи, со цел да се води сметка за осудените лица да не бидат оштетени, односно да не им бидат повредени загарантираните права со закон.
Во иницијативата се упатува на уставно-судската практика со Решението У.бр. 39/2003 од 9 јули 2003 година на Уставниот суд, со кое не е поведена постапка за оценување на уставноста на член 13 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за одбрана („Службен весник на Република Македонија” бр.5/2003) каде станува збор за „обврска на законодавецот подеднакво да се однесува и при уредување на остварувањето на слободите и правата на граѓаните и во т.н преоден период, одосно периодот предвиден за преминување од стариот во новиот систем на уредување на односите. Додека со Решението У.бр.87/2015 од 25 мај 2016 година, Уставниот суд, поведе постапка за оценување на уставноста на член 158 од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2015) и не поведе постапка за оценување на уставноста на член 154 од Законот за прекршоците, со цел да се оправда и докаже ретроактивното дејствие во примената на оспорениот правилник.
3. Судот на седница утврди дека со оспорениот член 12 се уредува разместувањето во установи од затворен вид и според ставот 1 од овој член, осудено лице на казна затвор од 1 до 10 години може да биде разместено од група В2 во група В3 по издржана 1/3 од должината на казната затвор, согласно член 10 став 2 од овој правилник. Осудени лица на казна затвор од 10 до 20 години може да биде разместено од група В2 во група В3 на една година пред 1/2 од должината на казната затвор, согласно член 10 став 2 од овој правилник. Осудени лица на казна затвор од 20 до 40 години може да биде разместено од група В2 во група В3 по издржани 2/3 од должината на казната затвор, согласно член 10 став 2 од овој правилник. Осуденото лице кое не ги исполнува очекувањата од општите услови за разместување може да се размести во построга група во рамките на истото одделение. Разместено осудено лице во построга група може повторно да биде разместено во полиберална група по издржани 6 месеци од разместувањето во построга група. Регресирано осудено лице во установа од затворен вид за сторена дисциплинска повреда бегство, злоупотреба на погодност – невраќање од користење на погодност надвор од установата и ненавремено враќање од прекин на казната, може да се размести во полиберална група, согласно член 10 став 2 од овој правилник и има издржано три четвртини од неиздржаниот дел од казната.
4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и законите.
Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска претставуваат темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Со Правилникот за распоредување, класификација и разместување на осудените лица во казнено-поправните установи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 87/2020), се пропишува распоредувањето, класификацијата и разместувањето на осудените лица во казнено-поправните установи.
Според член 12 став 6 од Правилникот е регулирано дека регресирано осудено лице во установа од затворен вид за сторена дисциплинска повреда бегство, злоупотреба на погодност – невраќање од користење на погодност надвор од установата и ненавремено враќање од прекин на казната, може да се размести во полиберална група, согласно член 10 став 2 од овој правилник и има издржано 3/4 од неиздржаниот дел од казната.
Во член 10 од Правилникот е уредено дека кога се разместува осуденото лице се врши промена на третманската група од построга во полиберална и обратно. Осуденото лице за да биде разместено во полиберална група треба да има издржано дел од казната затвор, да не му е изречена дисциплинска казна во последниот месец за полесна повреда на редот и дисциплината и без дисциплинска казна за потешки повреди на редот и дисциплината во установа од полуотворен и отворен вид, а во установи од затворен вид без дисциплинска казна за полесни повреди на редот и дисциплината во последните три месеци и без дисциплинска казна за потешки повреди на редот и дисциплината во последните шест месеци, да има проценка на резултати од реализација на индивидуалната програма за третман и против него да не се води друга постапка или да не му е изречена друга казна затвор.
Согласно член 222 од Законот за извршување на санкциите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 99/19, 220/19) е регулирано регресирањето на осуденото лице и тоа во ставот 1 е утврдено дека ако осуденото лице со своето однесување не ги исполнува целите предвидени во програмата за третман, може да биде вратено од установата со полиберален вид во установа од построг вид, односно во соодветно одделение на истата установа. Според ставот 2 за регресирање на осуденото лице од установа со полиберален во установа од построг вид, по предлог на директорот на установата одлучува со решение директорот на Управата. Согласно ставот 3 од овој член е утврдено дека за регресирање на осуденото лице од полуотворено, односно отворено во затворено одделение на иста установа одлучува директорот на установата, со решение. Во ставот 4 на истиот член е утврдено дека решенијата од ставовите 2 и 3 на овој член се конечни. Според ставот 5 е утврдено дека примерок од решението од ставот 2 на овој член, Управата му доставува на судијата за извршување на санкциите.
Со членот 222 од Законот за извршување на санкциите се регулира постапката за регресирање на осуденото лице, но подетално се дорегулира во Правилникот за времето што треба да го помине и условите што треба да ги исполни осуденото лице во установа од определен вид или во соодветно одделение на установа од општ вид донесен од страна на директорот на Управата за извршување заведен под број 01-229/1 од 11 февруари 2020 година.
Во Правилникот за времето што треба да го помине и условите што треба да ги исполни осуденото лице во установа од определен вид или во соодветно одделение на установа од општ вид е регулирано хоризонтално и вертикално регресирање на осуденото лице. Хоризонталното регресирање се регулира со член 15 од Правилникот каде е предвидено дека осудено лице може да регресира од установа од полиберален вид во установа од построг вид ако не се постигнати целите од индивидуалната програма за третман во рамките на установата. Вертикалното регресирање се регулира со член 16 од Правилникот каде се предвидува дека осудено лице може да регресира од одделение од полиберален вид во одделение од построг вид во рамките на истата установа ако сторил потешка дисциплинска повреда со што го нарушил редот и дисциплината на установата, не се постигнати целите од индивидуалната програма за третман во рамките на одделението. Со оглед на горенаведеното може да се заклучи дека воопшто не станува збор дека не била предвидена можност да се дорегулира прашањето за прогресирање и регресирање на осудените лица туку напротив разработено е во акт кој како што погоре се наведува е донесен од страна на директорот на Управата за извршување на санкциите.
Во член 29 став 2 алинеја 4 од Законот за извршување на санкциите предвидено е дека директорот на Управата за извршување на санкциите донесува правилници, решенија, наредби, упатства, планови, програми и други видови на акти од областа на извршувањето на санкциите. Подносителот на иницијативата наведува дека согласно член 55 став 1 од Законот за организација и работата на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/00, 44/02, 82/08, 167/10, 51/11 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/19 и 110/19) дека министерот е овластен согласно закон да донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови на акти за извршување на законите и другите прописи.
Понатаму, во наводите на иницијативата се потенцира дека со член 61 став 1 од истиот закон не може согласно оспорениот правилник министерот да одлучува за права и обврски на граѓаните и другите правни лица како што сторил со оспорената одредба, каде се предвидува обврска осудените лица кои сториле дисциплинска повреда (бегство, злоупотреба на погодност – невраќање од користење на погодност надвор од установата и ненавремено враќање на прекин на казна) да мораат да издржат три четвртини од неиздржаниот дел од казната како би можеле да прогресираат во полиберална група.
Од анализата на оспорените одредби на Правилникот во однос на наводите во иницијативата дека на одредена категорија на осудени лица им е ускратена можноста за користење на оваа погодност која во овој случај е само препознаена и дека истите се двојно казнувани за иста дисциплинска повреда, наспроти намерата да се гарантира безбедноста на казнено-поправните установи, со цел да се води сметка за осудените лица да не бидат оштетени односно да не им бидат повредени загарантираните права со закон, Судот оцени дека истите се неосновани од причина што со Правилникот за распоредување, класификација и разместување на осудените лица во казнено-поправните установи не се регулираат права и обврски на осудените лица. Правата и обврските на осудените лица се регулирани со Законот за извршување на санкциите, поконкретно во глава XI. Правата на осудените лица.
Според член 155 од Законот за извршување на санкциите се наведени правата на осудените лица и тоа: право на сместување, право на облека и постелнина, право на лична хигиена, право на исхрана, право на третман, право на одмор, право на пензиско осигурување, право на здравствена заштита, право на информирање, право на задоволување на верски потреби, право на контактирање со надворешниот свет (допишување, телефонирање, посети), право на примање на пратки, право на склучување на брак, право на правна помош и право на ажурирање на лична карта. Во глава XV од овој закон, насловена како „Одржување на редот и дисциплината“ се наведени должностите, дисциплинската и материјалната одговорност на осудените лица и поради тоа Судот оцени дека во конкретниот случај, не станува збор дека со Правилникот за распоредување, класификација и разместување на осудените лица во казнено-поправните установи се регулираат правата и обврските на осудените лица.
Со Правилникот за распоредување, класификација и разместување на осудените лица во казнено-поправните установи се пропишува распоредувањето, класификацијата и разместувањето на осудените лица во казнено-поправните установи.
Во член 2 од Правилникот се дадени дефиниции за распоредување, класификација и разместување на осудените лица. Распоредувањето, класификацијата и разместувањето на осудените лица во казнено-поправните установи се врши со цел да може да се реализира третманот на осудените лица што е всушност нивно право (право на третман).
Согласно оспорениот член 12 од Правилникот е утврдено дека регресирано осудено лице во установа од затворен вид за сторена дисциплинска повреда бегство, злоупотреба на погодност – невраќање од користење на погодност надвор од установата и ненавремено враќање од прекин на казната, може да се размести во полиберална група, согласно член 10 став 2 од овој правилник и има издржано три четвртини од неиздржаниот дел од казната.
Тргнувајќи од анализата на законските одредби, оспорената одредба од Правилникот и наводите во иницијативата Судот оцени дека не станува збор за тоа дека со оспорената одредба му се одзема некое право на осуденото лице туку напротив дека доколку лицето сторилo дисциплинска повреда бегство или злоупотреба на погодност невраќање од користење на погодност надвор од установата и ненавремено враќање од прекин на казната истото може да биде разместено во полиберална група, согласно член 10 став 2 од овој правилник и условот истото лице да има издржано 3/4 од неиздржаниот дел од казната, туку станува збор за можност што не значи дека во секој случај и секое осудено лице може да биде разместено во полиберална група. При распоредувањето, класификацијата и разместувањето на осудените лица се земаат предвид сите околности и тоа го прави стручен тим во секоја установа кој ги има во вид сите факти и околности за едно осудено лице, а се во насока за остварување на правото на третман на осуденото лице од една страна при- тоа водејќи сметка за одржување на редот и дисциплината на установата од друга страна.
Во однос на класификацијата на осудените лица во казнено- поправни установи Судот утврди дека истата се базира на објективни (вид на кривично дело, должина на казната и видот на казнената евиденција) и субјективни критериуми кои се засноваат на карактеристики на личноста на деликвентот од што зависи флексибилноста во примената на методи на третман и постојано преструктуирање на групите што е битна претпоставка за остварување на ресоцијализацијата. Од предвидениот услов во Правилникот осуденото лице на казна затвор може да биде распоредено и регресирано во определена група во затворени, полуотворени и отворени установи, ако против него не се води друга постапка или е дисциплински казнет или не му е изречена друга казна затвор, резултира од карактерот на осуденото лице, односно од субјективните елементи на осуденото лице, и со предвидениот услов не се доведува во прашање остварување на права на осудени како што потенцирал подносителот на иницијативата, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Правилникот со Уставот и со законите.
Понатаму, подносителот во иницијативата наведува дека осудените лица кои извршиле бегства, обид за бегства, ненавремено враќање од прекин на казната пред стапување на овој правилник, односно во 2019 година, 2018 година и 2016 година кога за дисциплинската повреда им била изречена дисциплинска казна во моментот истите биле оневозможени да користат погодности надвор од установата, поради постоење на услов истите да издржат три четвртини од неиздржаниот дел од казната како би можеле да прогресираат во полиберално одделение и да имаат можност да ја користат оваа погодност.
Според Судот, погодноста не е право на осудените лица, туку истата е можност на осудените лица и е регулирана во член 217 од Законот за извршување на санкциите каде во ставот 1 е наведено дека за доброто поведение и залагање во работата, како и за поттикнување на добро однесување и за развивање на чувството за одговорност и за интерес и соработка во третманот што се спроведува во установата, на осудените лица можат да им се дадат одделни погодности. Според ставот 2 од истиот закон погодностите претставуваат збир на мерки за поттикнување на довербата на осуденото лице, ублажување на затворската дисциплина и негативните влијанија на затворањето, одржување на односите со семејството и надворешниот свет, поттикнување на учеството на осуденото лице во остварувањето на процесот на ресоцијализацијата. Во ставот 3 од истиот закон е утврдено дека видот и обемот на погодностите зависи од степенот на обезбедување и ограничување на слободата на движење на осуденото лице во установата, неговото поведение и постигнатите резултати во спроведувањето на индивидуалната програма за извршување на казната затвор. Трошоците настанати во врска со користењето на погодностите од ставот 2 на овој член паѓаат на товар на осуденото лице.
Поради горенаведеното, Судот утврди дека во Законот за извршување на санкциите се наведени видовите на погодности што едно осудено лице може да ги користи, односно погодностите надвор од установата не се единствените погодности кои осудените лица можат да ги користат. За погодноста која едно осудено лице може да ја користи одлучува директорот на установата по претходно мислење на Комисијата за погодности врз основа на процена на успешноста на програмата за ресоцијализација. Истовремено, се истакнува дека за видот и начинот за користење на погодности постои Правилник според кој Комисијата одлучува за видот и начинот на користење на погодностите на осудените лица – Правилник за составот на Комисијата за користење на погодности, видот и начинот на користење на погодности на осудени лица („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 168/20).
Од анализата на наводите во иницијативата во однос на тоа дека со оспорената одредба од Правилникот, на одредена категорија на осудени лица им е ускратена можноста за користење на оваа погодност односно само се препознава погодноста како можност на осуденото лице, за да потоа со истата му се повредува правото, односно двојно се казнува осудено лице за иста дисциплинска повреда, Судот оцени дека овие наводи не се основани од причина што за сторена дисциплинска повреда на осудените лица во постапка определена со Законот за извршување на санкциите и оспорениот правилник, му се изрекува дисциплинска казна на осуденото лице и не станува збор за двојно казнување.
Имено, според Судот, со донесување на новиот Правилник при редефинирање на условите за распоредување, класификација и разместување на осудените лица во вид се земени нови околности во казнено-поправните установи со оглед на фактот дека сẻ повеќе осудени лица се со поголеми казни, фактот што установите се соочуваат со зголемен број на лица осудени за кривични дела тероризам, учество во терористичка организација, учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста и други тешки кривични дела поради што безбедноста на установите беше еден од клучните фактори за редефинирање на одредбите од стариот Правилник за распоредување, класификација и разместување на осудените лица во казнено-поправните установи („Службен весник на Република Македонија“ бр.173/2011) и донесување на нов правилник.
Меѓутоа, наспроти намерата да се гарантира безбедноста на установите, секогаш се води сметка тоа да не биде на штета на осудените лица, а најмалку да им биде повредено некое нивно со закон загарантирано право. Оттука, Судот утврди дека со оспорениот член 12 алинеја 6 од Правилникот за распоредување, класификација и разместување на осудените лица во казнено-поправните установи не се крши уставното начело на еднаквост на граѓаните, ниту се регулираат ниту се оспоруваат слободите, правата и должностите на осудените лица. Исто така, според Судот, погодностите не се право на осуденото лице, туку како што е потенцирано, тоа е збир на мерки за поттикнување на довербата на осуденото лице, ублажување на затворската дисциплина и негативните влијанија на затворањето, одржување на односите со семејството и надворешниот свет, поттикнување на учеството на осуденото лице во остварувањето на процесот на ресоцијализацијата, јакнење на одговорноста и самодовербата заради негово оспособување за живот во согласност со правниот поредок и исполнување на граѓанските обврски.
Оттука, посочената уставно-судска практика, според Судот не може да најде примена во овој случај со оглед на тоа дека примената на принципот на поблагата одредба е прашање на органот што го применува законот или подзаконскиот акт во конкретниот случај, а не е прашање на законодавецот, ниту пак на Уставниот суд. Со оглед на тоа дека не постои апстрактно и воопштено споредување на строгоста на законите воопшто, утврдувањето дали една одредба има ретроактивно дејство се прави во однос на точно определен сторител и конкретно казниво дело што му се става на товар на тој сторител за што се одлучува во моментот на изрекувањето на кривичната или прекршочната санкција и во врска со неа, при што се утврдува која од одредбите ќе доведе до поповолен исход на постапката во однос на конкретниот сторител.
Од самата содржина на оспорената одредба на Правилникот, произлегува дека таа не го регулира важењето на новодонесениот правилник, туку определува услов кој треба да се примени во користењето на погодностите, што е право на установата кое не би можело да се оспори од гледна точка на Уставот. Од тие причини Судот оцени дека не се основани наводите во иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на член 12 став 6 од Правилникот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова Решение.
6. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ- Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер.
У.бр.2/2021
01.02.2023 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска